ИНТЕРВЈУ ЕДУАРДО ГУРБИНДО: Сите ми рекоа ќе бидеш среќен во Скопје!

Во редовите на македонскиот првак Вардар во следниве три сезони шпанската нишка ќе ја дава Едуардо Гурбиндо. Десниот бек, кој претходно го носеше дресот на Барселона и на Нант, екс-соиграчот на нашиот селектор и капитен Кирил Лазаров, кој во Скопје директно пристигна од Олимписките игри во Токио, каде освои бронзен медал со нациналниот тим на Шпанија. Шпанец, кој исто така е македонски зет – неговата сопруга Елена е од Свети Николе и заедно се веќе три ипол години, а го имаат и четиримесечниот син Лиам. Движењето на кариерата, семејството, понудата од Вардар – сите патишта како да го водат кон Скопје!

Гурбиндо од 12-13 годишна возраст се среќава со ракометот. Сите негови другари играле фудбал или пинг-понг, но тој сакал да пробува сè и да се докаже во сè. Ракометот го засакал веднаш и се обидел да формира ракометна екипа во неговото училиште, но откако не му успеало тоа отишол да игра ракомет за друго училиште. Како левак позицијата десен бек била предодредена за него, иако еден кус период игра и десно крило. Сан Антонио е негов матичен клуб во кој ги минува сите филтри во младинска конкуренција и добива и статус на младински репрезентативец. На 15-16 години влегува во првиот тим и играчите како Ивано Балиќ, Џексон Ричардсон… кои биле негови идоли, му станале соиграчи со кои ја делел соблекувалната. Јасно му било дека во друштво на овие ѕвезди, за него нема да има минутажа, па кариерата ја гради во Торевиеха и Ваљадолид. Потоа четири години (2012 до 2016) ќе го носи дресот на Барселона, ќе дели минутажа со Лазаров и во сезоната 2014/2015 ќе се израдува на првата титула во Лигата на шампионите. Неколку години подоцна одново ќе се врати во Келн заедно со Лазаров, но сега како играч на Нант, во сезоната 2017/2018, кога Вардар беше единствениот тим кој ја разби француската монотонија во „Ланксес арената“.

Паралелно расте и репрезентативната кариера, односно Едуардо е дел од ренесансата која и се случува на Шпанија со доаѓањето на Жорди Рибера на клупата, почнувајќи од златото на ЕП 2018, односно одбраната на титулата на континенталниот собир во 2020, бронзата на СП во Египет во јануари годинава и освојувањето на олимписката бронза на Игрите во Токио пред неполн месец.

За да биде сликата комплетна на приватен план му се случува филмска љубов, ни помалку ни повеќе, туку со Македонка – Елена Милева. Многумина ќе мислат дека Кирил Лазаров ги споил со оглед на тоа дека и Елена како селекторот потекнува од Свети Николе, но факт е дека нивното запознавање е интересна игра на судбината и на храбри потези кои ги прават двајцата. Ќе им се случи вистинска љубов, преку социјалните мрежи, која ја крунисаа со брак и која им го донесе синот Лиам. Во меѓувреме Гурбиндо добива понуда и од Вардар, со услови кои најмногу одговараат за ракометарот во моментов, па затоа вели дека со доаѓањето во Скопје добил „фул пакет“. Интересното искуство ни го пренесоа заедно со сопругата во многу опуштена атмосфера, со многу смеа и позитивна енергија.

„Кога дознавме со Елена дека ќе станеме родители најважна за нас беше стабилноста и сметавме дека најдобро ќе биде да останеме во Нант, каде веќе имавме изграден живот. Но при преговорите со Нант, јас инсистирав на договор од најмалку две години, затоа што морав да мислам и на семејството, ќе имаме и мало дете, додека тие можеа да ми понудат само едногодишен договор. Не успеавме да се договориме и потоа дојде понудата од Вардар, ги започнавме преговорите и иако имаше понуди и пред и по потпишувањето со Вардар, одлучивме дека тоа е најдобра опција и за мене и за Елена и за Лиам. Беше навистина добра ситуација за сите и добивме целосен пакет – сè во едно!“, ја објаснува Едуардо Гурбиндо одлуката да дојде во Вардар со кој потпиша тригодишен договор.

