Најголемиот успех во нашата женска клупска историја, освојувањето на титулата на Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионите, но и подемот на женскиот репрезентативен ракомет е тесно поврзан со името на натурализираната Македонка, Лариса Кисељева. Русинката која девет години даваше сè од себе и за Кометал Ѓорче Петров и за македонскиот национален дрес, годинава во Ростов ја прослави 19-годишнината од европската титула. „Следната година сигурно ќе бидам во Скопје! Ако нè ме викнат, сама ќе дојдам“ (се смее)
Во кариерата има играно само за три клуба – Ростов (таму ја почнува и таму ја завршува кариерата), Кометал Ѓ.П. и една сезона мина во Хипо (како позајмен играч кога Кометал беше суспендиран од настап во Европа), а врвот го достигна токму во Скопје. Левото крило за многумина беше еден од најдобрите играчи, кој несебично гинеше за тимот во двата правци. Љубовта кон Кометал прерасна и во љубов кон Македонија, па од руска репрезентативка која ќе освои бронзен медал на Олимпијадата во Барселона во 1992 година, станува македонска репрезентативка и е дел од тимот на европската и светската премиера на дамите, а малку недостасуваше да заигра и на ЛОИ со Македонија.
Кисељева до распадот на Кометал Ѓ.П. (2008) ќе остане во Македонија, а тука е родена и нејзината ќерка Суна. Кариерата која трае повеќе од две децении ја завршува во Ростов во 2010 година, а во родниот град денеска живее и работи. Кисељева е доцент на катедрата за спорт на Универзитетот во Ростов, тренер е на машката и женската универзитетска ракометна екипа, а исто така ангажирана е и во Ростовската федерација за младински ракомет.
Лариса и натаму е спортски активна, оди во вежбалница, игра мал фудбал или ракомет со помали деца (најчесто игра одбрана) и ги следи настапите на Ростов Дон. Ракометот и натаму е нејзиниот живот, заедно со Кометал, затоа што за неа 19 мај и деветте години кои ги минала во Македонија и се чинат, како блиско минато, а не спомени од пред 19. години.
“Не ми е верно дека минале 19 години! Како да беше вчера или завчера… И не само на 19 мај, секогаш во главата ми се врти тој филм, тие преубави девет години минати во Македонија. Кога ќе ја погледнам ќерка ми тогаш сфаќам, таа ми е единствениот показател дека вистина минало толку време“, вели Лариса Кисељева и продолжува „Жалам што годинава ситуацијата е таква каква што е. Пред две години бев во Македонија и планот ми беше оваа да дојдам повторно, но коронавирусот ме спречи. Следната година сигурно ќе бидам во Скопје! Ако нè ме викнат, сама ќе дојдам! (се смее) Прочитав дека Трифун (Костовски) планира забава за јубилејната 20-ка, ќе бидам на прославата. Со сите сум во контакт и со Трифун и со Индира, Гоца (Нацева), Мими (Чупиќ), Анжела (Платон), Дизи… Среќна сум што сега ги има овие социјални мрежи, па може да се ‘следиме’ една со друга и секогаш да сме во контакт.“
ДОЈДОВМЕ ОД СИТЕ СТРАНИ И СОЗДАДОВМЕ МАШИНА
Кога од денешна перспектива гледа на сите тие години и на освојувањето на шампионската титула со Кометал Ѓ.П. Лариса вели дека така изгледа кога ќе се наместат коцките.
“Сè беше како подредено. Имавме голем, вистински спонзор, одлични услови, квалитетен тренер, квалитетни играчи, едноставно имавме сè, коцките беа наместени. Не е дека тоа се случи преку ноќ, напротив, клубот нè собра од сите страни, неколку сезони наназад се градеше тимот, една од Русија, една од ваму, друга од таму и се направи убава екипа. Дојдовме од сите страни и се вклопивме во една машина. Ние растевме заедно и играчите и клубот, три-четири години и на крај се случи – титула! Кога ќе погледнам денеска тоа го нема. Се бараат резултати преку ноќ, има силни екипи, тимови со ѕвезди, со одлични услови, ама нема атмосфера. Ја нема таа хармонија, енергија која ја имавме ние во Кометал, бевме како фамилија и функциониравме како едно, а тоа нè направи шампиони! Дававме се од себе за екипата, сите проблеми ги остававме во соблекувалната, излегувавме на терен и гиневме една за друга, остававме и здравје и сè! Тогаш не мислевме толку на парите, тогаш се гледаа некои поголеми работи, се гледаше единството, заедницата и тимот. Сите бевме големи професионалци и фокусирани само на една работа – европскиот пехар“ – се потсети Кисељева.
