Еден од играчите чие име е врежано меѓу оние од златната генерација на Вардар и во 2017 и во 2019 година е рускиот интернационалец, Тимур Дибиров. Левото крило во последниве осум години прерасна во „црвено-црна“ легенда, која по сите подеми и падови и натаму е во Скопје и го предводи новиот Вардар.
Од просечен играч на кој не му се препишувал потенцијал на ѕвезда, во 2013 Тимур како најдобро лево крило на светот ќе дојде во Македонија и ќе направи револуционерен потег во ракометот – ќе се обврзе на седум години верност кон клуб за кој на почетокот на знаел ништо. „Можеби делував наивно и сите ми се чудеа дека се обврзав на толку долг период. Паметам Столе се шегуваше со мене да најдам факултет за син ми Мурат. Но толку многу верував во проектот, а и бев сигурен дека било што и да се случи имам ниво и квалитет да најдам нов клуб за себе“, објасни Дибиров.
Русинот, кој веќе има и македонски пасош (затоа што Македонија е негов втор дом) ја „троши“ осмата сезона во вардаровиот табор, со кој има две европски круни, четири шампионски титули во СЕХА, шест национални трофеи и пет Куп титули на Македонија, а во ноември влезе до клубот „900“ погодоци во Лигата на шампионите и е близу да стане Мистер „1000“ заедно со Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ. Тоа би можело да се случи токму во „црвено-црниот“ дрес со оглед на тоа дека играчот и клубот веќе имаат усен договор за продолжување на соработката.
„За пола година ми завршува договорот со Вардар. Веќе разговаравме и имаме усен договор и взаемно сме заинтересирани за продолжување на соработката, но уште ништо не е ставено на хартија. Сакам да викам какви планови ќе има тимот. Како спортист имам амбиции и доколку дојдат неколку добри засилувања останувам во Вардар. Не смеам да се најдам во ситуација да останам без клуб, имам семејство и затоа имам и план А и план Б и план Ц, а Вардар има приоритет“, открива Тимур Дибиров, како за старт на интервјуто.
Крилото во моментов заедно со момците од екипата кои немаат обврски со националниот тим се подготвува за продолжението на сезоната, но има мал проблем со повреда.
„Имам скинати мускулни влакна и морам да внимавам. Тренирам, но со намален интензитет и правам терапии. Не е ништо страшно и се надевам дека ќе бидам подготвен за вториот дел од сезоната.“
ФЕВРУАРИ ЌЕ БИДЕ ПЕКОЛ, МОРА ПАМЕТНО ДА СЕ РАСПРЕДЕЛАТ СИЛИТЕ
Тешка полусезона е зад вардарци кои одиграа само пет меча за четири месеци, а во февруари следи пекол и набиен распоред, во кој само во ЛШ ќе одиграат седум натпревари.
„Да не ве лажам ни вас ни себе си, тешко е да очекуваш нешто добро кога во просек играш еден натпревар во еден месец, тешко е да се одржи формата. Вистинско мачење, трипати бевме во топ форма и трипати излеговме од форма. Одигравме само пет натпревари на кои реално немавме голем кикс, кога зборуваме за планирани бодови. Можеби само оној што неочекувано го загубивме во Брест. Не е срамота да се загуби од Келце, кој има и буџет и ростер, а и по играта е еден од кандидатите за Ф4. Победивме еден одличен Флензбург кој тогаш беше на прво место во групата и лидер во Бундеслигата. Малку среќа ни недостасуваше да земеме два бода со Порто во Скопје, кога Борко имаше перфектен меч. Сега ќе дојдат натпреварите во кои треба да собираме бодови и се надевам дека ќе ги донесеме дома. Нè чека тежок февруари и мора паметно да ги распределиме силите. Треба да бидеме реални во нашите очекувања против кого и каде можеме да освоиме бодови. Не велам дека треба да одиме со бело знаме на некој натпревар, но треба паметно да играме и да знаеме каде да играме со полна сила и каде ќе се трошиме комплетно, а каде со комбиниран состав. Малку е неочекувана позицијата на која се наоѓаме сега на табелата, не сум навикнат на тоа (се смее), но не треба да ги гледаме само бодовите, туку и во одиграни, односно неодиграни натпревари. Ако направиме споредба во тоа и не сме толку лоши, потребно ни е само да одиграме добро во продолжението. Се надевам дека ќе бидеме добри, ќе не избегнат повредите затоа што во моменталниот ростер секој играч е важен за тимот.“
На прашањето дали го гледа Вардар во осминафинале, Тимур решително вели: ДА, СЕКАКО!
