Еден од најистакнатите македонски интернационалци и поранешен репрезентативец, Радослав Стојановиќ, во последниве пет години успешно ја гради својата тренерска кариера во Македонија. Почетоците му беа во Металург 2, а во последниве две сезони го предводи РК Охрид, со кој по завршувањето на регуларниот дел од Суперлигата има 12-0 победи, скор со кој ретко кој може да се пофали последниве години.
Како основа за она што е денеска зад себе има 24 години играчка кариера (16 години интернационална) која расте низ десет земји и 18 клубови, за приказната да заврши во турски Трабзон во 2017 година. Стојановиќ е дел од екипата која на Пелистер му ја носи првата шампионска титула, играл и за Вардар и Металург, но врвот му е во словенечки Голд Клуб со кој ќе стигне до осминафиналето во елитата.
Раде е дел и од генерацијата која на СП 2009 година во Хрватска, ќе ја врати Македонија на големата сцена, но по една деценија во националниот дрес тоа за него ќе биде прво и последно големо натпреварување. Од еден од клучните играчи во А-тимот, инцидентот кој на Мундијалот ќе го има со тогашниот селектор Илија Темелковски неофицијално ќе стави крај на неговата репрезентативна кариера.
„Од кадетска преку младинска па се до А репрезентација растевме заедно со онаа генерација која ни донесе континуитет на големите натпреварувања, а со која во ’99 за СП во Египет на неполни 20 години за прв пат се најдов на поширок список. На тоа првенство само Лазаров и Ангеловски отпатуваа, но потоа станав константен репрезентативец со неколку мали прекини во зависност од тоа кој беше селектор, а за таа деценија (до 2009) многу селектори се сменија. Имам околу 80 настапи за националниот тим и сум дал доста добри партии за Македонија, не само таа која не однесе на СП против Исланд. Мислам дека бевме зрели тогаш. Повеќето од нас игравме во странство, јас имав веќе девет години интернационална кариера и беше само прашање на време кога ќе се вратиме на едно големо натпреварување“, се потсетува Раде Стојановиќ и продолжува: „Инцидентот со селекторот Темелковски нема да го коментирам. Знам дека имаше негова изјава, но ако ја кажам мојата страна од приказната мислам дека многу суети ќе бидат повредени и тоа ќе повлече лавина на реакции и затоа тој момент ќе го оставам зад мене. Го прифаќам тоа како моја вина и моја одлука. Подоцна имаше два-три обиди да се вратам во репрезентацијата, но не се најдов повеќе во таа приказна и комплетно се насочив кон клупската кариера и не жалам за тоа… Секако дека можев да помогнам на репрезентацијата, особено во моментите кога имаше многу повредени, иако од денешна дистанца не може да се каже како сето тоа би изгледало или би се одвивало. Единствено ми е жал што таа генерација не одигра едно полуфинале на големо натпреварување кое мислам дека го заслужуваше.“
Дали ти недостасува тоа што никогаш официјално не си се простил од репрезентацијата?
„На последното собрание на РФМ добивме некои благодарници за заслужни во ракометот и мислам дека ако доделувањето на тие благодарници се случи на некој натревар на националниот тим тоа ќе биде добар потег на РФМ, а за мене најдобар начин да ја заокружам играчката кариера. Паметам дека Кошаркарска федерација имаше таков гест, на еден меч на репрезентацијата повика 10-12 заслужни кошаркари и ја потсетија јавноста на нив. Сега поради пандемијата работите се поинакви, но мислам дека еден таков гест од РФМ би бил многу убав, а верувам дека и би им значел на сите.“
НАЈУБАВИТЕ ГОДИНИ ГИ ИМАВ ВО СЛОВЕНИЈА
Од 14-годишно момче чии почетоци се преку училишна селекција и матичниот клуб Повардарие, Раде ќе биде дел од златната генерација на Пелистер, а потоа најубавите години во својата кариера ќе ги мине во Словенија каде настапувал за Тримо Требње, Горење и тимот во кој ги има најголемите успеси – Голд клуб.
