После седум кола во првенството на Полска е лидер со 47 погодоци и има висока реализација од 71 процент што е исто така меѓу најдобрите во шампионатот. Таа е лидер на својата екипа Кобиржице и најголем виновник што нејзиниот тим има 15 бода исто како и лидерот на табелата Лублин
Од стартот на новата сезона, а особено во последниот месец македонската интернациолка во првенството на Полска, левиот бек Зорица Десподовска игра во неверојатно добра форма. Таа покажува игра со која е една од најдобрите ракометарки во овој шампионат. Со нејзината форма таа не само што има клучна улога за својот тим Кобиржице туку би можела одново да добие важна улога и во националниот тим особено сега кога почнува да се влегува во фазата кога Македонија мора да се подготвува за шампионатот на кој е домаќин во 2022 година.
Добрите игри на Десподовска сезонава и донесоа веќе три номинации во тимот на колото во првенството на Полска. Покрај тоа трипати беше и меѓу најдобрите три, а еднаш и избрана за најдобра во колото после гласањето на Фејсбук страната на Супер лигата на Полска.
Пред два дена доби и нова номинација за најдобра ракометарка во 7. коло што е третпат по ред откако имаше одлична игра в петокот против Кошалин и девет гола со кои буквално им пресуди на домашните и ги водеше колешките кон нова победа. Со 47 гола и реализација од 71 процент таа е лидер и на стрелците во најсилната лига на Полска така што во моментов едноставно доминира во првенството.
Зорица Десподовска својата кариера во Македонија ја градеше во Еуростандард Ѓорче Петров и во Металург, а интернационалната кариера ја почна во 2014 година кога замина за Шведска во екипата на Луги која тогаш беше на 2. место. Потоа настапуваше и за составите на Кобленц и Розенгартен Бухолц во Германија, а во меѓувреме го носеше и дресот на Муратпаша од Турција. Пред да дојде во Кобиржице, Десподовска играше и за Пјотрковија.
Како си задоволна од досегашниот дел на сезоната?
„Во моментов со мојата екипа се наоѓаме во горниот дел од табелата. Засега сум задоволна од тоа како се одвиваат работите. Сè е одлично. Се надевам дека така ќе продолжиме и во останатиот дел од сезоната“, вели Десподовска во интервју за 24 Ракомет.
Очекуваше ли после добрите игри да се најдеш трипати по ред во тимот на колото, во најдобрата тројка за играч на колото и за играч на октомври?
„Такви работи не се очекуваат и навистина е тешко и да се планираат. Едноставно за секој следен натпревар се трудам да бидам колку можам подобра од претходниот. Јас се трудам да бидам подготвена најдобро што можам и на теренот да го дадам максимумот. Потоа после натпреварот одлуката е на луѓето од федерацијата. Тие решаваат кој ќе се најде во тимот на колото и во најдобрите три. Секако дека ми е мило што на ваков начин покажуваат колку ме ценат и колку ја почитуваат мојата игра“.
Какви се амбициите со клубот сезонава?
„Третото место освоено минатата сезона ни дава обврска да бидеме на уште подобро ниво од претходната. Сакаме да го одбраниме она што лани го направивме. Сепак, нема да биде лесно да го оствариме овој план бидејќи лигата е на едно многу повисоко ниво и затоа мораме да бидеме максимално подготвени и мотивирани на секој нов натпревар“.
Како си задоволна во тимот од условите, колешките…
„Гледано целокупно задоволна сум од сите случувања и од сè што имам во екипата. Мојот клуб сезонава има високи цели. Се работи доста професионално на секое поле. Се работи максимално професионално и во делот на развојот на секој играч поединечно. Во овој тим се чувствувам како да сум дома. Девојките ме прифатија одлично и затоа сè e прекрасно“.
Каков е квалитетот на првенството на Полска?
„Секоја година лигата во Полска добива на квалитет и е на сè повисоко ниво. Кога го велам ова мислам и во делот на играчкиот план и во делот на организацијата. Се вложува многу на секое поле и дефинитивно тоа носи и резултати“.
Медиумите во Полска веќе те промовираа во лидер на тимот. Се чувствуваш ли така на терен?
„Може да се каже и така. Може да се рече дека сум лидер во екипата, но сметам дека во ракометот нема простор да се каже дека еден играч е најважен. Секој играч на теренот има своја важност и своја улога. Благодарение на мојата екипа, формата во која играм оди во нагорна линија и тоа дава и резултати“.
Те нема подолго време во репрезентацијата. После добрите игри, подготвена ли си да играш за националниот тим доколку селекторот одлучи да те повика?
„Од настапите во репрезентацијата се повлеков пред неколку години. Немам играно после тоа, а пред кратко време имав разговор со новиот директор во репрезентацијата. Сепак, во моментов не сум подготвена да одговорам на настапите во националниот тим од здравствени причини. Меѓутоа останува простор за соработка во иднина. Доколку мојата ситуација се подобри тогаш тука сум“, коментираше Десподовска, која во моментов игра во неверојатна форма во првенството на Полска.
Познат е возниот ред за квалификациите за СП: Дамите стартуваат со Исланд, завршуваат со Грција