Актуелниот женски вицепрвак, ЖРК Вардар е единствениот наш претставник кој го „преживеа“ воведното коло во Европа, па следниот месец ќе ги гледаме и во третата рунда од Европскиот куп. Основата на овој тим предводен од Драгана Пецевска Ристова потекнува од Академијата на шампионскиот ЖРК Вардар, кога првпат се појавуваат како пионерки. Седум години растат – девојчињата играчки, Драгана како тренер и по само година дена откако екипата продолжи сама да опстојува направија одличен успех и го задржаа вниманието на женскиот ракомет малку подолго од она во последните години.
Фактот дека од шест години ја држи ракометната топка, нешто помалку од две децении гради играчка кариера во Еуростандард, Олимпик, Скопје, Кометал Ѓорче Петров, Будуќност, Металург и ЖРК Вардар, како и 15-години статус на македонска репрезентативка која го живее подемот на женскиот национален тим се одлична основа за тренерска кариера за Драгана. Вели дека имала среќа тренерските почетоци да се совпаднат со доаѓањето на Раул Гонзалез во РК Вардар. Паралелно со Модулите, го има Шпанецот за свој ментор и три години учи од него.
„Имав голема среќа што моите почетоци на тренерска кариера се совпаѓаат во доаѓањето на Раул Гонзалез во Вардар. Тој беше на располагање на сите и доколку сакаш да научиш беше отворен за соработка. Имавме интерни семинари со него, тренерите од Академијата и многу научив од Раул. Три години соработувавме, а јас ги следев, запишував и ги снимав тренинзите, за да не пропуштам нешто (се смее). Ми даде сосем поинакви видици од она што јас како визија го имав пред да почнам со тренерската работа. Ме научи како да им го пренесам знаењето за ракомет на децата, што е многу специфично. Како играч ја имав ракометната основа, но не можеш да бидеш тренер без да научиш како. Го сметам за мој ментор и денеска сме во контакт, и бев многу разочарана кога го најави своето заминување од Вардар, затоа што останаа некои работи и детали кои требаше да ми ги покаже“ – се потсетува Пецевска Ристова.
Потоа продолжува сама, иако во еден период соработува и со нејзината сестра Билјана (исто така поранешна ракометарка и тренер), потоа Симе Симовски, односно Билјана Црвенкоска е со неа на клупата на овој тим, за по распадот на шампионскиот ЖРК Вардар, Пецевска да одлучи да остане во клубот кој го превземаат Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ. Спортски работнички кои за Драгана се одлично познати, како играчки (од времето на Кометал Ѓ.П. и националниот тим) така и во поинакви ко-релации како претседател на клуб, односно тренер со играч, а потоа и во тренерските води кога таа влегува во Академијата.
„Кога се распадна шампионскиот ЖРК одлучив да останам поради две работи. Прво затоа што тоа е моја екипа, генерација која ја водам од мали нозе и толку години работа и труд, не можев да се откажам. Стигнаа до прва екипа и иако бев свесна дека ќе почнеме од нула, и претходно толку се борев за нив што едноставно не можев да ги оставам, тие се мое првенче. Од друга страна стоеја и Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ од кои секогаш сум имала поддршка како тренер. Тие ја почитуваат мојата работа. Останавме сите да се бориме, почнавме од нула, во тешки услови и пандемиска сезона и за година дена стигнавме во Европа.“
Драгана е сопруга на Бобан Ристов, поранешен фудбалски голман, мајка на две деца, која живее на релација Велес – Скопје. Со поддршка на сопругот, кој како поранешен спортист одлично ги разбира предизвиците со кои се соочува, како и со безрезервна помош од нејзината мајка и свекрва успева да ги избалансира сите обврски и да се посвети и на професионалната реализација, како тренер. Слободното време е луксуз, а најчесто се користи за изработка на креативни ракотворби (за децата) или, пак, за плетење („одлично е за нерви“ – вели Драгана).
И во целиот „животен хаос“ Пецевска успева седум години несебично да работи со група на девојчиња, кои прераснаа во кадетски, младински, некои и сениорски репрезентативки, кои за прв пат по подолго време вратија еден женски ракометен тим на европската мапа.
