ИНТЕРВЈУ ИГОР КОТЕВСКИ: Металург е борец, како мене – заедно од дното кон нов почеток!

Еден од столбовите на машкиот национален тим во независна Македонија дефинитивно е Игор Котевски. Ракометната легенда ја предводеше репрезентацијата на првото големо натпреварување, Европското првенство во 1998 година во Италија, како капитен и како најдобар стрелец во нашиот табор. Кружниот напаѓач со чие име се поврзани успесите на Пелистер, Вардар, Јафа Промет, Борец... во моментот кога треба да отвори интернационално поглавје во кариерата доживува тешка сообраќајна несреќа во која го губи своето семејство, а тој шест месеци е во кома. Животот му дава втора шанса и повторно почнува од нула. Познат како голем борец, се издига од ‘пепел’, му се враќа на ракометот, каде е и ден денеска. Пред десетина дена Котевски седна на клупата на Металург како главен стратег и веднаш се соочи со проблеми – неговиот клуб заработи суспензија прво од ЕХФ, а сега и од РФМ.

По сите подеми и падови во животот Игор Котевски е научен дека не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш. Својата животна приказна во моментов ја поистоветува со она што му се случува на Металург, но подготвен е да се бори заедно со клубот и да пораснат од дното кон нов почеток, кој ќе го врати стариот сјај на тимот од Автокоманда.

„Многупати сум почнувал од нула и во животот и во кариерата и имам многу загубено, но јас сум борец. Се поистоветувам со Металург, клубот беше на врвот, сега е на дното, но нè чека тешка борба и нема предавање! Да дадеме сè од себе за повторно да се качиме горе“, дециден е Игор Котевски и продолжува: „Не ме обесхрабрува оваа ситуација. Дојдов во Металург за да направам нешто. Мојата визија е да го вратам клубот на старите патеки, да му го вратам сјајот. Полека, трпеливо и решително. Не велам не, секако дека ситуацијата не е пријатна. Само што почнав да поставувам некои основи, се случува ова. Не заземам страна и не бранам никого, иако сум во клубот, само моето мислење е дека за доброто на македонскиот ракомет Металург треба да има иднина, а она што јас можам да го ветам е дека догодина ова време Металург ќе биде меѓу топ-три екипи во домашното првенство.“

МЕТАЛУРГ НЕ СМЕЕ ДА СЕ УНИШТИ КАКО БРЕНД

„Ова што се случи сите нè зачуди! Во Србија имаше војна 20 години, но Партизан и Црвена Звезда никој не ги згасна – тоа се спортски брендови, амбасадори. Така е и со Металург – петкратен шампион на Македонија, двапати играл четвртфинале во ЛШ и го пробивал европскиот пат и за другите. Екипа чии играчи биде дел од националниот тим и постигнале најголем успех со репрезентацијата на големи натпреварувања. Реков, не го бранам Металург, клубот си има долгови и обврски кои треба да си ги подмири, но тоа не значи дека треба да се уништи како бренд! Напротив треба да му се помогне. Истото ќе го кажам и за Вардар и за Пелистер. Релевантните фактори во државата треба да помогнат Металург да опстои. Тоа е клуб кој има минато и треба да има и иднина. Човек кој не си го знае минатото не може да има иднина во животот. Потребна е помош, да се остави простор клубот да излезе од кризата. Традицијата и искуството се работи кои не се купуваат, а Металург со години градел традиција. Ја победил Барселона во Скопје, дал играчи како Мојсовски, Миркуловски, Димовски, Георгиевски – ракометари кои играле и за клубот и биле петти во Европа со репрезентација – тоа не може едноставно да се прегази. Треба време и простор да си ги реши проблемите, но треба да се има и толеранција. Најлесно решение е да се згасне клубот.“

Котевски беше дел од семејството Металург претходно кога го водеше вториот тим и добро ја познава состојбата и проблемите на клубот уште пред да се случи суспензијата. Сепак одлучи да се врати во Автокоманда, па не можев да не прашам зошто сега?

„Вистина и претходно кога бев во Металург клубот имаше проблеми со финансиите и ми останаа должни некои сретства, за кои јас никогаш не поднесов тужба. Металург ми е преку патот од дома, го чувствувам клубот како мој и кога ми се обратија беа многу искрени во ставот дека не сум добил вистинска шанса кога требало и дека сега сакаат да го поправат тоа. Името, реномето, како и проектот кој го има претседателката Блажевска и кој се обидува да го спроведе се причините поради кои се согласив.“

Со каква визија ја превземавте работата во клубот?

