ИНТЕРВЈУ ГОРАН ЃОРГОНОСКИ: Живот посветен на македонската ракометна кауза!

Ракометарот кој прво играчки, а потоа со ангажман како маркетинг менаџер ќе биде дел од најубавите години на Металург е Горан Ѓоргоноски. Стружанецот ќе го живее подемот на тимот од Автокоманда, клуб во кој ја минува целата своја професионална кариера, каде добива статус на македонски репрезентативец, но и насоката во која ќе продолжи до ден денеска да работи за македонската ракометна кауза. Неговата маркетинг агенција КМГ Спорт во 2015-та година заедно со Кирил Лазаров го создаваат проектот КЛ7, кој од ракометен камп, ќе се развие во школа, а потоа и во клуб – Голден арт КЛ7, кој лани со сплет на пандемиски околности доби суперлигашки статус. Подемот и созревањето на проектот носи и различни погледи на инволвираните страни за тоа како треба да се развива проектот, а тоа кулминираше со разделба.

Со завршена Виша школа по геодезија, а потоа и економски факултет на ФОН, и искуството акумулирано од 15-годишната играчка и репрезентативна кариера, како и четиригодишната работа во маркетинг секторот во Металург популарниот Ѓоргон ќе ги искористи за создавање на КМГ Спорт. Преку маркетинг агенцијата се обидува да му врати на ракометот за се што тој му дал во животот. Задоволен од тоа што го направил во ракометот, имајќи ги предвид многуте повреди и интервенции низ кариерата и благодарен за се што му овозможил Металург како „матичен клуб“, Ѓоргоноски е свесен дека немал врвна играчка кариера. Момент на кој е особено горд се репрезентативните настапи и враќањето на Македонија на големата сцена по пауза од една деценија на СП во Хрватска во 2009 година, кој му е единствен настап за националниот тим на големо натпреварување.

По една година пауза од ракометот во 2015 година Горан Ѓоргоноски има идеја за отворање на маркетинг агенција, а Кирил Лазаров се одлучува да организира ракометен камп. Нивните посебни идеи ги обединува заеднички пријател – Мартин Клинчаров, кој му е партнер на Ѓоргоноски во КМГ Спорт, па агенцијата ќе направи договор со Лазаров за да ги води неговите проекти. Соработката ќе биде пионер за многу работи на македонската сцена, а ќе добие глобални размери. Природно ќе се наметнува растењето на проектот, но тој нема да има среќен крај, барем не во сегментот на заедничко работење и во иднина.

„Мартин Клинчаров, на кој сум му кум и кој ми е поранешен соиграч и капитен од Металург нè спои со Кирил Лазаров. Во тоа време, 2015-та, паралелно се развиваа нашите идеи – мојата за маркетинг агенцијата и на Кире, кој сакаше да прави ракометен камп и направивме договор КМГ Спорт да ги води неговите проекти. Спортист кој создал зад себе име и има репутација како неговата бараше да бидеме на ниво и успеавме во тоа. Работата тргна со Влатко Шапрдановски, Милчо Чакаревски, Анита Даева се приклучи потоа, Марко Ставридис, кој исто така е поранешен ракометар и младински репрезентативец. Се создаде квалитетна логистика и по првиот камп реакциите беа одлични, но и многу од родители прашуваа ’А, што сега?’ Оставивме простор од две години за да се разработи системот и во 2017-та ги стартуваме школите на КЛ7, кои беа финансирани од родители и партнери. Се раширивме низ цела Македонија на 30 места работеа 22 тренери и посебно сме горди на нашата селекција во Струга која беше надградба на започнатата работа од страна на професорот Јаковче Матлиески. Кампот во 2019 година беше кулминација на петгодишна работа, со присуство на 400 деца од 13 земји, со преку 50 тренери кои минаа низ камповите дотогаш и со гости како Доминик Клајн. КЛ7 кампот и школите се проект на кој сум посебно горд и тоа за мене е успешна приказна создадена од Кирил Лазаров, КМГ Спорт и сите луѓе кои беа дел од тие кампови. Ми беше тешко кога пред некое време прочитав коментар од капитенот дека брендот КЛ7 се гради 25 години. Факт е дека брендот КЛ7 е направен во 2015 година и тоа во никој случај не е личност, туку тоа е институција и организација, која се надевам дека и во иднина ќе се надградува. Тоа е исто како што не може ниту Вардар, ниту Металург да бидат една личност.“