„Во Словенија ги минав најубавите години, а и најдолго се задржав таму. Во Тримо ми почна интернационалната кариера, потоа Горење, а врвот беше Голд клуб. Стигнавме до осминафинале во Лигата на шампионите каде загубивме од Портланд Сан Антонио, тие тогаш беа многу силен тим, кој ако не се лажам стигна до финалето. Таа сезона во Голд клуб во првиот дел бев во топ-10 најдобри стрелци во ЛШ, со околу 50 погодоци. Ако има некои моменти во кариерата на кои со задоволство се навраќам тоа се тие. Паметам кога постигнав гол од пенал во Целје за нерешен резултат и со тој бод бевме втори и обезбедивме пласман во Лигата на шампионите – тоа ми е најдраг момент во кариерата. Во сезоната 2006/2007 бев најдобар стрелец во Словенија со над 200 гола. Станав почесен граѓанин на Хрпеље Козина, двапати бев избран за најдобар спортист на таа општина и сум еден од оние кои се запишани во книгата за 60 години ракомет во Козина. Во Голд клуб сум петти најдобар стрелец во историјата на клубот, за пет сезони таму имав постигнато над 1.050 погодоци. Бевме освојувачи и на Купот на Словенија, навистина убави денови“, се потсетува Раде и додава: „Во тоа време имав и еден потег во кариерата за која се прашувам дали е правилен или не? Имав понуда од француски Кретеј на три сезони, со спремен договор, но во последен момент се одлучив да останам уште две сезони (последните) во Голд Клуб. Не знам во кој правец ќе ми се одвиваше кариерата ако го направев тој трансфер.“
Потоа ракометот го води насекаде – Норвешка, Шпанија (Октавио), Белорусија (Мешков Брест), Катар, Либан… Има освоено и второ место во азиската Лига на шампиони. Дома, пак, игра за Вардар и Металург во Лигата на шампионите.
„Со мали прекини 16 години градев интернационална кариера, но се враќав и дома. Покрај шампионската титула во Пелистер со соиграчи кои го правеа костурот на репрезентацијата – Лазаров, Ангелов, Мисовски, Марковски, Алушовски, Зарков, потоа играв и во Вардар и во Металург во Лигата на шампионите. Во Металург доаѓам во период на турбуленции, во 2015 година, кога се вратив од Израел. На нив им требаше помош, и иако тоа беше тежок период за клубот, за мене беше предизвик. Играа ЛШ, јас веќе бев и повозрасен, поискусен, сакав да го пренесам искуството на помладите играчи кои беа тогаш во тимот, да видат како работи еден професионалец – Талески, Велковски, Манасков, Нелоски во тој период ми беа соиграчи. Морам да го споменам и Зомимак, тоа е првата екипа од Македонија која обезбеди пласман во групната фаза од Европската лига (тогашен ЕХФ куп). Ги елиминиравме Данците за пласман. На четири натпревари имав 32 гола, а во клучниот меч постигнав 13 погодоци.“
Сè што минал во кариерата е подготовка за она што е денеска – тренер.
„Минав низ многу ракометни школи – најдобрите клубови во Македонија, Словенија, скандинавските простори, Блискиот Исток, различен менталитет, различен пристап и поглед на играта, различни култури… Но тоа ме направи она што сум денеска и мислам дека сето собрано искуство добро го пренесувам на играчите. Со Даниловски и Манасков во Металург бев соиграч, а сега во Охрид имаме однос тренер-играч. Сите сме професионалци и секој си го знае местото на терен и надвор од него и среќен сум што успејав да изградам таква врска со моите играчи.“
ОХРИД НЕ ЗНАЕ ЗА ПОРАЗ СЕЗОНАВА, ИМА 12/12
Раде Стојановиќ и неговиот Охрид имаа одличен регуларен дел од сезоната во Суперлигата и скор од 12 победи во 12 натпревари, па како непоразени го чекаат почетокот на плеј-офот.
