ИНТЕРВЈУ МАРКО ТАРАБОКИЈА: Страста за ракометот во Македонија ги „влече“  хрватските играчи и тренери

Новиот организатор на играта на Металург, 31-годишниот Марко Тарабокија е еден од (по)малку познатите ракометари за македонската публика во актуелниот состав на Зоран Кастратовиќ. Репрезентативецот на БиХ, кој е всушност роден во Загреб, за неполни три месеци одлично се адаптираше во „Автокоманда“ и по само четири меча во Европа веќе покажа дека ќе биде еден од лидерите на тимот, а како потврда ги има 20-те гола зад неговото име.

За средниот бек најважно е да се игра ракомет (па дури и да не е тоа на неговата природна позиција). Со факултетска диплома по физичка култура веќе се гледа како тренер во млади категории по завршувањето на играчката кариера. Тоа е планот, но прво прво мора уште да му даде на ракометот, затоа што и натаму го чека моментот на кариерата.

Со сопругата и ќерката ужива во Скопје, во опуштениот, евтин живот, и како што вели не е далеку од дома, а истовремено се чувствува како дома, затоа што балканскиот менталитет кој сите го имаме во себе е присутен. Добар тренинг, па кафе со соиграчите (Мариќ, Поповиќ, Хорват), прошетка со семејството, малку одмор, па одново тренинг… Така некако изгледа неговата дневна рутина, во која „влетавме“ и ние, а тој со задоволство зборуваше и откри за себе работи со кои ни дозволи поубаво да го запознаеме и ние и ракометната публика.

„Брзо се адаптирав во Македонија и во Скопје и навистина ми е убаво, уживаме со семејството. Живеев во Полска, но таа е ладна. Тука се чувствува тој балкански менталитет кој сите го имаме во себе. Опуштен живот, евтин, кафе со пријателите, сите се пријатни, насмеани, топли… Не си дома, но се пронаоѓаш во средината“ – веднаш потенцира Марко Тарабокија.

Со оглед на тоа дека Тарабокија е еден од низата Хрвати во македонските ракометни клубови морав да прашам дали Македонија станува „Мека“ за хрватските ракометари и тренери?

„Така доаѓа. Секоја година има се повеќе хрватски ракометари и тренери во Македонија. Мене ми е мило, доаѓаш во Скопје и имаш пријатели на сите страни, во Вардар, во Пелистер… Пријатно е, добро е и најважното е дека ракометот е спорт број еден. Тоа се чувствува на прва. За старт почнувам од вниманието кое медиумите ни го посветуваат, па преку публиката и фановите. Јасна ми е страста за ракометот, дека се работи за клубови со традиција и големо ривалство и веднаш знаеш дека ќе се игра добар ракомет, дека ќе има добри натпревари и како поединец во тимски спорт, јасно ти е од одма дека ќе имаш многу амбиции и многу мотиви да се докажуваш.“

МЕТАЛУРГ – СРЕДИНА ЗА НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ И НОВИ ПОБЕДИ

Последните година дена не беа идеални за Марко. Висла Плоцк му најавува дека нема да ја продолжи соработката со него, но пред да успее да најде нова средина заработува повреда на коленото, по која следи операција и шестмесечна рехабилитација. Кусо време минува во загребска Сесвете, за потоа да потпише за унгарски Чургу, но се појавува коронавирусот и пандемијата значи нов пост од ракометот за него. А, потоа доаѓа во Металург…

„Ми завршуваше договорот со Висла Плоцк и знаев дека нема да останам во клубот, ми најавија. Пред да најдам нов клуб, ми се случи повреда… Следеше период на рехабилитација, но успеав да се вратам за само шест месеци. Давор Доминиковиќ, кој беше тренер во Сесвете се понуди да ми помогне. Да тренирам пред сè за мене, да се вратам и ако ми се допадне да останам да им помогнам, а потоа кога сакам можам да заминам. Реално така и беше секоја чест на луѓето во тој клуб, прекоректни беа со мене, одиграв само неколку натпревари за нив, пред да стигне понудата од Чургу и да одам во Унгарија. Но потоа се случи коронавирусот и паузата и таму завршив ’без испален куршум’, не ни успеав да покажам што можам. Имав неколку понуди, размислував и тогаш дојде и повикот од Металург, видов дека Рниќ, Канкараш, па и Хорват дојдоа во тимот. Златко и ми се јави, потоа стапив во контакт и со Зоран (Кастратовиќ) и Зорица (Блажевска) и си реков зошто да не?“

Дали Хорват, кој е твој добар пријател беше посредник во трансферот?

