ИНТЕРВЈУ ИВАН МАРКОВСКИ: Мојата генерација допрва ќе го каже своето

Македонската ракометна легенда, Иван Марковски, по три години минати на клупата на францускиот женски ракометен клуб, Ле Самбр Авенуа, последниве осум месеци, се врати во Битола. Тој е дома од две причини, Ковид-19 пандемијата, но и разликата во погледите и амбициите кои ги имале тој и клубот. Сега се едуцира за добивање на тренерска мастер-коуч лиценца, а од неодамна има и своја менаџерска агенција.

Десното крило потекнува од школата на Пелистер, а има настапувано и за Вардар и за Металург на домашната сцена. Тој е еден од ретките во тоа време (заедно со Бранислав Ангеловски и Кирил Лазаров) кој блеска и на интернационалната сцена во клубови како хрватски Метковиќ и Загреб, потоа и Џенерали Трст, шпански Арагон… Беше и меѓу пионерите од овие простори кој се проба во егзотичната Саудиска Арабија и стави крај на кариерата на само 33 години.

Со репрезентацијата испишува историја како дел од генерацијата која го „кршеше ледот“ со настапи на големите натпреварувања, носејќи се рамо до рамо со Пепи Манасков и Стевче Алушовски на само 17 години. Иако со одиграни 130 натпревари е еден од ракометарите со најголем број настапи во националниот тим смета дека траел кратко и дека не го дал најдоброто од себе. Главната причина поради тоа се семејните проблеми, поради кои и се повлекува од ракометот, но како аманет си остава дека сето она што не успеал да го постигне како играч, ќе го направи како тренер.

„Заедно со Томче Петрески и Кристијан Грчевски ќе бидеме дел од новата генерација на мастер-тренери, едукација која ја започнавме во јануари лани, во Виена, а ја финиширавме на почетокот на месецов. Петрески доби лиценцата, јас и Грчевски поради технички причини подоцна ќе полагаме. Тоа е еден врв на едукација кој го добиваме од ЕХФ и таа диплома нема да нè направи ниту подобри ниту послаби тренери, но тоа е еден документ кој ќе ни помогне за наоѓање на еден подобар ангажман и ќе ни понуди еден поширок спектар при изборот на клубови. Се радувам што мојата генерација го прави тоа, и натаму инвестира во себе, се едуцира, се надградува, расте. Еве сега и Кирил Лазаров како селектор, со Бранко Ангеловски, кој цела деценија се има докажано и како играч и како спортски директор во Романија… Тоа се ракометни имиња кои заслужуваат да добијат шанса во Македонија. Секој од нас чекаме првиот чекор да го направи некој од клубовите, уште некој во Македонија не ја препознал нашата работа и капацитет, но верувајте дека мојата генерација допрва треба да го каже своето. Македонските претседатели и македонските сопственици на клубови немаат трпение за македонските тренери, а не треба да биде така. И ние треба да имаме иста поддршка како и странците затоа што верувам дека со ништо не заостануваме со капацитет, квалитет и искуство. Имаме успешна генерација на амбициозни тренери кои можат многу да придонесат за македонскиот ракомет“, потенцира Марковски.

ВО ЕУРОФАРМ ДОБИВ ШАНСА, НО НЕМАШЕ ВЕРБА И ТРПЕНИЕ

Тренерска кариера на популарниот Иве започнува во Битола и тоа со проектот Еурофарм Работник, со кои ја прекинува соработката во моментот кога клубот вистински почнува да расте.

