ИНТЕРВЈУ ПЕПИ МАНАСКОВ: Ракометарот на векот во Македонија оставен на маргините

„Јас не патам од тоа да бидам некој, но дека можам да помогнам, да можам, а и сум помагал секогаш кога некој тоа ќе го побарал од мене... Потсвесно или свесно, да, затоа стојам на страна. Во еден ваков амбиент мислам дека е најдобро да работам со млади категории. Затоа што во таа работа имам мир. Тоа е средина во која имаме најчесен и најчист облик на љубов кон ракометот и каде можам да пренесам знаење“, вели Пепи Манасков во разговор за 24ракомет.

Македонска ракометна легенда, капитенот кој ја предводеше Македонија на првото големо натпреварување, левиот бек со кој се врзани најголемите успеси на битолски Пелистер и играчот од кој почнува вардаровиот поход кон Европа, или едноставно кажано ракометарот на векот – сето ова е асоцијација за Пепи Манасков. Исто така тој е таткото на македонските репрезентативци Дејан и Мартин Манаскови и актуелен тренер на Работнички, кој и на 56-годишна возраст, функционира на релација Скопје – Велес и несебично продолжува да се дава себе си за доброто на македонскиот ракомет.

Зад себе има блескава интернационална кариера во Франција, Германија и Словенија, куси авантури во Грција и во Катар (Азиски игри), а покрај статусот на предводник на македонскиот национален тим може да се пофали дека во осумдесетите години бил дел од славната репрезентација на Југославија за која има 49 настапи, а два пати играл и во тимот на светот. По завршувањето на неговата кариера имал епизодни улоги како спортски директор на националниот тим, помошник тренер во репрезентацијата и селектор на младинскиот тим, но никаде не се задржал долго.

„Имав неколку обиди да се најдам на некои функции, но сите тие беа на некој начин неофицијални. Не е сериозно и малку е непрофесионално на некого да му се понуди позиција на директор на збор, без договор, без стратегија, без услови. Прифатив неколку такви функции, бев помошник тренер, уште во времето на Љупчо Савевски, потоа и како селектор на кадети, па и директор, соработував и со Вујовиќ… Но, тоа траеше кусо. Беше минливо, несериозно и се разочарав од начинот на кој беа поставени работите во тој дел… Кај нас тие работи се сè уште неразјаснети. Критериумите на поставување на функциите во спортот, многу се импровизира. Кога ќе се постави некој на функција треба тоа да биде личност со заслуга и со познавање, и да можеш да одговориш на таа функција понатаму. Не можеш да водиш нешто ако не го познаваш. Играв на Запад десет години и попримив многу нешта, од вредности, дисциплина, самокритичност и не сакам да ја критикувам ниту Федерацијата, ниту државата, но свесни сме дека се уште не сме пораснати за да ги достигнеме нештата како што функционираат во Европа“, објаснува Манасков на почетокот на разговорот.

Дали чувствувате дека Пепи Манасков како ракометар на векот, не е доволно искористен како капацитет, со сето искуство, како име и презиме, со оглед на тоа дека во многу земји легендите од вашето ниво се ракометни амбасадори, спортски директори…?

„Да се биде ракометар на векот, тоа е титула која само може да ја посака еден спортист и која е награда за еден минат труд, за сè што сум направил во кариерата и благодарен сум за тоа. Чест ми е и со гордост ја носам титулата. Но, титула како титула, на крајот на денот нема фит-бек од сето тоа. Како личност сум скромен и никогаш не сум сакал да се нудам некому. Секогаш во кариерата сум бил баран и посакуван и таквата доверба сум ја возвраќал преку работата и постигнатите резултати. Секогаш тоа било взаемно и тоа ја водело мојата кариера, можеби на моја штета, но таков е мојот карактер. Нормално дека ми е жал, гледајќи како се функционира во нашата држава, но за жал не можеме многу да смениме иако се обидувам, со некои совети, сугестии, разговори… Ние не научивме да работиме тимски. Гледаме како функционираат работите во спортот, особено во колективниот, потребно е секој да си ја работи својата работа за тимот да направи што подобри резултати. Не знам… последно и сами знаете имаме македонски селектор, кој во својата поставеност е селектор на сите селекции, што на Запад е невозможно. Има многу нејаснотии. Не би прифатил да работам ниту како претходните селектори, хонорарно, краткотрајно и поттурнати од разно разни структури. Работите мора да доаѓаат природно и ако некој ме планирал мене имал време од 15 години, толку време е минато откако ставив крај на кариерата. На Запад се знае, ако Федерацијата ве сака, таа ќе се ангажира, ќе работи на усовршување на таа личност, за на некој начин да му се оддолжи за сè. Јас не патам од тоа да бидам некој, но дека можам да помогнам, да можам, а и сум помагал секогаш кога некој тоа ќе го побарал од мене.“

Манасков целата своја тренерска кариера ја посветува на работа со млади категории и потенцира дека целата разочараност од тоа како се поставени работите во македонскиот спорт (ракомет) е една од причините за тоа.