Шпанецот само две недели е во Скопје, уште е во фаза на аклиматизација, но првите импресии од клубот се одлични. Всушност позитивен впечаток и потребната сигурност ја добил уште при преговорите со првиот човек Михајло Михајловски.

„Ме импресионираа луѓето! Сите се добри, љубезни, се трудат да се чувствувам добредојдено од првиот ден, прашуваат дали ми е потребно нешто… Сите ме прифатија одлично во клубот. Интересно беше што Анте Кудуз кога дојде да се запознаеме ми пристапи со шега од еден познат шпански филм – комедија. Пријатно ме изненади како тој знае за овој филм. И веднаш се поврзавме токму поради таа шега, беше многу спонтано и природно. Сите соиграчи ми пристапија. Засега немам прекар (ќе видиме следната недела – се смее). Кубанецот Куни (Жоел Моралес) ми е цимер. Тој не зборува англиски, само шпански и за него е тешко и комплицирано, постои јазична бариера, па му помагам колку што можам. Сите уште се адаптираме на новата средина“,

констатира Гурбиндо и продолжува:

„Од самиот старт, уште кога преговарав со претседателот ми се допадна целиот концепт затоа што тоа не беше понуда на краток рок, туку долгорочен проект во кој се формира нова екипа, амбициозна, со квалитетни играчи. Михајло не бараше инстант успех, туку тим кој ќе расте, беше отворен и искрен во преговорите, добивав директен одговор за сите прашања или несигурности кои ги имав. И тоа донесе нов предизвик, ново искуство и можност за мене. Секако кусо време сум со тимот, има многу нови играчи и допрва треба да се воиграме, да создадеме хемија меѓу нас и да играме се подобро и подобро.“

МИ ТРЕБА ВРЕМЕ ДА СЕ НАВИКНАМ НА СИСТЕМОТ НА ВУЈО

Досега во кариерата Едуардо секогаш работел со шпански тренери, а во Вардар за првпат ќе соработува со Веселин Вујовиќ, кој своевремено играл во Шпанија, но не е типичен шпански тренер.

„Вистина е, ќе ми биде потребно време да се адаптирам, особено затоа што од репрезентација дојдов директно во Вардар. Селекторот Рибера е најорганизираниот човек кој го знам, кај него сè мора да е под конец, за сè е подготвен до детал. Нормално, Вујо си има свој стил и начин на работа, кој е различен, исто како што е различен и темпераментот и атмосферата во екипата. Со Вујо имам одлична комуникација, лесно се разбираме на шпански (се смее) ми објасни која му е идејата, концептот, целта… само потребно ми е време да се вклопам во неговиот систем. Го одигравме првиот официјален меч во сезоната и морам да кажам дека уште не сме компактни, уште се учиме еден со друг, но верувам дека за две-три недели ќе изгледаме поинаку.“

ЈАС СУМ ТИМСКИ ИГРАЧ И ВО ВАРДАР СУМ ЗА ДА ПОМОГНАМ

Едуардо Гурбиндо уште се аклиматизира во „црвено-црните“ редови, но она што е важно за нас е каде тој се гледа во тимот, кои се неговите очекувања и која смета дека ќе биде неговата улога во екипата.