„Јас сакам домашен производ и многу ми се допаѓаше оној Металург кога основата беа македонски репрезентативци со еден-двајца квалитетни странци. Најдов двајца странски ракометари кои требаше да дојдат како засилување, но ситуацијата во која се најде клубот го попречи тоа. Мојата цел е еден или двајца екстра квалитетни странци, додека се останато да се македонски ракометари. Не ми се допаѓа ова сега, се носи и ‘килаво и сакато’ само да е странец, а нашите деца не може да просперираат. Мислам дека треба малку повеќе да си посветиме внимание на младите категории во Македонија, од работа, селектирање и на тренери и на селектори. Да се направи екипа, да се сортира и да се работи квалитетно со нив. Јас верувам дека со таква работа може Металург да се врати на старите патеки. Сите сакаат шампиони и победници, а не слабаци. Доаѓам со цел и желба во Металург да направам нешто по што ќе ме паметат, а не да имам епизодна улога. Да ни дадеа да играме со Вардар, не велам дека немаше да загубиме, ама ветувам дека ќе се боревме. Играм табла и карти со ќерка ми дома и крадам, не сакам да губам и затоа никој не сака да игра со мене дома (се смее) така сум научен.“

„ПЕТПАТИ ПОЧНУВАВ ОД НУЛА И ГРАДЕВ ТИМ“

Тренерската кариера Котевски ја почнува уште додека е ракометар, односно една полусезона ќе биде играч-тренер во Македонија Марко Поло, а по влегувањето на екипата во Суперлигата, сам ќе признае дека не може да има две улоги. Таму ги прави првите чекори, а потоа превзема проекти во кои главниот акцент му се младите категории.

„Во Македонија ги направив првите тренерски чекори, но не можев да бидам и тренер и играч кога влеговме во Суперлигата, па дојде Драган Здравковски – Ангор, за кој имам многу високо мислење. Кога ја завршив кариерата си отворив приватна ракометна школа во Хипотром и пет – шест месеци работев самостојно, пред да добијам повик од Вардар. Работев со подмладокот и во Вардар Јуниор. Потоа кусо време бев во Драчево – проект кој згаснува поради финансиите. Пролет ме побара да го водам подмладокот и кога отидов имаше осум деца во тимот, а кога заминував по две ипол години на мојот наследник му оставив селекција од 42 играчи. Дел од нив се сега во првиот тим на Пролет. Се појави Бутел, нова приказна, убава приказна, клуб во кој минав одлични две години, кој го сметам за мое дете и навистина сакав да ја продолжиме соработката. Тоа е екипа со најголем подем и успех на домашна сцена, за две години од Прва во Суперлига, и веднаш пласман меѓу први четири и излез во Европа! Имав големи планови за екипата, но понудата која ја добив за да останам мислев дека не е соодветна за успехот кој го направивме и се почувствував навреден. Тогаш ме побараа од Металург 2 и преминав во „Автокоманда“. Сплет на околности, се донесе одлука дека не може еден клуб да има две суперлигашки екипи и јас преминав во Голден Арт. Со младинската екипа станавме шампиони на Македонија, но со првата екипа под чудни околности испаднавме од Суперлига. Тој момент како и смртта на Марко Божиновски, многу ме погодија. Особено загубата на Марко, кој го сметав како мое дете, работев со него и во Бутел и едноставно загубив желба за работа. Ме побараа два-три клуба, но не можев. Јас го сакам ракометот и работам со љубов и кон спортот и кон децата. Со гордост можам да кажам дека сум бил тренер на Филип Миркуловски, на Димовски, Кире Атанасовски, Марјан Колев, Бранче Ангеловски, Раде Стојановиќ, кој сум го газел по нога и сум му велел ‘Полека дете, не се игра така ракомет’. По неколку одбиени понуди ми се јави Ристо Чокрев – човек за кој имам голема почит затоа што тој бил дел од Металург уште од неговите почетоци и се борел да направи нешто и да го издигне. Сакав и него да го ‘откачам’, но ми се допадна разговорот, идејата за проектот Јуниор Кисела Вода како стабилен клуб. Јас си ја направив екипата и можам да кажам дека беше задоволство да се работи во таква средина. Чокрев е златен претседател, кој секој тренер би го посакал. Не се меша во тренерската работа, имавме одлична соработка. Среќен одев на тренинг и мислам дека хармонијата и сплотеноста беше таа која ни донесе успех. Истото можам да го кажам и за Бутел. Прекрасна атмосфера за работа, одбрана група на деца, повозрасни, стара школа за кои зборот на тренерот беше последен. Имавме убава дружба и тимска средина, ем професионалци, ем за дружба и слогата го донесе успехот. Јас ја негувам ‘старата школа’ односно како што мене ме учеле и барам дисциплина. Затоа тогаш излегувале многу подобри играчи од сега, сега ракометот е многу сменет. Во секој од овие клубови почнував од нула и создавав нешто, на тоа сум особено горд.“

