ИНТЕРВЈУ МАРЈАН КОЛЕВ: Не успеав како играч, но се надевам како тренер ќе водам тим на големо натпреварување

Еден од ретките македонски стратези кој може да се пофали со успешна работа на интернационалната сцена во женска конкуренција е Марјан Колев. Актуелен тренер на францускиот прволигаш Ница, во чии редови настапува и репрезентативниот голман Јована Мицевска. Ненаметлив, тивок и умерен, Колев, 25 годишното играчко искуство (една деценија го носеше и националниот дрес) спонтано успеја да го преточи во квалитетна тренерска кариера, позната и призната во Франција, а во последно време во Македонија неговото име се поврзуваше со селекторската позиција во женскиот национален тим.

Колев, кој е со потекло од Кавадарци за себе вели дека бил мултиспортист, а прва љубов му е фудбалот – „спиев со фудбалската топка и се гледав во фудбалот“, но со оглед на тоа дека бил член на сите можни училишни секции во колективен спорт (не е љубител на индивидуален спорт) случајно добива шанса на еден меѓуучилишен ракометен натпревар и паралелно со фудбалот тренира и ракомет. На 12-13 години во ракометот добива поголем простор да другарува со топката, се натпреварува на општинско ниво, а кога ќе биде забележан од РК Тиквеш, фудбалската топка дефинитивно ќе ја замени за ракометна. Среден бек е позицијата на која единствено настапувал.

Од матичниот клуб неговата кариера се развива преку Повардарие, потоа Вардар, каде играл двапати во различен период. Тој е дел од генерацијата која ја освојува првата двојна круна предводена од Ванчо Јовановски и Славе Атанасовски – Чаве, а во „црвено-црниот“ дрес има играно и во Лигата на шампионите, а и двапати стигнува и до полуфиналето во ЕХФ Купот (првото со Адемар Леон и второто со Загреб).

„Во Вардар добив многу искуство и пораснав како играч, но да не се заборави дека и во младинската и во А селекцијата предводена од Љубомир Савевски го научив ракометот. Потоа се беше надградување и експлоатирање на собраното искуство и знаење“ – дециден е Колев.

Кавадарчанецот е единствен “странец“ и во тимот на Тутунски Комбинат Прилеп, амбициозниот проект во кој смета дека го покажал својот квалитет испишувајќи историја и освојувајќи ја Куп титулата, единствена за клубот, но и за градот. Интернационалната кариера ја започнува на 28 години, кога одлучува дека треба да ја напушти комфорната зона во Вардар и кога ќе почувствува потреба од промена. Понудата од хрватска Замет Ријека делува како интересен проект, а го влече и животот на море, но последиците од војната во Југославија уште се одразуваат на спортот и тој е принуден да бара решение. Една полусезона минува во редовите на 18-кратниот италијански првак Трст со кој успеваат да обезбедат опстанок во најсилното друштво. Потоа има една авантура во Мерсин, Турција, за која сметал дека ниту спортски, ниту финансиски нема да му биде предизвик, но се покажува спротивно од очекувањата.

Данило Брестовац е главниот виновник поради кој Марјан Колев заминува во Франција, каде ќе игра во неколку второ и третолигашки клубови (Вилфранш, Гонфревил, Монтелимар, Ст. Егрев) скоро цела деценија пред да се одлучи да стави крај на играчката и да се посвети на тренерската кариера. Франција комплетно му ги отвора видиците во новата професија по завршувањето на играчкиот век. Минува двегодишна тренерска едукација и за спортски менаџмент, стигнува и до Мастер коуч диплома, денеска е активен член на француската тренерска организација Сет Мастер. Во еден период од неговата работа Француската федерација го ангажираше да работи со еден од нивните центри за млади категории во Шамбери, со играчи од 14 до 18 години, кои потоа прераснуваат во репрезентативци.

Марјан Колев -различни автори-

 

Сето ова е одлична препорака за квалитет со кој од тренер во машка нисколигашка екипа добива понуда да го води женскиот клуб Ница, во најсилната француска лига, на чија клупа седи веќе пет сезони. Пред пандемијата Колев и Ница приредија сензација и завршија како вицешампиони на Франција, зад Мец. Неговата работа е најдобар доказ зошто неговото име беше поврзувано со селекторската позиција во женскиот А национален тим, но тој самиот потврдува дека разговори со Ракометната федерација имало, но не и конкретна понуда.

