Пандемијата од коронавирусот и принудното завршување на сезоната е главната причина поради која многумина ракометари кои се одлучија да стават крај на нивните играчки кариери, не можеа тоа да го сторат како што заслужуваат - пред полни трибини и со аплаузи и овации. Меѓу нив е и вардаровиот лев бек, Сергеј Горбок, кој на 37 години реши да заврши со активното играње ракомет, а тоа и го обелодени на јавноста летово преку својот Инстаграм профил.
Рускиот репрезентативец, кој има белоруско потекло откако четири години го носеше дресот на Вардар (двапати по две сезони) остана да живее во Скопје со своето семејство, сопругата Вероника и неговите три ќерки. Со задоволство ја прифати поканата за разговор и дозволи да откриеме работи кои досега не биле познати за него.
Ракометот за Горбок е „трета среќа“ во спортот. Првиот избор (по желба на мајка му) бил ватерполо, вториот фудбал (бил голман, но не го сакал многу овој спорт) и дури на 14 години, случајно, при една училишна селекција влегува во ракометот. Само две години подоцна станува белоруски репрезентативец. Призна дека од мал бил посветен на учењето, има завршено два факултети – Економски (финансии и кредити) и Факултет за физичка култура (за овој вториот вели дека помалку учел). Во моментов од Скопје го води приватниот бизнис кој го развива во Русија, Белорусија и Словенија. Ужива со своите четири жени, во опуштениот живот во Скопје и вели дека е среќен човек.
„Од порано сакав да ставам крај на кариерата и бев подготвен на тоа уште по повредата, но луѓето ми велеа да пробам да се вратам, дека сè ќе биде добро и тоа за мене беше голем мотив. Сакав и на самиот себе си да си докажам, а и на луѓето дека без разлика на годините можеш да се вратиш и да играш на високо ниво. Жалам што не ја завршивме сезоната, во која одново Вардар покажа карактер. Кога се појави пандемијата и како се развиваше ситуацијата имав претчувство дека ова ќе трае долго и иако имав понуди од други клубови, времето само си покажа дека е време за крај. Можам уште да играм, но немам повеќе амбиции. Треба да се биде свесен и да не се лажеш сам себе си кога ќе дојде тој момент. Никогаш не сум играл само за пари, секогаш ми било важно и тоа внатре, како се чувствувам. Вардар беше проект со екипа и луѓе кои беа посветени на тоа дело и во него влегов со 100 посто, а кога го нема веќе тоа, кога не го чувствуваш тоа, тогаш е непрофесионално да останеш. На Олимпијада не можам да стигнам, а сè друго што сум посакал во кариерата имам освоено. Сум играл со ракометни величини, имам пријатели низ целиот свет, сум прошетал секаде. Живеам убав спортски живот со пријатели во и надвор од спортот, и среќен човек сум, и тогаш кога си среќен, тоа е вистински момент кога треба да се замине и да се кажеш благодарам и пријатно.“
Горбок не жали што 22-годишната кариера ја заврши тивко, без поздрав од еден полн „Јане Сандански“.
„Чесно ви велам НЕ! Разговарав со многу луѓе, семејството, соиграчи, навивачи… но за мене тоа не е важно. Дека ќе беше убаво, ДА, но дека ми е потребно, НЕ. Важно ми е дека сите луѓе кои вложуваа во овој Вардар се тука за мене и продолживме да контактираме и комуницираме и дека сме ’душа во душа’. Тоа никој не може да ми го земе. Најважно ми е чувството внатре“, потенцира Сергеј.
ВО ЕДНА ЗЕМЈА ИГРАМ САМО ЗА ЕДЕН КЛУБ
Неколку македонски клубови сакаа да те ангажираат, а дали имаше понуди и од други клубови кои се обидуваа да те предомислат да играш барем уште една сезона?