ЗА ДЕВЕТ ГОДИНИ ТРИФУН НИКОГАШ НЕ МЕ ИЗЛАЖАЛ
Интересен е начинот на кој Лариса Кисељева доаѓа во Кометал Ѓорче Петров – клубот ја „киднапира“ од Подгорица. Довербата и фактот дека сопственикот Трифун Костовски или било кој друг претставник од клубот не ја излажал ракометарката за ништо во годините кои таа ги минала во Скопје.
“Вистинита е таа приказна дека Кометал ме ‘киднапираше’ од Будуќност. (се смее) Во Црна Гора дојдов преку руски ракометарки кои веќе настапуваа таму, им требаше лево крило и решив да пробам. Една година бев таму, но се изнаслушав лаги и празни ветувања, а клубот ми должеше и пари. Два месеци порано се договорив со Трифун и со Вања (Иван Бојков) и потпишав договор. Интересно е дека уште на прва им верував. Не знам како да го објаснам тоа чувство, таа емоција кога веднаш знаете дека нешто е добро за вас! Фала Богу што добив понуда од Кометал! (се смее) Будуќност ми должеше пари и поради тоа отидов во Подгорица, успеав да си ги земам парите и кога го сторив тоа се јавив во Скопје и Вања ми го прати неговиот возач, кој ме ‘киднапираше’ (се смее). Знаете за девет години ниту Трифун, ниту било кој во клубот Вања, Димитар… не ме излажал! Толку многу доверба имав во нив, сè што ми беше ветено, беше исполнето. Јас давав сè од себе на терен, а тие ми даваа сè што заслужував. Го читав интервјуто на Трифун и вистина е тоа што го кажа, дека го замолив да ми ги чува парите и кога ќе му ги побарам да ми ги даде – толку многу му верував!“
КОМЕТАЛ БЕШЕ МОЈОТ ПРВ И ЕДИНСТВЕН ИЗБОР
Кисељева во периодот кога е играч на Ѓорче Петров минува една сезона како позајмен играч на Хипо. Тоа е годината кога клубот доби суспензија за настап во европските клупски купови по инцидентот со Прокоп во финалето во Скопје. Хипо сакал да ја задржи Русинката, но таа едвај чекала да се врати во Кометал и со тоа им дала до знаење на сите дека за неа постои само еден клуб.
“Во сезоната кога бевме суспендирани во Европа, Трифун ми дозволи да заминам на позајмица во Хипо. Одиграв една сезона таму и Хипо сакаше да ме задржи, но јас им реков – нема шанси! Верувајте ми отидов во Виена само за да го задржам натпреварувачкото ниво и да играм силни натпревари во ЛШ. Играв и давав се од себе, но истовремено, само чекав да помине време, да заврши сезоната и да се вратам дома, во Кометал. На сите им беше чудно зошто ја одбив понудата на Хипо, а истовремено и на сите им стана јасно дека Кометал за мене секогаш ќе биде избор број еден. Ми беше убаво во Скопје, бев среќна тука, имав се што ми треба.“
И кога се враќа во Скопје и се случува врвот во кариерата, освојувањето на титулата во Лигата на шампионите.
“Таа сезона беше како магија! Сите работевме и верувавме во тој пехар, од прв до последен, од сопственик – играчи – тренер – навивачи – сите! Кога ги споменав навивачите, такви нема никаде, никаде! Тие беа секогаш со нас и во победи и во порази, безрезервна поддршка, љубов…“
ПОРАДИ КЛУБОТ ЈА ЗАСАКАВ И МАКЕДОНИЈА
Кисељева пред да дојде во Македонија беше руска репрезентативка која освои бронзен медал на Олимпијадата во Барселона во 1992 година, но откако стана играч на Кометал Ѓорче Петров таа зема македонски пасош и потоа играше за нашиот национален тим.