„Секогаш кога потпишувам за некој клуб, претходно Барселона и Нант, сега за Вардар, не очекувам да бидам лидер, да бидам најважната алка во тимот. Мојата филозофија е да дојдам во еден клуб и да помогнам. Да му помогнам на тимот, на соиграчите, на тренерот и сите заедно да дојдеме до победа. Сакам да се натпреварувам, сакам конкуренција затоа што таа ти помага да пораснеш и сакам победнички менталитет. За мене секогаш најважниот натпревар ќе биде утрешниот. Не мислам на Ф4 или на титули, туку мислам на следниот меч кој ме чека, мене и екипата. Повеќе сум тимски играч отколку индивидуалец иако многупати сум добивал критики од тренерите дека треба да одам на шут, да постигнам погодок повеќе. Јас поудобно се чувствувам кога ќе асистирам или ќе отворам простор за соиграчот да постигне гол. Тоа е мојот стил на игра, да играм со сите! Ракометот е тимски спорт и затоа играм ракомет, затоа што знам дека има уште петмина со мене на теренот на кои можам да се потпрам. Предизвик ми е да играм тука и да покажам дека сум уште на нивото од Шпанија и Франција“, објаснува десниот бек и додава: „Факт е дека имав тешко лето и дека чувствувам умор, но тоа не значи дека нема да си ја работам работата. Паметен сум, знам како да се одморам и да се заштитам и истовремено да дадам сè од себе на теренот, без разлика на крајниот исход. Можеби сум повеќе играч во сенка, но си го завршувам мојот дел од работата и ќе го покажам тоа и во Вардар.

АЛЕКС, МАКЕДА, КАЊЕ МИ КАЖАА ИСТА РАБОТА ЗА СКОПЈЕ

Пред да потпише за Вардар, Едуардо разговарал и со неговиот клупски колега и сосед Кирил Лазаров и со Борко Ристовски, кој добро го познава, како и со Шпанците кои претходно играа за Вардар – Душебаев, Македа, Кањељас. Претходно Самсоненко беше сопственик, сега е Михајловски, но Вардар е Вардар.

„Зборував и со Борко, кој беше искрен и ми кажа точно како стојат работите. Разговарав и со Кире, со кој играв долги години и кој ми беше и сосед во Нант, добив совети и од него. Моите соиграчи од репрезентацијата кои играле во Вардар, Алекс, Македа, Кање, зборував многу со нив и сите ми кажаа една иста работа – ќе бидеш среќен во Скопје! Ми рекоа дека животот е перфектен, условите во клубот, салата, вежбалницата, тимот, сè е одлично. Ги имаш сите услови на едно место од соблекувална и сала до место за ручек, кафе и релаксација. Немој да се плашиш затоа што ќе бидеш среќен таму – така ми рекоа. Сега работите се поинакви, друг човек е сопственик на клубот, не е Самсоненко. Вистина е сè што ми рекоа. Никој не ме излажа ништо! Зборуваа многу и за атмосферата во салата, за фановите кои се многу страсни кога станува збор за Вардар и не знам колку ќе можам поради пандемијата вистински да го почувствувам тој амбиент. Со нетрпение чекам да се запознаам со навивачите. Навикнат сум да играм во таква атмосфера затоа што во Нант на секој натпревар имавме шест илјади публика на трибините. И тука го очекувам истото – наскоро, се надевам!“

СОПРУГАТА МАКЕДОНКА ЈА „ФАТИ“ НА СОЦИЈАЛНА МРЕЖА

Интервју со Едуардо Гурбиндо не може да помине без да се зборува за неговиот приватен живот и за интересната, филмска љубовна приказна која ја има со Македонската Елена Милева. Ракометарот остави неговата поубава половина да ни раскаже како се запознале.

