Еден од ретките тренери во Македонија кои се специјализираа за работа со голманите, Александар Царчев е дел и од репрезентацијата на Македонија и на ова Европско првенство. Тој беше во стручниот штаб и на Раул Гонзалес, а продолжи да работи и со Данило Брестовац.
Овој пат Царчев се наоѓа и на клупата така што може директно да ги советува голманите за она што е потребно да се направи и како да се дојде до одбрана плус. Тоа се виде особено на првиот меч против Украина кога Митревски имаше 15 интервенции, а се очекува така да биде и на клучниот натпревар на шампионатот за пласман во вториот круг против Австрија.
Колку е важна голманската позиција за еден тим, а секако и за репрезентацијата потврдува самиот Царчев во интервју за 24Ракомет.
„Со самиот развој на ракометот голманската позиција станува сè поважна. Зборувам и од моето време и сега во поново кога работам со млади голмани и со голманите од репрезентацијата, дека многу често добар голман е пола екипа. Кога на екипата не и оди тука е голманот да поправа некои работи. Тој е последниот бастион. Сите можат да погрешат, но кога ќе згреши голманот тоа е гол. Јас секогаш кога разговарам и кога ги формирам младите голмани како личности им зборувам дека мораат да имаат многу силен карактер. Таков ми е разговорот и со повозрасните голмани. Без силен карактер и интелигенција пред сè е многу тешко. Секогаш против себе имаш шест различни играчи. За секој противник треба да има стратегија и да го познаваш. Сега со видео технологијата е многу полесно отколку во наше време. Нормално само со многу труд и работа на тренинзи може правилно да се школува еден голман“, вели Царчев.
-Која е најдобра возраст за да се почне со голманска кариера?
„Со тренирање треба да се почне на 12-13 години и до 18 години тоа се пет години при кои со одлична и професионална работа може да се изгради еден добар голман. Тој период најмногу може да се научи и ако правилно се работи потоа се прави само надоградба. Кога голманот ќе задоцни во развој многу тешко се исправаат. Друго е кога ќе дојдат млади голмани и ги насочуваш правилно да работат и се дојде до школуван голман. Кај младите голмани нема прв голман бидејќи сите треба да добијат иста минутажа и правилно да се развиваат. Се радувам што после 32 години играње ракомет веќе седум години сум тренер. Убаво е да се работи со млади голмани и да се пренесе знаењето. Многу полесно е да се работи со професионалци. Со нив ќе видиш што и како му треба и ќе го насочиш кон тоа. Сепак, потешко е кога треба некого да го учиш. Тоа е долготраен процес. Ми претставува задоволство и сакам да работам со нив. Дефинитивно ми претставува предизвик да направам голман“.
-Колку е важно и потребно еден клуб да има тренер на голмани?
„Дефинитивно гледам и прашувам во многу екипи во Европа. Сè уште тоа прашање за тренер на голмани не е покриено како што треба. Летово разговарав со Хота Гонзалес и прашував дали имаат тренер на голмани. ПСЖ кој е клуб со огромен буџет нема тренер за голмани. Тиери Омејер после завршувањето на кариерата се понудил да работи и не го прифатиле. Благодарение на Самсоненко ние имаме тренер на голмани. Тој кога дојде веднаш побара тренер на голмани, но тоа е веројатно затоа што го познава спортот. Се работи за поранешен хокејар и знае дека голманот е клучна фигура и му треба помош и тренинзи. Разговарав со Келце, со голманот Цупара. И таму нема тренер на голмани. Според мене необјасниво е во Лигата на шампионите да нема тренер на голмани. Тоа е многу важна позиција и се бориме. Порано не се броеја ниту интервенциите на голманите, па дури сега почнува и тоа. Се трудам колку може повеќе голманите да се експонираат како важна алка на тимот. Ние секогаш гледаме кој ќе даде најмногу голови или ќе направи најдобар потег. Сепак, ако немаме добар голман тогаш е многу тешко да се дојде до победа“.
-Со која конституција играчите имаат предиспозиции да станат добри голмани?
„Антропометриски сметам дека е многу полесно за голмани кои се над 190 сантиметри. Јас бев со 191 сантиметар. Потоа тука се физичките способности, скочност, брзина, интелигенција. Скочноста и брзината според мене се вродени како наследни гени, а во тој дел може малку да се напредува, можеби 10-20-30 проценти. Или го имаш или го немаш талентот. Сепак, за мене секогаш било 10% талент, а 90% работа. Ако работиш многу тогаш едно моторичко движење ќе го усовршиш до перфекција и во моментот кога ќе треба да интервенираш да немаш потреба да размислуваш“.
-Каква е голманската иднина на Македонија?