„Потсвесно или свесно, да, затоа стојам на страна. Во еден ваков амбиент мислам дека е најдобро да работам со млади категории. Затоа што во таа работа имам мир. Тоа е средина во која имаме најчесен и најчист облик на љубов кон ракометот и каде можам да пренесам знаење. Ако ништо повеќе се надевам дека овие деца еден ден ќе се сетат на моето име и ќе кажат дека Пепи Манасков им бил тренер и ги научил нешто за ракометот. Среќен сум што можам да бидам дел од почетокот на нечија кариера и да имам некакво влијание во нивното растење и во нивниот успех.“

ШУНДОВСКИ ГО ВОВЕДУВА ВО ТРЕНЕРСКИТЕ ВОДИ

Интересно е што Пепи Манасков спонтано влегува во тренерските води, по предлог на Звонко Шундовски, кој во тој период е стратег на Металург. Манасков никогаш во својата кариера не го носел дресот на Металург, но од таму почнува како тренер, а во „Автокоманда“ почнуваат кариерите и на неговите синови, Дејан и Мартин.

„Кога ја завршив кариерата се барав себе си. Претходно, уште додека бев активен играч во Вардар имав еден разговор со Михајло Михајловски, кој ме праша каде се гледам по завршувањето на кариерата. Му реков дека цел живот сум во ракометот, но и дека секоја работа си има свои финеси, своја филозофија и тежина, дека се гледам и натаму во спортот, но не можев да му кажам во каква улога. Потоа заминав од Вардар, продолжив да играм ракомет, а кога се случи крајот на кариерата не знаев дали да останам во ракометот или да се повлечам. Мирував еден период, имав и кафуле во Велес. Но ракометот ми е во крвта, тоа ми е цел живот и не ме држеше место. Во една спонтана ситуација се случи контакт со Звонко Шундовски, кој тогаш беше прв тренер во Металург и беше изненаден дека сум надвор од ракометот и ми понуди да почнам со работа со него. Во тоа време Металург беше прв клуб кој формираше своја Академија. Тие беа првите кои поставија еден таков тренажен процес и систем на работа во кој се посветуваше внимание од најмлади категории, па затоа и се одлучив да прифатам. Се совпадна и запишувањето на Дејан во средно училиште во Скопје, кој претходно тренираше во велешки Борец. Почнав да работам со младата екипа, во три години двапати бевме шампиони во конкуренцијата и таа екипа со мене влезе и во Суперлига. Ненадејно бев сменет, без некои аргументи, не сакам ни да паметам што и како се случи. За мене е важно дека сè сум работел со љубов и од срце и најголемо задоволство ми е што бев успешен.“

ВАРДАР КАКО НАВИКА

Последниве неколку години Манасков работеше во Вардар, додека од сезонава го предводи Работнички, во кој преминаа скоро сите ракометари од Вардар Јуниор.

„Вардар ми е станат како навика (се смее). Навистина го сакам клубот, многу историја ме врзува со него и не случајност мојот ангажман како тренер во Вардар. Во 2000 година кога како играч се вратив дома, односно во Вардар, клубот со мене доби многу на квалитет и на популаризација. Од тогаш тргна и во нагорна линија, три години во низа беше дел од европските купови, за првпат во Лигата на шампиони… Со самото доаѓање на Самсоненко Вардар се издигна во клуб со европски и светски амбиции, услови и поставеност на работите и сето тоа е само почеток на она во што Вардар прерасна. Тргнав со тој Вардар и се беше добро во првите две години. Почнавме од нула, од една младинска екипа која не беше соодветно селектирана и од моето поставување како координатор и тренер започнавме со работа на основата на клубот со работа со кадети, младинци и Вардар Јуниор, како екипа од која идејата беше да се црпат кадри за првиот тим. Сергеј имаше идеја и трпение, велеше дека не брза и дека е потребно играчите да создаваат, да се гради квалитет, тие да растат преку натпревари дома, а потоа оној кој ќе вреди и да биде прекомандуван во првиот тим. За жал застанаа работите по втората година. Политиката на клубот се смени во однос на таа екипа, проектот запре и јас бев сменет. Работите добија поинаква насока, со други луѓе, се формираше Академијата и сето тоа повеќе доби комерцијална димензија отколку потрага по квалитет. По навика останав во Вардар, а сега сум во Работнички, но тоа е далеку од нивото кое треба да биде и како име и како клуб.“

