ИНТЕРВЈУ ТАЊА АНДРЕЈЕВА: Со малку повеќе самодоверба девојките врвот ќе го имаат на ЕП 2022

Во викенд во кој ракометно дамите, односно женскиот национален тим е во прв план како домаќин на квалификацискиот турнир за пласман во баражот за СП во декември во Шпанија некако логично беше целина да се добие со интервју поврзано со нив. Нашата долгогодишна репрезентативка, која сега е дел од стручниот штаб и тренер на голманите, Тања Андрејева се наметна како избор, особено поради фактот дека беше дел од еден подем и пад на репрезентацијата како играч, а сега одново е директен учесник но како тренер, на (се надеваме) нов подем на дамите.

Андрејева на 14 години започнува да тренира ракомет, од првиот тренинг за неа нема друга позиција освен онаа меѓу диреците, која успешно ќе ја гради низ македонските клубови цели 22 години. Основите ги добива од „маестро“ Лефтер Бошковски во Ѓорче Петров, а потоа ќе го чува голот на Тутунски Комбинат Прилеп, Кале Кичево, Олимпик, една сезона е играч и на Кометал Ѓ.П. и Металург, додека српска Кикинда е единствениот интернационален чекор со кој може да се пофали.

Паралелно расте и нејзината репрезентативна кариера, во која официјалното деби го има на СП 2001 во Италија, кога Зоран Кастратовиќ е првиот селектор кој и дава шанса и простор да се покаже и докаже. Врвот е ЕП 2008 во Македонија, додека по ЕП 2012 во Србија се збогува со настапите за националниот тим. Од 2014 до 2017 комплетно апстинира од ракомет, не по нејзина вина, тука затоа што никој од ракометните „пријатели“ не се сетил на неа. Потоа добива шанса во машкиот тим РК Аеродром, а нејзината работа со голманите таму ќе и донесе повик да биде тренер на голманите и во А женскиот национален тим.

Седејќи на клупата во арената „Борис Трајковски“ Тања Андрејева силно верува дека оваа генерација на ракометарки со малку повеќе самодоверба може далеку да стигне, не само во овие квалификации за СП. Таа смета дека тие врвот ќе го имаат на ЕП следната година, на кое и ќе бидеме домаќини, кога на сите ќе им докажат колку вредат и колку можат.

„Оптимист сум, а таквото чувство го добивам од ракометарките. По цела година пауза гледам со каква посветеност влегоа во подготовките за овие квалификации, како тренираат, како функционираат, сами бараат да направиме уште некоја анализа… Тоа ми е уште еден доказ дека оваа година треба да биде нивна година и дека нивното заедничко искуство, конечно, треба да донесе резултат. На сите ни е јасно дека од 2012 не сме биле дел од едно големо натпреварување, дека во последните години баражот ни е лимит, баражот ни е кобен. Но, за баражот ни треба среќа, ама среќата треба и да ја заслужиме. Овие три натпревари викендов ни се голем репер за тоа кој ќе ни се падне во бараж и како ќе одиграме. Ако на овие три меча влеземе со самодоверба, во баражот сè е можно“, констатира Тања на почетокот и продолжува: „Најмногу што ни недостасува во моментов, што им е потребно на овие девојки е да ја кренат самодовербата. Голем дел од играчите од оваа генерација до лани немаа самодоверба, не беа свесни колку можат. Внатре во тимот има страшно добра атмосфера, но потребно е прво тие сами да почнат да се почитуваат, да сфатат колку вредат, за да доживеат и другите да ги почитуваат. Недостасува да си речат вредам и можам, а сега ќе им покажам и на другите колку многу вредам и можам. Дури и кај интернационалките се чувствува тоа, затоа што во странство секој прво си го почитува својот играч, а потоа странците, само кај нас е спротивното. Мислам дека полека го надминуваме и тој ’проблем’.“

Последниве пет години репрезентацијата му е доверена на селекторот Симе Симовски, кој заедно со Андрејева, со Гино Стрезовски како стручен соработник, сега и со Билјана Црвенкоска во тимот ја градат оваа генерација за ЕП 2022 на кое сме домаќини. Ќе бидеме ли подготвени да одговориме на предизвикот?