„Тоа е смешна приказна“ – почнува Елена. „Имам пријател кој е голем вљубеник во ракометот и ме повика со пријателите да гледаме натпревар на ТВ меѓу Македонија и Шпанија, кои играа на Европското првенство во јануари 2018 во Хрватска. Негодував затоа што претходно не бев заинтересирана ниту за спорт, ниту за ракомет. Отидов и бев со мобилниот телефон во рака цело време и го видов Едуардо, кој и даваше многу голови на Македонија (се смее). Пет-шест гола даде и на секој погодок велев – убав е дечково, згоден (се смее) и другарот ми кажа дека се вика Едуардо Гурбиндо и јас веднаш го најдов на Инстаграм, го отворив неговиот профил и се пошегував: Еј видете, нема девојка! Кога заврши натпреварот во кој Шпанија победи, му пратив порака: Иако сум од Македонија, честитки за победата! Потоа ми одговори, се заблагодари и ме додаде за пријател на Инстаграм и почнавме да комуницираме. Помислив дека можеби профилот му е лажен и за да може да продолжам да зборувам со него побарав да се видиме на камера. Во прв момент одбиваше со некакви изговори и јас помислив дека дефинитивно е лажен профил. Потоа кусо зборувавме со камера и јас му се претставив на шпански (имав научено од шпанските сапуници на ТВ – се смеат и двајцата). Така почнавме да комуницираме и тоа беше интензивно една недела, а потоа тој ме покани во Нант да се запознаеме. Требаше да одам на зимување со другарка, но одлучив наместо на скијање да организирам патување во Нант. Имав чувство дека таква шанса се нуди еднаш во животот“, раскажува Елена.

Гурбиндо се надоврзува:

„Ја чекав на аеродром целиот препотен (се смее) Стоев таму и си велев како стигнав до тука? Сè беше ново, лудо за мене. Не знам што си мислев!? Од една страна беше застрашувачко, но од друга возбудливо. Кога се видоме делуваше како да се знаеме долго време. Ме бакна на аеродромот и сè се одвиваше толку спонтано и природно уште од првото видување.“ (се смее)

„Една недела бевме заедно во Нант и мислам дека веднаш ни беше јасно и на двајцата дека ова е вистинска љубов. По разделбата почнавме да правиме веднаш планови за следното видување. Вториот пат се сретнавме во Рим, бевме таму три-четири дена и потоа почнавме на секои 20 дена, максимум на еден месец да се гледаме. Цело време правевме планови, ги броевме деновите“, додава Елена.

„Летото 2018 година дојдов во Македонија, и потоа одлучивме да се вратиме заедно во Нант. За мене не функционира врска на далечина, сакав Елена да биде со мене“ – потенцира Едуардо.

„За мене беше лудо да оставам сè и да одам во Франција со него. Многу луѓе ми велеа дека избрзувам затоа што жртвувам и работа и кариера и животот кој го имав, но одлучив дека сакам да бидеме заедно и дека колку и да ми е тешко морам да го направам тоа ако навистина сакам да успее врската“, завршува Елена.

ХРАНАТА МЕ ВООДУШЕВИ НА ПРВА

Летото 2018 година Едуардо првпат доаѓа во Македонија и она од што е воодушевен е храната. Животот тука го потсетува на Шпанија и се чувствува како дома.

„При првото доаѓање бев шокиран – од храната! Шпанец сум, а за нас храната е многу важна и таа веднаш ме одушеви, квалитетот, разноличноста и вкусот – неверојатно! Она што не ми се допадна е што кога ќе одиме некаде нарачуваме многу храна и потоа повеќе од половина останува! Тоа не е логично! Во Шпанија не е задолжително, но се смета за навредливо и за непочитување ако не изедеш сè што имаш во чинијата. Првиот пат кога бев во Македонија и ги посетувавме роднините на Елена, се обидов да изедам сè што имам во чинијата, но тоа беше невозможно! Ја молев Елена да им каже да не ми даваат повеќе за јадење.“ (се смее)

„Животот на Македонија е близок со оној во Шпанија, сличен. Сакате да излегувате, да јадете во ресторани, кафе по тренинг или по натпревар, имате убав социјален живот и тоа е слично со Шпанија. Таму кога и да имаме време сакаме да се дружиме и да бидеме надвор со семејството или пријателите. Во Франција беше поинаку, сите завршуваат со тренинг и одат дома, немаат таква култура на социјален живот.“

ЕЛЕНА НЕ САКАШЕ ДА МЕ НАУЧИ МАКЕДОНСКИ!