„Моето име беше лансирано без да сум во некои преговори, од аспект дека има еден Македонец кој работи во моментов во странство, во Прва француска лига, кој може да се пофали со резултати и име, и има некоја логика во тоа. Факт е дека имаше некои мали разговори со РФМ, распрашувања, ако можам така да ги наречам, но без конкретна понуда за селекторската позиција. Федерацијата го направи својот избор, јас имам одлични односи со Љубомир Савевски и верувам во квалитетите на селекторите кои се избрани и со сигурност знам дека имаат добра намера во она што го прават и работат“, смета Марјан Колев.

ДАМИТЕ МОЖЕ ДА ИГРААТ ПОАТРАКТИВНО

Стратегот ги следи случувањата во нашиот женски ракомет, кој апстинира од настап на големи натпреварувања долги години и засега баражите како да ни се лимит, но е скромен во коментарите.

„Малку е неблагодарно да зборувам за тоа, немам доволно информации, и покрај тоа што ги следам случувањата во македонскиот женски ракомет, сепак сум надвор од тој процес. Девојките во националниот тим имаат квалитет и мислам дека недостасуваат редовно акции за да се направи нешто повеќе. Некогаш може и треба да ги прифатиме работите какви што се, ако нешто се повторува константно можеби станува збор за лимит на квалитетот. Мислам дека може да се направи нешто повеќе, можеби резултатски ќе бидеме на исто ниво, но да играме поатрактивно.“

Концептот клуб-репрезентација многумина го сметаат за најдобро решение за женскиот национален тим, какво е Вашето мислење?

„Секогаш и сите од искуство се базираме на нешто што функционирало и мислиме дека повторно ќе функционира. Но некогаш претставува проблем анализата на еволуцијата, на промената на работите, ако некогаш функционирало тоа, не значи дека сега одново ќе функционира! За мене најважно за една селекција е да има играчи и квалитет, не е важно дали играат во еден клуб или во различни клубови. Најважен е развојот и тоа да имаме квантитет на квалитетни играчи. Потребно е да се создаде систем кој ќе ни донесе квантитет на добри ракометарки од кои потоа ќе може да се прави изборот. Доколку сега се донесе одлука цела репрезентација да се собере во еден клуб, прашање е дали тоа може да функционира? Го паметите примерот со Ѓорче Петров? Тие беа одличен тим, но немавме македонска лига, за нив малтретирање беше додека ги чекаа нивните вистински натпревари во сезоната кои беа 10 до 15. Мораа постојано да бараат силни спаринг-партнери и да играат на турнири за да се одржат во форма. Поголем поборник сум да се постави некој систем за развој на женскиот ракомет. Секако тоа вака на зборови е многу лесно да се каже, но факт е дека процесот е сложен и тежок, но не е неизводлив. Не сакам да се правам паметен од страна, но политика на развој на самиот ракомет, систем и контрола на работа е начинот до кој може да стигнеме до сето тоа.“

Системот, кој Данило Брестовац, претходно, а сега и Кирил Лазаров се обидуваат да го применат кај мажите – селектор на сите генерации, да има поагресивна примена кај жените?

„Секој тренер има своја визија и свое мислење, и некогаш кога некој ќе коментира на таа тема може да навлеземе во некој сектор и да биде лошо разбран и сфатен. Дали тој систем функционира е најважното прашање? Ако веќе го има и е применлив може да функционира. Знаете топлата вода е измислена многу одамна, ракометот е измислен многу одамна и системите, проектите одамна некој ги измислил, има новитети, но главните линии остануваат исти. Треба само ние да најдеме начин да ги модифицираме на нашите услови и да ги примениме. На пазарот има две стратегии – да го правиш истото што го прават другите и да бидеш најдобар од сите, или да се обидеш со нешто ново, да бидеш различен и да ги изненадиш сите. Реков, верувам дека нашите селектори се добар избор и им посакувам се најдобро, а дали тој систем ќе функционира или не – самото време ќе покаже!“

НЕМАВ ПЛАНОВИ ДА СТАНАМ ТРЕНЕР

Колев додека е активен ракометар не се гледа себе си како тренер по завршувањето на кариерата, но таквата професија му доаѓа спонтано.

