Летово силно одекна трансферот на повремениот хрватски репрезентативец Стипе Мандалиниќ во редовите на Еурофарм Пелистер. Левиот бек, кој како голем талент излезе од ППД Загреб, а потоа со бундеслигашот Фуксе Берлин го освои ЕХФ купот, имаше понуди од клубови како Вардар и Мешков Брест со кои би играл во Лигата на шампионите, но тој сепак се одлучи за Битола.
Договорот кој го потпиша беше „една плус една“ година, но само шест месеци беа доволни за да биде сигурен дека Еурофарм Пелистер е вистинската средина за него. Пред месец дена потврди дека во Македонија ќе остане најмалку до јуни 2022 година.
Стратегот Жељко Бабиќ, во 2013 година како асистент на Славко Голужа го внесува Мандалиниќ во А националниот тим на Хрватска, па тренерот и бекот имаат взаемна голема почит и доверба. Стипе вели дека Бабиќ е една од причините поради која доаѓа во екипата, како и системот и визијата кои Еурофарм Пелистер ги има за да стигне до европски височини.
„Јас сум човек кој сака предизвици и зборував со Бабиќ, кој ме сакаше во тимот, за моделот, за системот, за кои се целите на клубот во сериозни рамки во ракометниот свет. Потоа имав разговори и со претседателот Зоран Стерјев и со директорот Димитар Митревски, убави разговори за тоа како и каде го гледаат клубот во иднина и многу ми се допадна нивното размислување. Постепено да се гради екипата и да се гради успехот и по разговорите со нив тројца одлучив дека сакам да бидам дел од овој проект и дека го сакам овој предизвик. Со едно искуство кое го имам од настапите и за Загреб и за Фуксе Берлин, како и за репрезентацијата сакам да се обидам да и помогнам на екипата и сите заедно да одиме кон успех. Тоа нема да се случи за година-две, ќе биде потребно време, а клубот има долгорочен проект и тоа многу силно ми се допадна и се одлучив за Битола и Еурофарм Пелистер и мислам дека не згрешив. Имав понуди и од топ клубови, врвни, со кои можев да играм во Лигата на шампионите, но тоа веќе го имав во Загреб, со Берлин го освоивме и ЕХФ купот. Сакав нешто поинакво, од каде ќе почнам од почеток и заедно ќе растеме и ќе целиме високо. Почувствував дека ми е потребен некој клуб во кој јас ќе и помогнам на екипата, но и таа ќе ми помогне мене. Каде и покрај некој и јас ќе можам да се развивам, а мислам дека тоа го можам покрај Бабиќ. Тој ме познава мене, јас него, ја познавам неговата работа, неговиот систем и како што и тој сам вели секоја сезона да растеш по пет-десет посто ти си уште подобар играч. По доаѓањето тука многу ја поправив својата игра. Бабиќ ми верува многу, добивам простор за игра и во одбрана и во напад, добивам многу шанси и се чувствувам среќен и севкупниот впечаток е одличен“, констатира Стипе Мандалиниќ.
Не ти беше потребно многу, само шест месеци, за да потврдиш дека во Битола ќе останеш и следната сезона. Што пресуди?
„Пресудија односите кои ги имаме како клуб, има една симбиоза, и точно се гледа една семејна атмосфера. Ние сме големо семејство и знам дека ако еден од семејството има проблеми сите сме подготвени да му помогнеме. Не сум го почувствувал тоа досега во ниту еден клуб каде што сум бил како што го чувствувам во Еурофарм. Работиме сите заедно и постои она што се вели: сите за еден и еден за сите! Проектот како се движи, како се развива, како ние се развиваме како играчи, каква екипа имаме, какви се момците и тоа ме привлече овде да останам. Моето семејство, што е уште една многу важна работа, се пронајде тука, добро им е и среќни се, уживаме и навистина не гледав причина да се предомислувам околу тоа дали ќе останам или не. Некои луѓе се чудеа затоа што ја потврдив таа втора година, мене воопшто не ми беше чудно. Еурофарм Пелистер е добар и стабилен клуб, имам соиграчи кои се желни за борба и за успех и затоа навистина не гледав причина зошто да не останам. Верувам во овој клуб и овој проект кој засега се движи во вистинската насока, стекнавме взаемна доверба и затоа ќе бидам тука и следната сезона.“
ОСМИНАФИНАЛЕ НА ХОРИЗОНТОТ
Дека одлично се вклопи Мандалиниќ во тимот покажува и неговиот учинок во досегашните настапи (иако факт е дека екипата не се изнаигра многу во првиот дел од сезоната). По двомечот со Татабања неделава во Битола, во кои Хрватот беше најефикасен играч, и двете победи, Еурофарм Пелистер е пред промоција во осминафиналист од Европската лига.
