ИНТЕРВЈУ ИВАН БОЈКОВ: Од Кометал никој не сакаше да си замине

Прв претседател на Македонскиот ракометен сојуз (1989 – 1999), единствениот досега со десетгодишен мандат, две децении претседател на најуспешниот македонски клупски женски колектив, европскиот првак, Кометал Ѓорче Петров, потпретседател на РФМ во времето кога прв човек беше Трифун Костовски (2003 – 2008) и актуелен почесен претседател на „куќата на ракометот“ – Иван Бојков е соговорник во викенд интервјуто на 24ракомет.

Популарниот Вања 20 години бил фудбалер, но секогаш во тесна врска со ракометот, растел во Мичурин каде имало и ракометен клуб „Југ“ и има многу другари ракометари. Токму тие ракометни пријатели (Владимир Радиќ, Димитар Тодоровски) се причината поради која како успешен бизнисмен во 1984 година влегува во маалскиот клуб Ѓорче Петров. И така се „заразува“ со ракометот, а откако во приказната ќе влезе и неговиот училишен другар Трифун Костовски ја „пишуваат“ историјата на македонскиот женски клупски ракомет, па и најголемите успеси на женскиот национален тим.

Денеска е надвор од ракометот, но за време на СП во Египет вели „не станав од пред ТВ“. Се рекреира со тенис, партија карти со пријателите (која сега е на пауза поради коронавирусот) и ѝ се врати на својата голема љубов – музиката. Како млад бил дел од групата „Безимени“, а како внук на Вања Лазарова имал и шанси да влезе во тие „води“, но прво бизнисот, а потоа и ракометот го однеле во сосем друг правец. Со два студиски албуми и третиот кој чека промоција по пандемијата, Бојков летово ја издаде и својата прва кантавторска песна.

„По пензионирањето си најдов некоја содржина и задоволство за да уживам покрај тенисот. Два албуми имам, сега го завршив третиот, не е објавен, чекам да помине пандемијата, па да направам промоција. Пред десетина дена објавив и нова преработка на една стара македонска песна. Уште како млад бев талентиран за пеење, тетка ми е Вања Лазарова, и таа долго ме убедуваше, дури и како момче, на 16 години во МРТВ ми закажа снимање на дует, но јас од страв не отидов (се смее). Свирев и пеев во неколку групи, но не се определив за музиката, ја запоставив и животот ме однесе во друг правец – спортот“, објаснува Бојков.

ФОТО: Приватна архива

ЦЕЛ ЖИВОТ ВО ЕДЕН КЛУБ

Токму за тој спортскиот правец – ракометниот, Вања има толку многу што да каже, па почна со ред, од Ѓорче Петров.

„Цел живот го минав во еден клуб – Кометал Ѓорче Петров. Моите ракометни пријатели, Радиќ и Тодоровски ме убедија да станам претседател на клубот во 1984. Тогаш бев бизнисмен, директор, и земав екипа која од бетонското игралиште во Ѓорче експресно за четири – пет години влезе во Прва Југословенска лига. Брзо се заразив со ракометот, а потоа до распадот, до 2008 година не престанав со работа. Ѓорче Петров беше пример како со ентузијазам, оптимизам, голема желба и со многу љубов се работи. Сите во клубот беа страшни фанатици и може лудо звучи ама ние уште тогаш, првите година-две велевме дека еден ден ќе бидеме европски прваци. Паметам тренерот Куновски се шегуваше со нас, ни велеше: Како вие сељаци од Ѓорче Петров ќе станете европски прваци!? Со таков ентузијазам го преживеавме и распадот на Југославија и потоа официјално во 1993 игравме во Лигата на шампионите. По пет години Хипо непоразен, падна во Скопје и тоа одекна како сензација низ цела Европа. Подоцна, Трифун ми кажуваше дека вестите во Австрија почнувале со таа вест, тогаш тој првпат слушнал за клубот. Интересно е дека јас и тој сме школски другари, како мали прекар му беше ’Пуни’, но тој тргна во еден правец, јас во друг. По победата над Хипо ми се јави Илија Камчев, кој исто ни е заеднички пријател и ми вели Вања, еден наш бизнисмен од Австрија, Трифун Костовски се јави и сака да ви плати чартер авион за реваншот во Виена, но јас уште не сфаќам за кој се работи. На негов трошок отпатувавме 100-тина луѓе со чартер и Трифун со сопругата со букет цвеќе не чека на аеродром. И кога го гледам Пуни… (се смее) Така почна дружбата, загубивме во реваншот од Хипо, но и покрај тоа Трифун по само два месеци дојде во Скопје, кусо траеја преговорите и се согласи комплетно да го превземе клубот. Потоа и тој се зарази со ракометот и тргна приказната. Факт е дека клубот веќе имаше концепт, за да се победи Хипо мора да имаш силна екипа, а ние имавме три-четири странци, добар стручен штаб и Трифун се ’навлече’ и стана најдобриот спонзор што некој може да го има. Не од аспект на финансии, затоа што не може да се направи споредба со овие цифри денеска, тука од аспект што комплетно се внесе во спортот и во проектот и сите ние бевме една голема фамилија и работевме заедно за успехот. Кометал е и причината поради која тој се врати да живее во Скопје, ми го има тоа признато во интимни моменти“, ја започнува приказната Иван Бојков.