„Кога почнавме да работиме со школата со Александар Зарков нашата желба беше еден ден некој да ја препознае нашата работа и да почне да вложува во тие деца. Со нашиот професионализам, амбициозност и сериозност го привлековме Силјан Мицевски и покојниот Благој Стефановски, кои го препознаа тоа и одлучија да направиме клуб. Со сопствен кадар, околу 150 деца, кои беа селектирани во неколку категории и веќе првата генерација беше подготвена да ги почувствува тие чекори во сериозен ракомет. Многу брзо проектот од школа прерасна во клуб. Нè очекувавме дека ќе стане и супербренд. Воспоставивме основа со Заре во првата сезона и почнавме да го градиме клубот на сигурни патеки. Втората година веќе имавме екипа за влез во Суперлигата и буџетот и условите растеа, а веќе во третата стигнавме до суперлигашки статус, покрај бренд како Пелистер, за кој е врзана сета ракометна историја во Битола. Но и ние полека почнавме да ги освојуваме симпатиите кај публиката. Во еден момент работевме сè, ги трениравме сите категории, водевме финансиско работење, го градевме клубот на основа на која, слободно можам да кажам, функционира и денеска, но во еден друг систем. Факт е дека во Еурофарм Работник добив шанса да работам, но кога почнавме да создаваме нешто поголемо, не бев доволно добар за прва екипа. Кога бевме заменети се почувствував дека не можам и не сакам да му бидам помошник на Андон Бошковски, кој ми е другар, не затоа што го гледав како потценување, туку сметав дека имам капацитет сам да водам тим, но клубот немаше верба и трпение. Сакав да ја добијам таа шанса да превземам одговорност и да работам на едно повисоко ниво, но таа можност управата не ни ја даде. Претходно три години градевме нешто и кога дојде ред да се покажеме во Суперлигата бевме сменети. Ние тогаш се баравме, го менувавме системот, на почетокот сакавме да правиме приказна од сопствените деца за преку ноќ да стане тоа еден амбициозен клуб во кој веднаш се бараа резултати и со тоа немате време вие да ги чекате децата да пораснат, да созреат и да го минат процесот, кој мора да се мине. Тоа ние го немавме, туку добивме понуда да останеме во младинската школа. По неколку месеци јас добив понуда до Франција и заминав и тоа е најдобрата можна одлука што сум ја донел. Се покажа како полн погодок затоа што за моја сатисфакција покажав дека можам да работам самостојно и да водам клуб и уште поголема сатисфакција што тоа го правев во земја на светски и олимписки шампион и во машка и во женска конкуренција.“

САМБР АВЕНУА – ДОКАЗ ДЕКА МОЖАМ САМОСТОЈНО ДА ВОДАМ КЛУБ

Интересен е преминот кој го прави Иван – од млад тренер кој кусо работи со машка екипа, заминува во странство и во непозната средина за да води женски клуб. Понудата ја добива преку стар ракометен пријател, Седрик Ларген, со кој соработува и на еден турнир во Струга, кога Маркоски води еден мешан француски тим.

„Кога ќе добиете шанса да работите во било која француска лига, тоа е знак дека некој ја цени вашата работа. Не се двоумев на таквиот чекор бидејќи чувствував самодоверба во својата работа и мислев дека она што на некој начин не го добив од страна на Еурофарм Работник можам да го покажам таму, така и се случи. Сите велат дека е тешко да се работи со жени, но во моите почетоци таму и мојот пристап реков дека нема да правам разлика меѓу машки и женски играчи. Ракометот е ист, принципите и правилата секаде се исти само се зависи како вие ќе ги поставите работите. Од првиот момент го наметнав истиот систем и начин на работа кој го имам претходно и во Македонија. Од управата беше потенцирано дека бараат токму таков тренер со балкански менталитет (цврста рака, се смее), што на крајот се покажа како успешен и резултатите го потврдија тоа. Ќе бидеме толку успешни колку што екипата побрзо ќе го прифати мојот начин на работа – реков на првиот тренинг и така и се случи. Од трета лига за една сезона влеговме во втората лига, каде бевме супер изненадување. Немавме ниту буџет, ниту квалитет за да бидеме во лигата, но извадивме максимум од нас и стигнавме до историски успеси. Последната сезона целевме за влез во најелитното француско друштво. Добро почнавме, но се случи смена на претседателот, а со тоа се сменија погледите и амбициите на клубот. Јас имав активен договор, а и покажав и знаев дека можам да работам на повисоко ниво, но за клубот првата француска лига беше преголем залак, а со новиот претседател, а потоа и појавата на коронавирусот го сменија системот на раководење на клубот и едноставно нашите размислувања, идеи и визии беа различни, односно неадекватни на моите амбиции и потоа се вратив во Македонија. Сега сум тука и ќе чекам додека не се појави некој проект соодветен на моите амбиции за да продолжам да работам.“

По три години минати во Франција сега тој е дел и од тренерската организација „Сет мастер“.