„Имав неколку понуди и од Македонија и од надвор. Многумина разговараа со мене и сега имам такви разговори, луѓето се обидуваат да ме убедат во тоа дека јас можам уште да играм. И сам знам дека можам да играм, но проблемот е како!? Немам мотивација повеќе. Како играч сум направил некое име и не сакам тоа да си го погазам. Имав некои понуди од други македонски клубови, но јас сум играч на Вардар и тоа е тоа, сакав како негов ракометар да кажам крај. Знаете кога одиш во некоја земја и во некој врвен клуб, ти потпишуваш договор не само со клубот туку и со навивачите и со луѓе кои го сакаат и даваш 100 посто за него. Според мене потоа не можеш да отидеш во некој друг клуб од истата земја и да играш за него. Професионално да, но емотивно не, барем јас сум таков играч. Како што во Вардар дојдов на стартот на проектот, така беше и во Рајн Некар Левен. И во таков случај клубот е исто како бебе и никогаш не смееш да си ги „оштетиш“ децата. (се смее) Клубовите многу ми имаат дадено и благодарен сум на тоа и со ваквата верност се обидувам да им вратам. Тоа значи дека во Македонија сум само играч на Вардар, во Словенија на Целје, а во Германија на РНЛ. Никогаш во кариерата не сум играл во два клуба во една земја. И сега одам понекогаш на тренинг со момците, играм топка-пластика. Помагав на почетокот малку и затоа се и тие разговори дека можам уште да играм. Наш Јуре (кондициониот тренер на Вардар, Даниел Јуришиќ) секогаш ми вели зошто уште не играш? Одам и во вежбалница, одам и на натпревари, но истовремено внимавам и за себе и за екипата поради пандемијата, не сакам да наштетам никому, ниту себе си, одговорен сум.“
УЧИ ЗА РАКОМЕТЕН ТРЕНЕР, А РАБОТИ ВО ОДБОЈКАРСКИ КЛУБ
Ќерките се главната причина поради која Горбок останува во Македонија, но истовремено признава дека тука има убав живот и мир. Во Русија посетува семинари за да добие ракометна тренерска лиценца, додека во Македонија веќе волонтира како кондиционен тренер во одбојкарскиот клуб Јанта Волеј Форца, во кој тренираат неговите ќерки.
„Убав ми е животот во Македонија. Имаме мир, го сакам и времето, а и децата тука одат на училиште, имаат друштво, тренираат одбојка и среќни се. Тоа е главната причина поради која останавме во Скопје. Сега ни се создаде проблем, затоа што летово тие беа на кампот на олимпиското училиште во Москва и една од ќерките, Сара, тренерот ја бара за да влезе во репрезентација, додека другите две треба да минат низ уште филтри. На зима потребно е сите да сме во Москва. Тоа е проблем како ќе избалансираме меѓу училиштето и спортот.“
Сергеј дома има три потенцијални руски репрезентативки во одбојка!?
„Да, да… Гледам потенцијал, но не ги форсирам, во моментов училиштето е на прво место. Ние со Вероника сме тука само да ги насочиме, а изборот е нивни. Почнав да помагам во одбојка, работам како кондиционен тренер во Јанта Волеј Форца, клубот во кој ми тренираат ќерките. Интересно ми е затоа што никогаш не сум работел како тренер, а и знам толку работи од ракометот, а сега ги гледам од поинаков агол. Можам да кажам дека во клубот правиме мали, но правилни чекори напред.“
Дали тоа значи дека наместо ракометен тренер ќе бидеш одбојкарски?
„Не значи тоа ништо! Само дека имам време и наместо да се излежувам по дома или да седам во кафеана, избрав да волонтирам во клубот, да помагам и да го проверувам моето знаење и да соработувам со други тренери. Секако дека знам повеќе ракомет, но сакам и општо да знам за спортот. Во Русија учам за ракометна тренерска лиценца. Завршив со Модул 1, ми остана Модул 2, но поради пандемијата малку се пролонгираа работите. Мене ми е важно да ја земам дипломата, па после ќе видиме дали ќе работам во ракомет или во некој друг спорт. На овој начин и се обидувам да се посветам малку и на ќерките и на тоа што нив ги прави среќни.“
ВАРДАР ЗА МЕНЕ Е ПОВЕЌЕ ОД КЛУБ
Приказната за Сергеј Горбок и Вардар официјално започнува во 2014 година, за потоа во 2016 да замине во Пик Сегед и две години подоцна одново да се врати во Скопје и тука да го достигне и врвот на кариерата, освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во 2019 година.
