Екипата на Еурофарм Пелистер во оваа сезона одлучи да влезе со голманскиот двоец Чаневски-Трајкоски, кој веќе три години е тандем. Тренерот Жељко Бабиќ има доверба во нив, а тие покажаа дека ја заслужиле довербата со игрите на турнирите, но и на првиот дуел од Лигата на Европа. Иако некои размислуваа дека Бабиќ ќе се реши да донесе нов голман кој ќе го замени Никола Митревски, тренерот на битолчани уште на почетокот на подготовките беше одлучен: „Верувам во овие голмани, и тие ќе добијат шанса сезонава“.
И ако се гледаат индивидуалните квалитети и постигнувања тогаш и Чаневски и Трајковски заслужија да бидат меѓу стативите на Еурофарм Пелистер. Иако тимот од Битола се врати со несреќен пораз од гостувањето во Данска, сепак, голманите го одработија своето на едно задоволително ниво за натпревар од Лигата на Европа.
Градимир Чаневски има 32 години и зад себе веќе неколку сезони во дресот на Еурофарм Пелистер. Тој е капитен на тимот од Битола сезонава и играч кој беше дел од растењето на екипата речиси од нејзиниот старт. Благојче Трајкоски, кој има 34 години докажа дека секогаш може да се смета и на него поминувајќи низ неколку екипи во Македонија. Трета година е во тимот од Битола и е дефинитивно исто како и Чаневски добра потпора за одбраната на Еурофарм Пелистер.
Двајцата одговараа на неколку прашања на 24Ракомет за досегашниот дел од сезоната и за она што претстои и секако интересно е да се види нивното размислување за она што се случуваше од летото досега и за она што може да се очекува до крајот на овој шампионат.
Како сте задоволни од вашата форма во досегашниот дел од сезоната?
Чаневски: „Задоволен сум од тоа каква е формата во досегашниот дел од сезоната со оглед на честите прекини. Покрај тоа што пандемијата не дозволи да се одиграат дел од средбите, сега имаме и пауза поради ЕХФ неделата така што мора да се одржи формата на тренинзите“.
Трајкоски: „Лично сум задоволен од тоа каква е мојата форма, но задоволен сум и од формата на екипата. Напорно трениравме неколку месеци и бевме постојано од тренинг на тренинг без да одиграме натпревари. Официјален натпревар немавме осум месеци, но екипата е во добра форма во моментов“.
Коронавирусот направи големи поместувања во календарот за натпреварување. Колку тоа влијае за да може да ја одржувате формата на константно ниво?
Чаневски: „Ни задава проблеми поради тоа што не можеме да одржиме континуитет. Јасно е дека ќе има и победи и порази колку и да е добра формата. Сепак, сосема добро е познато дека е подобро кога се играат натпревари бидејќи на тој начиј добро се знае до каде сме со формата и што е она што е потребно да се поправа во истата“.
Трајкоски: „Ова е најголемиот проблем за нас. Тоа се виде и на средбата против ГОГ Гудме во Данска. Го загубивме тој натпревар бидејќи намевме доволно квалитетни натпревари. Едно е да се играат пријателски натпревари каде што покажавме одлична игра, но сосема друго е на официјалните. Притисокот не е ист. Сепак, на првиот официјален натпревар после осум месеци игравме добро“.
Веќе неколку години сте заедно во тимот на Еурофарм Пелистер? Каква е соработката? Си делите совети, се надополнувате на тренинзите и натпреварите?
Чаневски: „Имаме добра комунција со Благојче. Добро функционираме во овие три години колку што сме заедно во Еурофарм Пелистер. Сè е отворено. Постојано има совети, корекции еден со друг за да можеме да го извлечеме најдоброто од нас и за тимот. Комуницираме цело време и се договараме. Оној што се чувствува во подобра форма и подобро пред натпреварот тој и стартува така што за сè има договор“.
Трајкоски: „Јас сум веќе трета година во овој тим и толку сме заедно со Чаневски во тандем. Комуницираме перфектно и се надополнуваме. Секој збор и сугестија даден од колега го сфаќаме добронамерно. Сепак, ни сме веќе и искусни голни. Змаеме што сакаме и знаеме дека сме тука за доброто и напредокот на клубот. Голманите се поспецифични од другите играчи. Имаме нашт затворен круг. Тука ни е и Ице Соколески како тренер и заедно со него тројцата функционираме едноставно перфектно“.