Може ли да се направи споредба меѓу овој нов Вардар и оној кој го имавме претходно?
„Ќе биде глупаво ако кажам дека нема разлика. Финансиите играат голема улога и тоа ни е јасно на сите. Ние мислиме дека може да бидеме топ клуб со помал буџет, но тоа е многу тешко остварливо. Не можеме да му конкурираме на претходниот Вардар, затоа што на овој му се случи и пандемија и во оваа ситуација нема клуб кој има сигурен и голем буџет. Сигурен сум дека ако не се случеше коронавирусот Вардар ќе имаше постабилен буџет и повеќе финансиски можности за да донесе уште поквалитетни играчи. Да бидеме реални кај луѓето спортот не е на прво место сега, туку како да преживее фирмата, компанијата… во оваа криза. И оние што даваат, дават со 50 посто од ветувањата и ги разбирам и нив.“
ЉУБОВТА КОН ВАРДАР МОРАВ ДА ЈА ПОКАЖАМ НА ДЕЛО
Тимур Дибиров е еден од неколкуте играчи кои одлучи да остане во Вардар без разлика на сè, зошто?
„Вардар за мене не е само клуб. Во мојата кариера тој ми даде многу голема шанса, многу голема доверба и од мене направи двократен европски првак, направи играч, кој ги собра сите индивидуални награди и на клупски и на репрезентативен план и по седумте минати години тука, сега осма, се најдов во една ситуација кога јас требаше да вратам за сето тоа на клубот. Во Вардар секогаш сите ме ценеле, имав љубов и од навивачи и од тренери и од управа и сега кога клубот беше во такви проблеми требаше да одговорам на соодветен начин. Љубовта кон Вардар да ја покажам на дело. Факт е дека секој од нас на половина, па и повеќе од половина ги намаливме нашите договори, но тоа е само затоа што ја разбираме ситуацијата и веруваме во светла иднина на клубот. На навивачите за енергијата и љубовта која ми ја даваат им возвраќам со играта на терен, а на управата и луѓето во клубот, со тоа што сум чесен и праведен. Во мојата кариера во Вардар сè било одлично и еве на ваков начин ги ’израмнувам сметките’ и среќен сум што така враќам за сè.“
СО ТИЕ „РОДЕНИ ПОБЕДНИЦИ“ ОДНОВО БИ ПРИФАТИЛ ДА МИ СЕ ПОВТОРИ 2019
Факт е дека вардарци сметките ги плаќаа подолго време, особено во 2019 година, кога играа цела сезона без пари, кога дознаа дека Самсоненко заминува од Вардар, а на сето тоа вратија со втора шампионска титула во Европа.
„Од оваа дистанца и откако се стабилизира ситуацијата понекогаш си го поставувам тоа прашање дали доколку некој дојде и ми понуди – толку време да не добијам плата, но да освојам Лига на шампиони со таа екипа, мојот одговор е ДА. Можеби затоа што нервниот систем ми е веќе стабилизиран, но јас на крајот бев толку среќен за тоа што го преживеавме и доживеавме, мислам дека одново би го направил истото. Чувството на крајот на таа сезона и освојувањето на таа титула во Келн не може да се плати со ниту едни пари. Тој адреналин… Таа група на луѓе, родени со спортот, родени победници, а не материјалисти, за кои топката е живот. Не зборувам само за играчите туку како колектив, сите што бевме тогаш во Вардар. Многу ни беше тешко, имаше моменти кога некој од нас ќе ’пукнеше’, ќе полудеше, но другите му даваа поддршка. Сите ние сме со различен карактер и темперамент, но успеавме да создадеме таква симбиоза и хемија, некако се исклучувме од се друго и останавме тука само еден за друг. Паметам пред четвртфиналето со Пик Сегед имав некои приватни обврски и морав на еден ден да заминам за Москва и побарав дозвола само од Парондо, на друг никој не кажав дека одам. Петокот после тренинг летнав и кога соиграчите виделе дека ме нема, кога го вклучив мобилниот по пристигнувањето во Москва веќе имав милион пораки и повици од нив. Ми пишуваа ’Како можеш така да побегнеш?’, ’Сега да не оставиш’, веќе ме пратија на медицински прегледи во Германија и Франција (се смее) Потоа им објаснив и се беше во ред. Така функционираше тој колектив, ние сите зависевме еден од друг, немаше поглавен, помалку или повеќе важен, сите бевме исти. Како ланец, ако една алка недостасува тогаш ќе се распадне. Одново да најдам такви соиграчи и да падне договор една сезона да играме во такви услови, но со таква атмосфера, такво друштво, сплотеност, јас би прифатил повторно. Се покажа дека не е сè во парите, иако секој од нас знаеше колку беше тешко.“
Дали така се почувствувавте кога Кристопанс замина една година подоцна?