„Во Еурофарм Пелистер се вратив на некои патеки на кои бев во Загреб пред да заминам во Берлин и искрено чувствував дека има уште простор да напредувам во многу сегменти. Тоа се детаљи кои те прават врвен играч, топ играч, но има уште простор за работа. Првиот дел од полусезоната беше многу тежок, шест натпревари за четири месеци, беше многу тешко да се одржи формата. Еден натпревар, па по три недели друг, а формата се гради преку натпревари, а не на тренинг. Но успеавме да го пребродиме тоа и сега со Татабања одигравме два добри натпревари. Се чувствувам добро, сакам уште да дадам, сакам уште да учам, а чувствувам дека и моето тело може да даде повеќе. Не сум ни млад, ни стар, работам, тренирам и верувам дека ќе можам многу повеќе да и дадам на екипата“, вели Мандалиниќ и продолжува: „На почетокот на сезоната дојдовме многу нови играчи. Бабиќ има некој негов систем кој го гаи низ целата кариера и не беше лесно да се навикнеме на тој систем, да влеземе во неговиот начин на работа. Но кога дојдов јас верував во тој систем и знаев дека е добар. Ние сите заедно како екипа многу добро го прифативме тоа и силно му веруваме во она што го работи, затоа што ако не му веруваме нема да имаме резултати. Одново ќе ја споменам таа симбиоза каде тој сака да ни помогне нам, а ние нему. Мислам дека со овие два натпревари со Татабања си ја олеснивме работата кон осминафиналето иако не можам да кажам стопроцентно дека сме во елиминациите. Сепак ова е спорт, сè може да се случи, знаеме дека во ракометот секакви изненадувања постојат.“
Пред почетокот на сезоната во една изјава велиш дека очекуваш големи резултати од екипата сезонава, почнувате ли да ги остварувате?
„Реков и знаев, и верував дека оваа екипа има големи можности. Не го кажав тоа само колку да биде сувопарна изјава каква што се очекува од едно засилување пред почетокот на новата сезона, туку тоа и го мислев. Пред да дојдам во Битола го следев клубот и што се случува во него. Ги гледав последните неколку натпревари, сите промени, трансферите на играчи, кој доаѓа, кој заминува, каков систем на работа има и навистина мислам дека имаме капацитет. Имавме и некои пехови и проблеми, и сега имаме некои повреди. Но и покрај тоа и отсуство на пет-шест играчи, како и фактот дека во јануари не можевме да се составиме и да направиме нормален тренинг, сега на натпреварите со Татабања гледам колку од една страна е важна тактиката, а од друга – неважна, кога имаш желба и волја и мотив да се бориш за своите соиграчи. На пример се случува ситуација јас правам грешка во напад и се вртам и гледам дека имам пет соиграчи кои трчаат во одбрана за да спречат да не примиме гол и со тоа ми го чуваат грбот и ми помагаат да се корегира мојата грешка. И што повеќе ти треба тоа!? Тоа е една екипа, една заедница каде свесни сме дека ако си помагаме еден на друг далеку ќе стигнеме. Јас знаев каде доаѓам и знаев дека ќе имам помош од сите, но и дека тие ќе имаат помош од мене. И затоа реков дека мислам дека можеме далеку да стигнеме. Близу е осминафиналето во Европската лига, СЕХА само што почнавме и не е лошо, два натпревари и се виде дека е потребно да ја поправиме само концентрацијата во завршницата од натпреварите. Еве со Татабања бевме добри во тој сегмент, на двапати губевме постојано и на крај се креваме и победуваме по три разлика. Мислам дека имаме страшен тим и со многу работа ќе дојдеме до високи цели. Го чекаме и почетокот на македонското првенство и Куп, што ќе се игра со една посебна емоција и само да сме сите здрави и ќе бидеме подготвени за сè.“
ВАРДАР Е ИНСТИТУЦИЈА, НО ИМАМЕ ПРАВО ДА СЕ НАДЕВАМЕ
Плејофот во Суперлигата се чини дека ќе биде многу интересен – Вардар, Металург, па и останатите суперлигашки тимови, секој ја бара својата шанса.
