ИНТЕРВЈУ ЗОРАН МИХАЈЛОВ: Порано беше тешко и романтично, сега спортот е тактика и формации

Во чест на 2 јули, Светскиот ден на спортското новинарство, доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов, прифати да биде соговорник во викенд интервјуто на 24Ракомет и дозволи да го запознаеме во едно поинакво светло. На 75. години, со 57 години работно искуство зад себе, околу 2.500 преноси од Олимписки игри, Светски и Европски првенства, екипни и индивидуални натпревари, и со една книга зад себе, Михајлов и натаму е инспириран, вели: “Ќе продолжам да работам додека можам, затоа што спортот и спортското новинарство ми се првата и најголема љубов.“

Името на Зоран Михајлов со ракометот не е поврзано само со неговата работа како новинар, тој бил и активен ракометар, а може да се пофали и со настап за националниот тим. И тоа не е сè! Михајлов бил атлетичар, кошаркар, па дури има настапувано за Македонија и во скијачко трчање на „Мавровски меморијал“ во ’66 година на трка на 20 километри. Низ годините имал функции во неколку домашни екипни клубови, кои само му помагаат во процесот на растење како спортски работник и новинар.

„Играв за Пролет каде тренер ми беше Зафир Куновски. При еден собир на репрезентацијата и јас добив повик и во ’62 година настапивме на „Трофеј на Југославија“ во Охрид, каде освоивме трето место. (си го загубив медалот и многу жалам за тоа) На пенали ја победивме Словенија! Играв на позиција пикер, паметам го чував Хрвоје Хорват (таткото на Хрвоје Хорват, кој е актуелен селектор на Хрватска) и иако имав само 1.67цм. и тој беше поголем од мене, се борев со него (се смее). Како атлетичар бев најбрз од сите и бев пикер кој дава голови од контра“, се смее Михајлов и додава: „Полн сум со интересни приказни!“

НАМЕСТО СПОРТИСТ СТАНАВ НОВИНАР

Приказната за еден од најнаградуваните македонски спортски новинари почнува во родната Битола уште во гимназиските денови. Пишаниот збор не бил стран за него (одел на меѓугимназиски натпревари по литература и македонски), а паралелно настапувал како атлетичар за „Млад Борец“ со кој ќе стане и првак на Југославија на 1.500 метри со пречки во младинска конкуренција. Шансата во спортското новинарство ја добива од Атанас Костовски, кој ќе побара од него да пишува за случувањата во клубот. Подоцна, исто така на иницијатива на Костовски, Михајлов ќе почне да работи и во МРТВ (тогашно ТВ Скопје) и ќе прерасне во еден од најдобрите спортски коментатори на нашите простори. Покрај националниот сервис во кариерата работел и во Канал 5, Телма и Наша ТВ.

„Професионалната кариера ја започнувам 1964/65 во весникот ‘Нова Македонија’ и поради тоа морав да се откажам од тоа да бидам активен спортист. Пет години тренирав атлетика, соборив неколку младински рекорди, бев и репрезентативец на Југославија. На почетокот се обидов да балансирам, но знаете спортскиот новинар има најмногу работа за викенд и јас бев принуден од работа да трчам на некое атлетско натпреварување, и кога видов дека не можам да постигнам и на двете страни се откажав од атлетиката. По осум години во весникот, каде бев и уредник на спортската редакција, по покана на Атанас Костовски станав професионален спортски коментатор на МРТВ (тогашно ТВ Скопје). Во спортот сум не само како спортски новинар. Три години бев генерален секретар на ФК Вардар, а тоа е период во кој Дарко Панчев го потпиша првиот договор за клубот и се создаде вардаровата генерација која стана државен првак во ’87. Бев и спортски директор во КК МЗТ Скопје, со Лазар Лекиќ и Александар Књазев, влеговме во Првата Југословенска лига што беше голем успех и на моја иницијатива беше организирано првото патување на една спортска екипа во Кина. МЗТ беше на турнеја во Кина во соработка со Кинеската Амбасада во Македонија. Факт е дека не можев без новинарството па се вратив во МРТВ.“

РЕКОРДЕР НА ОЛИМПИЈАДИ И СО „ФИЌО“ ДО ХЕЛСИНКИ

Нема спорт кој не го коментирал во својата кариера Зоран Михајлов, а она на што посебно е горд е неговото присуство на 15 Олимпијади. Страста со која го работи секој настан е иста, од дебито на СП ракомет жени во Сараево, па се денеска.

„Имам коментирано сè во мојата кариера, од фудбал, кошарка, ракомет… до коњички натпревари и хокеј, па дури и карлинг, за кој не знаев ништо и пред да коментирам минав цела ноќ учејќи ги содржината и правилата и обидувајќи се да најдам соодветни зборови во спортската терминологија на нашиот јазик. Горд сум на импресивниот број на Олимпијади на кои сум присуствувал – 15, од кои девет се летни и шест зимски. Тоа се незаборавни моменти во кариерата. Интересно првиот пренос во кариерата ми е од Светско првенство ракомет жени во Сараево. А, првото големо натпреварување на кое сум известувал како новинар е ЕП во кошарка во 1967 година кога со мојот колега Марко Черепналкоски со „застава 750“ (популарно наречен „фиќо“) патувавме до Хелсинки и назад. (каква авантура беше тоа!) Потоа коментирав борење, кога Шабан Сејдиу освои олимписка бронза, беше европски првак и светски вице-првак. Тогаш борењето беше во подем, будно го следевме секаде. Никогаш не ја заборавив и атлетиката, Златна лига (сегашна Дијамантска), Балканијади кои во тие времиња имаа голем квалитет, Светски и Европски првенство без разлика дали во индивидуални или екипни спортови… Го коментирав и пробивот на РК Пелистер кон европскиот врв во ’95, кога во полуфиналето со Лемго за еден гол не се најдоа во финалето на ЕХФ Куп на купови. Исто така во времето на Кометал Ѓ.П. кога стана европски шампион јас бев уредник во МРТВ и имавме соработка со клубот и со Трифун Костовски. Паметам за првото финале со Хипо дека не можеше МРТВ да добие слика и Костовски ги купи правата, даде околу 30-40 илјади марки за да може да има директен пренос од првиот финален меч, потоа вториот дуел неславно заврши во Скопје.“