„Можеби за некого е смешно, но за мене ова е огромен успех како тренер и голема сатисфакција. Најтешко е семката да ја из’ртиш и да направиш стебленце! Ние успеавме за многу кус период, со екипа за која ова се први меѓународни натпревари, премлади сме и без никакво искуство. Затоа и задоволството е големо. Приштина реално беа преслаби за нас, но и пред нив беше паника. Девојките уште не знаат сами да се ценат, не знаеме колку вредиме“, потенцира Ристова и додава: „Сега доаѓа вистинската Европа за нас. Кога ни извлекоа противник од Холандија бевме на тренинг и веднаш сите коментираа ’Леле тим од Холандија!’ Им велам ’Чекајте, ајде да се пробаме, од каде знаете дека нив ќе им одговара нашиот стил на игра!?’ Пристапот е многу важен. Го анализирав противникот и не е нереално дека имаме шанси да надеваме. Не се Шлагелсе или Ѓер, нескромно е да речам дека ќе се носиме со нив, но од она што го видов имаме простор за игра. Си го знам квалитетот и капацитетот на тимот, знам колку ми е долга чергата. Нема да се задоволиме само со тоа што сме стигнале до тука и да се предадеме затоа што за ривал имаме тим од Холандија. Нема ни да се преценуваме, спортски е да се надеваме и велам не е нереално да се бориме. Ќе видиме дали тоа е голем залак за нас или не.“
Факт е дека Европа е само плус за ЖРК Вардар, кој пред се цели на успех во националното првенство и Куп. Сепак амбициите се држат под контрола.
„Лани игравме финале на Куп и завршивме втори во првенството, додека сезонава верувам дека имаме квалитет за шампионска титула. Кон тоа се стремиме. Сега имаме добар резултат, но да не брзаме. Чувствувам дека е најдобро да одиме меч по меч. Долга е сезоната, истите девојки играат и Прва лига и Европа и младинска лига, има многу натпревари, може да се случат повреди. Ги држам скромни мислите.“
СО ЕДЕН ЗБОР ЗНАМ ДА ИЗВАДАМ МАКСИМУМ ОД ИГРАЧ
Интересен пристап има Драгана Ристова во својата тренерска работа. Според неа прво мора да си психолог, а потоа тренер за да може да го добиеш најдоброто од своите играчи.
„Од секогаш ме интересирала човечката психологија и како играч имав многу интересно искуство во Будуќност кога Драган Аџиќ ми беше тренер – тој се интересираше за тоа како се моите дома, семејството, што и како ми се случува приватно и на тој начин успеваше да допре до секоја од играчите. И јас се обидувам да гледам на работите прво психолошки, потоа тренерски. Девојчињата ги знам од мали, ги познавам карактерно и се обидувам на ист начин да се поврзам и со новите ракометарки и да ги вклопам во тимот. Бенефит е прво да се анализираат и научат психолошки, затоа што потоа тренерски ми е полесно да пристапам до нив. За секоја знам каков пристап треба да имам и во моменти на натпревар кога ќе има осцилации или ќе почувствувам дека ’паѓа’ знам со еден збор како да ја мотивирам и да го извадам максимумот од секоја девојка. Како тренер мислам дека секогаш мора да ’вагаш’, не секогаш казната е решение. Хипотетички, ако некоја ракометарка нема шут од надвор, но има добра финта – тоа го форсирам кај неа, кај друга е спротивното. Се трудам да ги истакнам нивните предности додека полека работиме на корекција на недостатоците и надградба. Секое дете е индивидуа. Имаме многу квалитет, но не чека и многу работа.“
НЕМАМЕ КЛУПСКА ТРАДИЦИЈА, СЀ Е ИНСТАНТ ПРОЕКТ
Драгана како играч била дел од проекти како Кометал Ѓ.П., ЖРК Вардар, клубови кои во одреден период направија бум во женскиот клупски ракомет, а потоа згаснаа. Сега е вклучена во една системска работа со генерација која трае седум години наназад, па ја замолив да направи паралела меѓу искуствата и да каже кој модел е подобар според неа.
