ИНТЕРВЈУ РИСТО ЧОКРЕВ: Вардар во Европа го направи она за што Металург сонуваше

Најголема клупска легенда кога станува збор за РК Металург несомнено е Ристо Чокрев. Човекот, кој повеќе од 40 години (20 како играч и нешто повеќе од 20 години во раководните структури) има минато во тимот од Автокоманда. Од лево крило и предводник на „металурзите“ како ракометар, преку ентузијаст кој го одржува во „живот“ клубот во периодот на осамостојувањето, до претседател кој може да се пофали дека бил прв човек на екипата во нејзините најголеми успеси во историјата – сето ова го врзува Чокрев со Металург.

Во јануари 2015, кога е „почетокот на крајот“ на Металург кој блескаше во Европа, тој заминува од клубот. И ден денеска за Металург вели дека е „негов клуб“ и се радува на успесите на момците од „Автокоманда“, но има и нова мисија – Јуниор Кисела Вода.

Чокрев во последните четири сезони пишува нова ракометна приказна и работи на креирање на нов бренд, за кој вели дека е уште проект во развој. Идејата беше да тргнеме од сегашноста и да се враќаме полека наназад, на сето она што го оставил зад себе со својата работа и придонес, пред сè во Металург, но едно е замислата, а друго е кога ќе почне да тече разговорот. А, тој нè врати директно на Металург и директно во „целта“…

„Металург според мене е жртва на Вардар. Ние со Вардар бевме големи ривали и од тоа ривалство најмногу просперираше ракометот во Македонија. До доаѓањето на Сергеј Самсоненко во Вардар, Металург беше неприкосновен. Предводени од Лино Червар  редевме успеси, освојувавме шампионски титули во Македонија, растевме во Европа, додека Вардар беше во подредена ситуација. Потоа работите се сменија. Спонзорот Минчо Јорданов не продолжи да го финансира клубот на ниво како претходно и со тоа им даде шанса на Самсоненко и Вардар да се издигнат. Првата сезона со Вардар како шампион и со Металург со толку голем рејтинг во Европа за со вајлд-карта да игра Лига на шампиони – тоа беше добро за македонскиот ракомет, но не и за нас. Металург го ’нападнаа’ проблеми, додека Вардар продолжи да расте. Кога првата година се пласираа на Ф4 мислев дека тоа е врвот. Но тие не само што играа во Келн, туку и ја освоија и титулата. А, две години потоа одново се вратија на Ф4 и одново станаа европски шампиони. Алал да им е за тоа! Без разлика на сè, тие се македонски клуб и јас се радувам за нивниот успех. Но од друга страна жалам, затоа што сè она за што работевме и што му беше сон на Металург го оствари Вардар. Нашиот најголем ривал го постигна тоа кон што ние целевме и двапати не успеавме да го постигнеме (мислам на двете одиграни четвртфиналиња). Кога дојде Самсоненко во Вардар беше непознаница за нас, но уште на оној прв меч во Лигата на шампионите таа сезона кога бевме заедно во група, ми стана јасно дека Вардар доби спонзор кој не бира сретства и сака успех одма и сега. Силен Вардар, заедно со силен Металург – мислев дека тоа ќе биде добро за македонскиот ракомет, но од друга страна ја почувствував опасноста дека Вардар ќе си дојде на она што порано бил на домашна сцена, а дека Металург ќе го загуби приматот. И така и се случи“ – објаснува Ристо Чокрев како гледал на периодот во кој Вардар почна да се издигнува, а Металург да паѓа на европската ракометна сцена.

Чокрев го води клубот како претседател во тој период, но и од денешна перспектива нема конкретно објаснување зошто ’падна’ тој шампионски Металург. Дали е тоа сплет на околности, политички игри…

„Тука ми е задршката. Има многу теории на заговор, а ако ја знаев точната причина ќе ја кажев. Што се однесува до моментот со политиката, неа секогаш сум ја ставал дека е некој фактор за да даде поддршка за спортот за тој да оди напред. А, во овој случај баш затоа што е нејасно вмешана и политиката. На кој начин не знам. Не навлегувам во тоа дали и кој стоел зад Самсоненко. Тој изгради сала, создаде услови кои ни ракометари на Барселона ги немаат. Сакам да ја гледам позитивната страна, а тоа е дека се давале пари за спортот, а со тоа македонскиот ракомет стигнал на ниво кое претходно било незамисливо. Можеби Минчо едноставно не сакал да продолжи со финансирање затоа што врвниот ракомет бара многу пари, а фит бекот беше никаков. Сега малку се сменија работите со спортскиот ваучер. Можеби се изморил од сите давачки. Металург треба да му крене споменик на Минчо, затоа што клубот постоел и пред него, но она што го постигна како врвни резултати за нашите простори ги постигна со негова помош, а и ден денеска клубот функционира и опстана, и не згасна комплетно од ракометната мапа.“

СТАНАВ НЕМОЌНА ФИГУРА, ЗАТОА ЗАМИНАВ ОД „АВТОКОМАНДА“

Популарниот Чокре имал привилегија да го води Металург во време кога „жареше и палеше“ низ Европа. Од анонимен скопски клуб стигна до најдобрите осум во најсилното клупско натпреварување во светот. А, потоа само година дена откако ја прослави јубилејната 40-годишнина од работата во клубот, си замина.