„Не беше ситуацијата иста. Само еднаш може да се случи таква емоција и таква експлозија како во Келн во 2019. Потоа работите стануваа се потешки и потешки за сите. Премногу се собираше, предолго траеше, веќе го имавме извадено максимумот од себе, немавме трпение, бевме уморни од сè, а и не бевме истата екипа, ги немаше Кара, Милосављев… па ни Парондо на клупата, Писонеро брзо го сменија, иако за мене лично тоа беше грешка. Знам дека во историја на Вардар, Кил немал таква убедлива победа во Скопје, но тој кикс не требаше Писо да го плати. Не можеше луѓето да го очекуваат тоа од Вардар, да се повтори бајковитата 2019.“
ПАРОНДО ЗА МЕНЕ Е ПРИМЕР ЗА ТРЕНЕР
„Најдобра соработка имав со Роберто Парондо. Бев сигурен дека нема подобар тренер на светот од Раул се додека нè минавме една сезона со Роберто. Тој беше најдобрата верзија на Раул со нешто свое. Многу интелигентен, со доверба во своите играчи, беше и строг и твој пријател и досаден и интересен, различен… За мене пример за тоа како треба да изгледаат тренерите од новата генерација. Јас сум свесен дека има уште многу други тренери како Талант, Гисласон… со кои сум немал шанса да работам. Но, со Раул и Роберто, како и со Писонеро, кој е добар тренер за мене и убава личност, кој продолжи да работи во ист стил како неговите претходници, беше вистинско задоволство да се работи со нив. На тренинг одев како на празник! Ја имам таа среќа да имам работа која ја сакам и за тоа да заработувам пари и да имам можност да учам од луѓе и тренери како нив. Со тројцата уште сум во контакт.“
Кога станува збор за тоа кој е поголем мотиватор Тимур вели:
„Раул цела таа сезона константно ни зборуваше дека ние сме најдобри, дека како што играме сега нема екипа подобра од нас. Не беше некој мотиватор како Вујо, кој може да најде зборови пред натпревар кои така ќе допрат до тебе и во моментот да те инспирираат. Раул цела сезона ни ја всадуваше таа мисла дека сме најдобри. За разлика од него Парондо никогаш ништо не ни зборуваше. Немаше мотивациони говори се беше рутинска работа. Стерилно и прецизно, како хирург со скалпел, од една страна досадно, но од друга страна ако му се доверите комплетно, ваша работа како играч е само да излезете на терен два часа концентрирано и да одиграте. Тој правеше сè и ако кажеше дека денеска ќе стоиме на глава знаевме дека тоа треба да го направиме. По него имам сосем поинаков поглед на тренерите.“
КАРАЧИЌ Е МОЈ БРОЈ ЕДЕН
Што се однесува до соиграчите изборот е следен: „Ако треба да одберам само еден играч тоа е Игор Карачиќ. Но ако може неколкумина тогаш Скубе, Карачиќ и Циндриќ – нереални играчи, за нив имам толку голема почит како соиграчи и како мозок на екипа. Тука се уште и Столе, Чупиќ и Алекс (Душебаев). Столе има многу интелигентен поглед на играта (иако може не делува така – се смее) знае точно како треба да се развива играта, слаба и силна страна, игра за тимот, а не за себе и во него има сè што треба една екипа да има во капитен. Столе не е само пикер, тој е играчот кој ја прави разликата кога е во игра. Има крила како Скандинавците, кои се статични и чекаат топка за да шутнат, Чупиќ влегува да вкрсти со пикер, да одигра два на два со пикер, да одигра како бек, да излезе напред во одбрана, да шутне пенал – затоа и Чупиќ е скап играч, но тој може сè, а таквите играчи се многу ретки. А јас имав среќа да играм со сите нив. Чупиќ, знае да биде и најголем мотиватор, тој е гласен и емотивен и кога зборува сите молчат. Столе и Кара зборуваа кога ќе правиме глупости, кога се лути, во Вардар и во соблекувалната, но и на тајм-аут сме имале многу жестоки реплики, со пцовки, но тоa никогаш не било за да се навредиме или омаловажиме, туку за да се мотивираме.“
ЈАС СУМ „ЕДНОЉУБ“
Интересно за Тимур е што целата негова професионална кариера (досега) се состои од два клуба, руски Чеховски Медведи каде минал девет години и нашиот Вардар.