„Тоа е дел од тренерското лоби во Франција. Во тоа друштво се влегува со препорака, односно некој ја следи вашата работа и како плод на тоа добивате покана да влезете во такво привилегирано друштво и меѓу тренерите кои се заштитени во таа организација. Ден денеска луѓето од таму ме контактираат и се грижат за мене, постои координација меѓу Француската федерација и Сет мастер, доколку има потреба некој клуб од тренер, преку организацијата се добиваат понуди. Марјан Колев исто така е член и тој е многу ценет и почитуван со неговата работа во Франција. По осум месеци од враќањето од Франција тука никој не ме контактирал, а од таму веќе имав неколку понуди за работа, кои ги одбив затоа што не беа соодветни со моите амбиции.“

МЕНАЏЕРСТВОТО КАКО ХОБИ

Додека го чека следниот тренерски ангажман, Иван е активен како менаџер, но вели дека тоа е само хоби, помага со своите ракометни контакти на оние на кои им е потребно.

„Од пред некое време отворив своја менаџерска агенција, која што на некој начин е мое хоби. Контактите кои ги имам, кои сум ги стекнал низ кариерата и клубовите во кои сум настапувал ми даде некоја привилегија да можам да помогнам и во тој дел. Не ја чувствувам таа професија како нешто што можам професионално да работам. Им помогнав на неколку клубови во Македонија во изминативе десет години донесовме неколку француски играчи и други странци кои продефилираа низ македонските клубови, но тоа е нешто што го работам кога немам тренерски ангажман. Тренерската професија е приоритет и амбиција за мене. Периодов додека сум без тренерски ангажман, па секој кој ме исконтактирал и кој сметал дека можам да му помогнам, сум го направил тоа и го правам тоа. Мислам дека покрај функцијата на тренер, менаџер е нешто што ме интересира и во што сметам дека можам да придонесам.“

НАЈДОБРИТЕ ГОДИНИ СЕ ОНИЕ ВО МЕТКОВИЌ

За да дојде до она што е денеска Иван Марковски се „кали“ преку училишниот спорт, до школата на Пелистер, преку настапите за младинскиот, а потоа и А националниот тим, за да стигне до хрватски Метковиќ и да биде еден од ретките кои може да се пофалат со таков трансфер во тоа време. И тука тргнува неговиот интернационален подем.

Ракометната кариера на Иван Марковски низ фотографии

„Преку училишните спортови дојдов до ракометната школа на Пелистер, каде Цане Крстевски е мој прв тренер и кој и ми ја даде шанса да влезам во најдобриот тим на Пелистер. Тоа е периодот кога Пелистер ја освојува првата шампионска титула, односно следната сезона јас влегов во првиот тим и се до 2000 година се афирмирам како играч на Пелистер. Тогаш клубот беше супербренд, сите млади играчи сакаа да играат во него, имаше некоја хемија во тој Пелистер, во тоа време и сите успеси кои ги направивме беа со битолски ракометари, 80-90 посто од тимот беа од битолската школа и особено сум горд за тоа. Потоа клубот почна да го менува концептот по кој беше препознатлив и со кој освојуваше титули. На некој начин и јас почувствував дека сум ја надминал средината во која играв и во вистинско време стигна понудата од Метковиќ, клуб кој обележа еден свој период на ракометната мапа, кој го освои европскиот ЕХФ купот и направив паметен чекор, го прифатив ангажманот и можам да кажам дека моите најдобри години беа таму.“