„Вардар е големо име во ракометниот свет, две титули во ЛШ, тоа доволно говори за нив и имаат свое реноме. Како секој спортист, така и ние имаме право да се надеваме и да веруваме дека можеме да ги победиме. Го покажавме тоа и на турнирот во Струга, а и на пријателските натпревари со нив, и ќе кажам одново, тоа не мора ништо да значи. Но сметам дека имаме квалитет за да може да му парираме на Вардар. Тој е навистина институција и во Македонија и во ракометниот свет, но не гледам причина зошто да не одиме да сè, што би се рекло народно, ’да се истепаме’ па ќе видиме кој ќе биде подобар тој ден, тој ќе победи. Тука е секако и Металург, а не смее да се потценат или изостават и другите клубови, затоа што има неколку добри екипи, а и оваа сезона е многу специфична. Никогаш не се знае во услови на пандемија со каков тим ќе располагаш, кој ќе игра, кој нема и секој секого може да победи во било кое време. Не се сомневам дека ќе биде интересно првенство, сигурно далеку поинтересно од претходните години и ќе видиме како ќе заврши.“
ПОВРЕДИТЕ МЕ НАПРАВИЈА ПОСИЛЕН
Стипе Мандалиниќ во кариерата имаше три тешки повреди на колената (скинати предни вкрстени лигаменти) двапати на десното колено и еднаш на левото. Во двомечот со Татабања заработи поткинување на мускулни влакна на стомакот, па поради тоа го чека пауза од две недели. Интересно е што тој на повредите гледа како на лекција, но и вели дека тие го направиле посилен.
„Во петте години во Загреб имав пехови со повредите на десното колено, и тоа малку ме оддалечи. Но може да се види дека јас сум навистина карактер и одлучно и дисциплинирано се вратив од тие повреди. Се вратив и двата пати кога сите прогнозираа дека тоа е тоа и велеа дека нема да бидам веќе истиот играч и да се вратам на тоа ниво. Тој негативизам и таа негативност од другите за мене беше поттик да го покажам спротивното. Дека го можам тоа. Јас сум израснат од таква средина, такво поднебје, тврдоглави сме и сакав на сите да им го докажам спротивното дека и покрај повредите можам да се вратам и да играм ракомет на врвно ниво. Успеав, последната полусезона во Загреб бев најдобар стрелец во Лигата на шампионите и играв во топ-форма и Фуксе Берлин се заинтересираа за мене. Потоа во Германија нов пех, лигаментите на левото колено, па нова пауза од девет месеци, но одново се вратив. Старите повреди веќе ги заборавив… Знаете како, кога човек ќе се изгори сам за нешто потоа знае како треба. Сега работам многу на превенција, да го правев тоа претходно, пред повредите немаше да дојде до нив. Може и ќе се случеа, никој не знае. Тие три повреди многу ме изгореа во животот и во кариерата и ме уназадија, но нема да се предадам никогаш и работам добро, добро тренирам, внимавам многу, работам на превенција и се чувствувам подобро отколку било кога.“
ПОЧНАВ СО СПОРТ ЗА ДА НЕ МЕ „ЗЕМЕ“ УЛИЦАТА
Ракометот бил петта опција за Мандалиниќ, кој е роден во Сплит, а интересно е дека почнал на позиција голман, пред да биде откриено дека е талент за бек.