„Комплетно нашиот систем не е како што треба кога станува збор за клуб. Имаме примери како Барселона, Партизан, Црвена Звезда – спортски колективи кои траат со децении без разлика дали има финансии или нема. Кај нас, особено во женскиот ракомет сè е инстант и нема поента. Сè е на ура, убаво е, се прават резултати, но траат кусо и оддеднаш ги снемува. Имаме деца кои сакаат ракомет, луѓе кои сакаат да работат, го сакаме спортот, но немаме традиција да имаме барем еден клуб позади кој ќе стојат два-три спонзори и тоа да е во континуитет. Да се работи и да се вадат генерации и кога ќе има добри и кога ќе има лоши резултати. Еден Загреб со сите подеми и падови, секогаш е присутен, еден ЖРК Будуќност исто така. Кај нас веќе долго време особено во женскиот ракомет немаме никаков континиутет, и тоа што го имаме нешто македонско, квалитетно и тоа се исмева. Ајде да бидеме реални – каде да одат децата кои сакаат да тренираат, девојките кои како што растат играчки, така треба да им растат и условите. Имавме ситуација со втората екипа на ЖРК Вардар која беше база на репрезентација, Сергеј Самсоненко одлучи да ја распушти и која успеја да се снајде – добро, која не… Единствено Сара Ристовска успеја од таа екипа. Тоа е тажното кај нас, немаме ни втора, ни трета опција. Сега нешто со ваучерите живнаа работите, но факт е дека и во тоа имаме квантитет без реален квалитет.“
ДЕЦАТА „ГОРАТ“ КОГА СКОКААТ СКАЛИЛА
Домашната женска лига сезонава брои 12 екипи, без испаѓање, а истовремено РФМ стави и лимит само ракометарки со 16+ да имаат право на настап во Лигата. Во ситуација кога поголемиот дел од прволигашките екипи се со кадетско-младински состави, колку тоа ги ограничува клубовите и дава мотив за работа?
„На натпреварувачкиот систем кој го имаме во моментов можеби е одраз на почит дека има некој кој сака да направи разлика. Вистина е дека единствено се бориме за повисоко место на табелата, но кај секој од овие тренери главниот мотив е да работи, да ги тргне децата од улица и да ги насочи кон спортот, кон ракометот“, вели Пецевска и продолжува: „Јас на 16 години почнав да играм во Суперлига. Денеска ракометот е поинаков, се игра брзо, со груби фаули и во интерес на здравјето, да, не се подготвени. Лани, преклани се случуваше девојки од 16 години да се ’борат’ со ракометарки од 28-30 години. Секак ако има некое вундеркинд, тогаш може да се направи отстапка. Сепак, не сум за префорсирање. Имаме мал милион примери каде со скокање на скалила, сме виделе играчи кои пребрзо изгореле. Потребно е време да се порасне, како што се расте како играч, така расте и психата и во победи и во порази. Со избрзување ретко кој може да се снајде. Не секој може да се носи и со слава и со победа и со пораз. Затоа сум внимателна со мојот тим и секогаш се водам од личното искуство. За многу работи тргнувам сама од себе затоа што на крајот на денот работам со деца на кои не смеам да им ја уништам желбата за спорт.“
ВО СТРАНСТВО СФАТИВ КОЛКУ ВРЕДАМ
Желбата за спорт, конкретно за ракомет кај Драгана се јавува поради нејзината две ипол години повозрасна сестра Билјана, која започнува да тренира ракомет. Од пионерската школа на Кометал водена од Зоран Кастратовиќ и Васил Толевски, преку Еуростандард, Пецевска на 16 години ќе добие шанса да влезе во првиот тим на Кометал Ѓ.П. Но, тогашниот тренер (кого не сакаше да го именува) “не ја бендисал“ и ја вратиле во вториот тим. Таа заминува и две години ќе биде дел од проектот Олимпик, потоа една сезона ќе мине во Скопје (сегашен Металург), пред Трифун Костовски, по СП 2001 во Италија не одлучи дека левото крило треба да заигра за Кометал. Таму останува до распаѓањето на клубот, дел е од екипата која во 2003 ќе го игра третото европско финале и ќе загуби од Шлагелсе.