„Да да (се смее), јас сум таков човек. Има еден збор „еднољуб“ – кога сакаш само еден човек, епа јас така се чувствував и во Чеховски Медведи претходно, па и во Вардар сега. Кога ми е убаво и кога сум среќен, зошто да менувам?“
Никогаш не си имал доволно примамлива понуда за да заминеш од Вардар?
„Млади играчи и деца кои глумат големи ѕвезди и кои сакаат себе си да си дадат до значење може да се фалат со тоа. Не е успех само трансферот во голем клуб. Успех е и да останеш во голем клуб, во кој ќе го изградиш своето име. Сум видел и играчи кои биле по година – две во одлични клубови, но не направиле ништо и не го потврдиле својот квалитет или очекувањата. Јас со Вардар потпишав договор на седум години, а потоа одново ја продолжив верноста кон Вардар. Бев среќен и задоволен во Вардар и не се гледам на некое друго место. Немав сериозна понуда од никој, а и сите знаеја дека имам долг договор и дека не сакам да си одам од Вардар.“
НАМЕСТО ВО ПАРИЗ ЗАВРШИВ СО СКОПЈЕ
Во повеќето случаи на оние први трансфери на руски ракометари во Вардар, Ина Суслина е виновна за нив. Дали е тоа ситуацијата и со доаѓањето на Тимур во Скопје?
„На СП 2013 година во Шпанија бев избран во идеалниот тим, како најдобро лево крило на светот, а кога се вративме дома во февруари во Чеховски Медведи не пречекаа со информацијата дека клубот има финансиски проблеми и дека главниот спонзор нема да остане следната сезона и играчите се слободни да бараат клубови. Мислам дека од тогаш почна времето на Тимур Дибиров кој денеска го знаеме. Претходно бев млад играч и имав турбулентни сезони, една добра, една лоша, една одлична, една просечна. Преку менаџерот добив понуда од ПСЖ, одлична, тогаш потпишаа и Хансен и Абало, добра екипа, и пред да одам на спиење и велам на Ира дека потпишувам во Париз. Таа останала будна скоро цела вечер со нашиот син, кој тогаш беше само година дена стар и кога станав другиот ден ми вели, добро, ти одлучи да одиш во ПСЖ, но првите година дена оди сам, затоа што Мурат е мал, што ќе правам јас со мало дете сама таму, не зборуваме француски… За мене тоа беше многу тешко, семејството ми е многу важно и сакам да е со мене. Во меѓувреме Ина Суслина, која и е најдобра другарка на Ира, веќе беше во Скопје, потпиша во ЖРК Вардар. Не можев да сфатам како еден трократен светски првак доаѓа да игра во клуб за кој никој ништо не знае. Тогаш првпат слушам за Сергеј, за некој човек од Ростов, кој инвестира во ракомет. Не покани за Велигден во Скопје на гости. Паметам му реков на Максимов дека ми требаат два дена, го излажав дека одам да преговарам со некој клуб. Кога стигнавме Ина ни вели, Сергеј сака да чести вечера и да се запознае со вас. Се сеќавам денот беше преубав, сончево, а ние доаѓаме од Русија каде уште беше ладно, седнавме на вечера зборуваме само за Македонија, за Скопје, за убавото време и Сергеј ме праша какви планови имам, му кажав дека е тешка работата во Чеховски, но дека веќе имам нови понуди и наскоро и ќе имам нов клуб. Се видовме само тогаш, еднаш. По недела дена Сергеј ми се јави, ми кажа дека сака да го земе машкиот клуб, ми кажа какви амбиции има, дека сака да биде тоа најдобар клуб во Европа и европски првак. Мене ми беше чудно, но откако ми го објасни проектот ми звучеше многу интересно. Два-три месеци подоцна кога Русија играше со Австрија квалификации на гости, Сергеј дојде со договорот и потпишав за Вардар и така почнува приказната.“