„Тренирав пливање, па веслање, фудбал, кошарка, па на крај ракомет. Многу добро ми одеше кошарка, но мислам дека желбата за ракомет ја добив од ТВ, кога гледав еден настап на хрватската репрезентација. Ми се допадна спортот и одеднаш одлучив дека тоа сакам да тренирам. Ми се случи некој „клик“ во главата, му кажав на татко ми дека сакам да сменам спорт, тој немаше проблем со тоа, ми рече што сакаш – тоа, му беше важно само нешто да тренирам и да не бидам на улица, затоа што Сплит е таков град и улицата брзо те „зема“. Така преминав во ракомет, прво играв голман, за по два-три месеци тренирање да увидат дека можам да играм бек, затоа што имам таков шут каков што имам и така тргнува мојот пат во спортот и ракометната кариера. На почетокот играв низ два-три помали клуба во Сплит, а потоа кога созреав малку како играч, односно на 17 години ме забележаа во Карловац, прволигашки клуб и со нив потпишав прв професионален договор, две години сум таму и потоа во Загреб. Загреб е моја отскочна штица во кариерата, каде играв и за првата екипа, но и за јуниорите и станав јуниорски репрезентативец“, се потсетува Стипе.
ПРВ НАСТАП ЗА А ТИМ И ВЕДНАШ МЕДАЛ
Мандалиниќ е дел од славната младинска генерација на Загреб, која се очекуваше дека ќе биде предводник на хрватската репрезентација, но тие некако се распрскаа низ Европа и сите се одвреме-навреме во националниот тим, но не се заедно и не се константни.
„Како јуниор на првенство во Турција сум прогласен за МВП и од таму почна сè. Во 2013 добив повик и во А тимот и освоивме бронза на Светското првенство во Шпанија. Прв настап за сениорска репрезентација и прв медал, тоа за мене беше остварување на детски сон. Бев соиграч со легенди – Блаженко Лацковиќ, кој ми беше идол цел живот во тоа време беше прв играч на мојата позиција. Замислете да делам соба со него, делам терен, делам позиција – врв, немаше нешто подобро и позначајно! Ако погледнеме денеска голем дел од тие две генерации 90 и 92, кои бевме споени тогаш има многу играчи кои играат во добри европски клубови. Но што се случи со нас како генерација – не знам, сите сме тука некаде, а всушност не сме! Факт е дека се очекуваше да ја предводиме Хрватска. Зошто не успеавме, не знам што да кажам. Дали е тоа до системот кој се води, некоја политика… Искрено не ни се пружи шанса на сите заедно да работиме, тренираме и да играме за да успееме во тоа. Едноставно тоа се исцепка, еден игра на едно првенство, друг на друго, еден е исфрлен поради не знам што, друг повреден… има многумина низ Европа од таа генерација кои се одлични играчи, а не се во репрезентација.“
Дали при еден таков избор игра улога колку си квалитетен или колку си во добри односи со селекторот?
„Не игра улога односот. Тоа е тим на луѓе кои бираат според актуелниот систем кој го сака тој селектор. Секој тренер има некоја своја визија, тактика. Некој сака да игра со бековска шутерска линија, некој со еден среден бек и два класични шутери, некои форсира со средни бекови кои ќе комбинираат со пивот, со крила, и без шут од надвор… Секој селектор според тој систем бара и носи играчи во репрезентација. Затоа мислам дека не влегува тука кој критериум со кој има добар однос или не, туку се гледа како целина, да ги донесе играчите кои може да му го донесат посакуваниот успех.“
ВО ФУКСЕ БЕРЛИН НЕ ДОБИВ ШАНСА ДА ПОКАЖАМ ШТО МОЖАМ
Преку репрезентација и Загреб левиот бек стигнува до Германија, трансферот во Фуксе Берлин се случува пребрз и не е она што тој се надевал дека ќе биде.
