ИНТЕРВЈУ ГОРДАНА НАЦЕВА: Не треба да се плашиме од натурализација ако е тоа за доброто на репрезентацијата

Ренесансата на македонскиот женски клупски, но и репрезентативен ракомет не може да се замисли без ракометарката на векот во Македонија, Гордана Нацева. Таа повеќе од една деценија ја носеше капитенската лента во Кометал Ѓорче Петров, кој го предводеше до врвот на Европа во 2002 година. Ги направи и дебитантските чекори со националниот тим, но и најголемите успеси на дамите (седмото место на СП 1997 во Германија). Во поновата историја ја препознаваме како претседателката на ЖРК Вардар со кој пет години жареа и палеа низ Европа, а исто толку пати беа и дел од Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите, но (за жал) не стигнаа до трофејот. По заминувањето на спонзорот од клубот, остана да се бори за иднината на екипата. Нацева е член и на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, кој неуморно работи на враќање на стариот сјај на женскиот ракомет.

Интересно е дека популарната Гоца себе си се гледала како кошаркарка, бидејќи во основното училиште во Свети Николе посветено тренирала кошарка (играла на позиција плеј). Но, во средно училиште се префрла на ракомет, затоа што во градот нема женски кошаркарски тим, но има ракометен – Овче Поле. Не ја сакала голманската позиција, туку бековската, но како најмала во тимот немала избор, го добила голот – „шест метри квадратни во кои ја минав целата кариера.“ Со 18-години професионална кариера, во која игра само за два клуба, ДИН од Ниш и Кометал Ѓ.П., европска шампионска титула, 212 настапи во репрезентативниот дрес, таа на 34 години (во 2004) ќе каже крај.

Но, тоа нема да биде крај, затоа што ракометот е нејзина љубов и оддишка. Нацева е професионално ангажирана во Министерството за финансии (има и завршен Правен факултет), а по завршувањето на кариерата ја добива и нејзината најголема гордост – ќерката Миа, но никогаш комплетно не го остава ракометот. Ќе стане првата жена од Македонија станала ЕХФ делегат и ќе има неколку делегирања во Челинџ купот. Во 2012 година ќе биде и спортски директор на женскиот национален тим, а по ангажманот во ЖРК Вардар како претседател на клубот, комплетно ќе се посвети на таа улога, која ја има и ден денеска.

„При заминувањето од ЖРК Вардар Сергеј (Самсоненко) го понуди клубот на луѓе од ракометниот свет, но немаше заинтересирани спонзори за да вложуваат во клубот. Останав во ЖРК затоа што не сакав да згасне клубот. Имаме две генерации со по 20 девојчиња  за кои искрено сметам дека се иднината на нашиот ракомет. Тука е и Индира (Кастратовиќ) како директор на клубот и координатор на категориите, Платон, Папуџиева, Пецевска, Царчев – една неверојатна група на ракометни имиња и поранешни репрезентативци која верувам дека со своето искуство и ракометно знаење и квалитет ќе направат добри ракометарки од овие девојки. Амбицијата ни е да направиме од нив репрезентативки, голем дел од јуниорскиот погон да биде во селекцијата. Се надевам дека ќе играме и финале на Куп на Македонија (дај боже да го освоиме), додека во домашното првенство колку може повисоко да котираме. Верувам во добар пласман и излез во Европа – тоа им го ветивме на девојчињата, дека ќе им овозможиме да си ги измерат силите надвор. Морам да признаам дека на сите во женскиот спорт, особено во женскиот ракомет ни е многу тешко, затоа што многу малку се вложуваат сретства. Ние го преземавме Вардар во услови на светска пандемија и благодарни сме што некои фирми имаа слух и ни помогнаа да бидеме стабилни сезонава, но за излез во Европа ќе ни бидат потребни посериозни сретства. Искрено жалам што во женскиот ракомет толку малку се вложува, ќе направам и една споредба – сите 13 женски клуба во Првата лига во моментов верувам дека финансиски чинат колку еден машки тим од долниот дел на табелата во Суперлигата. Навистина е штета што се создава еден ваков вакум простор и што мора да чекаме по 10-15 години за да се појави некој кој комплетно ќе спонзорира еден женски клуб.“

ЕП 2022 ЌЕ БИДЕ ИМПУЛС ЗА ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ

Факт е дека години наназад женскиот ракомет е во сенка, а резултатите се главната причина за тоа, но можеби токму женската сениорска репрезентација и тоа што Македонија е еден од ко-организаторите на Европското првенство во 2022 година ќе ги врати во „игра“.