РАКОМЕТОТ Е РАБОТА, РАКОМЕТОТ НЕ Е ИГРА

Во тренерската кариера Котевски (кој од неодамна се здоби и со Мастер коуч лиценца) има работено и со млади категории и со професионалци. Подеднакво ужива во работата и со едните и со другите, само приоритетите се различни.

„Кога работам со млади категории резултат не ми е приоритет и во прв план. Не можам да го разберам тоа родители да викаат од трибини, што мудруваат и прашуваат зошто некое дете игра или не. Младинските школи се фабрика за првите екипи, таму се учат основите. Таму е најважно детето да знае да трча, да додава, да има правилна техника… Кога ќе влезе во првиот тим е тогаш резултатот е приоритет. Јас велам ракометот е работа, ракометот не е игра! Треба да се сфати и да се цени топката, тоа ѓумче со злато – како што јас го нарекувам. Некои луѓе стануваат во шест часот наутро и одат цел ден да работат, а некој (ракометар) спие половина ден, ќе оди на тренинг и за тоа ќе земе повеќе пари од обичниот работник. Мора да постои добра причина зошто 40 луѓе трчаат по таа топка и тоа мора да се цени.“

Фото: Приватна архива на Игор Котевски

ОД ДЕБЕЛКО ДО ИГРАЧ КОЈ Е ГАРАНЦИЈА ЗА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА

За да стигнеме до сегашноста и Металург треба да се вратиме многу наназад, во родната Битола каде Игор Котевски ги прави првите чекори во ракометот. Пикерот има тешка, но инспиративна животна приказна, кој малкумина од младата генерација ја знаат.

Малкумина верувале дека момчето кое на 12 години ќе мине девет месеци во болница поради тешко заболување од жолтица и ќе добие премногу килограми ќе стане врвен спортист.

„Потекнувам од фудбалска фамилија, но бев многу дебел и ми беше срам да одам на фудбал, па си реков прво ќе тренирам ракомет. Кога се појавив на тренинг, тренерот ми рече ‘не можеш да играш ракомет толку дебел’, а јас му велам ‘не сакам да играм ракомет сакам да ослабнам’. Тој почна да се смее, му падна жал и ме зеде да тренирам. Првите две-три години (од 12 до 14 години) само трчав низ паркот (се смее), но бев упорен, се извишив, ослабнав. Професорот беше многу строг и принципиелен и кога на 15 години некои деца во екипата не беа редовни или престанаа да тренираат ми даде шанса. Паметам првиот меч го играв беше на игралиштето на Југ во Скопје, мечот заврши 35:35 и од тогаш влегов во подмладокот на Пелистер“, се потсетува Котевски и продолжува: „По еден пријателски меч со Обелиќ во Охрид, Магдинчев кој тогаш беше тренер на Пелистер ме зеде во првиот тим и година дена подоцна дебитирав за сениорската екипа. Растев покрај играчи како Зечевиќ и Зарков. Со Пелистер ја освоив првата шампионска титула во самостојна Македонија, година дена и втората, кога во финале го победивме Вардар. Таа сезона играв 60 минути и напад и одбрана и се формирав како играч. На тие години мислев дека никогаш нема да си заминам од Пелистер. И денеска клубот многу ми значи во животот, од таму тргнав и многу го сакам. Но по двете титули добив понуда за продолжување на соработката која сметав дека не е соодветна, а одговорот беше ‘ако сакаш за овие пари играј, ако не – слободен си’. Се јавија од Борец од Велес и повеќе од инат заминав и станавме шампиони таа сезона со Борец. По сезона ипол во Велес, паметам Јафа Ресен плати големо обештетување за мене и ме зеде на полусезона. Таа сезона не, но затоа следната и со овој клуб станавме прваци. Во пет сезони ракомет во независна Македонија јас имав четири шампионски титули со три различни клуба. Малкумина знаат дека Јафа Промет е првата машка екипа која заигра во Лигата на шампионите. Сопственикот на клубот беше прекрасен човек, вљубеник во спортот и даваше многу за ракометот. Паметам кога се пласиравме во групна фаза ЛШ само ни велеше ‘Каде ќе најдам толку пари за овие трошоци?’“ (се смее)