„Мора да биде, немаме друга репрезентација. (се смее) Мислам дека девојките се доволно свесни. Жалам што ни се случи оваа пандемија затоа што во периодот од 2018-2019 имавме убав континуитет на работа, на настапи и подем во женската репрезентација. Во тој период и играчите почнаа да сфаќаат колку можат и дека можат повеќе и подобро од ова до сега. Се надевам дека со тоа што ќе бидеме и домаќини на тоа првенство ќе имаме мала предност. Дека оваа пандемија ќе замине во неповрат и дека ќе има публика, па како што јас се почувствував во 2008 кога игравме едно ЕП пред полна сала домашна публика, тој амбиент и таа атмосфера ќе го доживеат и овие ракометарки. Тоа многу ќе им значи и, без разлика што голем дел од нив се млади, ќе биде врвот на кариерата, да го почувствуваат тој спортски дух. Верувам дека никоја од нив нема да си дозволи да разочараме. Многу работиме на формирање на таа екипа, затоа и пробуваме, циркулираме со играчи, за да имаме јасна слика за сите ракометарки со кои располагаме, но да бидеме реални лимитиран е бројот на квалитетни играчи, околу 30 девојки се, и на сите се трудиме да им дадеме шанса.“

Tanja Andrejeva

САМИ СМЕ ВИНОВНИ ШТО ПАДНАВМЕ ВО ВТОР ПЛАН

РФМ дава еднакви услови за работа и поддршка како на машката, така и на женската репрезентација, но факт е дека дамите се во втор план, а главната причина за тоа секако дека се резултатите. Веќе цела деценија ги нема на големите натпреварувања, претходно четири години немаа победа, па од таму Тања дел од вината ја гледа и во нив самите.

„РФМ ни дава еднакви услови како и на мажите, беспрекорни, ја имаме и истата поддршка, се труди и со организација на турнири да ни ја даде и предноста од домашен терен. Секако дека тоа им е јасно на девојките и значи и се обидуваат да возвратат на тоа со резултатот. Јасно е дека и резултатот е причината поради која женскиот ракомет падна во втор план и грешката ја гледам и во нас, затоа што ние сме соучесници во целиот процес. Ако се вратиме наназад до 2012 година, беше обратно, жените беа во прв план и со настапи и со резултати, потоа мажите избија на површина со континуитетот и сами сме си виновни што сме во оваа позиција. Но, ако веруваш дека вредиш, ќе го покажеш на терен, ќе си дојде резултатот.“

Во контекст на ова Андрејева се наврати и на уште еден момент.

„За разлика од претходно (мислам дека Георгиевска е последна од тие ракометарки) кога требаше макотрпно да се заработи статусот на репрезентативка, сега, младите ракометарки кои се дел од националниот тим го добија тоа „на тацна“. Не сакам никого да навредам, само го потенцирам фактот дека сплет на околности доведе до тоа. Почнавме ние поискусните да се повлекуваме, а селекторите мораше да го земат кој е најдобар во моментот на наше место и така се најдоа во тимот. Тие не мораа да се борат за место во екипата, го добиваа како подарок и едноставно знаеја дека ќе бидат во тие 16, затоа што немаше кој. По 2012 се почувствува голем рез и пад женскиот ракомет, а со тоа и во националниот тим. Домашното првенство исто така загуби многу на квалитет. Не можам да навлегувам во причините, дали се финансиски, дали се недоволна работа во клубовите или, пак, ваучерот ги излажа сите да сакаат да играат во најсилната лига, а квалитетот да ни биде застрашувачки лош и буквално пионерки да играат во Прва лига. Поради сето ова многупати знам да им кажам на девојките – почувствувајте ја малку таа емоција, репрезентацијата, почувствувајте го репрезентативниот дрес. Јас кога сум стоела на химна, сум ја чувствувала таа национална боја и страст, а сега долго време им требаше на ракометарките да понудат таква емоција. Затоа велам дека оваа година се најзрели да го потврдат тоа дека вредат и дека имаат квалитет за нешто повеќе само од квалификации.“

ГОЛМАНИТЕ НЕ СЕ „САМ СВОЈ МАЈСТОР“

Како тренер на голманите за кои се вели дека се 50 проценти од тимот, колку се вложуваш во целиот процес?