ФОТО: 24Ракомет архива

Првиот голем успех на Кометал Ѓ.П. е светската клупска титула во 1995 година кога го освојуваат првиот Интерконтинентален куп во Јоханесбург, во Јужно Африканската Република.

„Не успеавме да го одбележиме тоа прво место во Јоханесбург. Не знаевме да се израдуваме на тој успех. Но тогаш беше поинаку, немаше ниту ТВ пренос, многу малку информации имаше за сето тоа, далеку беше Јужна Африка во тоа време. Ние обезбедивме учество како една од подобрите екипи во Европа. Прв Интерконтинентален куп со шампионите на сите континенти и најдобрите европски екипи. Конкуренцијата беше многу силна, германски Лицелинден, Раднички Белград, Спартак Киев…Натпреварите траеја 15 дена, а ние се вративме со титулата.“

ЛЕГЕНДАРНИ ТРАНСФЕРИ: ОЗЕЛ „ПРЕД НОС“ МУ ЈА ПОТПИШАВМЕ НА КРИМ, КИСЕЉЕВА ЈА „УКРАДОВМЕ“ ОД БУДУЌНОСТ

Кометал Ѓ.П. по многу работи своевремено беше пионер на овие простори. Успеја со неколку ѕвезди и голем број на млади и неафирмирани играчи да направи тим од кој трепереше цела Европа. Вања откри и колку легендарни биле сите тие битки за трансфери…

„Јас и луѓето кои работевме во клубот имавме чувство за ракомет и најчесто земавме млади, уште неафирмирани играчи, за кои знаевме дека ќе експлодираат во клубот, почнувајќи од Партенко, па Озел, Будимир, Аморим… Едуарда ја земавме буквално од СП за млади. Сестра и Ана беше тука бараше начин како да ги гледа натпреварите од првенството и го гледавме мечот заедно и ѝ велам јави и се на сестра ти и кажи и да не се враќа дома во Бразил, да дојде веднаш во Скопје. Родителите не беа пресреќни, но се согласија и Едуарда на 18-19 дојде во Скопје директно од младинско првенство. Во Кометал се разви стана играчиште, потоа премина во Ѓер и за година дена стана играч број еден во Европа. Земавме млади ракометарки и ги промовиравме, но земавме и искусни како Бујанова, Аврамова, Малахова. Младите најчесто ги откривавме на првенства. Будимир кога дојде во Кометал, таа не беше првотимец во Напредак Крушевац. Паметам играше за младинска репрезентација на Југославија на еден турнир во Охрид и ја гледав и ми падна во око и отидов во Брус, на Копаоник да гледам пријателски меч. Таа беше втор играч по Кнежевиќ, тогаш таа беше главна. Кога преговарав за неа ми ја нудеа Кнежевиќ, но Кнежевиќ беше тежок индивидуалец, а ние не го сакавме тоа, ние градевме екипа. Будимир имаше раскошен талент, со имагинација, смисла за игра, организација, силна.. За една година од анонимен играч прерасна во ракометарка која можеше да се продаде каде сака. Не баравме ѕвезди, туку квалитетни играчи, со карактер, која ќе може да се компонира во тим, да не биде индивидуалец. Сакавме да го избегнеме тоа да се создаваат табори во тимот, секогаш се грижевме сите да се дружат, потоа дел од нив добија и државјанство и никоја не сакаше да замине од клубот.“