Паралелно со клупската му расте и репрезентативната кариера. Од младински репрезентативец на Југославија, прераснува во лидер на македонскиот национален тим на патот кон првото големо натпреварување – ЕП 1998 во Италија.

Од самиот почеток е дел на репрезентацијата на Македонија

„Од прв ден од формирањето на репрезентацијата на самостојна Македонија бев во тимот и бев дел од генерацијата која обезбеди пласман на првото големо натпреварување, Европското првенство 1998 во Италија. Низ што сè не минувавме тие години. Бев капитен, на ЕП 98 и најдобар стрелец, а потоа бев најдобар стрелец и во квалификациите за СП 1999 во Египет.  Паметам кога го игравме со Чешка реваншот во група, Чесите стигнаа побрзо од нас на реваншот во Ресен. Ние имавме проблеми со превозот, се мачевме. Во Романија, во квалификациите, не маваа со стаклени шишиња на терен, на Алушевски му истурија вода во аголот и тој само додаваше цел натпревар. Јас играв со 40 температура. Ванчо Јовановски ни беше селектор и ми рече ‘Мораш да играш!’ Го чував Војка, кој им беше најдобар играч на Романците, но ми одговараше да играм против него. Паметам како славевме во Скопје. И победата над Италија на гости во последниот меч од квалификациите за СП, кога ни беше потребна победа од четири гола, а ние славевме со осум. На СП во Египет не играв поради несреќата, но се вратив неколку години подоцна во репрезентацијата во 2004 година. Одиграв на еден турнир во БиХ со генерацијата на Лазаров, Стојановиќ, Димовски, Темелков…“

МИХАЈЛОВСКИ, КОСТОВСКИ, ТУПУРКОВСКИ, КАДИЕВСКИ – МНОГУ ИМ ДОЛЖАМ НА ТИЕ ЛУЃЕ

Во тој период (1998 година) Котевски се профилира во играч за кој интерес имаат клубови од цела Европа. Неколку понуди ќе одбие пред да се одлучи да се проба во Бундеслигата, но судбината има други планови за него.

„Во тоа време пола Европа ме бараше (колку и да звучи ова нескромно). Михајло Михајловски инсистираше да потпишам за Вардар, а дека навистина сака да ме има во тимот покажа со тоа што се што побарав, се добив. Имав понуди од Сплит за кој во тоа време играше Ивано Балиќ, потоа Трст, кој го потпиша Новокмет и ме бараа и мене. Михајло тогаш ми рече ‘Коте ако сакаш, ќе те пуштам да одиш, но остани во Вардар, добро ќе ти биде тука’ и навистина беше така. Во Вардар дојдов заедно со Мајнцев, Нишевиќ беше тренер и од тука тргна подемот на клубот и пласманот во четвртфиналето со Тулуз во ЕХФ Куп на купови. Добивав понуди од сите страни и на крај се одлучив да потпишам за Магдебург. Се беше договорено и требаше да заминам на 19 јануари, но на 13 јануари 1999 направив сообраќајка несреќа. Шест месеци бев во кома, сите мислеа дека ќе умрам! Не умрев. Зошто!? Не знам ни јас. Ми раскажуваа низ што се сум поминал, три сепси (некои луѓе ни една не преживуваат, јас три), немам никакви сеќавања, тоа е еден болен дел од мојот живот и не зборувам многу за тој период затоа што доволно патев. Во тој период бев шокиран од односот и третманот на сите, како веќе да бев отпишан од сите. Моето семејство беше во тешка ситуација затоа што имаше продадено сè, само за да може да си го спаси детето. Се вратив во живот, му се вратив и на ракометот. Останав во Вардар и морам да потенцирам дека Михајло Михајловски многу направил за мене кога бев во болница и јас можам само вечно да му бидам благодарен што помогнал да ми се даде нова шанса во животот. Трифун Костовски и Васил Тупурковски, како тогашен прв човек на МОК, Душко Кадиевски, кој беше претседател на РФМ во тоа време многу ми помогнаа. Нема да ги заборавам зборовите на Трифун кој ми рече ‘Коте ако некој заслужил да добие нешто од државата, тогаш тоа си ти’. Тупурковски ми плати лечење во Франција на повреда на ногата и парично ми помогна, Кадиевски ми додели стан. Тоа се гестови на големи луѓе на кои јас вечно ќе сум им благодарен.“