„Проблемите со играчите почнаа пред моето заминување, а таа ситуација продолжи и по мене. Нашето разидување беше наметнато од ситуацијата. Јас веќе бев немоќна фигура во сето тоа. Сите договори со играчи беа потпишани од мене и на некој начин чувствував некоја вина во сета работа дека не можам да ги исполнам обврските кои беа ветени кон играчите. Кога ќе се случи беспарица тогаш настануваат и проблемите и кавгите и едноставно Минчо Јорданов сметаше, или барем јас така мислев, дека ние треба да се повлечеме (старата гарнитура), а тој да превземе. Разделбата беше пријателска, Металург ќе биде секогаш мој клуб, целиот живот ми мина таму. Тогаш се случуваше и трансформацијата во АД и така се совпаднаа работите. Во некои првични преговори целата администрација требаше да влезе во тоа АД, но кога се случуваше трансформацијата голем дел од работите не се остварија. Болно ми беше тоа дека нема да продолжам со клубот. Бев убеден дека поради некои мои недоразбирања со Минчо, па можам да кажам и Лино, на кој му бев голема поддршка како логистика и тренер, се случи тоа. Од друга страна Лино не беше само тренер, тој беше повеќе од тоа и неговиот директен контакт со Минчо создаде еден вакум каде мојот авторитет што сум го стекнал во клубот веќе не беше на сила, со тоа се загуби и целата смисла и хиерархија и јас се повлеков“, објаснува Чокрев и додава: „Имав привилегија да го водам клубот во период кога ги постигнал најголемите успеси и менаџирав со сериозен буџет, кој бил основа за сето тоа. Верувам дека и моите следбеници да ги имаа истите услови, а да не направеа ништо ќе можеше да им се замери, но тие влегоа во сосем поинакви услови, од кои јас си заминав. Видов дека нема да имаме моќ да го следиме Вардар во тој процес.“

НЀ БЕВМЕ ДОВОЛНО МОЌНИ ЗА ДА СТИГНЕМЕ ДО КЕЛН

Металург во времето на Ристо Чокрев растеше како бренд, беше прогласен за најорганизиран спортски колектив во Македонија, имаше стабилен спонзор, финансии, екипа која можеше да се носи со секој во Европа, но иако двапати играше во четвртфиналето во Лигата на шампионите, никогаш не го виде Ф4 во Келн.

„Секогаш велиме за малку недостасуваше, ама тоа никогаш не беше малку, беше многу. Целевме кон тоа да направиме екипа, имавме светски тренер. Со доаѓањето на Лино Червар како светски познат стручњак Металург доби многу затоа што со самото негово присуство од анонимен клуб нè лансираше на европската ракометна мапа. Креирањето на брендот Металург започнува од присуството на Лино, потоа со европските успеси, рејтингот на шестото место во Европа, тоа е заслуга на тренер, на играчи, на логистиката. Желбата беше да се игра на Ф4, но најверојатно тогаш не бевме доволно моќни да се најдеме во Келн.“

МЕТАЛУРГ ГО ЗАГУБИ ЈАДРОТО – СВОИТЕ ДЕЦА

Единствената работа за која Чокрев смета дека е грешка на Металург, е што клубот не ги задржа своите деца. Поточно македонските репрезентативци кои сега го превземаат приматот во националниот тим, а растеа во Академијата во „Автокоманда“ и низ кадетската и младинската селекција на Македонија, а врвот го имаа на СП во Алжир.

„Металург пред десет години беше показател како треба да функционира еден клуб и според мене тој требаше да продолжи да работи со Академијата и да вади играчи. Таквиот систем на работа беше причината што Металург ’преживеа’ и по крахот, а можеше и сега таа смена на генерации да биде безболна. Металург сезонава направи напор да се засили, но тоа не го гледам како нешто добро. Клубот ги загуби своите деца, некои заминаа во Еурофарм Пелистер, Талески прерано замина во Германија, сега се врати во Вардар и има проблем затоа што тоа не е негов клуб и жал ми е затоа што тој е еден од оние играчи кој треба да биде замена на оние во залез во репрезентацијата. Секој клуб има свои проблеми, но она од што Металург не смееше да се откаже и да се обиде со сите сили да го задржи е јадрото со младите и замислата сите репрезентативци на Македонија да ги имаме во тој клуб. Луѓето кои сега го водат Металург, донесоа странски играчи и квалитетот треба да се види допрва и која е нивната цел со овие потези. За жал со пандемијава ништо не е нормално и се загуби и убавината и визија да се направи нешто добро, па затоа ќе мора да почекаме да видиме што ќе излезе од овој сегашен Металург.“