ФОТО: 24Ракомет архива

„Најголем проблем во сето тоа време ми беше кога ќе видевме дека некој странски играч не задоволува и дека нема да го продолжиме договорот со неа. Тоа беше плачење, сите беа заљубени да останат во Скопје. Имаше неколку такви случаи, ќе се обидев да ставам крај на соработката и девојките веднаш во плач, па трчање кај Трифун.. Трифун беше добриот и се им угодуваше, а јас бев лошиот кој ги држеше под строга контрола. (се смее) Будимир незадоволна замина, затоа што одеднаш стана голема ѕвезда и побара големи пари кои не и следуваа по договор. И реков не може да добие толку пари, ќе добиеш 20 посто покачуваше како што ти следи по договор, но на неа тоа и се чинеше малку. Вистина е дека имаше многу понуди за неа, таа за големи пари замина во Подравка, тоа беше најголем трансфер во тоа време во Европа, а ние и дозволивме. Не сакавме незадоволни играчи во тимот и ја пуштивме да замине. Но, играчите многу грешат, ако ти се погоди во некоја средина, ако ти е ѕвездата добра, играш, даваш максимум не треба да се откажеш од неа. Тука сите ѕвезди и беа поклопени, добро тренираше, стана миленичка на сите, популарна, и резултираше со европска титула, а потоа некои младалачки бубачки ја фатија и замина. Не успеја да се вклопи во Подравка, потоа замина во Данска, таму имаше многу повреди, па се врати назад… Скопје беше матица, сите кои доаѓаа тука стануваа играчи и остануваа – Кастратовиќ, Платон, Партенко, Малахова…“

ФОТО: 24Ракомет архива

„Озел првпат ја видов на Балканијада во Измир, каде бевме со репрезентација. Ме фасцинира премногу, ќе паднев во несвест како игра, не можев да спијам. Му се јавив на Трифун да му кажам дека ќе преговарам со неа. Тој безрезервно ми веруваше и ми дозволуваше да одлучувам. Преговарав со Озел и начелно се договоривме. Тоа се случува за викенд, завршуваме в недела, а следниот викенд нејзиниот тим игра прво коло ЛШ со Крим. Му велам на Трифун ако не ја потпишеме до вторник – среда, Крим ќе ни ја земат и нема да биде наш играч. Секретарот на клубот Димитар Тодоровски патуваше со автомобил до Истанбул со готов договор, во меѓувреме јас уште два-три пати телефонски разговарав со Озел и тој во вторник ја потпишува и се враќа дома. Во саботата Озел со екипата оди и игра во Љубљана со Крим, а во неделата ми се јавува Јанковиќ и ми вели – ’Добро, кога побрзо успеавте да ја потпишете?’ На тој меч им даде 17 гола на Крим, ги збудале и нив, а мислам дека и цела Европа потоа, каде и да одевме, сите беа фасцинирани. Таа многу убаво се вклопи во Кометал, беше уметник за ракомет, знаеше да го даде она што го бара гледачот, убаво за око, проигрување, финти, со голема луцидност, како Меси во фудбалот.“

ФОТО: 24Ракомет архива

„Така ја откривме и Охоланга, на СП за млади во Охрид. Охоланга Локи и Дидиане Оумба ги потпишавме веднаш, и од Охрид не ги пуштивме да се вратат во Конго, директно ги приклучивме на подготовки со екипата. Оумба остана само шест месеци, не успеја да се адаптира, а Охоланга од анонимец стана добар бек, и ако не се лажам уште игра некаде во Франција.“

„Со Будуќност бевме големи пријатели, но и големи ривали, а тие не можеа да се помират со фактот дека ние бевме многу посилна екипа од нив, иако имаа трипати поголем буџет од нашиот. Со толку пари не можеа да се доближат во четвртфинале во ЛШ. Паметам како им ја украдовме Кисељева. Таа беше руска репрезентативка и добра другарка со Аврамова, која пак се омажи со мој пријател и така дојдов до информација дека таа не е среќна во Будуќност. Тоа се првите денови кога почнаа да прават силна екипа, Кисељева не беше среќна и незадоволна таму, не ја плаќале редовно. Ја исконтактирав и ѝ пратив автомобил, кој ја чекаше во хотел „Златица“ во Подгорица. Таа се искраде од станот и избега за Скопје и така си замина од клубот. Дојде во Кометал пресреќна, се промени како личност и го остави срцето на терен. Кисељева тука стана европски играч.“