Гурбиндо иако е во брак со Македонка многу малку зборува македонски и во најкус можен рок ќе почне да работи со приватен професор за да го научи јазикот. На шега вели дека Елена не сакале да го научи.

„Знам само неколку зборови на македонски, разбирам што ми зборуваат, но не можам да одговорам. Ќе почнам со часови со професор затоа што ми е потребно, но и сакам да научам. Тука луѓето зборуваат и англиски и француски и шпански, но сакам да научам и јас македонски. Не сакам да живеам во Македонија три години и да не знам да кажам ништо на македонски, не може така! Кога почнавме заедно да живееме со Елена во Нант и реков можеби еден час во неделата може да ме учиш македонски и таа рече ’Да, да секако!’ но никогаш не се случи тоа. Замислете во овие три ипол години колку што сме заедно по еден час во неделата да учев веќе ќе зборував. Приказната е куса – не сакаше да ме научи, низ смеа вели Едуардо.

На ваквата констатација веднаш реагира Елена:

„Во тој период јас учев француски и се обидував да го подобрам и шпанскиот јазик со кој комунициравме со Едуардо. Бев цело време со книгите и учев. Гурби кога имаше време ќе ми кажеше ’Ајде сега да учиме македонски’. Почнавме, но ми беше тешко да најдам книги, затоа што сè е на кирилица, а ми беше потребно нешто на латиница за да можам подобро да му објаснам.“

ГОЛАТА СЛИКА Е ПРИВАТНО РЕМЕК ДЕЛО

На Инстаграм се појави фотографија која ја сликала Елена, а на која Едуардо е гол и држи уметничко дело во рацете. Ова е приказната зад таа фотографија.

„Уметничката слика ја зедовме од домот на родителите на Едуардо и подолго време седеше во нашиот стан, а уште немавме смислено каде да ја закачиме. Секојпат кога ќе се видевме со неговата мајка, таа нè прашуваше дали сме и нашле место на сликата. (се смеат двајцата) Една вечер се вративме од вечера со пријателите и Едуардо само што требаше да влезе да се истушира, а јас прокоментирав ’Леле, пак, не ја закачивме сликата, да видиме каде ќе одговара’. Тој рече ’Добро, ајде ќе ја закачиме сега’ и излезе гол од бањата, застана на ѕидот со сликата и јас го фотографирав и му велам – ова е чиста уметност! И тој сериозен ми рече прати и ја фотографијата на мајка ми и кажи и дека сликата ќе ја ставиме тука и навистина сликата стои на тоа место! (се смеат и двајцата) Спонтано се случи и сите велеа дека сме луди што сме го направиле тоа и што сликата е објавена на социјални мрежи, но за нас беше интересно“, раскажува Елена.

ПРИЈАТЕЛИТЕ МИ СЕ НАЈГОЛЕМОТО БОГАТСТВО ВО КАРИЕРАТА

Со 34. години и 15 години професионална играчка кариера зад себе (11 години има статус и на шпански репрезентативец) Едуардо Гурбиндо не се плаши да каже дека неговата кариера влегува во последна фаза. Иако е желен за победи, успеси и титули, сепак најголемото богатство кое му го носи ракометот се пријателите.

„Убаво е да се освојуваат медали и трофеи, уште сум желен и за докажување и за успеси и предизвици, но факт е дека имам 34-години и дека нема да можам уште долго да играм на ова топ-ниво. Најмногу од сè во кариерата ми значат пријателите кои сум ги стекнал и местата каде што сум играл. Тоа е поважно, тоа е вистинското богатство. Да бидеш запаметен како добра личност и како добар играч. Да може утре да појдам било каде во светот (Словенија, Франција, Хрватска…) и да имам двајца пријатели на кои ќе можам да им се јавам, или да ги посетам. Или некој кога ќе дојде во Шпанија мојот дом ќе биде отворен за него. Тоа е најважното“, заклучува Гурбиндо.