„Во тоа време критериумите да излезеш надвор беа големи и високи, требаше да бидеш квалитет за да добие шанса во Европа, а претходно тоа им успеа само на Томе Петрески и Пепи Манасков. Потоа дојде мојата генерација со Лазаров и Ангеловски ги направивме тие први чекори и со нашите настапи и во матичните клубови, но и националниот тим, некој го препозна нашиот квалитет и не забележа од големите клубови. Настапите на Македонија беа некој показател за тоа дали си подготвен за Европа. Моите настапи против олимпискиот првак Хрватска, потоа Србија и Португалија, тоа беше подготовка за излез надвор од Македонија. Истовремено тој натпревар со Хрватска ми е врвот во кариерата, отскочна штица за сè. Паметам Ивица Обрван, кој тогаш беше тренер во Метковиќ рече: Кој е тој играч што постигна 32 гола во три меча, а промаши само двапати? Никој нас не ни подари да одиме во странство и критериумите да бидеме репрезентативци беа многу поголеми од сега, и конкуренцијата беше страшна. Требаше да бидете врвен квалитет за да може да играте во клубови во какви што игравме ние. Во тоа време од 2000 до 2004 македонските ракометари беа актуелни и барани во тие два хрватски клуба – Метковиќ и Загреб. Кирил Лазаров истовремено потпиша за Загреб и тогаш беше познато големото ривалство меѓу двата клуба, како и оној историски плеј-оф во 2001 година. Каков голем ривалитет беше и какви се имиња играа во двата клуба. За да се најдете во такво друштво требаше потенцијалот да биде потврден и да покажете зошто сте таму. Во првите две сезона, особено таа завршница во 2001, македонското трио, Маркоски – Лазаров – Ангеловски бевме најдобрите играчи во таа конкуренција на олимписки и светски прваци. Јас бев најдобар стрелец во сезоната, Лазаров зад мене, Бранче одигра голема улога во Загреб во кој дојде на полусезоната. Ние го обележавме тој плеј-оф и тие неколку години, а тоа беше препорака подоцна за раководството на Загреб да нè спои на некој начин. Метковиќ беше сериозен проект, со многу успешна приказна, но од неможноста на Хрватската ракометна федерација да му даде на спонзорот на клубот, Стипе Габриќ, реално да освои еден од трофеите немаше повеќе ни мотив, мотив ни желба. Со тоа го оддалечија од вложувањето во клубот и да ја продолжи успешната приказна која ја имаа, а Загреб успеја да си го задржи приматот и до ден денеска.“

НЕ ГО ДАДОВ МАКСИМУМОТ КАКО ИГРАЧ

“Од Загреб продолжувам во Италија – Џенерали Трст, супер клуб со кој го направивме најголемиот успех во италијанскиот ракомет во таа сезона, игравме во финалето на Челинџ купот. Одлична екипа која играше важна улога во Европа и во која заминав по препорака на Душан Новокмет со кој настапувавме заедно, како и на Лино Червар, кој ми беше тренер во Загреб. Следеше Арагон и АСОБАЛ лигата, која за разлика од денеска беше сериозна и со силна конкуренција. Арагон беше успешен проект, балканска колонија со екстра квалитетни интернационалци. На крајот од кариерата имав шанса да играм во Саудиска Арабија, одлично од финансиски аспект, фантастично животно искуство бидејќи таму добив шанса да играм и како десен бек две години. И животен, но и спортски предизвик, и еве по 10-11 години доколку имам шанса би се вратил таму. Според мое мислење, но и според мислењето на луѓе кои ми се блиски, пријатели, соиграчи, колеги јас како играч не го дадов максимумот. Можев уште повеќе да придонесам и да бидам продуктивен и за клубовите и за националниот тим. Релативно кратко ја завршив кариерата на 33 години, но имав приватни проблеми кои директно влијаеја на мојата кариера.“

СЕМЕЈСТВОТО ГО СТАВИВ ПРЕД КАРИЕРАТА, ЗАТОА СЕ ОТКАЖАВ РАНО

Комплетно искрен беше Марковски во нашиот разговор, па се отвори и за тоа зошто толку рано ја завршува кариерата.

„Бев на една крстосница на која требаше да одлучам дали да си го спасам семејството и да се борам за иднината на своите деца или да ја продолжам кариерата по цена на сè. Се одлучив за семејството, но си дадов ветување самиот на себе дека она што не го направив како играч, и покрај тоа што за кусо време направив супер кариера, ќе го наподолнам со успешна тренерска кариера. Се одлучив да се вратам дома, приоритет и дадов на фамилијата и на некој начин свесно го избрав тој пат. Во мојот прв брак проблемите кои ги имав не ми дозволија да имам квалитетната кариера и затоа толку рано се одлучив да ставам крај. Немав повеќе мотив, проблемите кои ги имав ме уназадуваа и не ми дозволуваа да се развивам соодветно. Не ми беше фокусот кон ракометот, ја немав поддршката која сакав да ја имам и ми беше потребна и затоа прекинав. Денеска имам прекрасно семејство – втор брак и со гордост можам да кажам дека сегашната сопруга Ангела комплетно ме следи и ми е поддршка во мојата кариера. Особено во последните три години во Франција беше мојот најголем мотор и денеска ми е најголема мотивација која ме тера да напредувам и сега многу полесно функционирам и се посветувам на тренерската работа. Имам една средена фамилијарна слика и заедно со синовите Филип и Павел од првиот брак и ќерката Алесија од вториот ние сме супер-функционално семејство и тоа е она што ме прави горд и среќен. Токму поради тоа не жалам поради ништо низ што поминав. Сè е искуство и од сето тоа сум посилен и помудар.“

ТРАНСФЕРОТ ВО АДЕМАР ЛЕОН Е ШАНСА КОЈА ЈА ПРОПУШТИВ

Кога ќе погледне наназад семејните проблеми го принудуваат прерано да стави крај на кариерата, но и да направи еден потег во кариерата, кој можеби би однел се во друга насока.