„Кога дојдов во Франција ми одговараше системот на функционирање, тука создадов семејство, а и клубовите за кои играв имаа одлични услови без разлика што не беа во најсилната лига. При еден трансфер, во Монтелимар добив понуда да бидам и играч и тренер и тука ја почнувам тренерската кариера. Никогаш претходно не сум се гледал како тренер. Мислев дека ќе имам некој бутик, ресторан, некоја фирма или, во најмала рака, ќе бидам професор по физичка култура затоа што имам универзитетска диплома за таа професија. Добив шанса да бидам тренер во машка екипа која играше во седмата француска лига, тотално аматерска екипа, која ја создадов од почеток. Уште немав ни добро познавање на францускиот јазик и тоа беше супер комплициран предизвик, но не згрешив! Тоа е едно од најдобрите искуства во мојата тренерска кариера и таму сфатив дека ако во такви услови можам да создадам тим, кој целата сезона ја заврши без пораз (не треба да се понижува нивото во кое се натпреварувавме) добив на самодоверба дека можам да направам сериозна тренерска кариера. И во следниот клуб, Ст. Егрев добив шанса да се едуцирам и да работам како тренер, но и да се здобијам со познавања за спортски менаџмент. По пет години минати таму бев подготвен за поголеми предизвици и тогаш дојде понудата од Ница. Со оглед на тоа дека во меѓувреме работев и во еден од центрите за млади категории на Француската федерација во Шамбери, клубот добил информации за мене и без разлика што претходно работев во машки клубови, ним им беше важно моменталното знаење и квалитет. Морав добро да размислам, тоа беше голема промена. Од мал клуб да преминам во екипа со буџет од 1.5 милион евра, која игра во најсилната женска лига во Франција. Претходно работев со мажи, сега требаше со жени, но факт е дека такви шанси не се појавуваат секој ден и одлучив да одам во Ница.“

МИЦЕВСКА СЕ ПОКАЖА КАКО ОДЛИЧНО РЕШЕНИЕ

Пет сезони Колев е стратег на Ница, има уште една година договор пред да види каде ќе го однесат новите предизвици. Откако се аклиматизираше во средината ги покажа своите квалитети и на тимот му донесе вицешампионски статус што му донесе и нов клупски договор. Ница во него гледа вистински предводник, а тоа беше доволно за да му верува во изборот македонската репрезентативка Јована Мицевска да застане на нивниот гол.

„Потпишав тригодишен договор со Ница, каде првата сезона беше најважно прилагодување и јас на екипата и таа на мене, стекнување на едукација – немав неопходни дипломи и се запишав на највисоката школа за тренери во Франција, што траеше две години, по која стигнав и до Мастер коуч лиценца. Во втората сезона ја развивавме екипата, за во третата да дојде и резултатот, вицешампион на Франција, приредивме сензација и го елиминиравме Брест, кој имаше буџет од 5.5 милиони евра. Имавме шанса да играме и во Лигата на шампионите, но факт е дека немавме ниту буџет, ниту сала. Исто така секоја екипа има три сектори – административен, спортски и финансиски, а во Ница спортскиот дел имаше многу побрз развој од другите сектори. Познавајќи ги нашите можности местото во ЛШ му го отстапивме на Брест, додека ние прифативме настап во ЕХФ Купот, само поради желбите на спонзорите и главните финансиери, но административниот и финансискиот сектор не можеа да не следат во тој процес. Потоа се случи пандемијата… Ја продолжив соработката со клубот, но со нова визија, инвестиција во млади играчи и во еден таков момент се случи и трансферот на Јована Мицевска. Таа дојде по моја препорака, ни требаше млад голман, квалитетен, која се покажа како одлично решение. На крајот на сезоната кога таа остана единствено решение на голманската позиција (другите две голманки беа повредени) таа го осигура крајот и го оправда нејзиниот трансфер во Ница. Верувам дека како играч уште ќе се развива.“

НЕ СУМ МЕНАЏЕР, ПОМАГАМ ОД ЗАДОВОЛСТВО

Дали сте поборник за македонските играчи и дали се трудите да го отворите францускиот пазар за нив?