„КЛ7 е проект каков што не сум сретнал години наназад, од ништо да направиш нешто. И како последица на сè што се случуваше се формираше клубот. Лазаров заедно со Голден арт, кој од самиот почеток е финансиер на клубот и Рехау, кој уште од вториот камп беше дел во проектот, го направија финансискиот договор. Јас не бев вклучен во тие преговори, само во организацискиот дел на КЛ7 Лазаров, односно подоцна Голден Арт КЛ7. Првата сезона неславно заврши поради ковид-19, а веќе следната во пандемиски околности добивме и статус на суперлигаши, за кој сметам дека не е заслужен, како за нас, така и за другите клубови кои влегоа со проширувањето.“

Амбициозно се влезе во суперлигашката приказна, но работите „пукнаа“ на полусезоната прво со заминувањето на комплетниот стручен штаб, а потоа стана јасно и дека Кирил Лазаров излегува од проектот.

„Многу е тешко да наведам која е причината за прекинот на соработката. Не сум член на клубот, ниту дел од Управниот одбор, јас бев логистика, но мислам дека во овој проект не влегоа сите играчи со иста цел и искрени намери. Во таква ситуација, низ процесот на работа се појавуваат проблеми и несогласувања, а како капка која ја прели чашата беше високиот пораз од Јуниор на крајот на првиот дел од сезоната. Кога почнаа несогласувањата, почна да се нарушува и комуникацијата меѓу луѓето кои го водат клубот и за мене две работи се клучни – непочитување и его. Да не се седне и да се расчистат работите, а балонот се полни. Кога нема комуникација не може ништо да се направи. Јас не можев ни да претпоставам дека човекот со кој работев шест години и со кој го создавав проектот може да излезе од него. Кога се случи тоа во декември лани, уште гаев надежи и се обидував тоа некако да се поправи. Неколкупати и јас и Чакар се обидовме да комуницираме и да се остави простор да заврши сезоната, да легнат работите и потоа да се договориме што и како понатаму. Клубот имаше превземено одговорност спрема „децата“ кои играа во клубот, беа запишани во училишта и факултети, имаа станови, храна, имаа натпревари за играње, клубот не смееше и не дозволи тоа да се растури во декември. КМГ како агенција не беше во добра ситуација поради пандемијата, стоев во средина додека можев, и во мај веќе морав да заземам страна. Разговарав со луѓето од клубот, сфатив дека тие немаат намера да отстапат од она што како идеја, проект, визија го имаме за клубот. Последната комуникација со Кире беше во јануари годинава за време на СП кога побарав да почека до јуни, а потоа да седнат тие и да се договорат, одтогаш немав никаква информација од него. На 7 јули кога се случи прес-конференцијата и промоцијата на новата соработка почнаа да ми стануваат јасни работите и неговата реакција во декември минатата година. КЛ7 го носи името на капитенот и селекторот, но тоа е и мое чедо! Тоа е нешто што ние го создадовме заедно. По завршувањето на соработката КМГ Спорт кој беше логистика на проектот му го предадов комплетно менаџирањето на Лазаров вклучувајќи ги и школите во одлична кондиција, опстанувајќи и во услови на коронакризата и покрај сите проблеми. Проектот е предаден со јасно поставени контури и насоки за понатамоѓен развој. Искрено се надевам дека тие ќе продолжат да растат и да се развиваат и во иднина.“

КЛУБОТ НЕ СКРШНУВА ОД ЗАЦРТАНАТА ЦЕЛ

Голден Арт КЛ7 во новата сезона одново ќе се натпреварува во Првата лига, а и покрај сите турбуленции кои му се случија на клубот, тој нема скршнато од зацртаната цел – да биде квалитетна почва од која ќе произлегуваат идните македонски репрезентативци.