„Понекогаш сум и досадна (се смее) но се е со намера за тие да бидат подобри од мене, ќе се радувам и ќе се гордеам со тоа. Имам (имаме) добри голманки, кои многу работата на себе и многу сум задоволна од соработката со нив. Со Матеа (Серафимовска) се познавам најдолго, претходно бевме соиграчи во Металург, но верувам дека секоја од нив во одреден момент може да даде и тоа како многу и да ја носи екипата. Знаете, кога јас бев играч, во Металург имавме двајца тренери, но тие беа со играчите, а ние голманите сами работевме на другиот гол. Една ракометарка тогаш искоментира дека сме ’Сам свој мајстор’, но тоа беше проблем. Затоа сега како тренер се трудам на моите голмани да им го дадам она што јас никогаш не сум го имала, некој што ќе ми биде поддршка и што ќе работи со нив и ќе им помогне да станат уште подобри и уште поквалитетни во својата работа. А како ќе растат тие меѓу диреците, така и екипата ќе расте со нив“, потенцира Андрејева.

МОРНИЦИ ИМАВ НА СЕКОЈ МЕЧ ОД ЕП 2008 ВО МАКЕДОНИЈА

Сето ова Тања Андрејева го зборува потпирајќи се на личното искуство и богатата репрезентативна кариера, чии врв е Европското првенство во Македонија во 2008 кога женската репрезентација го прави и својот најголем успех во историјата.

„Од кога првпат се најдов на поширок список во 1998, па преку дебито на СП 2001 во Италија кога Зоран Кастратовиќ како селектор прв ми даде шанса и минутажа потоа имам континуирани настапи за националниот тим се до ЕП 2012. Секако ЕП 2008 е врвот во репрезентацијата. На тоа првенство го дадов најдоброто од себе, веќе бев созреана и знаев што значи одговорност, што значи да се биде лидер на таа репрезентација, а дополнителен мотив беше домашниот терен. Полна сала во ’Борис Трајковски’, публика… такви морници какви што добивав на тоа првенство, мислам дека никогаш не ми се случиле. Емоцијата беше страшна. Исто така таа година јас играв во Србија, во Кикинда, а игравме против нив и во група. Имавме интерна шега во клуб, ми велеа ќе ве победиме на сред Скопје и тоа беше дополнителен мотив за да бранам, и пресреќна сум на тој период и горда на тоа ЕП. Сестра ми е мажена за Србин и паметам по завршување на тој натпревар, на кој бев прогласена и за најдобар играч на мечот, зет ми ми рече: ’Ако знаев дека толку добро ќе браниш ќе те врзев за радијатор!’ (се смее) Но, верувајте ми и сестра ми и зет ми и моите внуци секогаш навиваат за мене и за Македонија.“

СТРАНЦИТЕ ИМАА ПРЕДНОСТ ПРЕД ДОМАШНИТЕ РАКОМЕТАРКИ

„Потоа почнуваат турбуленциите во македонскиот женски ракомет. Ако претходно првенството беше силно, квалитетно и изедначено (со исклучок на Кометал), во тие години лошиот квалитет во македонското првенство се одрази и на репрезентацијата и на ЕП 2012 во Србија ни се случи она разочарување по кое и следеше смена на генерација. Во периодот претходно натурализацијата беше и тоа како актуелна, и можеби сум субјективна, но сум го почувствувала на себе и затоа така зборувам, ние-домашните ракометарки бевме многу запоставени. Бевме во втор план, додека тие од надвор беа повеќе ценети. Со натурализирањето вистина е дека ги направивме најголемите успеси со националниот тим, па и она што се случи во женскиот ракомет, тоа никој не го оспорува, но каде беа македонските ракометарки во таа ситуација. Промената на генерацијата е нешто што природно следи, но она што ни се случуваше во репрезентацијата по ЕП 2012 беше и одраз на реалноста. Ќе дадам пример, кога бев во Кометал Ѓорче Петров, во втората екипа која ја водеше Лефтер имаше врвни македонски играчи и тој побара да се натпреваруваме во Суперлигата како и Кометал. Не ни дозволија со објаснување дека две екипи со исто име не можело во една лига. Како да не можеше да се смени името на екипата? Но, ете го чекорот назад и од таму е јасен и падот и во клубовите и во репрезентацијата.“

НИКОГАШ НЕ РАЗОЧАРУВАМ!

Тања со исклучок на една сезона во српска Кикинда, целата своја клупска кариера ја минува во Македонија, а како карактер во ракометните кругови важи за голем другар, двигател и носител на атмосферата во екипата. Се чини дека овие нејзини особини и ја донесоа и капитенската лента и во клубовите и во националниот тим.