„Само што полека почнав да се враќам во форма, дали поради забрана од доктор или, клубот така одлучи ми рекоа дека е рано да се вратам во игра и мене ми се струши светот. Заминав од Вардар и потпишав за Борац Бања Лука. Тоа место и средина ми помогна психички да закрепнам, премногу спомени имаше во Скопје и Македонија. Таму одлично се адаптирав, но поради политички превирања морав да се вратам дома, назад во Пелистер. Кусо се задржав таму и заминав во Македонија Марко Поло, клубот на Марко Миркуловски (таткото на Филип Миркуловски). Малкумина знаат дека во тој период му бев и тренер на Филип и дека имам и јас придонес за играчот кој е денеска. Најголемата грешка што ја направив е што од Македонија отидов во Пелистер, затоа што кога згасна клубот сите играчи се префрлија во Металург или во Пролет и така се постави основата на оној шампионски Металург, од кој можеби ќе можев и јас да бидам дел. Кариерата ја завршив во Куманово, каде играв неколку месеци во 2004 година.“

МЕДИЦИНАТА – ВТОРА ПРОФЕСИЈА

Покрај ракометот Игор Котевски има и друга љубов – медицината. Тој има завршено Средно медицинско училиште и бил запишан и на Факултет по психологија, но поради ракометната кариера ги имал „заборавено“.

„Во тие шест месеци кома кога многумина кренале раце, еден доктор и една сестра останале да се грижат за мене. Моите ми кажаа и кога излегов од болница и малку закрепнав ја побарав сестрата која се грижела за мене (за која мислев дека е повозрасна госпоѓа) да и се заблагодарам за грижата. Навистина очекував постара госпоѓа, а не млада девојка, со која долги години бевме другари, а потоа другарството премина во љубов и денеска таа ми е сопруга и имаме две ќерки. Во контакт и добри односи бев и со докторот кој не се откажал од мене и кога разбра дека имам завршено средно медицинско училиште ми најде работа во Клиничкиот центар во Скопје. Во меѓувреме завршив и Висока медицинска школа и еве веќе 18 години работам и како медицинско лице.“

ШТО ТРЕБА ЧОВЕК ДА НАПРАВИ ЗА ДА ДОБИЕ ШАНСА?

По една ваква животна и ракометна приказна ме интересираше каде Котевски се гледа себе си во иднина и кон што стреми.

„Читав дека тенисерот Медведев по поразот во финалето на Австралија Опен изјавил дека Надал му го скршил сонот. Мене сонот многупати ми бил скршен, но никогаш не сум се предавал. Она што не ми е јасно е како може по се што сум минал, што сум направил и што сум дал за ракометот да не можам да добијам шанса!? А шанса му се дава на кој стигне, без разлика заслужил или не. Диего Марадона, најголемиот фудбалер на светот доби шанса да биде селектор на Аргентина, но со него на СП тие испаднаа уште во група. Му се заблагодарија и се разделија. Мене никој не ми дал шанса! Каде и да сум одел од ништо сум правел нешто, но тие резултати никој не ги гледа! Во Македонија со врски се станува тренер, со некој ако се јави се станува селектор и тоа не е во ред. Според мене првак во Македонија во младинска конкуренција лани беше Голден Арт. Кој е тренер на Голден Арт? Игор Котевски! Тој треба да биде селектор на млади. Во кадетска кој бил шампион – Струга, неговиот тренер треба да биде селектор на кадети. А кај нас не се знае ни како се бираат, ни по кој критериуми, не можам да го разберам тоа. По која основа се станува тренер или селектор, по кои критериуми? Што треба човек да направи да стане тренер на Вардар или на Еурофарм Пелистер или за да биде селектор на Македонија? Според резултатите кои се направени во клубовите во кои сум бил сигурно сум меѓу двајца-тројца тренери кои биле најуспешни во младинските конкуренции, имам амбиција да бидам селектор, но зошто не ми се дава шанса?“

ЛЕГЕНДИТЕ СЕ ЗАБОРАВЕНИ!