„Во Голден Арт КЛ7 ништо не е сменето. Дали ќе се смени името ќе одлучи менаџментот на клубот, во најважното е дека во ниту еден момент и покрај сите случувања не е скршнато од она што е зацртано во сезоната 2016/2017. Ние сме здружени околу идејата, истите луѓе сме тука и планираме да продолжиме со работа во исто темпо. Инвестирање без пардон во играчи, млади и перспективни надежи кои се иднината на македонскиот ракомет. Мотивирани сме да направиме нешто што ќе биде препознаено како почва за развој на децата. Амбициите се постојано да растеме. Не случајно го ангажиравме Никола Матлиевски, кој заедно со Јулијана Црвенкоска се еден од творците на младинските успеси во Академијата на Металург. Од претходните сезони си ја увидовме грешката дека ни се неопходни и искусни играчи кои треба да ги водат младите, па затоа ги ангажиравме Ивица Илиев и Златко Даскаловски, кои сезонава треба да донесат стабилност во тимот, но во перспектива ги гледаме како тренерски кадар кој ќе работи со децата. Официјално почнавме со подготовки, деновиве се прават и задолжителните лекарски прегледи, но се уште не сме екипирани. Неколкумина играчи кои се под договорна обврска не се појавија и до крајот на месецов мислам дека ќе имаме јасна слика.“

ПЕТКОВСКИ И ЃОРГИЕВ ИМАА ИСКРЕН ПРИСТАП, НЕПОЧИТУВАЊЕ НЕ СЕ ТОЛЕРИРА

За дел од играчите кои недостасуваат, а се под договорна обврска со Голден Арт КЛ7 се шпекулира дека треба да бидат дел од новиот проект РК Алкалоид. Горан Ѓоргоноски вели дека многу брзо ќе биде јасно дали ќе се појави спор или тие ќе останат во тимот.

„Голден Арт КЛ7 нема спор со никого, но може да има со играчи, а тоа ќе покажат следните денови во зависност дали тие што се под договорна обвска ќе се појават или не! До крај на месец ќе знаеме кои играчи ќе сакаат да си одат, но знам дека секој ќе си понесе одговорност доколку не се појави, а е под договорна обврска. Имавме ситуации како со Игор Ѓоргиев со кој беше договорено дека доколку клубот не остане да игра во Суперлигата може да си замине. Или, пак, Андреј Петковски. Момчето беше еден од ретките кои дојде и кажа – сакам да бранам во Суперлига и побара да оди во Пролет. Тој имаше активен договор уште една сезона, но од Пролет се јавија и културно се договорија и Андреј доби исписница без проблем. Не се толерира непочитување кон клубот кој те создал“, потенцира Ѓоргон и продолжува: „Формирањето на новиот проект и идеја е за поздрав, иако околностите под кој е направено тоа од етики аспект за мене се неисправни, и не сум сигурен дали партнерите имаат исти идеи. Времето ќе покаже. Сигурен сум дека со се што направил човекот што го финансира клубот за македонскиот ракомет не му е намерата да украде играч на некој друг клуб. Сметам дека Федерацијата мора да најде начин како да ги заштити децата од 14-15 години од пазарење и да најдеме механизам кој ќе ги заштити клубовите кои инвестираат во тие деца.“

КОМУ МУ ПРЕЧЕШЕ ОВОЈ МАКЕДОНСКИ ПРОЕКТ?

Интересно прашање постави Ѓоргоноски поврзано со случувањата во клубот.

„Кому му пречеше овој македонски проект? Лани бевме единствениот клуб во Суперлигата без странски играч, па дури и по цена да испаднеме од Лигата, како и што се случи. Тим со седум кадетски, тројца Б и двајца А репрезентативци испадна од Лигата, иако не сум сигурен дека го заслуживме тоа. Ние парите ги трошиме само на македонски играчи, затоа што сме проект кој вложува исклучително во македонски ракометари. Знаете зошто се купуваат странци? Затоа што немаме домашни ракометари, а ги немаме затоа што нема кој да ги создаде. Никој освен нас во последниве пет години не работи системски на создавање ракометари. Со сите случувања во клубот фиданката која требаше да расте е скината, но ќе најдеме нов начин како да израсне одново. Во моментов големата слика немам капацитет да ја видам, тоа ќе се види за година-две, само што и понатаму ми стои прашањето кому му сметаше овој проект?“

НЕМАВ ВРВНА ИГРАЧКА КАРИЕРА, НО СРЕЌЕН СУМ СО ОНА ШТО ГО ИМАВ

Сето знаење и енергија кои денеска Ѓоргон ги вложува во КГМ Спорт и во работата во Голден Арт КЛ7 ги црпи од 15 годишното искуство како ракометар и репрезентативец, кој љубовта кон спортот ја наследува од неговиот татко, кој бил фудбалер на Караорман. Прво што тренирал било фудбал, потоа поради висината се преориентира на кошарка, но во Струга ракометот е како религија, па неизбежно било да заврши на теренот на „Женска плажа“. Крсто Петрушевски по доаѓањето во Металург ќе го „претвори“ во кружен напаѓач, кој претходно во матичната Струга ќе игра на позиција лево крило.