ПЕПИ Е ИНИЦИЈАТОР ЗА ВАРДАРОВИОТ АНГАЖМАН НА ДЕЈАН

Вардар е средина со која сам рековте дека ве врзуваат многу чувства. Дали вие сте и причината што Дејан ќе дојде да игра во Вардар, иако почна да гради успешна интернационална кариера?

„Да, јас инсистирав Деки да дојде во Вардар. Тој беше желба на Сергеј уште од неговото доаѓање во клубот, а според мене Вардар беше екипа со високи амбиции и одлични предуслови за да стигне и до европска титула како и што се случи. Јас бев иницијатор тој да дојде, но тоа беше негова одлука. Едноставно му посочив дека тоа е добра средина да напредува, да стекне искуство и да учи од еден играч каков што е Дибиров. Во Вардар поминаа врвни имиња и не е се едно дали ќе бидете соиграч со ракометна легенда од која ќе може да научите или пак со некој анонимен ракометар во Германија. Предизвик за секој млад играч е да игра во еден таков клуб и тој дојде. Дејан го раскина договорот со Вардар затоа што така процени тој. Сакаше поголем простор за игра и коректно се раздели, и мислам дека не загуби ниту Вардар, а ниту Деки со неговото заминување.“

ЧЕРВАР ГИ ЛИМИТИРАШЕ ИГРАЧИТЕ

Дејан избра да гради интернационална кариера и тоа многу успешна, додека Мартин остана во домашни рамки. Легендата го посочува тогашниот стратег на Металург, Лино Червар како виновник за тоа.

„По мене Мартин требаше да го ’скрши’ мразот уште во Металург, а за тоа е виновен Лино Червар. На некој начин тој ги лимитираше играчите како Мартин, Талески, Кузмановски… и тие до ден денеска ги чувствуваат последиците. Од една страна сакаше млади играчи, но и бркаше резултат, и притоа тоа и му беше изговорот. Велеше дека ги има најдобрите млади играчи во Македонија, со мене се, учат, напредуваат, но факт е дека тие не ја добиваа вистинската шанса за да играат, никогаш докрај тие не ја имаа неговата доверба. Тука се направени тие пропусти и играчите ги влечат последиците од тоа и не случајно и Кузмановски и Талески делуваат како да се со „кочница“ како нешто да недостасува, како да се недооформени. Според мене тие и прерано заминаа од Македонија, со недоволно искуство, а тоа Западот не го трпи, таму мора да бидете подобар од домашниот играч, но од друга страна тие и избегаа од Металург.“

ТИМОТ ТРЕБА ДА ГО ДАДЕ НОВИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН ЛИДЕР

Кога веќе во разговорот се споменаа Деки, Талески, Кузмановски, неизбежно беше Пепи како предводник на националниот тим на Македонија на првото големо натпреварување ЕП 1998 во Италија, да ни направи една паралела, тогаш и сега.

„Во тоа време немавме многу интернационалци, јас и Томче Петрески, другите беа домашни играчи. Во Ракометна федерација се беше импровизација, услови, организација… Учевме во од како треба. Среќна околност беше што имаше неколку имиња како Боро Чурлевски, да ни пренесат нешто од југословенската школа, ние тогаш немавме македонски ракомет. Се баравме тие први шест години, преку претквалификации и квалификации, требаше време да стекнеш авторитет и пред судии и во Европа како новоформирана држава. Беше мачно и тешко, но конечно го скршивме мразот, созреавме и како селекција и како поединци и како Федерацијата и се пласиравме на ЕП во Италија. Следеше СП во Египет година дена подоцна, но ние веќе бевме во поодминати години, а немавме замена… По оној вакум од една деценија денеска е поинаку. Организирана Федерација, одлични услови, имаме резултати со кои може да се пофалиме… Ни се случува еден природен процес на промена на генерација, кој не е ниту едноставен, ниту лесен. Имаме потенцијал, но потребно е време, кое го немаме, како и трпение и простор за сето тоа да дојде на свое. Резултатите од последното ЕП се најдобар показател за тоа. Од друга страна ние сме мала земја и немаме ниту капацитет, ниту квантитет за да избереме квалитет и затоа сме лимитирани во тој процес. Нормално е дека при смена на генерации не може да се задржи нивото и падот ќе се почувствува.“