ФОТО: 24Ракомет архива

„Во времето на Кометал не можев ни да замислам да ангажирам девојка од Норвешка, Данска, Шпанија, Франција… како што тоа потоа можеше да си го дозволи ЖРК Вардар. Ние секогаш мислевме рационално. За да донесам ракометарка од Шпанија која има просечен личен доход од пет илјади евра јас требаше да ја платам 10-15 илјади евра, а Нацева и Кастратовиќ завршија со две-две ипол илјади евра плата во 2008 година. На пример Лејно ја гледав како млада 16-17 години, кога беше трет голман во француска репрезентација и си велев ’ех колку е добро да ја земам во Кометал’, а потоа таа играше во Вардар и стана најдобар голман во Европа.“

ИГРАЧ ОД РАЃАЊЕ

Вие сте можеби единствениот претседател кој седел на клупата, зошто?

„Јас сум играч од раѓање и не сакам да сум на трибините, а и со авторитетот кој го имав кај девојките мислев дека ќе помогнам. Со девојки е потешко да се работи од мажи. Треба да ја знаеш која како дише и како ќе изреагира во одредена ситуација, секоја е различна индивидуа и мора да знаеш со која како да постапиш. На пример на Платон ако и викнеш таа ќе почне да плаче, Вале ако и викнеш таа ќе почне да се расправа (се смее) Тој начин на работа се покажа како добар. Па и Трифун, многупати незадоволен знаеше да викне од публика по мене за да кажам нешто. Имавме добра соработка и со тренерите, немав забелешки од нив затоа што бев на клупата. Заедно правевме премногу анализи, по движење ги знаевме кој играч кој е. Некогаш ќе и речев на Гоца, ’Гоца, оваа ако шутира прв пенал, таму ќе ти шутне и Гоца ќе и одбрани и потоа ќе крене рака за да ме поздрави’. Се чудеа сите, дури и во ЕХФ во некои така порелаксирани моменти ме прашуваа, а јас им велев ние сме тим и во клубот и во репрезентација. Сите коментари биле сметани како конструктивни и во заедничка желба да се помогне и за подобро на екипата.“

ИНЦИДЕНТОТ СО ПРОКОП БЕШЕ ИСЦЕНИРАН

Тежок период за клубот е суспензијата во 2000 година, што беше последица на индидент кој се случи на финалето во Скопје сезоната претходно…

„Инцидентот со Прокоп во Скопје беше комплетно исценирано. Тоа е политички, во ’99 бев сменет од претседател на Федерација, не знам ни зошто, Кадиевски дојде на чело на РФМ. Откако ме тргнаа од Федерација, и клупски ни наштетија. Подобар индикатор за мене нема од тоа дека претседател на една Федерација не дојде да гледа европско финале во кое игра негова екипа, туку беше на некој младински турнир во Охрид. Тоа не е нормално според мене, се потсетува Бојков и продолжува: Трифун беше толку вознемирен, но и упорен. По казната од една сезона во Европа тој ги собра девојките и им рече: ’Сите останувате во клубот! Екипа заедно оди на летување, 20 дена во Сани бич на одмор и иако следната сезона ќе играме само македонска лига сите ќе ги имате истите услови и примања’. Единствено Радуловиќ замина и не играше за нас кога станавме европски прваци, сите други останаа и издржаа. Игравме само македонска лига и на многу силни турнири каде што ќе стигнеме за да се одржи формата и таа упорност вроди со плод – следната сезона ги прегазивме сите!“

ФОТО: 24Ракомет архива

По сите овие претходни случувања дали стравувавте пред новото европско финале?

„Кај мене секогаш имаше страв, и од политички интриги, но и од тоа дека саличката ни собираше 1.800 луѓе, ќе пукнеше! На трибините имаше најмалку по две-три илјади луѓе секогаш се плашев да не се сруши нешто, да не се случи нешто, јас сум прв одговорен. Само се молев тоа тарасичката над гол да не падне, или ако пукне некоја петарда и се запали салата, луѓе на сите страни, во салата пекол топло. Внимавав и на трибини што се случува, и на терен, и со гостите… сега кога ќе помислам како сум издржувал алал да ми е.“ (се смее)

ШАМПИОНСКАТА ПРОСЛАВА БЕШЕ СПОНТАНА, ВО ТОА БЕШЕ ЦЕЛАТА УБАВИНА

Потоа доаѓа круната на сè, шампионската титула, одењето пеш од „Кале“ до плоштад и големата прослава.