„Можам само да му се заблагодарам на Сергеј (Самсоненко) што ме зеде во Вардар, што бев дел од еден проект, кој ќе биде запаметен од целиот ракометен свет. Со сите услови кои ги понуди Вардар порасна во еден од најдобрите клубови на светот. Многу клубовите даваат пари и вложуваат, но ја немаат визијата и го немаат она внатре. Моето познанство со Сергеј е од Германија, каде тој има тениска академија, а јас играв во РНЛ и таму разговаравме. Потоа дојдов да гледам Вардар – Металург, онаа прва сезона кога беа во иста група во Лигатана шампионите и кога во ’Борис Трајковски’ имаше жестока атмосфера, ’летаа столчиња“ меѓу навивачите, темперамент, хаос… Колку што ми беше чудно и интересно, толку бев и изненаден, иако слична атмосфера имав видено и во Целје. И во Германија имаа полни сали, ама таму се е на мирно ниво. Дојдов во Скопје и кога се градеше салата, само што ги имаа поставено темелите, а Сергеј ми вели за девет месеци ова ќе биде готово. Не ми се веруваше ама навистина така се случи. Генерално Сергеј имаше визија, сакаше да направи нешто со екипата и се даваше максимално во проектот и затоа таков беше и фит-бекот, позитивниот бонус се двете шампионски титули во ЛШ. За мене кога дојдов беше чудно што Сергеј доаѓаше на тренинзи и на кафе со играчите, се однесуваше како да е дел од екипата. Претходно немав видено ниту еден претседател на клуб кој има таков однос со своите играчи. Нему му беа важни и играчките квалитети, но пред се кој си и каков човек си, барем јас така мислам. Ние сите сме дојдени од различни страни, различни земји и со различни карактери, ментално се разликуваме, но кога си едно – екипа, ти се жртвуваш за еден, тој за друг, трет за тебе, даваш рамо за да го кренеш човекот и коцка по коцка се прави тоа, јадрото на екипата. Тоа не се случува преку ноќ… Некои си заминаа, некои останаа, но јадрото и натаму е црвено-црно. Не сите играчи, но повеќето кои заминале од Вардар во последниве седум години знаат дека кога одново би се вратиле би биле како дома. Луѓето кои му дале на клубот, знаат дека и клубот секогаш ќе биде тука за нив. Затоа велам дека не жалам што не се пензионирав пред полна сала и со аплаузи, не ми е потребно тоа! Знам дека сум таму, во јадрото, дека сум дел од тимот и тоа е доволно за мене“, потенцира Горбок.
Тогаш зошто замина од Вардар по само две сезони?
„Во тој период имавме многу леви бекови, а и јас сакав поголема минутажа. Преговаравме со Вардар за продолжување на соработката, и не сакав да заминам, но дојде до некое недоразбирање, постоеше некоја временска рамка до кога треба да добијам одговор, од друга страна и Пик Сегед постави време за кое треба да кажам дали ја прифаќам понудата и во некоја таква ситуација потпишав договор со нив на две години. Прифатив само две години затоа што отидов сам, семејството ми остана во Скопје. Многумина се шегуваа со мене тие години дека како играч на Пик Сегед во две сезони немав одиграно ниту еден меч против Вардар во Скопје, но вистина е дека така се погодуваше да бидам повреден кога и да требаше да гостуваме во ’Јане Сандански’. Пик Сегед беше добро искуство за мене, Пастор ми даде една поинаква перспектива на мојата игра, го освоивме и унгарското првенство, а потоа заедно со Скубе се вративме во Вардар. Се вратив затоа што семејството ми беше тука, а Вардар го чувствував како дома. Тоа е малку повеќе од клуб за мене.“
БЕЛОРУСИН КОЈ ИГРА ЗА РУСИЈА
Интересно е што за едни Сергеј носи презиме Горбок, за други Харбок, но тоа е всушност прашање само на транскрипција. Како руски репрезентативец и во рускиот пасош стои со Г, додека во белорускиот е со Х.
„И едното и другото се точни. Се зависи само како го толкувате презимето на руски или на белоруски јазик“ – се пошегува Сергеј.
Вели дека се чувствува како Белорусин, роден е во Минск и неговиот татко има потекло од таму, додека мајка му е Русинка. Иако долги години е белоруски репрезентативец, по некое време се одлучува да направи промена. Секако ни ги објасни и главните причини за тоа…
„Имав многу проблеми со Федерацијата на Белорусија. Мислеа дека лажам кога за некои собири откажував поради повреда, имаше и некои манипулации. Потоа дојде нов претседател уште во времето кога играв во Целје, се договоривме и се вратив во репрезентацијата и тогаш Белорусија за првпат обезбеди пласман на ЕП во Норвешка. Потоа заминав во Германија и кога играв за РНЛ ги добив ќерките кои се тројка близначки. Кога имаа осум месеци беа болни и тие и мојата сопруга, а тоа се погоди во исто време кога требаше да заминам со репрезентација. Немав на кого да ги оставам во Германија, а претседателот на Федерацијата немаше разбирање за тоа, дури и направи некоја споредба дека семејството не е толку важно како националниот тим. Потоа разговорот доби поинаков тон, со навреди и неубави зборови и тука ставив крај. Потоа имав низа проблеми и три години бев без репрезентативен настап. По мојот трансфер во Чековски Медведи, разговарав со Максимов, а потоа поттикнат и од некои членови на фамилијата одлучив да ја прифатам понудата од Русија и да играм за нив. Мајка ми е Русинка, татко ми е Белорусин, се чувствувам како Белорусин, но сакав да играм за некој национален тим. Многу работи се измешани во моето семејство. Беше интересно и тоа што пола семејство беше разочарано кога прифатив да играм за Русија, пола беа среќни, но не можев за сите да бидам добар.“ (се смее)
СЕКОЈА СЕЗОНА СЕ ОТКАЖУВАВ ОД РАКОМЕТ
Од неговиот прв тренер Николај Жуг, па до Роберто Парондо, Горбок вели дека од секој научил по нешто и дека најголема заслуга што денеска е тоа што е, ја има Жуг. Интересно е дека филозофијата по која се водел е „брзај се полека“.