ВО СКОПЈЕ ПОЧУВСТВУВАВ ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ СПОРТИСТ
„По првиот меч во Скопје со Металург, на почеток на сезона во СЕХА, во ’Борис Трајковски’ кога одигравме нерешено, бев толку возбуден и толку беше неверојатно чувството. Тогаш се доживеав себе си како спортист и сето она што сум го гледал на ТВ, со полни сали, со поддршка од публика, од фанови, и од тогаш мојата кариера расте секој ден. Во тој момент знаев и никогаш не се посомневав во мојот избор. Сега седум-осум години подоцна и навивачите и публиката ме знаат, но тогаш на почетокот никој не ги знаеше моите квалитети, а реакциите на навивачите ме тераа секој пат да откривам нешто ново за мене, таква емоција ми будеа. И сега е исто, но сега тие точно знаат што може да очекуваат од мене. И да бидам искрен, многу ми недостасуваат тие натпревари со Металург. Толку добив среќа и љубов, од таа емоција од таа тензија која ја имаше во салата на тие натпревари. И не само против нив, туку против било кои, тука цела држава живее за ракометот. Знаете кога имате нешто толку свето, тоа не смее да се загуби, а истовремено е многу потешко да се реновира отколку да се струши и да се почне од почеток и затоа мора да се зачува. Тешко е сега да се игра, поради пандемијата, пред празни трибини. Да ја имавме поддршката од навивачите ќе имавме десет бода повеќе. Тоа што го правам на терен сега, моите соиграчи го гледаат секој ден на тренинг, противниците ме знаат веќе, ме анализираат 10-15 години наназад, но кога има публика на трибини имам дополнителна инспирација да дадам и повеќе од она што можам. Да поттикнам некое дете утре да стане ракометар поради мене, да инспирирам како што тие ме инспирираа мене.“
ПРВПАТ ПО 14 ГОДИНИ ЈА ГЛЕДАМ РУСИЈА НА ТВ
Интересно е што Дибиров за првпат по 14 години не е со Русија на едно големо натпреварување, туку ја гледа на ТВ откако во јуни годинава стави крај на репрезентативната кариера.
„На ваков потег бев решен уште во 2016 година откако не успеавме да се пласираме на ЛОИ во Рио. Сакав да се повлечам од репрезентацијата за да имам повеќе време за семејството, а и да се остави простор на младата генерација. Имав неколку состаноци со претседателот Шишкарев, со Сергеј кој тогаш беше генерален менаџер и Кокшаров како селектор, за да останам да помогнам, секако додека сакам и додека сум среќен. Од друга страна сакав и на еден поинаков начин, со успех да си заминам од репрезентацијата. Настапот за националниот тим за мене беше посебно, секогаш сум се давал безрезервно и ме боли што вака заврши. Многу историја имам со тој тим, но подмладувањето е неизбежно и веќе почувствував дека новите генерации доаѓаат и дека ми е време да се повлечам и затоа го сторив тоа. Многу ми е чудно сега да гледам на ТВ. Мислев дека нема да бидам толку емотивен, но се радувам за нив, навивам и сум горд на секој позитивен резултат. Давам поддршка и секогаш ќе бидам тука за совет доколку сум потребен.“
Во вардаровите редови еден период играа петмина руски репрезентативци, Кокшаров и Дејвис беа во стручниот штаб, Самсоненко спортски менаџер… Се обидуваше Русија да „купи“ од успехот на Вардар?