„Празник! Апсолутна еуфорија! Најинтересно е што немавме предвидено никакво славење, немавме организирано церемонија затоа што сметавме дека е малер, да предвидуваш дека нешто можеби ќе се случи. Но кога се случи, затоа што беше толку спонтано беше толку убаво. Кога заврши мечот ми велат Вања луѓе од цело Скопје одат кон плоштад и со Трифун си велиме што правиме – Одиме? Одиме! Не пречекаа 50 илјади луѓе, несфатливо, тоа е организација, се најавува однапред тоа, а ова немаше ништо подготвено, апсолутно ништо, на брзина еден разглас, паметам Трифун попатно му се јави на Тоше (Проески) да дојде да пее. Кога ни кажаа дека луѓето се собираат на плоштад немаше шанси да ги оставиме така, а сета таа спонтаност ја донесе и таа убавина на прославата.“

ФОТО: 24Ракомет архива

Интересно е дека Кометал Ѓ.П. ја прекинува соработката со Панов по освојување на шампионската титула? Зошто се разделивте со тренерот со кој стигнавте до врвот на Европа?

„Панов не се адаптираше добро во Скопје, тука немаше друштво. Беше затворен тип, мирен човек, ако не беше ракометот не знам што правеше во слободно време, комплетно посветен на работата. И не делуваше среќен во Скопје, а човек со реноме, поранешен руски репрезентативец, олимпиец и немаше некое несогласување, едноставно така се договоривме, бевме задоволни дека заедно стигнавме до европски врв, а потоа се разделивме.“

Потоа уште едно европско финале, кое го загубивте од Шлагелсе и веќе почнува да се чувствува распадот.

„Да! Не знам Трифун од кого имаше притисок и каков притисок беше тоа, никогаш не сум го прашал. И ден денеска сме добри пријатели, но толку го ценев тоа што го вложил за 14 години и сметав дека е негово неприкосновено право кога сака да се повлече, ми беше глупаво да го прашувам за причините, еве и до денеска не сум го прашал.“

Не можеше да се најдат помали спонзори за да опстане клубот?

„Се обидов, но се немаше чувство. Контактирав и со неколку наши поголеми фирми и јавни претпријатија. ЕЛЕМ беше најсериозен кандидат, ја разгледуваа понудата и во Австрија, но одговорија негативно. Беше понудено и во Т-Мобил и на уште неколку други места, но не се најде никој. Тоа време клубот чинеше (во зависност до каде играш) од 400 до 600 илјади евра што за фирми како нив беше ништо. По година – две да се појави Самсоненко, да се појавеше порано може ќе продолжевме. Најмногу жал ми е што сите играчи беа под договор во 2008 година и ние почнавме и со подготовки за нова сезона кога Трифун донесе одлука да се повлече. Не можевме да ги продадеме почна сезоната, а не можевме ни да ги плаќаме. Мала пара зедовме за Аморим од Ѓер, а другите заминаа како слободни играчи.“

НАЦЕВА БЕШЕ ВИСТИНСКИ ЛИДЕР, КИСЕЉЕВА ЗА МЕНЕ Е БРОЈ ЕДЕН!

Која ракометарка за тие скоро две децении како дел од клубот оставила печат кај вас?

„Нацева како капитен со своите карактеристики и квалитети како човек и спортист ми беше од многу голема помош со создавање на добра атмосфера во клубот, со својот авторитет и со особините на лидер на екипата кои ги имаше. Во некои деликатни ситуации многу ми помагаа да се одржи таа кохезија и добра атмосфера и на теренот и надвор од него. Таа имаше голем придонес, и во клубот, така и во репрезентацијата. Според учинок за мене Кисељева беше најкорисен играч, број еден!  Играше и напад и одбрана, со висок процент на реализација, трча одбрана, трча контра, 60 минути без замена, мотор.“

ВО ДВЕ ДЕЦЕНИИ ЗАГУБЕН САМО ЕДЕН ДОМАШЕН ПЕХАР

Кометал Ѓ. П. беше голем клуб со најмала канцеларија на светот (смеа) Каде завршија сите тие пехари кои ги освоивте?