„Секако дека се трудам македонскиот пазар да ми биде еден од фокусите. Барам квалитет и ако тоа го најдам во Македонија уште подобро, ќе биде полесно за адаптација и комуникација, но нормално најважно е профилот на играчот да одговара на потребите на екипата. Се случило да бидам посредник при некои трансфери, кога некој ќе ми се обрати за помош, но тоа не треба јас да го кажувам. Не заборавам дека Данило Брестовац ми помогна да дојдам во Франција, со Лазаров имав разговори и консултации при трансферот во Гонфревил. Ми помагале и сега и јас помагам, учествував во некои трансфери, бев прашуван, но не сум менаџер тоа го правев од задоволство, а не од корист! Кога можам не се штедам и помагам со задоволство, некогаш успеваме во реализацијата на некој трансфер, некогаш не.“

НЕМА ПРЕДИЗВИК ВО МАКЕДОНИЈА

Најмалку уште една сезона Марјан Колев ќе седи на клупата на Ница, а потоа се е можно. Македонија, барем во моментов, не е опција за него.

„Останувам во Ница, имам договор уште една сезона и најмалку уште толку се гледам тука (се смее). Во нашата работа секогаш се е можно! Се повеќе и повеќе се интересирам за поамбициозни проекти и мотивиран сум, барам посериозен и покомплициран ангажман, но дали тоа ќе се оствари ќе покаже времето. Желбите се едно, но јас сум фамилијарен човек и многу ми е важно сопругата и синовите да се со мене, па затоа пред да донесам било каква одлука ќе направам добро резиме и ќе го направам вистинскиот избор. Јас сум човек кој оди каде што го сакаат и каде го бараат, па затоа си дадов период од помалку од една година и во моментов сите опции се отворени.“

Марјан Колев -приватна архива-

„Враќање во Македонија, не во моментов! Има два – три проекти, но тие веќе се дефинирани, додека другите не ги гледам како јасни. Традиционален, семеен човек сум и ако сега одлучам да се вратам во Македонија ќе си направам фамилијарни проблеми. Личните амбиции не водат, но семејството и нивната поддршка се многу важен фактор и за да можам да работам фокусирано и да бидам 100 посто посветен тие треба да се покрај мене“, дециден е Колев.

НИКОГАШ НЕ ЗАИГРА НА ГОЛЕМО НАТПРЕВАРУВАЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

Марјан Колев како играч десет години придонесува и во репрезентативниот дрес. Ги минува младинските филтри и на 19 години дебитира за А тимот, но за жал, никогаш нема да заигра за Македонија на големо натпреварување. Она што не го остварил како играч е амбицијата која го води како тренер.

„Бев дел од кадетско – младинската селекција која ги играше првите квалификации во Струмица со Гино Стрезовски како селектор кога обезбедивме настап на ЕП 1994 во Израел. Потоа со Љупчо Савевски како предводник со младинска репрезентација игравме и на СП 1997 во Трабзон, Турција. Првиот настап за А тимот го имав на 19 години кога Македонија настапи на ‘Трофеј на Југославија’. Десет години играв за сениорската репрезентација, но никогаш на едно големо натпреварување, ја немав таа среќа! Во тој период беше и актуелна натурализацијата, македонските играчи беа ставени во втор план, а исто не треба да се крие дека Федерацијата имаше друга политика. Селекторите се менува многу често и многу брзо, немаше простор како сега, а може и ние како генерација не бевме толку квалитетни како оние кои не наследија… Тоа беше период кога Македонија се бореше да се најде на едно големо натпреварување, а кога конечно обезбедивме пласман тогашниот селектор (веќе не се сеќавам и кој беше) донесе одлука јас да не бидам во тимот. Но, тоа што како играч не сум успеал да играм на едно големо сениорско натпреварување, сега ми е цел и амбиција да го остварам како тренер.“

„Во играчката кариера имам многу убави и позитивни моменти и не можам некој да одвојам, со љубов ги паметам и титулите и победите и поразите кои оставиле поука. Како тренер најдобар моменти е кога ќе почувствувам дека екипата ќе ме разбере, ќе го разбере проектот и дека ме следи 100 посто. Резултатите потоа се само производ на колективната работа за која сите се заслужни.“