Потоа следува врвот на нејзината кариера – единственото интернационално искуство, трансферот во Будуќност каде ќе мине две сезони и ќе биде освојувач на трофејот во ЕХФ купот. Се враќа дома во Металург, но по шест месеци преминува во ЖРК Вардар, кој во тој период го превзема Сергеј Самсоненко каде поради повреда е принудена да ја заврши играчката кариера.
„Ме враќаш многу оддамна (се смее) Паметам дека почнав да тренирам ракомет поради сестра ми, на шест години, бев најмала и никој не сакаше да ми биде партнер. (се смее) Почнав како среден бек, а потоа Зоки (Кастратовиќ) ме префрли на крило. Многу се лутев, бев бунтовник, мислев дека многу можам да дадам како бек, но и крило не излезе лошо (се смее). Најубавите години ми се во Кометал, го играм третото финале во ЛШ, кога загубивме од Шлагелсе. Среќна сум што јас бев единствена што влезе во тимот, а почна од школата на Кометал. Паметам првиот гол во ЛШ. Претходно ја гледав Легангер на ТВ, а сега играм против неа и тогаш ја постигнав и првата „вртенка“… Или против Хипо на веќе добиен натпревар, на крајот од мечот Индира изведува од центар (тогаш и правилата беа други) јас трчам и од цепелин давам гол. Погодокот беше атрактивен. Тогаш имав полет, не бев стандардна, но играв десно и лево крило како ќе имаше потреба. Убави времиња“, се потсетува Драгана, а потоа преминува на Будуќност: Врвот во клупската кариера ми е освојувањето на ЕХФ купот во Будуќност. Интересно, но таму сфатив колку сум јас ценета како играч во Европа! Тогаш согледав каков комплекс имаме ние, не само во женски, туку и во машки ракомет, а тој проблем мислам дека го имаме и ден денеска. Главната причината поради тоа ја гледам што е многу полесно да се донесат играчи и да се направи тим, а многу е потешко да се создаде играч и екипа. Колку за компарација Раул (Гонзалез) во Вардар донесе многу странци, но направи и наши млади играчи, им даваше и слобода и кураж и знаеше како да ги искомпонира во тимот. Истото го правеше и Парондо.“
Грешка при операцијата на менискусот на коленото е причината за крајот на кариерата.
„Одиграв една сезона за ЖРК Вардар и имав повреда на менискусот. Од обична операција се премина во проблематична рехабилитација од осум месеци. Не можев никако да се вратам. Постојано болки и отоци на коленото, за на крај да се констатира дека имало грешка при операцијата и ддека имам ’дупка’ во р’скавицата. Тоа беше крајот. Најкоректно се разделив од Вардар, доказ за тоа е фактот што потоа и се вратив во Академијата како тренер, но ми остана горчина дека се заврши неславно!“
ЗА МЕНЕ НЕМАШЕ „ЗБОГУМ“, СЕ ПОЧУВСТУВАВ ЗАБОРАВЕНА ОД СИТЕ!
„Велам неславно, затоа што се почувствував како заборавена од сите. Ниту од Федерацијата, ниту од клубот Вардар не добив некое скромно испраќање со кое ќе го обележам крајот. Ништо, како да не сум постоела во ракометот! Тоа беше болно за мене. Година дена не гледав натпревар по моето неславно завршување на кариерата. Останав бремена, си ги лечев раните со мајчинството, за потоа да ми се појави желба што и како понатаму. Ние играчите не сме никако осигурани откако ќе ја завршиме кариерата и сакав од претходно да бидам тренер па се вратив на ракометот. Но ми остана како болка тоа што не бев испочитувана ниту од националниот тим, чии дрес го носев 15 години, ниту од тогашниот клуб ЖРК Вардар.“
ИМАМ ЖЕЛБА ДА НАПРАВАМ НЕШТО ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, НО КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ВРЕМЕ
Ракометари и ракометарки од периодот кога Пецевска беше активен играч во последните година – две се актуелни во националните стручни штабови, но за себе вели дека никој не ја контактирал, но и дека верува дека ќе дојде нејзиното време.