„Дел ги зема секретарот на клубот, дел, поважните и оној од ЛШ се кај Трифун, јас не земав апсолутно ништо, освен оние медали што индивидуално ги добивавме. Имаше околу 50-60 трофеи, некои зеде и потпретседателот на клубот. Толку бев разочаран кога се распадна сè што пехарите ми беа најмала грижа, но згрешив за тоа. Требаше да останат на едно место сите заедно, како историја да се памети. За 20 години Ѓорче Петров нема ниту еден пораз во Македонска лига, во Куп имаме загубено само еден трофеј од Вардар Срем со наместени судии на Маки (се смее). Имаме и еден резултат за Гинис, победа од  50-0 против Тутунски комбинат Прилеп. Нацева им одбрани седум пенали, паметам ја молеа да им дозволи гол да им даде.“ (се смее)

По што го паметите Кометал?

„Толку доживувања има, таков бурен живот беше тоа. Водев големи фирми – Градски сообраќај, Мактранс, а успевав да стигнам на секој тренинг на клубот, да бидам секој викенд на пат… Се чудиме со сопругата како сум успевал со тоа темпо на живот. Дома не се прибирав. Децата ми пораснаа без моето присуство. Сето тоа е данок, но убав, живот, бурен, неповторлив и често на седенките и дружбите со музика кои ги имавме пред пандемијата Трифун знаеше да ми рече ’Вања знаеш од сè што вложив во Македонија, само Кометал ми е сатисфакција’. И затоа и јубилејните, 10, 15 години од европската титула ги обележуваме со големи собири. И следната година, за 20-годишнината ќе биде така, Трифун веќе ми најави дека одново ќе се собереме сите.“

ВЕРУВАВ ДЕКА НАТУРАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ ИМПУЛС, НО ЗА ЖАЛ НЕ БЕШЕ ТАКА

Подемот и успехот на Кометал Ѓ.П. значеше и подем и успех во националниот тим, а тоа се должеше и на натурализацијата, за која одново вие сте виновник и како прв човек на Федерацијата?

„Со натурализацијата верував дека ќе придонесам за популаризација на ракометот. Преку ангажирање на такви квалитетни играчи и добрите резултати кои ги направивме со нив во националниот тим сметав дека ќе даде еден стимул кај младите и кај екипите повеќе да работат, дека тоа ќе поттикне бран на активности, но за жал тоа не се случи тоа. Направивме и уште еден напор одржувавме и уште една екипа, Еуростандард, собиравме сè што е добро од македонските ракометарки, две години игравме со тој тим и во Лига на шампиони, а потоа таа генерација во 2012 последна играше на едно големо натпреварување. Натурализацијата мислев дека ќе биде стимул и ќе покрене желбата во клубовите да се организираат по градови, верував дека тоа ќе биде фитиљ, ќе повлече, повремено ќе се почувствуваше нешто, но ништо доволно сериозно.“

Како успевавте да ги убедите ракометарките да играат за Македонија?

„Занесот за ракометот кој постоеше во Кометал многу лесно ни дозволуваше да ги убедиме да земат македонски пасош, дури и Русинките, Кисељева, Бујанова, која беше капитен на руска репрезентација, Малахова… Малахова, кога во ’97 година на СП во Германија разговаравме за трансфер во Кометал, играше маестрално и ми се довери, дека игра во трет месец бременост. Истиот случај беше и со Бујанова, игравме на ’Трофеј Македонија’ во Охрид, таа игра – растура. Преговараме и таа беше фер ми кажа дека е бремена и дека по породувањето ќе дојде во Скопје. И вистина беше така, двете заедно ги потпишав во Виена, кога играа некој меч од ЛШ и потоа дојдоа во Кометал, а подоцна и заиграа за Македонија.“