ЗАМИНУВАЊЕТО НА БОРКО И СТОЛЕ Е ГРЕШКА НА КЛУБОТ

Металург во времето на Чокре важеше и за клуб-репрезентација, затоа што главната сила на националниот тим доаѓаше од „Автокоманда“, со поддршка на Кирил Лазаров и Борко Ристовски како интернационалци, и Столе Стоилов од Вардар. Но и Борко и Столе биле играчи и на Металург, а нивното заминување Чокрев го смета како грешка на клубот.

„Со Вардар бевме големи ривали, а кога си во ривалство, не се бираат средства. Меѓусебно си земавме играчи, со тоа се обидувавме да си покажеме сила едни на други. Но, заминувањето на Борко Ристовски од Металург, како и на Стојанче Стоилов, кој е дете на Металург, од наши редови стана македонски репрезентативец, тоа е грешка на клубот. Борко беше и е неспорен квалитет, неговата кариера го потврдува тоа. Но, тој не признава авторитет и не сакаше да прифати некои методи на Червар. Тоа е однос меѓу тренер и играч, но кога се разви во конфликт Борко беше жртвата. Минчо беше тој кој одлучуваше дали ќе замине Лино или Борко, а тренерот веќе ги имаше поставено работите во правец во кој требаше да се развива клубот. Истото се случи и со Столе Стоилов, капитенот на Вардар, со сите титули е голема грешка на Металург што го пушти да си замине. Столе е дете на Металург и според мене заминувањето на Столе во Вардар беше лош потег на клубот. Дозволивме наше дете да замине, но тука одново беше ситуација или Столе или Лино. Јас се трудев до последен момент Столе да остане, но Минчо го поддржа Лино и тука бев немоќен“, се потсетува Чокрев.

МЕТАЛУРГ БЕШЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВНА БАЗА

Ристо Чокрев имал шанса на двапати да ја извршува и функцијата спортски директор на А националниот тим, а истата улога ја има и со кадетската репрезентација кога генерацијата на Талески, Кузмановски, Томовски, Велковски… ќе се пласира на ЕП 2014 во Полска. Она што со голема гордост го потенцира е дека Металург беше базата на репрезентацијата тогаш, но создаде генерација која чека да ја превземе лидерската палка во сениорскиот тим сега.

„Кога Металург почна со клупските успеси Михајло Михајловски беше директор на репрезентација, а потоа тој стана претседател на РФМ, додека ние ја превземавме работата со националниот тим. Минчо Јорданов стана координатор на сите репрезентации, а јас бев спортски директор кога се постигна дотогаш најголемиот успех на СП 2009 во Хрватска, кога го освоивме 11. место. На тоа сум особено горд и тоа е заслуга која си ја препишувам и на себе и на Металург, кој беше база на македонски репрезентативци. Прво со нив се пробивме како репрезентација на европската мапа, а потоа на ЕП 2012 во Србија, кога го освоивме петтото место во тимот имаше дури 12. ракометари на Металург. Заедно со Панчевски бевме на СП 2015 во Катар, кога Македонија заврши деветта, а потоа избори и олимписки квалификации. Потоа од нашата Академија излезе и генерацијата на Талески, Кузмановски, кои пак во Алжир ни го донесоа најголемиот успех, шесто место на еден Мундијал. По Катар се разидов со Металург, но Мукаетов ми даде шанса да бидам директор на кадетската селекција, која тогаш се пласираше на ЕП во Полска, а тоа беше тим со основа од Металург Јуниор и воден од Ацо Јовиќ… Звучам нескромно, но Металург даваше, а и во следните десет години ќе дава во националниот тим.“

ЈУНИОР ОД РАСАДНИК СТАНУВА СУПЕРЛИГАШ

Во целата приказна не смее да се заборави и Металург Јуниор, клуб, кој во 2007 година е создаден на иницијатива на Ристо Чокрев. Тоа е посебен субјект, чии потписник е тој и кој беше расадник за првиот тим на Металург. Потоа одредено време е во мирување, за сега да го знаеме како Јуниор Кисела Вода, дел од суперлигашкото друштво.