„Струга беше ракометна мека и иако тренирав и фудбал и кошарка некако природно дојде да станам ракометар. Мојата генерација растеше со Струшкиот турнир, со Пелистер, Металопластика и ПСЖ кои ги гледавме како играат на теренот на ’Женска плажа’. Доцна почнав со ракомет 12-13 години, но тогаш спортот на улицата беше главен, подоцна влегувавме во системско тренирање. Паметам шест месеци по мене почнаа да тренираат и Ацо Јоновски и Наумче Мојсовски. Во Струга ги минувам сите млади категории до прв тим, но не се изнаиграв! Никогаш не добив ниту шанса, ниту доверба. При еден спонтан контакт на татко ми со ’таткото’ на Металург, Никола Богдановски се случи трансферот во Скопје, кој се совпадна и со мојата желба да го завршам факултетот, геодезија. Случајно дојдов и намерно останав 15 години. Се сметам за верен човек и човек кој не заборава, а мене и Крсто Петрушевски и Филип Христов и Ристо Чокрев кои во тоа време го водеа клубот ме прифатија како свое дете. Паметам кога дојдов во Металург не знаев на која позиција играм. Крсто (Петрушевски) ме праша: Што играш? Му велам лево крило, ама сакам да играм лев бек. По само една недела тренинзи тој ми вели ти ќе играш пивот и ќе бидеш добар играч, кој ќе игра за репрезентација.“

„И навистина се случи тоа! Кога си заминувавме од Струга заедно со Ацо Јоновски (тој направи трансфер во Пелистер) нè испратија со зборовите: Каде ќе одите и што ќе барате таму? Ние заминавме во јуни 2001, а по само пет месеци, во октомври и јас и Ацо бевме повикани од Драган Здравковски – Ангор во А репрезентација. И во клуб и во репрезентација максимално ја користев секоја шанса. Многу научив од Среќко Ѓоргиевски, еден од првите македонски репрезентативци кој ми беше соиграч во Металург, од Милчо Чакаревски, мој цимер и соиграч кој ми всади работна етика. Од играч од кој никој ништо не очекуваше за две години станав еден од предводниците на Металург. Две години подоцна дојдоа првите големи засилувања – Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Александар Петровски, Филип Лазаров… Почна да се формира посериозна екипа, а од 2003 година доаѓаа и странци. Петрушевски го наследи Љубомир Савевски, потоа се редеа други тренери за на крај да дојде Лино Червар. Како растеше клубот, растев и јас и ние како екипа, и секогаш велам дека сум дете на Металург иако сум роден во Струга.“

Повредите се нешто што постојано ќе го следат низ неговата кариера и тоа е една од главните причини во 2011-та да стави крај на активното играње ракомет.

„Повредите ме следат константно. Пет-шест операции, уште толку повреди кои не се санирани ’под нож’. На година ипол јас имав интервенција и рехабилитација, но успевав да станам одново и да се вратам во игра. Но, ништо во животот не сум добил лесно, таква ми е кармата. Се до последната операција во 2010 година кога уште на полусезона во декември Лино Червар ми кажа дека во иднина нема да смета на мене, затоа што повеќе сум повреден отколку што сум во игра. На крајот на таа сезона 2010/2011 ја завршив кариерата. Немав врвна кариера, но задоволен сум со она што го имам. Од моето искуство во животот сум научил дека никогаш не треба да се губи надеж, што е твое ќе си дојде! Она што е потребно ти да го правиш, колку и да звучи клише, е да работиш макотрпно за шансата што ќе ја добиеш да можеш да ја искористиш. Многу луѓе добиле шанса, но малкумина ја искористиле и тоа се обидувам да им го кажам на децата денеска.“

МЕТАЛУРГ БЕШЕ „СЕМЕЈНА ЗАБАВА“ ЗАТОА РУШЕШЕ РЕКОРДИ

По завршувањето на кариерата Чокрев и Христов ќе му понудат на Горан да остане да работи во клубот во маркетинг секторот, кој тогаш е во создавање. Покрај резултатите ако нешто се памети од тој период се рекордите кои се рушеа кога стануваше збор за продажба на билетите.