Манасков беше лидер, по него Лазаров, дали гледате предводник на репрезентацијата во новата генерација или ќе се потпреме на тимскиот дух?

„Тимскиот квалитет го исфрла лидерот. Без тимски дух не можеш да имаш лидер, а тој истовремено ќе се изгради сам преку тимот. Треба и да имаш многу атрибути за да дојдеш до таква позиција и карактерно и играчки и со искуство. Кире е лидер во моментов, но тој е во залезот на кариерата, а сега чекаме да видиме дали некој ќе се наметне. Тоа е многу индивидуално. Треба и да сакате да бидете лидер, да превземете одговорност, да решите натпревар, да застанете позади играчите, тренерот, управата, да верувате во она што го правите. Сето тоа склопено е лидерството. Играч со карактер, темперамент и со играчки способности, кој се наметнува на самиот тим, на селекторот, и од целото опкружување да стекне доверба и тоа да го исфрли и во него да гледа лидер. Јас цел живот бев капитен и на клупски план и на репрезентативен, но клубот или селекцијата беше таа која ме избираше мене, тимот ми ја даваше довербата. Целиот тој процес не е воопшто едноставен.“

НАЈТЕШКО Е КОГА „ТВОИТЕ“ ТИ СЕ КОЧНИЦА

Пепи Манасков во 2006 година става крај на репрезентативната кариера, без да добие проштален меч, а потоа иако има некои обиди да го вратат, тој останува доследен на зборот дека тоа е крај и нема враќање. Во овој разговор откри дека главната причина е што се почувствувал бедно и издадено од своите.

„Доаѓав на секој повик на репрезентација и покрај тоа што ми беше многу тешко. Играв во Бундеслигата, која имаше ист интензитет и квалитет како и сега, и кога ќе дојдев на една недела во Македонија, тоа ми одземаше многу енергија и концентација. Како одминуваа годините стануваше се понапорно. Можев најмалку уште две години да играм за репрезентација, но една ситуација многу ме повреди. При чист договор со Пелистер каде по завршувањето на сезоната треба да сум слободен играч, јас, односно клубот Целје мора да му плати обештетување на Пелистер 30 илјади марки за моите услуги. Клубот потпомогнат од Федерацијата, чии претседател во тоа време беше Иван Бојков го направија тоа и ако не се платеше немаше да добијам сертификат. Можев да се тужам, но ќе загубев цела сезона. Тоа најмногу ме изиритира. После сè – тапкање по рамо, мајсторе, легендо, ракометар на векот и некој да ти направи такво нешто. Не можам да опишам колку бедно се чувствував. Не можете ни да замислите колку е тешко да заминете некаде на страна, а имате кочница од своите. Кога гледате како во странство ве почитуваат десет пати повеќе од дома. Толку помешани чувства, толку бедно се чувствував… И тогаш одлучив и напишав писмо дека ставам крај на настапите за репрезентацијата. Потоа имаше промени во Федерацијата и Кадиевски стана претседател и доаѓаа во Целје да ме молат да играм одново, да ми кажат дека и требам на селекцијата, но веќе беше доцна…“

А, ваквите неправди не се случиле првпат. И при првиот странски трансфер од Пелистер во Кретеј, битолскиот тим бил „кочница“.

„Имаше неколку такви моменти… Првото заминување во странство од Пелистер во Кретеј, тогашниот и сегашен претседател Силјан Мицевски и управата на клубот дојдоа во Кретеј, кој тогаш беше спонзориран од градот. Преговараат со градоначалникот на Кретеј и го уценуваа, бараа 87 илјади марки за трансферот. Градот рече дека може најмногу 50 илјади марки да плати обештетување, но не сакаа да попуштат. За да се случи трансферот јас се согласив да ми го намалат од договорот износот кој недостасуваше. Тоа се моменти во кои гледате колку ве ценат“, потенцира за крај Манасков.