„Преку некои менаџери и претходно ја гледав таа понуда, но откако се јави Златко (Хорват) почнав посериозно да размислувам. Може да се каже дека беше некој посредник. Многу брзо се договоривме со Металург и задоволен сум. Подготвен за нов предизвик и нови победи.“

Настапите веќе говорат колку Тарабокија се пронајде во Металург, но тој тоа сам го потврди.

„Задоволен сум, се пронајдов, лесно се адаптирав. Добро се компониравме и старите играчи и младите, и новите и искусните и помалку искусните. Имаме добра хемија, добра атмосфера има во соблекувалната што е особено важно. Доколку не сме единствени тогаш залудно е сè што ќе одработиме. Работиме на системот, полека се вклопуваме и верувам дека ќе биде сè подобро и подобро. На теренот нормално дека некој од поискусните со причина ќе го повиши тонот, но ако помладите се доволно зрели ќе сфатат зошто некој тоа го направил. Добро се согласуваме, некогаш хемијата, другарството во екипата носи резултат, а не кој колку истрчал и тренирал.“

ДАЛИ СУПЕРЛИГА ИЛИ ЕВРОПА НЕ Е ВАЖНО, ВАЖНО СЕ ИГРА РАКОМЕТ

Металург е единствениот наш клуб кој може да се пофали од почетокот на сезонава дека игра ракомет и дома, во Суперлигата и во Европа. Тие веќе и ја исполнија првата цел – пласман во групната фаза во Лига Европа, откако ги минаа двете квалификациски коло.

„Кога почна сезоната имаше некои шпекулации дека може директно да добиеме место во групната фаза, потоа мислевме дека ќе играме едно квалификациско коло, но кога на крајот излезе две кола, четири натпревари некако сето тоа делуваше далеку. Успеавме да ја исполниме првата цел сезонава и пресреќни сме. Ни падна камен од срце, затоа што пласман во група во Лига Европа значи дека играш мала Лига на шампиони, односно како претходно да сме дел од Ц и Д групите. Бев четири сезони во Висла и знам што значи да се играат такви натпревари, секој меч е финале и тоа е неверојатен мотив и со самото тоа и екипата ќе расте. Кога играш македонска лига само, па ќе се случи и пауза поради коронавирусот, па само тренираш цело време, те убива монотонијата и се случи и пад во тимот. Вака ќе се игра и Европа и ќе биде набиена агенда, со натпревари и поголеми мотиви.“

Тимот од Автокоманда секогаш високо цели, но исторемено не потценува ниту еден противник и за него подеднакво се важни и дуелите во Суперлигата, како и оние во Европа.

„Го чекаме плеј-офот секако, но ситуацијата со коронавирусот направи да ни недостасува ракометот толку многу, желни сме за ракомет. Предолга беше паузата и сега секој меч е мотив, без разлика дали е во македонска лига или Европа. Видете Вардар и Пелистер во какви проблеми се, не можат да одиграат натпревар. Чекаат СЕХА да почне, во ЛШ се одложуваат натпревари, и верувам дека им е досадно и дека се во некоја страшна тренинг монотонија. Колку добро и да се тренира, натпреварите се оние кои те држат. Одлично е што играме и домашно првенство без разлика со кој ривал, и квалификациите, односно сега Лига Европа.“

ВО ЛЕ МОЖЕМЕ ПРОТИВ СИТЕ

Во групата во ЛЕ, Марко ќе се соочи со стари познаници, екс-клубот Висла Плоцк, какои неговиот поранешен терен Маноло Кадењас, кој сега го води Адемар Леон. За него групата е одлична.