„Голема работа е што ќе бидеме домаќини на таа група и тоа е шанса која мора да се искористи. Доколку како организатори немаме добар настап тогаш тоа ќе биде дополнително демотивирачки и за девојките, но и за женскиот ракомет воопшто. Сметам дека оваа репрезентација има желба и мотив да го даде најдоброто од себе, има неверојатна поддршка од РФМ на овој пат и она што им е потребно е што повеќе собири и работа како екипа во периодот до ЕП. Спортот е бескрајно повторување на една работа и добро дадена задача на играчот е пола завршена работа. Не сум тренер, но сум тренирала со добри тренери, и секогаш кога имаш јасно поставена тактика и кога сите, и во сон ќе си го знаат местото и задачата, и кога сите ќе функционираат како една душа (што се вели) тогаш ќе имаме резултат. Сметам дека оваа репрезентација има желба и мотив, поддршка неверојатна, само да се искористи времето колку може повеќе собири и работа како екипа. Потребно е да го искористи и летниот период, знам дека ќе сакаат да се одморат, но понекогаш потребна е голема жртва и откажувања за потоа да дојдат убавите моменти. Паметам, во Кометал кога трениравме во снег до колена и му велевме на тренерот ’Тешко ни е’, а тој ни велеше ’Знаете колку ќе ви биде убаво во мај’. Ова е шанса што не смее да се пропушти, туку треба сите во женскиот ракомет да ги засукаме ракавите и да си поставиме цели. Ова е шанса која мојата генерација ја немаше – твојата држава да биде домаќин на едно ЕП! Да имавме ние таква поддршка ќе направевме уште поголем резултат.  Сите сме свесни колку е важно да го направиме ова и верувам дека почнувајќи од претседателот на Федерацијата, луѓето околу него, стручниот штаб, играчите… ќе најдат начин како Македонија да биде достоен противник на сите противници во групата. А добриот резултат ќе биде и добар импулс за македонскиот женски ракомет.“

КЛУБОВИТЕ ДА СЕ СТАВАТ ВО ФУНКЦИЈА НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Каде е грешката или проблемот, од тогаш кога немало услови до сега?

„Не е некоја голема мудрост – ние бевме клуб репрезентација! Сите што игравме во Кометал, Македонките, секако, бевме репрезентативки и плус натурализираните. Подготовките или тренингот за Кометал ни беше тренинг за репрезентација и обратно. Во милион случаи тренерот на Кометал бил селектор во репрезентација и тоа го гледам како најдобро решение. Мислам дека тоа е најдобро решение за нас. Јас како дел од УО на РФМ навистина имам желба, таа селекција од 40 девојчиња од цела Македонија што се направи, најтранспарентно, да го тргнеме субјективизмот и да го одбереме најдоброто. На тие девојчиња да им ги дадеме најквалитетните тренинзи, најдобри тренери и потоа да бараме од нив резултат. Ако во моментов Металург има десет репрезентативки, останатите да ги приклучиме со два-три тренинзи неделно и тоа да биде во континуитет. Клубовите да ги ставиме во функција на репрезентацијата. Затоа што во ваков едностепен систем на натпреварување нема ни кој да испадне од Лигата, ниту кој да влезе, нема мотив, и важно е само да бидеш прв или втор и ако си шампион или освоиш Куп, ако имаш амбиции и што е најважно, сретства за да излезеш во Европа“, потенцира Нацева и додава: „Вардар во иднина го гледам како клуб-репрезентација, тоа би сакала да биде и верувам дека тоа е рецептот за да направиме нешто во нашиот женски ракомет.“

Кога се споменува времето на Кометал и на тогашниот успех на националниот тим тогаш неизбежно е да се стави акцент и на натурализацијата. Нацева во континуитет предводеше една таква репрезентација, а и сега вели дека не е противник на натурализацијата.