„Тоа беше само две години и можеби имаше некој таков обид, успешниот проект на Вардар да се пренесе во руската репрезентација. Секогаш и од руски новинари добивав такви прашања, имаме пет играчи во Вардар и со клубот направивте таков успех, зошто не може со репрезентација? Но, клуб и репрезентација се различни нешта. За седум дена подготовки со национален тим со соиграчи кои доаѓаат од различни средини и системи на игра… мислевме дека ќе биде полесно, не беше, не даде резултат. Затоа и Федерацијата побара помош од Сергеј како успешен менаџер, но факт е дека тој правеше многу добра разлика меѓу тоа што е клуб, што е репрезентација. Мислам и дека селектор на репрезентација треба да е некој со големо тренерско искуство. Многу беше болно за мене секое неуспешно првенство.“
ИРА Е МОЈАТА ПОТПОРА
Тимур Дибиров и неговата сопруга, руската ракомета легенда Ирина (Полторацкаја) се заедно од 2002 година кога се запознаваат во Лада.
„Со Ира сме заедно од Лада, јас имав 19 години, таа 21 година, млада ѕвезда, ’газеше’ се пред себе. Бев многу заљубен, се запознавме преку заеднички пријатели. Тешка љубов на големо растојание имавме во првите години, таа потпиша за дански Шлагелсе, јас играв во Чеховски Медведи. Тогаш немаше интернет, телефони и беше многу тешко, но секој слободен момент го користевме за да бидеме заедно. Ира ми е бесценета и безрезервна поддршка. Ги има преживеано сите грешки во мојата кариера. Јас сум многу импулсивен и емотивен, или ќе направев или сум сакал да направам некоја глупост, а таа ќе ме седнеше и убаво ќе ми објаснеше некои работи, за на крај да заврши – А ти одлучи како што мислиш дека треба. Таа ми е потпора и секогаш ми повторува твое е да работиш, сè друго ќе си дојде со време. Паметам колку беа тешки тие години додека да стигнеме на Ф4 во Келн. Бев многу нервозен и разочаран, неколкумина играчи го чувствувававме притисокот дека јавноста од нас бара да го направиме тој чекор од четвтфинале до Ф4. Две-три години во низа потфрлавме, а таа ме тешеше, тој што работи и сака, ќе биде награден. Само јас и Штербик имавме настап на Ф4 претходно и кога се случи тоа мислам дека огромен товар ми падна од рамена, а паметам дека Ира многу плачеше. Поради неа секоја година влегувам посилен, подрзок и поупорен.
ИМАМ СИЛА И ЖЕЛБА ЗА НОВИ ПОБЕДИ, НО ЗА МУРАТ ЌЕ СТАНАМ И ТРЕНЕР
Со 37 години Русинот вели дека се чувствува одлично и дека нема намера да запре, но само поради синот Мурат, кој има силна желба да тренира ракомет би влегол во тренерски води.
„Имам сила и мозок да играм ракомет уште подобро од претходно. Имам искуство, знам како да ја фокусирам енергијата, немам никаков проблем физички, среќен сум и не размислувам пензија. Секако нема да си дозволам да се влечам по терен, но чувствувам дека имам уште да дадам. Имам мотив и желба за игра, секои два бода за мене се како полуфинале во ЛШ.“, потенцира Дибиров и додава: „Син ми, кој сега ќе наполни девет години многу сака да тренира ракомет и размислувам да почнам да работам со група деца, машки тим, генерација на негова возраст. Тоа не значи дека ќе станам тренер, но сакам да пробам на Мурат да го воведам во ракометот. Не сакам да го пратам во некоја школа, мислам дека јас можам да го научам и да му дадам некој правец, некоја основа. Не значи тоа дека тој ќе стане врвен играч, но би му го посветил сето свое внимание и време. А може и тоа ќе ме поттикне мене да влезам во некои такви води, иако не се гледам како тренер. Можеби како спортски менаџер или спортски директор во некоја структура. Веројатно и возможно е да останам во Македонија, но и да се вратам во Русија. Мојот дом е таму каде што ми е семејството и каде имам работа.“