„Мораме да целиме високо, без разлика кој е на спротивната страна мора да се оди на победа. Мора да се мисли дека може секој да се победи, само со таков став ќе растеме како екипа и ќе бидеме подобри. Групата ни е одлична, може да играме со сите. Од мојот поранешен клуб Висла Плоцк, преку Тулуз, па со Адемар Леон на Маноло Кадењас, кој исто така ми беше тренер во Висла. Врвен стручњак, но ќе се подготвиме добро за сите. Мило ми е што се падна Висла, веднаш добив и повици од тројца-четворица Полјаци, кои беа среќни затоа што ќе имаме шанса да се видиме повторно и да измериме и сили. Пријателствата се тие вредности што остануваат во секоја земја каде што играш и од една страна мило ми е што ќе се видиме, а од друга и што ќе се надигруваме, секако се надевам, со позитивен исход за нас. (се смее)“

МОТИВОТ САМ ДОАЃА КОГА ИГРАШ СО ВРВНИ ЕКИПИ КАКО ВАРДАР

Македонската публика беше сведок дека Марко Тарабокија беше еден од најдобрите ракометари на Висла Плоцк во дуелите со Вардар во Лигата на шампионите, па неизбежно беше да прашам дали и сега со посебен мотив ќе игра против него?

„Мотивот доаѓа сам по себе секогаш кога играш со врвни екипи. Немам посебен мотив за посебни екипи. Едноставно кога ќе имаш врвен ривал против себе како Вардар и кога играш со такви големини од играчи и голмани, нормално е дека ќе даваш сè од себе. Се сеќавам на тој дуел меѓу Висла и Вардар, тоа ми е и еден од најдрагите натпревари досега во кариерата, кога игравме во Плоцк. Така се отвори мечот, едноставно така се случи. И сезонава ќе биде така се надевам и против Вардар и против ривалите во Европа.“

НАМЕСТО ВО ДЕВОЈКА СЕ ЗАЉУБИЛ ВО РАКОМЕТ

Но, за да можеме да зборуваме за Марко Тарабокија како играч на Металург, моравме да се вратиме назад во времето и да дознаеме нешто што не може да се прочита на Википедија – неговите ракометни почетоци. Приказната е интересна. Почнал да тренира ракомет поради девојка, и на крајот се заљубил во спортот.

„Со ракомет започнувам во основно училиште на 10 години и тоа беше како некоја дополнителна активност покрај наставата по физичко. Главната причина што почнав со ракомет е една девојка, повозрасна од мене, која ми се допаѓаше и која тренираше, па и јас почнав за да може да бидам поблизу до неа. Воопшто не ми ни беше на памет сериозно да го сфатам ракометот, девојката ми беше приоритет. (се смее) По само два тренинзи му се допаднав на тренерот, за месец дена почнав да тренирам во младата селекција на Загреб и брзо потоа се заљубив. Не во девојката (ништо не се случи со неа) туку во ракометот и еве веќе 20 години сме заедно“, шеговито се потсети Тарабокија на своите почетоци.

Загреб, Марибор, Азоти Пулави, Висла Плоцк, Чургу… Кариерата на Хрватот се врти тука околу Балканот или близу до него.

„Загреб беше многу тешка средина за млад ракометар да се пробие, со голема конкуренција, особено на мојата позиција среден бек (Балиќ, Шпилер). Среќен сум од една страна што беше така, затоа што секој ден, секоја секунда можев да учам од такви големини од играчи, кои пред сè се врвни луѓе, а тоа е многу важно, особено психолошкиот дел, на кој јас посветувам многу внимание. Со Загреб дебитирам и во ЛШ, но со оглед на тоа колку добивав шанси, веднаш по првата сезона го раскинав договорот и заминав за Марибор. Тоа беше првиот чекор кон Европа и градење интернационална кариера, но истовремено сакав да бидам близу дома за да можам да си го завршам факултетот. Потоа работите сами се редеа.“

ХРВАТ КОЈ ИГРА ЗА БИХ

Тарабокија е генерација на Дувњак, Карачиќ, Штрлек, Пешиќ… со кои на СП за кадети во Бахреин 2007 година ќе освои медал. Потоа ќе игра и за јуниорите, за неколку години подоцна да стане репрезентативец на БиХ. Која е причината за ваквата одлука? Преголема конкуренција на твојата позиција?