„По 13 години одново ќе бидеме домаќини на едно големо натпреварување и не гледам причина зошто да не ја искористиме можноста на најдобар начин да се претстави сопствената репрезентација и сопствената држава на тоа првенство. Мое размислување е дека ако на некои позиции немаме доволно квалитетни домашни играчи тогаш може да се натурализираат, не повеќе од двајца играчи, кои ќе сакаат да играат за Македонија, но не по секоја цена, тие ќе мора да бидат со исклучителен квалитет. Ние сме такви, си го сакаме нашето национално и јас го поддржувам тоа, но гледаме дека во модерниот спорт нема тим без странец… Од друга страна Кометал Ѓ.П. кога стана европски првак никој не кажуваше дека пет Русинки, две Украинки и четири Македонски освоиле… сите велеа македонскиот клуб. Истото е и со РК Вардар. Не гледам дека нешто драматично лошо би се случило со репрезентацијата и девојките доколку РФМ се одлучи на тој потег. Треба да бидат свесни дека тие двајца натурализирани играчи само ќе им помогнат. Не треба на нив да се гледа како на опасност или закана за нарушување на атмосферата или за одредени позиции. Доколку ние во тој период ја немавме Индира, Велкова… ние не можевме да бидеме седми во Европа. Тогаш не се гледавме како закана една со друга. Јас се радував кога Индира зема македонско државјанство затоа што знаев дека е одличен играч, кој потоа се покажа и како светски бек, беше привилегија да ја имам како соиграч. И Малахова, Платон, Ташчи… сите тие останаа да живеат и да функционираат во македонскиот ракомет. Тоа е важното, да се земе нешто подобро од она што ние го имаме во моментот на таа позиција, што ќе ни помогне и да дадеме поддршка сите на таа идеја. Сите сакаме успех и затоа на таков потег не треба да се гледа како закана и деволвирање на нашата репрезентација, напротив тоа е еден квалитет повеќе кој ќе ни помогне подобро да се претставиме. Многу е важно девојките да го сфатат тоа како нешто што ќе им го олесни патот да направат нешто подобро. А која е магијата која треба раководството на РФМ да ја направи за да ги најде нив тоа е нивна стратегија и ќе биде нивна заслуга.“

Пред да мислиме на ЕП 2022 за 15-тина дена не очекува двомеч баражот со Романија за СП во декември во Шпанија. Можеме ли да сонуваме Мундијал?

„Зошто да не се надеваме!? Романија е апсолутен фаворит и многу работи ќе зависат од нив. Не успеаја да се пласираат на Олимпијада и во моментов трпат многу критики и ќе зависи како тоа ќе се одрази на нив. Дали ќе експлодираат, ќе сменат нешто во играта или, пак, комплетно ќе паднат. Ќе биде исклучително тешко, но во спортот нема однапред предавање. Ние и немаме што да загубиме. Во прилог ни оди тоа што се игра без публика, затоа што Романија е ракометна нација, особено дамите се многу ценети и е жежок терен. Ако таму се избориме за некој активен резултат, реваншот е во Скопје. Во спортот никогаш не треба да потцениш некого (ќе ти се врати многу лошо) и не треба да се плашиш од никој.“

КОМЕТАЛ МИ ДАДЕ СОН

За да биде во позиција да зборува на сите овие теми Гордана Нацева зад своето име има бројки, статистика и настапи кои ја поврзуваат со секој значаен резултат во македонскиот женски и клупски и репрезентативен ракомет.