„Ако другите го велат тоа за мене, мое е само да потврдам. Преголем другар сум, многу сум лојална, со дел од моите играчи сега, сум била соиграч претходно, но и до ден денеска го имам задржано другарскиот однос, иако јасно е дека постои хиерархија и се знае кој е главен на тренинг. (се смее) Никогаш не ги разочарувам луѓе околу мене. Тоа е врвот за мене, така сум воспитана и тоа ме води низ ракометот и се надевам дека така ќе биде и понатаму. Најверојатно и затоа бев презадоволна и каде и да одев бев ценета и вредев, секаде имав убави услови. Почнувајќи од мојот матичен клуб Ѓорче Петров, па потоа Тутунски комбинат, со кој игравме одлични дерби дуели со Еуростандар. Потоа играв во новоформиран клуб Олимпик, тогаш Гино Стрезовски ми беше тренер, па во Кале Кичево, каде имаше тројца вљубеници во ракометот, Масаро, нашиот директор беше еден од нив и паметам кога ме зедоа во Кичево му реков ќе имаме само еден пораз во сезоната, алудирајќи на Кометал, и вистина беше така за цела сезона само од нив загубивме. Играв и во Кометал една сезона, таа беше падни – стани. Единственото интернационално искуство ми е во Кикинда, но факт е дека најубавите играчки години ми беа во Металург. Ако за нешто жалам во кариерата е тоа што немав храброст да заминам за Исланд. Имав договор, дома, на маса, кој требаше само да го потпишав, но не го сторив тоа – не знам зошто.“

ТРИ ГОДИНИ НИКОЈ НЕ СЕ СЕТИ НА МЕНЕ

Металург е средината во која ја завршува играчката кариера и ја почнува тренерската, иако соработката завршува по само една сезона.

„За Металург потпишав по ЕП во Македонија. Имаа убава идеја, сите актуелни репрезентативки на Македонија да не соберат во ист клуб и да функционираме како клуб-репрезентација. Феноменален проект со одлични услови, взаемно почитување и остварени резултати и дома и во Европа, иако немавме малку среќа во четвртфинале во ЕХФ куп, двапати бевме елиминирани, а потоа загубивме и во полуфиналето на Челинџ купот. Пофални зборови за тие пет години, екипата ме избра за капитен и тоа многу ми значеше. Во последната година имавме вербален договор и бев и играч и  тренер на голманите, бранев и по потреба. Во 2014 кога ставив крај на играчката кариера требаше тренерската соработка да продолжи, но Металург не излезе фер кон мене. Не беа чисти, ми останаа должни плати за шест месеци, па така поедноставно беше да најдат друг тренер на голмани. Три години бев без никаков ангажман и тој период беше многу тежок од аспект на спортско живеење. Првата година ми беше убаво, се одморив од сè, но и на тоа му дојде крајот и ми требаше предизвик. За жал три години никој не се сети на мене, а додека бев активен играч и левото и десното рамо ми беа ’повредени’ од поттапнување. Потоа во 2017 година РК Аеродром ме покани да работам со нив, волонтерски, а потоа стигна поканата и од РФМ, од Силвана Карбевска тогашната директорка на репрезентацијата, прво да работам со кадетките, а потоа и во сениорската репрезентација.“

НЕ МОЖАМ БЕЗ РАКОМЕТ

По 22 години како играч и последниве пет како тренер, јасно е дека ракометот е главната страст и инспирација за Тања Андрејева.

„Тоа е енергија, стимул, желба – ракометот е мојата љубов. Без ракомет не можам, немам друга дефиниција. Ме исполнува, за ова нема не сакам или не можам. Сакам и можам и тоа е единственото што знам да го работам и останувам на тој пат. Во РК Аеродром покрај тоа што сум тренер на голмани и работам со тројца момци, воедно добив и пионерка екипа да водам, па ќе се обидам и како класичен тренер. Ќе видиме каде ќе ме води патот. Останувам посветена и на работата во женската репрезентација, имаме Европско првенство пред нас. Според мојот карактер и темперамент мислам дека повеќе ми одговара да работам со мажи, додека со девојките е потребен поинаков пристап, но немам проблем и со едните и со другите, разликата е само во комуникацијата.“