„Правевме нешто што дотогаш во Македонија малку беше познато. Работевме на социјални медиуми и промоција на клубот од едно поинакво светло. Се потрудивме да најдеме канал како луѓето приватно да ги запознаат играчите и да направиме тие да бидат идоли и на децата и на возрасните. Успеавме да покажеме една приватна, интимна страна, да ги истакнеме предностите на секој играч, имиџот и идентитетот надвор од теренот. Се создаде и организиран систем на продавање на билети, каде можеше културно без туркање пред билетара да се купат, а беа достапни и секаде низ Македонија. Успесите на клубот придонесоа да има интерес, потоа влезе и во фаза на помодарство и во фаза на фама. Имавме и луѓе кои доаѓаа во сала, а не знаеја кој игра – и тоа е нормално! Порано публиката во Македонија беше 90 посто мажи кои кога беа спремни да се исплукаат и да се истепаат одеа на натпревар. Нашата цел беше да привлечеме фамилијарни луѓе. Затоа имавме и маскота, за да ги анимира децата додека родителите гледаат ракомет. Металург сакавме да биде убава, семејна забава и затоа во ’Борис Трајковски’ немаше свирежи и навреди кога губеше Металург, туку аплаузи, затоа што луѓето убаво си поминуваа. Тоа се обидувавме да го прикажеме како забава, се отворивме кон цела Македонија. Металург не е ниту само клуб од Автокоманда, ниту само од Скопје, туку ние се етаблиравме како национален бренд и доаѓаа по две илјади луѓе од другите градови за да ги гледаат нашите натпревари. Требаше време да се научат луѓето дека билетите треба да се платат, но кога ги научивме, од тоа клубот имаше 170 илјади евра чисти пари од билети во најдобрата година“, се потсетува Ѓоргоноски и додава: “Од август 2011 до декември 2014 година го работев тоа, а потоа си заминувам. Мојата одлука не беше врзана за финансии или поради случувањата во клубот во тоа време. Заминав затоа што имаше луѓе во раководството на Металург со кои не можев да се разберам, луѓе кои му направија непоправлива штета на клубот, кои со години на име на Металург градеа имиџ и заминаа без да понесат одговорност.“

ЛАЗАРЕВСКИ МЕ ПОТСЕТУВА НА МЕНЕ

Откако направи ретроспектива на својата кариера Ѓоргон се подзамисли на прашањето дали постои играч од овие актуелниве кои го потсетуваат на него, во однос на развојот на настаните и како за пет месеци станал македонски А репрезентативец, а тој именуваше тројца.

„Милан Лазаревски! Тој никогаш не беше дел во младинските селекции. Паметам во Металург играше лев бек и на тогашниот тренер, Данило Брестовац му препорачав, познавајќи ја генезата на Милан дека треба да игра пивот. Данило не ме послуша, но по шест месеци се смени ситуацијата, Лазаревски почна да игра пикер, рапидно напредна и стигна до А репрезентација. Се поистоветувам со него! Сигурно ќе излезат уште такви деца кои никогаш не биле на пиедестал во младите категории. Аларов од Пролет, повторно играч на моја позиција, но не паметам дека бил фактор во младинска селекција, а во моментов е на некој потесен список. Игор Ѓоргиев, не беше фактор во кадетска, а уште помалку во младинска репрезентација каде го користеа како одбранбен играч, а сега е А репрезентативец.“

КМГ РАКОМЕТНИ ШКОЛИ – ПРОЕКТ ВО НАЈАВА

Летово менаџирањето на школите на КЛ7, тој му го предаде на Лазаров, но акумулираното искуство во овој сегмент ќе се обиде да го пренесе во нов проект – КМГ Спорт ракометни школи кои нема да бидат поврзани со Голден Арт КЛ7.

„Во перспектива планирам да работам во тој сегмент, ракометни школи. Како КМГ Спорт имам доволно искуство во таа работа и агенцијата ќе си го води тој проект, кој нема да биде поврзан со клубот. Веќе разговарав со раководството на Голден Арт КЛ7 и тоа е заеднички став. Школата ќе биде моја, но секако првенствено во функција на тој клуб. Проект кој ќе си функционира на основа на самофинансирање од родители и спонзори каде децата откако ќе дојдат до возраст за системско работење ќе бидат вклучени во активностите на клубот.“