„Така сакаше судбината да биде, но во времето кога бев играч, не само јас туку сите соиграчи, не правевме разлика дали играме клупски или репрезентативни настапи. За нас тоа беше исто, со ист жар. На клупски план сакавме колку што можеме повеќе, а истото се однесуваше и со репрезентацијата. Некогаш заради селекцијата трпеше клубот, но среќа што спонзорот имаше разбирање дека ние сме едно и како клуб и како репрезентација, си ја претставувавме државата. Беше многу напорно и можеби затоа некогаш не постигнувавме подобри резултати затоа што едни исти влечевме цело време. Тенка беше клупата, малку имавме замена или простор за одмор, се трошевме на секој меч безрезервно. Но се споија коцките, добар спонзор, амбициозна управа, квалитетни ракометарки и квалитетни луѓе, сè ни се погоди. А сето тоа е и потребно за да се направи врвен резултат.“

„Тој, 19 мај 2002 е еден од најубавите датуми во мојот живот. Ние во Кометал не зборувавме за ништо друго освен да бидеме шампиони, постојано ни беше цел да направиме успех. Ќе бевме елиминирани во четвртфинале или осминафинале, некогаш ни фали чекор-два, па инцидентот што се случи во 2000 година и суспензијата од една година, големо разочарување, но никогаш не се предадовме. Одевме игравме во струга домашно првенство и се враќавме во Скопје да одработиме тренинг, затоа што нашиот тренинг беше посилен од било кој првенствен натпревар. Голема жртва правевме, костурот на тимот кој остана целиот тој период заедно тоа ни беше амбицијата. Дали едни на други си ја наметнавме, не знам. Мојата лична амбиција беше пласман на Олимпијада и шампионска титула во Европа, тоа беа моите спортски ракометни сонови. Титула освоивме, Олимпијадата ни побегна за малку, со Романија на квалификации во Норвешка – тоа никогаш нема да го заборавам.“

„Титулата беше еден сон, кој го сонувавме сите во тимот, вклучително и управата. Сега ги гледам работите и од еден друг аспект, во друга улога во тимот, но мораат екипата и управата да имаат иста цел. Не може едните да сакаат повеќе или помалку, мора двете страни да имаат заедничка цел и заеднички да се трудат за да се успее. Понекогаш ние (играчите) ќе падневме сите, а управата беше таа што не држеше, тие се дружеа  приватно. И сега во Вардар каде сум се уште иако фукнционира со поаматерска основа дали по тренинг или по натпревар убаво ми е со Индира да се напијам кафе, исто како што ми беше убаво и во Будимпешта. Разликата се само условите кои не ти доволуваат да си поставиш многу висока цел, но довербата, почитта, разбирањето кое сме го имале тогаш како играчи се уште постои, тоа е онаа хармонија и енергија која е потребна за успех на еден клуб.“

УШТЕ НЕ МОЖАМ ДА СИ ОБЈАСНАМ, ВО ЖРК ИМАВМЕ СЀ, А НЕ ДОЈДОВМЕ ДО ТИТУЛА

Кога веќе отидовме во тој правец дали недостасуваа таа енергија и таа хармонија во шампионскиот ЖРК Вардар за да се освои шампионската титула во Европа?