„Никој не ме контактирал и не знам зошто! Едно време скоро цела кадетска репрезентација беше мојот тим, а беше поставен друг човек за селектор. Сакам да верувам дека тоа е според некој концепт на Федерацијата. Си велев моја генерација кадетки и мислев дека логично е јас да ги водам, но не се случи тоа и си реков на себе си, добро Драгана, стој, кочница! Сакам да се пробам и во национална селекција, но кога ќе дојде време. Сега следно би требало да биде сениорска и имам желба и потајно сакам да направам нешто за женскиот ракомет и репрезентација, но кога ќе дојде вистинското време.“
Во меѓувреме ја следи работата на националниот тим.
„Треба да постои баланс и да има и млад ум и млада визија во селекцијата. И светот и спортот одат напред, природно и нормално е што има промени, а тоа што има млади во стручните штабови е затоа што сме стасани за тие функции, другото нема да го коментирам. Секоја чест за секој, не сакам ни да кудам, ни да фалам од тренерски аспект или концепт, може ќе звучи клише – ама си го гледам своето. Имавме некои контакти со репрезентацијата, тие ја гледаат мојата работа, задоволни се од девојките и би им посакала среќа за она што го имаат замислено. Разбрав дека желбата е да имаме млада репрезентација, да почнеме од нула и јас го поддржувам тоа. Сметам дека така се прави репрезентација, дури мислам дека и порано требаше да се направи ова. Треба да сме свесни за рангот на националниот тим, не треба да сме нереални за околностите. Имаме девојки, но дали правилно се работи и дали се вади максимум од секоја е тука е дискутабилно. Не мислам дека сме „Ш“ репрезентација, имаме капацитет, но прашање е колку вадиме од тоа. Мора да имаме и искусни играчи кои ќе го водат тимот, затоа што треба некој да ги води тие млади играчи – ако ме праша некој, јас тоа мислам.“
НЕМАМЕ НИТУ КОНЦЕПТ, НИТУ СИСТЕМ
Голем број на клубови, почнувајќи од ЖРК Вардар, потоа Металург (кој своевремено беше и клуб-репрезентација) потоа Куманово, се тимови кои отворено ја искажаа својата визија за клуб репрезентација. Колку е тоа реално или добро?
„Добро е, но не е реално. Ако можеа и ако имаа желба досега ќе го направеа тоа, но мислам дека сето тоа е нереално. Ние на времето бевме со Кометал клуб-репрезентација, но бевме на врвот, игравме и ЛШ, а сите други беа долу. Од друга страна ајде да погледнеме и сега, што имаме ние од женски ракомет!? Од друга страна може ќе биде добро, ќе се насочиш кон репрезентација и ќе биде добро таму, но губиш кај клубовите, за што ќе тренираат и работат другите девојчиња од клубовите? Да имаш концепт на работа во сите клубови како што имаат Русите, Германците… Ние, да не се навредуваме, но може да кажеме дека немаме систем. На семинарите сите тренери имаме желба да направиме систем, но се останува на разговор и желба. Тоа е огромен и долг проект и никој не се осмелил да превземе иницијатива.“
АМБИЦИЈА ДА СТАНАМ ВРВЕН ТРЕНЕР
Кон што се стремиш во тренерската кариера?
„Имам желба да станам тренер на врвна екипа, сакам знаењето да го споредам, но никој не може да знае. Потајно сакам да излезам надвор, но во моментов сум сконцентрирана на оваа екипа, ова ми е првенче и сакам и со овој тим да направам нешто. Природно е да сакаш да напредуваш, но од искуство знам дека се што ми е преголема желба на крај – горам и оставам работите да си течат сами по себе. Како ќе ми се отвораат работите така ќе одам напред.“