„Со национален тим направивме завидни резултати. Од првиот пласман на СП 1997, кога имавме многу силни противници во квалификации. Ја победивме Хрватска со голема традиција во женски ракомет. За мене не делуваше тоа нестварно, јас го знаев нашиот квалитет и бевме самоуверени, секогаш и против секој одевме на победа. На тоа прво првенство имавме само три натурализирани ракометарки – Кастратовиќ, Аврамова и Маслова. Тогаш направивме вистински бум со победата над Данска, светски првак. Паметам еден дански новинар се обиде да ме испровоцира и ме праша дали сум среќен дека победуваме со натурализирани играчиво тимот, а мене не знам како ми текна во моментот. Тие тогаш имаа натурализиран атлетичар од Кенија, кој под нивно знаме трчаше на Олимпијада и освојуваше медали, и јас му возвраќам со прашање, а вие дали се радувате кога вашиот натурализиран атлетичар освојува медали и тој замолкна… Тоа СП беше историско во секој поглед и потоа трендот продолжи, фативме убав континуитет.“

ФОТО: 24Ракомет архива

„Толку работи од тоа време се историја. Од Конгрес на ЕХФ во Барселона во ’92 кога со Марјан Начевски лобиравме за да бидеме признаени како Федерација. Тогаш претседател на ЕХФ беше Штефан Холмквист, демократ, човек со спортски сенс и размислување, наш голем пријател. На првото големо натпреварување младинско СП 1995 во Израел, кога е дебито на Кирил Лазаров, во четвртфиналето треба да играме со Грција во Тел Авив. Кога излеговме со дресовите Македонија, Грците беа фрапирани, се повлекоа на сред загревање и бараа да го покриеле името на грбот на дресовите. Ние секако одбивме, Хомквист, кој беше на првенството, го сметаше тоа за нереален приговор и ги одби и тие мечот го загубија службено, а ние игравме полуфинале. Тој детал за афирмација на Македонија и македонскиот ракомет мислам дека малку се знае, а беше многу значајно во тоа време.“

МУКАЕТОВ ЗНАЕ ДА СЕ ПОСОВЕТУВА СО МЕНЕ, НАЦЕВА БАРАШЕ ФОРМУЛА ЗА АТМОСФЕРА

Зошто се повлековте комплетно од ракометот? Ве контактираат ли за совет, ве бараат ли вашите ракометарки или некој од Федерацијата?

„Оценив дека повторно да почнам од почеток е многу тешко, ниту годините, ниту мотивацијата и еланот не се тие што сум ги имал. Кога работам работам со страст, до крај за да направам нешто успешно. Да работам за некоја просечност или само колку да работам, не ми претставува предизвик. Радиќ ми велеше одново да правиме нешто во Ѓорче Петров, но сега немам ни сила, ни елан, ни мотивација за да се вратам во спортот“, потенцира Вања и додава: „По доаѓањето на Живко Мукаетов за претседател на РФМ, именуван сум за почесен претседател на Федерацијата, а Мукаетов знае од време на време да ми се јави, да се посоветува или исконсултира за нешто, ме цени, имаме убав однос. И со Нацева исто, како претседателка на ЖРК Вардар секогаш ме канеше на натпревари (само неколкупати сум бил), се консултираше со мене и бараше да и кажам како да направи атмосфера каква што имавме во Кометал. Веројатно не беше задоволна од тоа каква атмосфера имаа и во клубот и на терен и во сала. Ми велеше ја нема таа атмосфера, таа дружба, сплотеност, ниту во клубот, ниту во хемијата со публиката, како го правевте тоа во Кометал? Не знаев што да и кажам, нема магично стапче за тоа. Се гради постепено, а и најверојатно луѓето во и околу клубот го прават тоа. Таа магија во Кометал и сите да дишат исто, тоа е неповторливо.“

ФОТО: 24Ракомет архива

Од сето она низ што мина Кометал Ѓорче Петров, Бојков жали само за едно.

„Целиот овој период ако за нешто ми е жал е дека кога станавме прваци сите се радувавме, цела Македонија, славевме на плоштад, а на двете втори места во Европа не знаевме да се радуваме. Ние сме такви луѓе, чудни… Еднаш ако си прв потоа втор, тоа е неуспех, а ако се прашаме во што сме биле втори во Европа, нема одговор? Ни како тим, ни како луѓе, ни како нација и љубители на спорт, си дозволивме тоа да биде разочарување, а неуспех. И некогаш така ми паѓа тешко поради тоа, дека не знаевме да цениме еден клуб кој за толку кус период одиграл три европски финалиња. А тогаш толку беше силна ЛШ, десет тима, сите целеа кон европска титула, секој во секое време можеше да го победи другиот, за разлика од сега кога сè се сведува на три екипи кои ротираат.“