„Ако се погледне од таа страна, да апсолутно. Само во мојата генерација Дувњак и Карачиќ, бевме заедно и како кадети и како јуниори. По заминувањето од Хрватска и кога не си во Загреб или во некој хрватски клуб не си им близу на луѓето кои селектираат. Пет години чекав повик за хрватската сениорска репрезентација, но не го добив, не се најдов ни на поширок список, иако се борев, имав одлични сезони во Полска, но залудно. Во тој период во Пулави дојде за тренер Драган Марковиќ, кој беше селектор на БиХ и како на шега ми рече ’ти ќе играш за БиХ’. Тој тоа ми го кажа без никаква најава и прво бев збунет – чекај, како, што!? Секогаш имам амбиции и сакам да играм на големи натпреварувања, и од таа некоја идеја за две недели се случи целата реализација. Процесот го олесни тоа што во Херцеговина има двојни државјанства, мојата баба е родена во Мостар и имаше и роднинска врска, па беше полесно да се направи сето тоа. А и многу играчи се со некое такво двојно државјанство, Шего, Алиловиќ, Карачиќ, еден брат игра со мене за БиХ, другиот за хрватска репрезентација. Тоа е специфично, но решивме се брзо и веќе пет години играм за БиХ.“

НАЈГОЛЕМ КРИТИЧАР КОН САМИОТ СЕБЕ СИ

Со 31-година Марко веќе има зад себе има акумулирано доволно искуство за да знае дека најдоброто допрва го чека, но исто така и дека се се случува со причина, а најмногу што може да се направи е да се работи и да се чека шансата.

„Најголем критичар сум кон самиот себе си. И по лошо одработен тренинг знам ужасно да се чувствувам и доаѓам дома лут на сам себе затоа што нешто не сум направил. Не е тоа ниту добро, ниту лошо, треба да постои некоја граница. Мислам дека сè се случува со причина. Некогаш чекаш, некогаш брзаш во нешто, па не е добро, па е добро… Треба да се препуштиш и да веруваш во твојата работа и ако даваш сè од себе и ако од срце си задоволен и сигурен во она што го работиш ќе ти се исплати на крајот. Тоа ме води цела кариера. Од Загреб каде се барав, па преку Висла, во која трансферот се случи за една недела. Седам дома тренирам и една недела подоцна играм со Висла во Лигата на шампионите против Веспрем, па сега сум во Металург. На некои работи не можеш да влијаеш, треба тука и малку среќа. Не се големи границите и верувам дека Металург е уште еден предизвик со високо ниво во кариерата. Имам зад себе натпревари на кои со задоволство се навраќам и целам на највисоко и и натаму го чекам моментот на кариерата.“

ЌЕ ОПРАВДАМЕ ЗОШТО СМЕ ВО МЕТАЛУРГ

Со вакво размислување каде се гледаш себе и и Металург на крајот на сезоната?

„Не сакам да мислам далеку, туку на сега и на блиска иднина. Можам да нè видам како се радуваме во јуни на успешната сезона. Работиме, се трудиме. Знаеме каде бил Металург претходно и сега се трудиме да го вратиме на тие патеки, тоа ни е некоја водилка и верувам дека ќе го покажеме тоа и ќе оправдаме зошто сме тука, па ќе видиме што ќе донесе времето. Најважно е да бидеме задоволни од самите со себе. Да знаеме дека сме го оставиле срцето на секој меч, дека сме направиле сè и сме си го одработиле своето. Нема срам во тоа да загубиш од Вардар или Пелистер, кои исто така се врвни екипи кои многу работат на себе. Ако се ’истепаш’ со нив, одиграш машки можеш да бидеш задоволен. На крај на сезона да бидеме за тоа чисти пред самите себе си, па каков ќе биде резултатот, нека биде, нека победи подобриот.“