Бабиќ рано одлучи дека нема да ангажира нов голман и ќе ви ја даде довербата? Очекувавте ли ваков потег после заминување на Митревски?
Чаневски: „Благодарен сум му на тренерот што има целосна доверба за нас. Тоа е еден голем мотив плус за да работиме што е можно подобро и да ги покажеме нашите квалитети. Тоа што верува во нас секако и ја зголемува и нашата самодоверба. Мислам дека тоа ќе го оправдаме и ние со работата на тренинзите и во иднина, но и со играта во натамошниот дел од сезоната на средбите во сите натпреварувања каде што учествуваме“.
Трајкоски: „Сите европски клубови имаат три голмани. Кај нас не се знаеше дали ќе играме и домашно првенство. Доколку игравме секако ќе беше потребен уште еден голман бидејќи не може со двајца да се издржи и во СЕХА и во Лигата на Европа и во Супер лигата. откако се дозна дека нема да играме во Супер лигата и одиме директно во плеј-оф ни кажаа дека веруваат во нас. Ние возвративме со тоа дека ќе си ја завршиме работата на најдобар можен начин. Во секој счучај имаме голема поддршка и од тренерот и од клубот и тоа само ни ја зголемува самодовербата“.
Што донесе Бабиќ со неговото доаѓање во клубот. Која е разликата во однос на претходните тренери?
Чаневски: „Бабиќ е многу позитивен. Направи доста промени, а почнавме да функционираме и далеку подобро досега, далеку поорганизирано. Има искрен однос кон играчите и е голем професионалец. Работи постојано, а успеа да направи одлична хармонија во тимот. Атмосферата е прекрасна. Сите добиваат минутажа и имаат своја можност да бидат дел од натпреварите. Исто така и на тренинзите, секој добива шанса за да се докаже и да ги покаже квалитетите“.
Трајкоски: „Разликата наједноставно е небо и земја. Има премногу разлика во работата со Бабиќ во однос на сите други тренери кои ги имавме претходно. Почнавме да работиме на атмосферата која беше потполно нарушена. Ја кренавме на завидно ниво и ретко кои клубови имаат таква атмосфера во моментов. Тренираме добро, а на тренинзите е и опуштено. Мислам дека тоа е клучот што почнуваме да играме добро за разлика од претходните години кога имавме добра екипа, но не бевме на ова ниво“.
Имавте добри резултати на турнирите пред почетокот на сезоната. Што може да се очекува сезонава од Еурофарм Пелистер?
Чаневски: „Имаме добар тим. Покриени сме одлично на секоја позиција. Играчите кои дојдоа како Мандалиниќ, Периќ, Кушан… донесоа многу за нас. Се вклопија во системот на работа така што имаме добра селекција од која можеме да очекуваме атак на висок пласман. Тука сметам на битка за трофеите на домашен терен и на влез во осминафиналето во Лигата на Европа“.
Благојче: „Добро почнавме на турнирот во Струга. Во Атина го имавме првиот пораз од Аек, но тогаш не бевме комплетни и не го земавме тој пораз здраво за готово. Имаме страшно добра екипа. Секоја позиција е покриена одлично. Ако продолжиме со ова темпо и сите бидат здрави без повреди Еурофарм Пелистер годинава може да покаже дека може да игра квалитетно и дома и во Европа“.
Може ли Еурофарм Пелистер во битка за титулата уште сезонава?
Чаневски: „Вардар ќе биде фаворит во трката за титулата. Знаеме добро за каков противник се работи. Двапати ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите, но наше е да се бориме и да работиме. Успеавме да го совладаме Вардар на пријателските средби, па ќе мораме да одираме уште подобро во плеј-офот. Нашата амбиција е јасна на домашна сцена и ќе атакуваме на трофеите и во првенството и во Купот“.
Благојче: „Вардар е Вардар и веќе покажа дека игра сè подобро како поминува време. Се виде тоа откако го победија Флензбург и се виде дека ракометарите на шампионот играат добро. Сепак, ние ја гледаме нашата работа и игра. Вардар нека продолжи вака добро и битката ќе биде најнеизвесна во македонското првенство во последните неколку години. Да не звучи нескромно, но можеме да се бориме за титулата во Супер лигата“.