„Реков претходно жалам што прерано ставив крај на кариерата, можев повеќе да дадам за македонскиот ракомет и спорт воопшто. Тлее тоа во мене, и можеби ако тогаш размислува поинаку нешто што би сменил е по тие одлични настапи во Хрватска на 22-23 години наместо во Италија ќе ја прифатев понудата во Адемар Леон заедно со Петар Метличиќ. Тоа е некоја шанса која не ја искористив, а некогаш знам да си помислам – што ако отидев со него? Сè друго не би менувал, би одел по истиот пат. И во Македонија играв и за Вардар и за Металург, по една сезона, кога играа во Лигата на шампионите, но проблемите секаде ме следеа. Можеби требаше да останам во Вардар, имав добра сезона, добри партии против Барселона, Пик Сегед… Во Металург имав пех со повреда, ме донесоа како засилување и не можеа да ме чекаат да се рехабилитирам. Но, среќен сум што од тоа доби шанса Гоце Георгиевски, кој беше моја замена и прерасна во играч каков што е денеска. Интересно е што во моето време во Загреб, Златко Хорват беше млад и перспективен играч, кој ме наследи, дури го наследи и мојот број 13, кој јас го носев во кој клуб и да играв, а потоа стана легенда на Загреб.“

ПИШУВАВМЕ ИСТОРИЈА СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Од капитен на младинската репрезентација до дебитант за А-тимот на 17 години, за во 2008 на јубилејниот 130 настап Марковски да стави крај на репрезентативната кариера.

„За А тимот има 130 настапи. Последен ми беше во 2008 против Србија во Охрид, во квалификациски меч за ЕП. Згора на сè и повредите станаа почести, па сметав дека не можам да дадам максимум и дека е подобро да се повлечам. Се радувам дека ќе останеме запишани како генерација која почна да ја пишува историјата на македонскиот репрезентативен ракомет. Од младинска репрезентација со прв настап во 1994 година на едно ЕП, заедно со Мисовски, Ангеловски, Коруновски, Макаловски, Крстев… Потоа нов историски чекор, учество на СП со Мојсовски, Лазаров, за веќе во 1997 година во Трабзон таа генерација да ги покажа квалитетите со континуитетот на големите натпреварувања. Бев капитен долго време на таа младинска репрезентација, а потоа на 17 години Драган Нишевиќ во Словачка ми даде шанса да дебитирам за А тимот. Првите сериозни настапи секако ги имав под водство на Јовановски и Крстевски и во најдобрите години играв заедно со Пепи Манасков и Стевче Алушовски – тоа беше исполнување на сон, да бидам соиграч со Пепи кој го сметам за еден од најдобрите ракомерари на светот. Интересно е дека природно јас бев дел од генерацијата кој го направи континуитетот, а во сениорска конкуренција играв со повозрасна генерација од мојата и со неа и завршив.“

НАСЛЕДНИК ВО ВНУКОТ

Ниту двата сина, ниту ќерката не се заинтересирани за ракомет, а наследник на Иван е неговиот внук од сестра, Бобан Каковски, ракометарот на КЛ7 Голден Арт и актуелен кадетски репрезентативец.

„Бобан е едно од првите три деца со кое работевме со Заре кога ја отворивме ракометната школа. Ние го воведовме во ракометот и се надевам дека му дадовме добра основа за успешна ракометна кариера. Тој прерасна во добар спортист и одлично воспитана личност, вљубеник во ракометот. Доаѓа кај мене за совет, го подучувам да не ги прави грешките што ги направил вујко му (се смее). Не случајно го избравме проектот КЛ7 за него, заедно со Кире. Сега е веќе возрасна личност и тој ќе си ги прави своите чекори во кариерата. Мислам дека уште може да напредува, но имаше проблеми со короната, тешка беше оваа сезона, но допрва треба да се развива и да даде на македонскиот ракомет.“