„Мислам дека околностите ни го дозволија тоа. Во Охрид на двапати имаше бран на коронавирус во клубот, но имавме само по четири-пет играчи, не ја зафати целосно екипата и останатите беа во тренажен процес. Ја искористивме таа можност и испишавме една историја во Охрид. И претходно клубот покажал дека е стабилен суперлигаш, кој го заслужува местото каде што сме сега и ќе се обидеме да направиме чекор напред. И претходната сезона и оваа целта на Охрид е пласман во еден од европските купови, само што сезонава верувам дека ќе имаме и потежок пат. Плеј-офот сигурен сум дека ќе биде еден од најсилните во последниве години, ако не и најсилен на поранешните ју-простори, со интересна завршница и неизвесен до крај.“
Бодовно Охрид и лани имаше шанса за Европа, но се случи пандемијата, прекин на првенството…
„Да точно, Охрид држи некоја константа. И лани бевме на вистински пат, имавме одлични партии (го победивме освојувачот на Купот – Металург и имавме и еден нерешен дуел со нив) но короната ни застана на патот. За сите беше исто, со оглед на сè она што се случуваше моравме да ја прифатиме реалноста во која се најдовме и условите. Охрид се стреми секоја сезона да прави чекор напред, и сите во проектот од економ до раководството на клубот напорно работи, се вложува и досега беспрекорно фукционираме и затоа мислам дека заслужуваме да играме во еден од европските купови, а за повеќе ќе видиме. Ни требаат и многу финансии и многу работа за да можеме да се стремиме да им парираме на еден Вардар и Еурофарм Пелистер кои јасно ни е колку вложуваат за да играат во Лигата на шампионите.“
СОРАБОТКАТА СО ОХРИД ПРОДОЛЖУВА
Стратегот на Охрид во интервјуто сподели информација дека останува во клубот и следната сезона.
„Начелно е договорена соработка со Охрид и за следната сезона. Задоволството е взаемно. Јас имам поддршка и слобода да ја работам својата работа, а клубот е задоволен од мене и од тоа како целокупно се движат работите. Деновиве треба само да го официјализираме продолжувањето на договорот.“
НЕ МОЖЕ ЛИГА БЕЗ КВАЛИТЕТНИ СТРАНЦИ
Поради пандемијата Суперлигата сезонава доби проширување, а во моментов се работи на дефинирање на системот на натпреварување во иднина. На последното Собрание имаше и предлог лигата да биде без странски ракометари, но Стојановиќ кој во својот тим има четворица странци, не се согласува со тоа.
„Добро е што РФМ даде простор на некои клубови да играат во Суперлигата, но мое лично мислење е дека треба да се менува системот затоа што нивото и квалитетот на некои екипи не е за во Суперлига. Имаме по 16 тима во Супер и во Прва лига и би можело да се формира и Втора лига. Многу екипи имаат континуитет и со една распределба на клубовите низ трите лиги би го кренале квалитетот на Суперлигата која би броела 10-12 силни екипи, а тоа би значело и квалитетни и силни натпревари. Последните натпревари од Купот многу јасно ја покажаа разликата во квалитетот меѓу екипите во Суперлигата и Првата лига. Исто така сметам дека не може лига без странци. Можеби треба некои критериуми да бидат точно наведени. Многу години сум бил интернационалец во повеќе лиги и факт е дека квалитетните странски играчи не можат да и наштетат на лигата, туку само да дадат мотив плус и да го кренат нивото на лигата“, заклучува Стојановиќ.
РАКОМЕТОТ НЕ ДОБИ НИШТО ОД ПРИВАТНИТЕ ШКОЛИ
Интересен е ставот кој Раде го има кога станува збор за приватните ракометни школи.
„Јас сум против приватните школи. Ние не добивме ништо што се отворија толку приватни школи, и што се затворија, и во нив нема квалитет, туку квантитет. Сите се добредојдени и сите мора да играат затоа што плаќаат. Не може тоа да е така. Школа и Академија во склоп на клуб, од каде клубот потоа ги црпи тие играчи, тоа е друга работа. Таму се прави селекција, затоа што веќе од 12-13 години децата влегуваат во систем на натреварувања, а клубовите од тренерите бараат резултати, до кои можат да стигнат само ако имаат добра екипа и квалитет кој ќе ја оправда нивната работа.“
МЕТАЛУРГ СМЕТАШЕ ДЕКА НЕМАМ КАПАЦИТЕТ ДА РАБОТАМ НА ВИСОКО НИВО
Интересно е што тренерската кариера на Раде Стојановиќ тргнува токму од една таква Академија, онаа на Металург, од која заминува по три ипол години успешна работа.