„Многупати сум размислувала за тоа. Неверојатно е, имате едни како од бајка услови, сè да имате и на крај повторно нијанси не сакаат и тие одлучија да не станеме европски шампиони. Амбиција кај управата имаше. Кога почнувавме Сергеј ме праша за колку време ќе станеме европски шампиони, јас му реков за пет години, а тој ми рече тоа е долг период, ние треба да сме прваци за три години. Разликата можеби беше (не знам кој како ќе го сфати ова) што во Кометал ниту една од нас немаше освоено некоја значајна титула, сите се мачевме заедно да го направиме тоа во клубот. Во ЖРК имаше играчи кои веќе имаа освоено титули, со важни улоги во тие екипи, сите познати и признати и сите тие се добро девојки, извонредни борци, секоја од нив ќе сака и 15 титули да освои, но… Управата никогаш не може да знае што се случува во соблекувалната, самите играчи си решаваат некои проблеми внатре, успеваат или не успеваат да ги надминат и затоа одговорот на тоа прашање никогаш не можам да си го дадам. Некогаш бев незадоволна од самите нас, некогаш од судиите, некогаш не ни беше денот. Некогаш со Индира кога си дискутираме си велиме што може друго да не изненади, каква друга игра на тимот, некогаш ќе имавме брилијантен меч и потоа во продолжението (како со Будуќност) делувавме како дебитанти. Паметам Индира кога го зеде тајм-аутот првата година, потоа со ноќи не спиеше. Следната година кога делегатката и го зеде картонот за тајм-аут од раката, последниот напад во последното финале, кој го промаши Чанаџија. Тогаш ние бевме толку сигурни дека ќе ја освоиме шампионската титула, што на девојките кои беа со нас на трибините им рековме спуштете се долу, готово победуваме, за да славиме… Но тоа е тоа, така требало да биде. За утеха на спонзорот, но и на целиот тој проект Вардар дојдоа двете шампионски титули кај мажите, никој не го очекуваше тоа од нив. Секогаш си велев со Вардар да станеме шампиони, но не прецизирав дека со ЖРК сакам титула (се смее).“

Моите претходни соговорници – Иван Бојков и Владимир Радиќ со големи зборови ја опишуваа Нацева како лидер, но и како некој кој од нив барал формула како тимскиот дух од Кометал, да го пренесе во ЖРК Вардар.

„И Бојков и Радиќ се луѓе без кои немаше да бидам овде и да ги направам сите овие успеси. Кога ми понуди Сергеј да станам дел од ЖРК ги контактирав и Бојков и Радиќ и Трифун (Костовски) и Марјан Начевски за да им кажам дека ќе бидам дел од Вардар. Без разлика на годините минати во ракометот, сигурно не сум го собрала целото знаење и мудрост, па сега да го водам клубот. Им реков доколку нешто увидат дека не е добро секогаш да ми сигнализираат. Вардар не почнува од Гордана или од Сергеј, Вардар бил и ќе биде, имал и светли моменти, најсветли, блескави, потоа паѓал, но опстанува додека јас сум само една фигура која во одреден момент била во клубот и така и се доживувам. Не ми е непријатно да побарам совет или да кажам дека нешто не знам.“

Дали некогаш во себе ја бараше вината за неуспехот?

„Третата година на Ф4 во Будимпешта, кога ни судеа данските судијќи и кога требаше на Лекиќ да и досудат пенал, а не го сторија тоа бев многу разочарана. Како претседателка на Вардар бев дел од Управниот одбор на Форумот на клубови кои играат во Лигата на шампоните и во ЕХФ купот и по тоа финале се повлеков. Му го најавив тоа на Сергеј веднаш по доаѓањето во хотелската соба. Многу емотивно го доживеав тоа. Извршниот директор на Форумот потоа ме праша зошто се откажувам и јас му објаснив дека сме биле оштетени од судиите и дека не можам повеќе да слушам оправдувања: тоа е спортот, можеби судијата погрешил и ние да велиме добро што да правиме, судиите погрешија не знам дали од субјективни или од објективни причини, а таа нечија грешка нас нè чинише европска титула. Девојките ја посакуваа таа шампионска титула, тоа се добри карактери кои сакаа да се оддолжат и на спонзорот и на Скопје и на публиката затоа што и како спортисти, но и финансиски и со услови, сите убаво поминаа тука и сакаа да покажат благодарност за тоа, но ете не се даде. Индира можеше да стане првата жена која освоила ЛШ и како играч и како тренер, а и јас бев тука во некоја комбинација како претседател на клуб и тоа беше убава амбиција, но титулата пред сè ја посакував за Сергеј, затоа што тој толку енергија и инвестиции вложи во целиот проект. На моменти имав чувство дека многу подобро од сите нас и знае, и следи што се случува не само во тимот, туку општо во женскиот ракомет.“

Повлекувањето на Самсоненко од ЖРК беше поради тоа што ниту за три, ниту за пет години не освоивте титула или, пак, сплет на околности?

