Хрватската бајка сè уште трае. Од Колдинг, коцкестите се преселија во Хернинг на полуфинален мегдан, кој може да им го донесе првиот медал од големите натпреварувања. Избраничките на Шоштариќ од анонимуси станаа херои на нацијата. Една од нив можеби мала по конституција, но голема на голот на Хрватска е Теа Пијевиќ...
Ако на првенството треба да се избере ракометарка-изненадување, тогаш тоа е хрватската голманка Теа Пијевиќ. Секогаш смирена, фокусирана, без да покаже грам емоција, ракометарката на Алба Фехервар е нерешлива загатка за противничките. Нејзиниот специфичен стил и поставеност и овозможија со неколку „живи топки“, и „одбраните од линија“, да влезе меѓу најпопуларните ракометарки на турнирот.
За себе Теа вели дека е смирена и позитивна личност, ракометниот пат го започнала од хрватското крајбрежје и родната Далмација, а денес (поради корона вирусот) настапува во унгарското првенство за Алба Фехервар.
Потпишав за Фехервар најмногу ради ситуацијата со ковид 19, да бидам поблиску до Хрватска, а од друга страна сакав да играм во Унгарија, за мене најсилната лига во Европа, па сакав и јас да се обидам да одиграм во таа средина. Уште додека настапував за Локомотива во Загреб, секој летен или зимски трансфер рок ме праќаа во други клубови, но јас останав, секогаш имав мотив за игра во Локомотива. Според мене прво треба да се докажеш „на свој терен“, а потоа да заминеш во странство.
За жал на ова првенство добив шанса затоа што Ивана се повреди, но не е важно ниту кој брани ниту колку одбрани има се додека девојките играат одлична одбрана. Најважно е да победуваме бидејќи ова што девојките го прават тука е нешто фантастично.
Ако по нешто се издвојува Теа Пијевиќ на терен, тоа е нејзинината смиреност. По секоја одбрана нема прослава, победнички подигната рака, ниту насмевка… Со смирен од и фокус ја уфрла топката во игра и се враќа на гол линијата. Токму тој нејзин ладен став и донесе титула „ледена кралица“ на овој турнир, а кога започнавме да се навикнуваме, Теа со насмевка бранеше на последниот натпревар против Германија. Па ја прашавме каква е Теа приватно?
На терен секогаш сум „ледена кралица“, секогаш новинарите пишуваат за мене дека делувам „ладно“ на терен и незаинтересирано. Од една страна и се согласувам со тоа, бидејќи сум фокусирана на натпреварот и што побргу да ја предадам топката на соиграчите. Немам некоја посебно прослава по секоја одбрана, веројатно го немам тоа во себе. Прославата воопшто не ме тангира, битно ми е што побргу да постигнеме гол. Тој прекар „ледена кралица“ особено се актуелизираше откако и фатив „жива топка“ на Малештајн.
Заради насмевката со која бранев против Германија сите ме нападнаа, но тоа е поради атмосферата во тимот, поради коментарите на терен, прекрасно е тоа што можеме да се слушнеме меѓусебно, па така испадна да бранам со насмевка…
А приватно, за оние кои ме познаваат секогаш сум подготвена за шеги и забава, не можам сама да се опишам тоа мора да ги прашате другите.
Пијевиќ е висока само 172 цм, па како што вели морала да измислува нови начини како да ги брани ударите на противникот. Нема идол, ниту формална голманска едукација и токму затоа нејзиниот стил е посебен и единствен.
Немам идоли, ниту во машки, ниту во женски ракомет. Да, сакам да ги гледам како бранат Лунде кај жените и Штербик во машки ракомет, но конкретно немам некој пример по кој би бранела. Што се однесува до мојот стил на бранење, морав да измислам нешто. Немам висина, додека растев немав тренер на голмани, па немам ниту школски движења, затоа работев на себе онолку колку можам.
Речиси никогаш нема да видите убаво голманско отворање или лепеза од Пијевиќ, но таа е на гол-линијата и секогаш подготена да ја улови топката. Токму тоа надмудрување, интуицијата и насочување на шутот на противникот во посакуваната страна е дел од психологијата на терен, а според Теа токму менталната стабилност игра голема улога.
Никогаш немав некој ракометен тренер за голмани, па не можам никого да издвојам кога во прашање е мојата ракометна кариера и влијанието на тренерите.
Психологијата е многу важна кај голманите. Во Загреб имавме еден психолог Бариќ, и таа во еден момент ми кажа: „Теа јас тебе не сум ти потребна“. Сигурно дека ми е многу битно да останам мирна и фокусирана во сите шеесет минути…
Пијевиќ е еден од шестте голмани на ова првенство номинирани за наградата најдобар голман на турнирот. Нејзиниот процент на одбранети удари и начинот на кој тоа го прави оставаат впечаток дека одлично ги прочитала противничките ракометарки.
Не запишувам ништо, не се подготвувам посебно, ги гледам натпреварите и во слободно време пратам женски ракомет, веројатно сè тоа ми останува запишано во глава.
Нема некоја посебна ракометарка која може тешко да се прочита. Секој играч е посебен и за секој играч може да се подготвите соодветно, но јас ги сакам паметните ракометарки, оние кои малку се надмудруваат со голманот.
Не бранеше против Норвешка, дали тоа беше тактика да се скрие нешто или да се одмориш за финалните натпревари?
Од една страна сигурно ми беше потребен одмор, не тренирав долго и после коронава… а од друга страна селекторот им верува на сите 16 ракометари и мислам дека Луција заслужи да добие минутажа.
Избраничките на Шоштариќ заминаа тивко за Данска, но по првите три натпревари славјето од Колдинг се пресели во Хрватска. Бројни честитки, повици и пораки пристигнаа на адреса во хотелот Скандик во Колдинг, од ракометните колеги до популарни лица од јавниот живот во Хрватска ги преплавија репрезентативките на Хрватска изминативе 10 дена.
Не сакам да се експонирам во јавност, не сакам да бидам популарна и да зборувам со медиуми. Повеќе сакам да сум во сенка. А честитки имаше многу. Голем дел не стигнав ниту да ги прочитам, можам само да им се заблагодарам на сите.
Коцкестите веќе го направија најголемиот успех во женскиот ракомет, сега играат за престиж за медал, за историја. На патот кон финалето е Франција, а потоа, Норвешка или Данска.
Веруваме дека можеме до медал и сигурно дека ќе дадеме сè од себе во наредните натпревари.
Велат секоја генерација има свои ѕвезди, а ова првенство ќе ги создаде хрватските.