„Во Металург 2 ја започнувам тренерската кариера во 2017 година на покана на претходното раководство на Металург. Првата полусезона му бев помошник на Александар Петровски и имам само позитивни впечатоци од таа соработка. Потоа две години работев и за тие три сезони трипати во низа бевме младински прваци на Македонија. Не знам на кој тоа му успеало од македонските тренери. Имав добра генерација – Танковски, Томовски, Даниловски, Јагуриновски, Димитриовски, потоа Серафимов, Младеновиќ, Костески – сите овие сегашни А-репрезентативци беа заедно со мене во тој период. Бев забележан од луѓето во Охрид на последниот Ф4 во младинска конкуренција кој се играше таму. Добив понуда, но прво сакав да разговарам со Металург, затоа што тоа беше клубот кој ми ја даде шансата да станам тренер. Како што растеше екипата така и јас мислев дека треба да сум дел од првиот тим во клубот, но актуелното раководство не го имаше истото мислење. Сметаа дека немам доволно капацитет и не сум созреан за тоа ниво на работа и не се најдовме во размислувањата, по што ја прифатив понудата на Охрид и мислам дека не згрешив. Дека потегот ми беше исправен само ми потврди тоа што Металург донесе, за мене, непознат тренер со кој имавме само слично презиме и кој беше грешка, затоа што се задржа само три месеци. Јас можам да му заблагодарам на Охрид што ми даде шанса.“
ВЕРУВАМ ДЕКА УШТЕ СУМ СЕЛЕКТОР НА ПИОНЕРИТЕ
Во 2019 година РФМ започна со селекција на генерацијата 2004/2005, а Стојановиќ беше поставен за селектор на оваа пионерска репрезентација, со која имаше и една мини-акција. Раде верува дека и покрај промената на селекторската позиција Кирил Лазаров го наследи Данило Брестовац, дека тој ќе продолжи со работа со пионерите.
„Мислам дека се уште сум селектор на пионерската репрезентација. Немам најава за смена, а и не гледам причина зошто би бил сменет. Вложивме многу труд во година дена за да се направи базата на селекцијата од генерацијата 2004/2005. Многу кус период бевме заедно, имавме само една кратка акција – двомеч со Романија. Селекцијата и дополнително треба да се прошири, затоа што сигурно не се опфатени сите деца. Од Федерацијата ми побараа план за што и како понатаму и сега ќе чекаме насоки од новиот селектор. Со новиот селектор сум немал контакт, но знам дека бил во контакт со играчите, зборувам конкретно за Охрид и ме радува што следи како се работи. Охрид имаше двајца репрезентативци на СП, сега има двајца на поширок список и неговиот интерес е добар знак и сигнал за сите нас кои работиме во клубовите.“
Доколку немаше проблеми со коронавирусот Раде во ноември лани ќе се најдеше и во стручниот штаб во А-тимот како асистент на тогашниот селектор, Брестовац.
„Брестовац ми се обрати за помош со оглед на тоа дека дел од членовите на стручниот штаб во А тимот имаа коронавирус, но при тестирањето и јас бев позитивен и тоа без да знам, па не успеав да ја искористам таа шанса. Доколку останам да работам со мојата генерација, секогаш ќе бидам тука да помогнам и се надевам дека ако е потребно ќе ме побараат.“
НАТУРАЛИЗАЦИЈА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
„Само доколку навистина сме дефицитарни на таа позиција, а квалитетот на тој играч ни дава за право да мислиме дека во следните десет години ќе придонесе за репрезентација. Ако некој игра долги години во Македонија, има и квалитет и желба да игра за нас, така би имале бенефит и ние и тој. Добра проценка и добра стратегија.“
ЦЕЛ – ДА ВОДАМ ЕКИПА ВО ЛШ
Тренерски кон што цели Раде Стојановиќ?
„Да водам екипа во Лига на шампиони, без разлика дали е тоа во Македонија или надвор од неа. Исто така би сакал со некоја национална селекција да играме полуфинале или финале на некое првенство.“