„Кога Сергеј сакаше да ги земе мажите, му реков ’Те молам прво ние да станеме шампиони’. Тој со насмевка ми одговори ’Ќе станете’, но јас знаев веднаш дека машкиот ракомет е поатрактивен и дека кога Сергеј ќе го почувстува тоа, ние ќе бидеме во сенка. Паметите и публиката потоа почна повеќе да доаѓа на машките натпревари. Ние имавме дрим-тим во женска конкуренција, а некои натпревари игравме пред полу-празна сала. Не можеше да се направиш таков маркетинг кога се знаеше дека мажите играат утре. Затоа му велев ’Од следната година, оваа фокусирај се на нас’, фокусот е голема работа. Кога го зеде РК Вардар си помислив што ќе биде со женскиот тим, потоа дојде и ФК Вардар… Секако ништо од ова не е оправдување дека ние не станавме шампиони – имавме сè. Исти услови и мажите и жените. И знаете што беше најинтересно, обично во среда екипите играа меѓусебе и ги имате Штербик, Чупиќ,  Тимур на една страна, Лекиќ, Лејно, Пенезиќ на друга… на тренинг имавме полуфинале во Лига на шампиони.“

СЕКОГАШ ГО ПРИФАЌАМ ПРЕДИЗВИКОТ

Нацева целата своја професионална кариера ја минува во два клуба, нишки ДИН и Кометал Ѓ.П., но тоа се средините во кои ги добила предизвиците кои и биле потребни.

„Имав моменти во животот – крстосници и сигнали, кои човек треба да ги препознае и се радувам што уште од рана возраст бев одлучна да го прифатам предизвикот. Како мала од многу пријатели на моите родители, спортисти кои ги познавав велеа ’Еј да го прифатев тоа што ќе се случеше’ и затоа си ветив дека никогаш нема да го направам тоа, да се прашувам и да се мислам што би било кога би било. Подобро да речам јас го прифатив предизвикот и не успејав отколку да не го прифатам. Играјќи за младинска селекција на Македонија на меѓурепублички натпревари во поранешна Југославија уште на 16 ипол години ме забележале луѓето од ДИН од Ниш и дојдоа во Св. Николе за да ме земат во тимот. ДИН таа сезона влезе во Првата Југословенска лига и ме бараа мене за да настапувам и така влегов во професионалниот ракомет иако моите родители не беа воодушевени бидејќи бев многу млада. Четири години бев дел од таа екипа, голманскиот занат го учев од величини како Тута Живковиќ и Роландо Пушник.  Многу брзо ми се случуваа убави работи – ме зедоа во јуниорска репрезентација, за кусо време се најдов и на поширок список на сениорскиот тим, дури во Индира и Лејла бевме и на поширок список за ЛОИ во Барселона, но Југославија доби забрана за учество. Потоа судбината не донесе сите три во Македонија и во македонската репрезентација, која тие ја прифатија како нивна и заедно тука ги доживеавме најубавите моменти и на клупски и на репрезентативен план.“

„Во Македонија се вратив во 1991, кога почнува распадот на Југославија. Кометал ми понуди одлични услови, ми понуди сон, иако имав понуди и од Раднички Белград, како и од Шпанија, но најважно тогаш беше и да се вратам дома. Потоа по освојувањето на шампионската титула имав понуди, но Кометал ми понуди одлични услови и немаше причина зошто да заминам. Вистина е цела кариера сум ја минала само во два тима, но секогаш сум била лојална кон тимовите во кои сум играла. Благодет е за еден спортист така да се најде и да се развива во една средина и тоа во сопствената држава. Сите спортски сонови ми се остварија тука.“

Во Македонија и работејќи за доброто на македонскиот женски ракомет Нацева планира да се посвети и во иднина.

„Од мене тренер не може да биде (се смее). Не се гледам во таква улога, но како дел од некој клуб или Управен одбор, тука сум да работам за доброто на македонскиот женски ракомет. Тоа ми е љубов и страст.“