„Желба на секој играч е да се игра во Бундеслигата, а јас откако се вратив од повредите и одиграв одлична полусезона за Загреб во ЛШ добив понуда од Фуксе Берлин. Јас дури имав и договор уште година дена со Загреб, но тие прифатија да го откупат, да платат обештетување и така се случи. Трансферот беше реализиран за 10-12 дена, денеска играм со Загреб против Нант, а за една недела играв зо Фуксе Берлин со Велцар. Абнормално брзо се случи трансферот за четири-пет дена, а мојата сопруга имаше најголема заслуга што успеавме така експресно да се преселиме. Јас бев на прегледи во Берлин и потпишував договор, а таа пакуваше куфери. (се смее) Во Фуксе Берлин требаше да се вклопам во нова средина, но имаше многу други работи за кои не сакам да зборувам, а кои се причината што јас не играв таму. Тоа се работи кои според мене не треба да се случуваат во спортот. Тие платија за мојот трансфер, а не ми дадоа да играм. Ми се случи стагнација, бидејќи не бев во континуитет на натпревари и нормално мускулатурата се опушти и кога конечно добив шанса да играм ми се случи одново повреда, на левото колено. Мислам дека ја заслужив шансата, иако за соиграчи имав врвни играчи, но едноставно не ја добив. Кога се случи пандемијата Берлин имаше пад во буџетот, но ниту јас не без задоволен, не сакав да трпам таква неправда повеќе и спогодбено се разделивме. Мене во интерес ми беше да заминам некаде каде што ќе играм затоа што чувствував и знаев дека можам уште да дадам.“
„АЈДЕ ТИТУЛА ВО БИТОЛА“
Од Берлин доаѓаш во Битола, беше тоа малку шок?
„Нормално! Берлин има четири милиони луѓе, каде никој за ништо не те прашува и секој гледа за себе. Одеднаш доаѓам во Битола, мал град, секој секого знае и сите знаат дека дошол нов играч. Сите те поздравуваат, ти велат „Ајде титула во Битола“ (се смее) Хаос, но луѓето се такви, а и ова е Балкан, поинаку се живее, но убаво е сето тоа. А и брзо се навикнав, добив некој внатрешен мир. Имам и семејство, па можеме без проблем да одиме во парк, или на прошетки, брзо стигнувам секаде и со пешачење. Во Берлин час и половина со кола ми требаше за да стигнам на тренинг или до некое место. Тука луѓето се топли, многу достапни, подготвени да ти помогнат за сè и што и да се случи. Убав ми е животот во Битола и сите работи некако се вклопија и јас одлучив дека ова е вистинска средина за мене.“
Она што уште го немаш почувствувано е полна сала и поддршка од трибини.
„Тоа ми недостасува, тоа најмногу недостасува во сала. Ги гледав снимките од натпреварите со Веспрем во СЕХА и тој амбиент во салата, да се наежиш. Факт е дека навивачите се тој ’ветар во грб’ кој нас нè носи кога е тешко и кога доаѓаш во фаза кога губиш сила и концентрација. На нивното навивање не можеш да останеш рамнодушен, особено тука, во Битола каде луѓето живеат за ракомет. Знам за историјата која ја има Пелистер и верувам дека оваа екипа може да врати дел од таа еуфорија и таа слава. Страшно ни недостасува, тој звук од трибините затоа што тоа те води низ целиот меч. Во клучни моменти кога се прави разлика, всушност тие (публиката) ја прават разликата. Вака тешко е кога ги слушаш соиграчите на клупата што си зборуваат или тренерот, а сосем поинакво чувство ти дава кога е полна салата, па не слушаш ни што бара тренер да играш, а факт е дека за тоа живееш, ти се крева адреналин на 500. Се надевам дека и тоа наскоро ќе се врати.“