„Металург Јуниор е создаден на моја иницијатива и јас сум основач и потписник. Креиран е во 2007 година и замислата беше да се направи добра селекција од кадетски и младински играчи кои ќе играат таму и ќе се развиваат додека чекаат место во првиот тим на Металург. Одлична екипа која настапуваше во Првата лига, играше и полуфинале на Куп, обезбеди место во Суперлигата. Кога се разделував од Металург во тоа бунило комплетно го заборавив клубот. Потоа на иницијатива на Ванчо Димовски и Андон Бошковски влегов да помогнам во Работнички, тие имаа некоја визија како најстар клуб, скопски нешто да се помогне. Предводник беше Ванчо, ние направивме добра екипа која имаше одлична полусезона, бевме први во Суперлигата, но најавите за превземање на спонзор не се исполнија. Сето она што се договараше не се оствари и едноставно приказната за Работнички остана на лед, се повлекоа Ванчо и Доне, а јас некако се разочарав и сакав комплетно да се повлечам. Поттикнат од Благојче Весиќ како тренер и Илија Чокрев добив идеја да го реактивирам Металург Јуниор. Во тоа време Металург веќе го оформи Металург 2, додека Јуниор како субјект остана во мирување. На нивна иницијатива и со поддршка на другари и симпатизери на ракометот, клубот влезе во Прва лига. Стартувавме една сезона како Металург Јуниор, со помош и поддршка од општината Кисела Вода и со млада екипа. Следната сезона веќе го сменив името во Јуниор Кисела Вода затоа што не сакав некој да мисли дека му мислам лошо на Металург или сакам да му наштетам со користење на името. Имавме две одлични сезони во Прва лига во кои за малку ни побегна пласманот во Суперлигата, а потоа се случи пандемијата, проширувањето и административниот влез во Суперлигата.“

ПОМОШТА НА МАГДИНЧЕВ ЌЕ БИДЕ ЗНАЧАЈНА

Клубот во својата четврта сезона ќе се бори за опстанок во најсилното друштво, а во интересен сплет на околности доби и засилување на клупата – стратегот Ристо Магдинчев, кој заедно со Весиќ ќе имаат за задача да го задржат суперлигашкиот статус во плеј-аутот на пролет.

„Претходните години, како клуб во формирање, работевме на тоа организациски и играчки да бидеме стабилни, а потоа да бркаме успех. Според мене проширувањето на Лигата сезонава е добро, не затоа што ние влеговме, туку затоа што во овие лоши, ковид-услови, успеваме како-така да функционираме и покрај сите прекини. А, во еден од тие ковид-паузи, се случи тренерот Благојче Весиќ да се зарази и болеста да се развие во посериозна форма, што нè остави месец дена без тренер. Бевме принудени да бараме тренер и јас се сетив на Ристо Магдинчев, кој ми е голем спортски пријател, име и презиме во македонскиот ракомет и го повикав да ни помогне. За него како стручњак сум имал добро мислење и на некој начин грубо кажано го искористив пријателството, почитта која ја имав за да ни помогне. Прифати, беа со Благојче во контакт цело време, играчите добро го прифатија. Тој искусно настапи, со поинаков пристап и дури и со некомплетна екипа успеја да врзе неколку победи. Весиќ ја прифати ситуацијата затоа што имаше здравствени проблеми и вистина не можеше да работи со екипата. Во план беше тој да добие поддршка од некој искусен тренер, како ментор, а сега и ситуацијата наложи Магдинчев тренерски да се вклучи. На пролет ќе играме плеј-аут и целта е да останеме во Суперлигата. Ќе се обидеме со две-три засилувања да се избориме за опстанок во најсилното друштво, иако нема да биде трагедија и ако испаднеме. Ова е проект на долги патеки, нема форсирање и се надевам дека ќе успееме да прераснеме во еден стабилен добар суперлигаш со амбиции да се развива и во европски рамки.“

ВО КЛ7 Е ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ

Како „стар лисец“ во оваа работа го прашав Чокрев ако претходно Металург бил „базата“, во која клупска средина сега ја гледа иднината на македонскиот ракомет, со оглед на тоа дека сите клубови работат во едни тешки, ненормални, пандемиски услови.

„КЛ7 – според мене како клуб, иако не успеаја да се најдат во плеј-офот, се еден од поорганизираните клубови во Македонија, дури не заостануваат ни зад овие водечките. Поставени се квалитетни кадри со Бошковски и Црвенковска како тренери, финансиски стабилни и организациски силни. Ме потсетуваат на Академијата на Металург, па и на Вардар со неговите младински школи, но од овие средини играчите се распрскани, не успеајаа да ги задржат. По потезите и ангажманот верувам дека Кире е расположен да се посвети на клубот по завршувањето на кариерата и токму затоа тука ја гледам иднината на македонскиот ракомет. Ако КЛ7 продолжи со ваков начин на работа, без да ги омаловажам Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер, па и Охрид, кои имаат некои школи од кои не знаеме какви играчи ќе излезат, мислам дека тие се најперспективен клуб и приказна. Истото мислење го имам и за Работнички односно екипата што претходно беше Вардар Јуниор која ја водат Пепи Манасков и Стојан Петрушевски.“