ДНЕВНИЦИ СО СТАТИСТИКА

Кога се потсетува на тие времиња Михајлов вели дека постои голема разлика од спортското новинарство некогаш и сега.

„Порано беше потешко, но поинтересно, некако романтично. Ако направам споредба од тогаш до сега разликата е голема. Порано работите беа некако поспонтани и во момент се решаваа ситуациите, сега има многу шеми, тактички надмудрувања, комбинации и варијации. Новинарството тогаш беше многу потешко, не како сега, се е сервирано на интернет. Ние моравме сами да доаѓаме до информации. Кога ќе дојдевме на некое ЕП или СП, одевме во штабовите на репрезентациите или клубовите баравме да ни дадат информации за играчите и за клубовите. Јас конкретно за атлетиката си водев нотес по азбучен ред во кој си ги запишував сите резултати во текот на сезоната и ги имав сите статистички податоци, за да можам кога ќе бидам на пренос да имам доволно информации за да користам. Тоа го правев и за другите спортови, имам толку многу дома, што не знам каде да ги складирам. Денеска информациите за сите спортисти, клубови, репрезентации се лесно достапни на интернет, но тоа за коментаторите е оптоварувачко. Колку повеќе податоци, тоа тера да се зборува што повеќе и тогаш премногу се зборува, а на пренос тоа ги лути гледачите. Кога одев на првиот пренос добив еден драгоцен совет од Никола Солдатов и ми рече: ‘Зоки знам дека ќе подготвиш многу податоци, ако пласираш 80 посто од нив да знаеш си ги ‘удавил’ гледачите. Ако пласираш 50 посто повторно си ги мачел, но ако си пласирал 25 посто тогаш си направил добар пренос. И тоа ми беше како добар водич! Имаше и преноси кога се соживував со настаните, особено кога ќе играше Македонија. Прво напамет ми доаѓа оној меч на Саутхемптон, кога Англија и Македонија одиграа 1:1 со голот од корнер на Шакири! – тоа ме запали и мислам дека тоа ми е еден од најдобро коментираните натпревари во кариерата. Подеднакво сакав да коментирам и индивидуални и екипни спортови, затоа што во двата случаи сум знаел да се возбудам, да ме понесе емоцијата, а особено ако е некој важен натпревар за Македонија. Многу емотивен момент беше и коментирањето на првиот ракометен Куп во самостојна Македонија во 1993 година во Прилеп – Металург победи тогаш. Преносите на Аце Русевски беа вистински спектакл за мене.“

НЕМАМ ПРОБЛЕМ НИТУ СО ГОЛЕМИ НИТУ СО МАЛИ ЅВЕЗДИ

Михајлов може да се пофали дека бил во друштво на големи спортски ѕвезди како Усејн Болд, Себастијан Коу, Сергеј Бупка, а дел од нив ја има честа и да ги нарече пријатели.

„Некои од нив лично ги познавав и си дозволував да комуницирам со нив на ’ТИ’. Никогаш не сум имал проблем ниту со странски, ниту со домашни ѕвезди. Домашните ме препознаваат и почитуваат, па дури и им е драго доколку стапам во контакт со нив. Своевремено имав многу контакти и познанства, особено со боксерите. Паметам ја коментирав последната борба во професионалци на Мате Парлов, кога на Сицилија загуби од Американецот Џонсон. Бев покрај рингот и при еден удар пукна аркадата на Мате и крвта ме испрска мене и моите документи за работа, каде ми беа запишани податоците кои ги користев при преносот. Тие исто така се натопија со крв и до ден денеска ги чувам како сувенир. За мене секогаш било гордост, особено кога ќе имаме успеси, тие добри резултати те ’палат’ и те прават горд и среќен кога ќе влезеш во прес-центарот.“

АВТОБИОГРАФИЈА И ДВЕ КНИГИ ВО НАЈАВА

Михајлов би требало да е во пензија, но тој не знае да мирува. Со поддршката на неговата сопруга Гордана, веќе работи на нови проекти – првиот, книга за Дарко Панчев е во завршна фаза, и вториот Мала спортска енциклопедија е во најава. Паралелно ја води и емисијата Спортски легенди на Наша ТВ, која поради пандемијата беше во прекин.

„Не застанувам, ќе работам додека можам. При крај сум со книгата за Дарко Панчев посветена на неговата комплетна клупска и репрезентативна кариера гледана од мој агол, но со вметнати изјави од него, од неговите соиграчи, пријатели и соработници. Истовремено ја разработувам идејата интервјуата од циклусот емисии Македонски спортски легенди кои одат на Наша ТВ да ги префрлам на хартија и да направам Мала спортска енциклопедија која ќе биде посветена на легендарните македонски спортисти од 20 век. Кога вака зборувам за мојата животна приказна ми доаѓа и идеја да напишам автобиографија која би ги содржела работите кои ги споменав во ова интервју, но и многу повеќе од моите новинарски и спортски авантури“ – со планови за иднината финишира Михајлов.