“По Олимпијадата во Барселона се случуваа некои промени во руската репрезентација, како на тренери, така и на играчи и најавив дека сакам пауза, малку да одморам и да се посветам на клупската кариера. Кога почнав да играм за Кометал, Трифун и Вања ме викнаа на состанок и ми кажаа дека ако сакам можам да земам македонско државјанство и да играм за Македонија. Не размислував многу и не се двоумев. Поради клубот ја засакав и Македонија, а во тој момент Кометал беше клуб-репрезентација. Таа хемија, атмосфера која ја имаше во екипата, се пренесуваше и во репрезентацијата и поради тоа сакав да играм за Македонија. И заедно градевме и клупски и репрезентативен успех. Игравме на ЕП, на СП, па дури бевме и на чекор до Олимпијада. Убав период е тоа, никогаш не зажалив за таа одлука!“
ТИМОТ МИ БИЛ СЕКОГАШ ПРЕД СÉ
Во толку настапи и за Кометал Ѓорче Петров и за Македонија, Лариса Кисељева нема погодок, додавање, некој гест или ситуација, кој и е длабоко врежан во меморијата. На целата своја кариера гледа како на работа која ја работела и на која се радувала кога се радувал и тимот.
“Нормално дека европската титула ми е врвот во кариерата, но немам некој погодок или момент кој ми е омилен. Знаете тоа ми беше работа, јас сум таков играч, давам сè од себе на теренот за екипата. Во повеќе од 20 години кариера се случиле толку многу работи, што веќе дел од нив не ни паметам… Никогаш не ми беше важно колку голови ќе постигнам, важно ми беше екипата да победи. Никогаш не сум гледала на индивидуалната страна, тимот ми бил над се и сум аплаудирала на секој погодок или одбрана на мој соиграч. Бев горда на нив“, вели Кисељева и се присетува: „Сега се потсетив на една ситуација, кога играв за репрезентацијата на Македонија и ја победивме Данска и на тој натпревар постигнав 10 или 11 гола. Се сеќавам дека на крајот славевме и сите ми ја пееја ‘Македонско девојче’. Ми беше многу чудно, затоа што не ја знаев песната, но ја научив и потоа ја пеев на сите прослави.“
“Еден момент кој многу ме налути и изнервира е еден натпис во весник ‘Руската команда пиеше водка’ и се однесуваше за мене, а јас не пијам алкохол и сите што ме познаваат го знаат тоа. Бевме во кафуле со Индира и со уште неколку девојки од екипата и не знам како на масата покрај кафето се најде и чаша водка и потоа не знам од каде излезе тој натпис во весник. Многу бев лута и нервозна, јас не пијам алкохол (се смее) И потоа сите од екипата ми викаа ‘Не се нервирај, напиј се водка и сè ќе биде ОК!’“
НИКОГАШ НЕ МИ ЗДОДЕА ОД РАКОМЕТ
По распадот на Кометал, Кисељева се враќа дома, во Русија и сака да стави крај на кариерата, но Ростов ја ангажира на уште две сезони, за крилото официјално да каже крај во 2010 година. Вели дека никогаш не и здодеало од ракомет, но дека преминот од спортски во нормален живот и бил најтежок.
“Дваесет години собирав работи во торба и одев на подготовки или бев на пат, од натпревар на натпревар и кога ставив крај на кариерата и почнав мирен, нормален живот ми требаше време да се адаптирам. Ми беше многу чудно и многу тешко, се борев самата со себе на моменти, но сега веќе се навикнав и мирна сум. Никогаш не му здодеа спортот или ракометот, јас и професионално сум врзана со него и денеска и уживам во тоа. Активна сум и понатаму, трчам, одам во вежбалница, играм мал фудбал…“
Покрај ракометот Кисељева е посветена и на нејзината ќерка Суна, која (за жал) нема никакви допирни точки со спортот.
“Голема желба ми беше ќерка ми да биде спортистка како мене. Има предиспозиции, висока е, слаба, но не можев со сила да ја натерам да спортува. Таа има други интереси, многу сака јазици, зборува англиски, француски и германски, а сака да научи и македонски. Ми требаше време да сфатам дека не сме ист карактер и дека таа има различни интереси. Сега сум помирена со тоа.“
Интересно е дека Суна е родена во Македонија и таа секогаш ја придружува ракометарката кога доаѓа во Скопје.
“За мене е нормално, но за неа е интересно тоа што е родена во Македонија и на секое доаѓање се обидува да научи нешто повеќе за земјата. Велам се обидува и да научи македонски, и секогаш и е интересно кога ќе ме слушне дека зборувам со некој на македонски. Бидејќи јазикот е близок со рускиот и објаснувам дека ако престојува во Македонија само шест месеци ќе го научи без проблем. Ќе дојдеме заедно следната година. Скопје, Македонија, Кометал – тоа е едно убаво поглавје од мојот живот, кое нема крај.“