„Јасно ми е! Легендите кај нас се заборавени. Сте слушнале ли нешто за Дарко Панчев, Јошко Миленкоски, Шабан Трстена, Вели Мумин, Васил Рингов, Буштур Георгиевски – тие се легенди на македонскиот спорт, а ретко дал или скоро никој не ги споменува… Еден Пепи Манасков – тој е најголемиот! Една душа од човек и тој е тренер на подмладок на Вардар. Ќе го кажам само ова, видете ја Хрватска – седи Червар на клупа, ама позади него седи Вори и му шепка нешто на уво, Сега седи Хорват ама позади него е Балиќ и тој му кажува нешто. Пак ќе прашам каде се кај нас легендите? Ова е Македонија кај нас се знае кои се и на прсти се бројат, ама не се почитуваат. Преку ноќ се е тоа заборавено.“

ЛАЗАРОВ ТРЕБАШЕ ДА ПОБАРА СОВЕТ, СО ИНАТ НИШТО НЕ ПРАВИМЕ

Игор Котевски јасно даде до знаење дека поборник за македонската „кауза“ и дека за него македонските тренери се секогаш пред странците кога станува збор за селекторско место. Сепак, потенцира – ракометот не почнал и не завршил со никого – па затоа мора да се изнајде начин како заеднички да се оди напред.

„Ќе потенцирам дека јас сум за Лазаров или за Брестовац… многу повеќе отколку за Обрван, Червар, Вујовиќ, Петковиќ – кој сè не ни беше селектор и вистина не ми е јасно. И на нашите тренери треба да им се помогне во работата со оваа репрезентација. Свесен сум дека секој тренер или селектор си има своја визија и тој си ја носи одговорноста, но репрезентацијата е јавно добро и за неа се грижиме сите. На пример, Данило (Брестовац) го сакам како брат и му реков дека селекцијата на играчи за ЕП во Австрија му е погрешна. Тој тераше по свое и на крајот излезе дека јас сум бил во право. Јас зборувам со факти. Кој е најдобар стрелец во македонско првенство? Давор Палевски, крилото на Пролет. Како може Палевски да го нема на список на репрезентација!? Не може Кузмановски кој игра во Хановер да седи на клупа, а друг да почнува натпревар пред него. Со Лазаров сум играл и сме дружеле, Кире покрај мене растел, игравме заедно во Велес и многу има направено во кариерата и сигурно е голем играч, не верувам дека повторно ќе се роди таков. Но кога станува збор за тренер, требаше да си побара совет. Со Бранче (Ангеловски) бевме цимери во Вардар, сме тренирале, сум му помогнал во кариерата, кога го бараа во Загреб му реков веднаш да одиш, таму ќе ти се отворат вратите кон Европа, но истото се однесува и за него. Многу дадов, многу добив и многу изгубив со овој ракомет и мислам дека имам право и јас нешто да кажам – добронамерно. Немам за цел некого да навредам или да понижам, туку да си помогнеме за заеднички да одиме напред. Со инат ништо не правиме. Секоја чест на таа генерација од Србија за сето она што го даде и направи – длабок поклон и почит за тоа, но ракометот не го измислив јас и тој не престана да се игра кога престанав јас. Како тренер или селектор понекогаш треба да слушнеш и други мислења. Ние сме држава од еден ипол милион луѓе, од кои 500 ракометари, од кои 20 се во репрезентација. Тие се! Ние не сме Германија, која има ракометари колку што ние имаме жители и може да бира колку сака. На нас е да се бориме, да работиме, да им дадеме услови на тие деца и да им помогнеме. Само така ќе си помогнеме и на нас и на македонскиот ракомет!“