„Од секој тренер во кариерата имам научено по нешто, но најмногу од мојот прв тренер Николај Жуг. Нему сум му и најблагодарен, немаше да останам во ракометот да не беше тој. Јас од 16 години секоја сезона ја завршувам кариерата, само што не ми дозволуваа (се смее). Од првиот пат кога бев на подготовки со репрезентација имавме страшно тешки тренинзи, ми се тресеа колената. Бев работник, можеби имав некој талент, но не верував во себе на тој начин на кој тие веруваа во мене. Потоа ми се наметна филозофијата „брзај се полека“. Знаете за професионалните спортисти кусо е времето во спортот и ти можеш да брзаш да стигнеш на врвот, но треба полека да ги правиш чекорите во тој правец. На почетокот не го сфатив тоа, но потоа кога пораснав таа мисла ми стана многу јасна.“
ИМАВ ЛОШ КАРАКТЕР И БЕВ ИМПУЛСИВЕН
Горбок изненади со тоа што призна дека имал лош карактер кога бил помлад играч, но дека како минувал низ различни средини така и карактерно се менувал и развивал.
„Во кариерата не жалам за ништо. Благодарен сум што секогаш сум имал најмалку три опции и сметам дека секогаш сум го правел вистинскиот потег. Не сум размислувал никогаш на тоа што ако одберев вака или ако постапев онака. Го правам изборот и се држам за него. Денеска изгледам позитивен и отворен, но факт е дека станав ваков низ годините, претходно имав лош карактер. Бев многу импулсивен, без нередовен на тренинзи, доцнев, се карав со тренерите и тоа траеше до 30 години. Кога ќе се погледнам каков сум бил тогаш, катастрофа! Можам само да им се извинам на сите за моето однесување, но ако треба да се вратам назад најверојатно би бил истиот затоа што во спротивно немаше да стигнам таму каде што сум денеска (се смее). А низ годините и преку тренерите се развивав… Каменица во Целје ми даде некоја слобода и ми го пренесе балкански дух (затоа и многумина ми велат дека сум Балканец, а не Белорусин) и ме научи како да ги користам емоциите. Во Германија научив на трпеливост, во Русија со Максимов научив за авторитет. Потоа во Вардар Раул две години ми ја ’полнеше главата’ со шпанскиот систем, кој мислам дека конечно го сфатив кога отидов да работам со Пастор во Сегед, како одеднаш да ги отворив очите. Парондо знаеше на еден поинаков начин да ни пристапи, со комуникација… и кога ќе се погледнат резултатите, сè е јасно.“
СЕКОЕ МЕСТО Е ДОМ АКО СЕ МОИТЕ ЧЕТИРИ ЖЕНИ ДО МЕНЕ
Белорусија, Русија, Словенија, Македонија, Германија… Каде Сергеј најмногу се чувствува дома?
„Тоа ми е најтешко прашање, можам да кажам секаде! Најважно ми е моите четири жени да се до мене. Секако Минск е на прво место целото детство ми е минато таму, мирисот, сеќавања… И со Русија е исто. Словенија, Македонија и тоа е дома. И Германија исто, таму Вероника која е полу-Германка веднаш се вклопи, мене ми беше потешко. Јас сум роден во Советски Сојуз и навикнат сум на турбуленции, на подеми и падови, а во Германија животот е убав, но знаеш дека како што е денеска, така ќе биде и за 30 години, а јас не сум навикнат на таква монотонија, се да биде така добро и убаво (се смее). Реков и претходно, јас сум среќен човек, еве дури можам да кажам имам многу мали домови.“