„Мартин Томовски, Марко Кизиќ, Васил Гогов, Андреј Петковски… Кога нашите први двајца голмани во репрезентацијата ќе се пензионираат ќе имаме замена за нив. Сега ни останува да ги детерминираме голманите од 2002/03. Имаме голмани од таа генерација кои работат и во Вардар, Михајловски и Стојановски, кои напредуваат солидно. Јас вложувам во нив, но не знам дали се работи така и во другите клубови. Не сум броел, но мислам дека во последниве години имам работено со дваесетина голмани. Повеќе од половина од нив стигнаа до репрезентација без разлика дали се во сениорска, младинска или кадетска селекција и без разлика дали се работи за машки или женски. Со Кизиќ на пример работиме од 2014 година. Негов прв тренер е Стојан Петрушевски, но годинава работи многу повеќе. Добар дел од тренинзите ги работи со колегата Периќ, но доаѓа и на тренинг со вториот тим и таму исто така работиме. Се подготвуваме за следни предизвици за да се елиминираат негативните работи. Не е само чистиот тренинг во прашање. Со голманите работиме доста и на психолошки план. Треба и психолошки да се подготват“.
– Во последните години се случува и голмани на 20 до 25 години во Лигата на шампионите да покажат врвна форма?
„Имавме пример со Дејан Милосављев. Уште пред да потпише се видов со него на Медитеранските игри во Тарагона. Не очекував дека ќе направи таков блесок. Му се склопија коцките. Дојде во врвен тим каде што играат врвна одбрана. Каде голманот секогаш е добар ако се игра добра одбрана. Ако има слаба одбрана, можеш да браниш, но не можеш многу да допринесеш. Се разви одлично и веројатно колегата Дејан Периќ одлично соработуваше со него. Во суштина млади голмани се појавуваат, но нема претерано добри млади голмани во Лигата на шампионите. Зборуваме за голмани кои бранат во континуитет. За мене добар голман е ако брани во континуитет и има постојано голем број на одбани. Не е само на еден меч да направи 15 одбрани, а потоа има 2-3 или 5 одбрани на натпревар. Во мое време реперот беше од 12 до 15 топки и тоа се сметаше како солидно. Со толку одбрани ако има добра реализација нападот имаш победа. Некогаш се фаќаат и 20 топки“.
– На која возраст голманите покажуваат најдобри перформанси?
„Голманите се како виното. Колку повеќе имаат натпревари толку повеќе созреваат и сфаќаат своите грешки да не ги повторуваат на следните натпревари. Затоа можат да бранат до касни години. Јас бранев до 44 години. Можев уште, но играв со деца од 20 години помлади од мене. Немав предизвик и затоа ја завршив кариерата инаку можев да бранам уште некоја година. Нормално телото и брзината не се исти, но искуството е многу големо и на искуство може да се одбрани многу добро. И сега кога се подготвуваат видеа, кога ги подготвуваме голманите за клупски или репрезентативни натпревари го имаме тоа око да видиме каде му е основен шут и ако успееш да му го процениш и одбраниш тој шут тогаш е полесно да се натпреваруваш со него. Ако тој успее да го реализира тој шут ќе почне да ги менува страните и ќе биде сосема друго.
-Зошто тренер специјализиран за работа со голмани?
„Се посветив на оваа работа. Можев да бидам и ракометен тренер, а кај нас многу малку луѓе професионално се занимаваат со некоја работа. Јас сакам професионално да го работам тоа и се определив да работам само со голмани бидејќи таму сум најдобар. Во Вардар го препознаа тоа и ми дадоа потполна слобода да работам со голманите“.
– Во комбинација за ова Европско првенство беа четири голмани, кои се со различна конституција…
„Ако имаш четири голмани кои се со иста конституција веројатно и исто ќе бранат. Ние имаме двајца помлади со солидна висина, Томовски и Кизиќ, но тие созреваат кон предизвикот кој го бара едно Европско првенство. Млади се и нив им требаат натпревари. Тренинг е едно, но вистински играч се станува на натпревар. Таму се гради карактер и самодоверба што е потребна за секој млад играч. Ристовски и Митревски за нив нема што да трошиме зборови. Се работи за врвни голмани, секој со свои предиспозиции. Во моментов и 2-3 години на голмаснката позиција добро сме покриени и функционираме добро. Процентуално во 2016 година во Франција одбраните беа 26 проценти, сега имаат од 34 до 36 што е добро зголемување. Одлично соработуваме и ги знам уште од времето додека уште играв. Се знаеме добро и го имаме она голманско наше. Разменуваме многу информации и искуства. Имаме одлична соработка и мислам дека во следниот период треба да носи добри резултати“.
-Подобро ли е кога се имаат голмани со различна конституција?
„Секако дека е подобро да имаш различни голмани бидејќи некогаш не играат сите ист ракомет. Има шутери, па треба да се одбрани од девет метри, па ќе има игри повеќе на пролаз и крило да може и таму да се одговори. Јас би бил задоволен кога во тимот би имал три голмани, но тоа во моментов не е можно. Кога имаш повеќе избор можеш на одреден момент, дел од натпревар да употребиш голман кој може да донесе резултат. Голман може да не брани 50 минути, но да фати 5-6 топки во последните десет минути и да го реши натпреварот“, коментираше Александар Царчев во интервјуто за 24 Ракомет.