Поранешниот македонски репрезентативец, охридската ракометна легенда Горан Андоновски е еден од главните виновници за големиот успех на Тиквеш, кој сезонава по пауза од 12 години е дел од суперлигашкиот плеј-оф. Малкумина веруваа дека тимот од Кавадарци може да биде некој фактор во првенството, особено ако се погледне учинокот на екипата по првите пет кола (имаа само една победа), но откако популарниот Текс се врати на клупата работите го сменија својот тек. Андоновски е задоен со ракомет и неговата семејна лоза е комплетно посветена на овој спорт. Покрај историскиот успех со Тиквеш кој го испиша сезонава, тој е и една од причините за враќањето на ракометот на сцена во Охрид – неговиот матичен клуб РК Охрид, кој заедно со уште неколку ентузијасти го воскреснува во 2011 година.
Горан Андоновски немал право на избор на спорт. За него ракометот бил предодреден затоа што е син на Крсте Андоновски, ракометен тренер и поранешен селектор на Македонија во рамките на СФРЈ, па од мали нозе бил на ракометните терени. Првите чекори ги прави во РК Охрид, каде игра до 18-тата година, а потоа најголемиот дел од својата професионална кариера, осум сезони, ќе мине во Вардар Ватростална. Има шампионска титула со „црвено-црните“, со кратки излети (две години) во Пелистер. Може да се пофали дека ја носел капитенската летна во Преспа Јафа Промет, клуб со кој исто така ќе освои шампионска титула и ќе биде првиот македонски тим кој ќе заигра во групната фаза од Лигата на шампионите. Среден бек е неговата позиција во клубовите во кои настапувал, но најчесто со дефанзивна улога, особено во репрезентацијата. Може да се пофали со десет настапи за младинска репрезентација на Југославија, а подоцна, по осамостојувањето ќе биде дел од генерацијата на Манасков, Јовиќ, Алушовски, Зарков… кои ќе играат на првото ЕП во 1998 во Италија и на првото СП 1999 во Египет.
Кариерата ја завршува во матичниот Охрид, тогашен Климент Охридски, 2003/2004 кога ќе има двојна улога на играч и тренер. Од 2005 до 2011 година се повлекува од ракометните води и работи по струката (завршен факултет за технолог – инженер), а во градот нема ракомет. Во 2011 година (трчајќи покрај езерото рекреативно) на иницијатива и со поддршка на неколку ракометни љубители (меѓу кои и актуелниот градоначалник на Охрид – Кирил Пецаков) го возобновуваат клубот. За осум години (колку што е на клупата) ќе ги направи најголемите резултати – трето место во Супер лигата и настап во европскиот ЕХФ куп, каде ќе стигне до второто коло. Истовремено има успех и со младинските категории. Во 2018 година е тргнат од клубот и направи нова пауза од ракометот за ланската втора полусезона да го води Тиквеш во Суперлигата. Имаше успех во Кавадарци, клубот го задржа супелигашкиот статус, но соработката не беше продолжена. Сезонава Андоновски се врати во Тиквеш по само пет кола (период во кој екипата ја водеше Ристо Магдинчев). Од тим кој имаше само една победа Тиквеш прерасна во пријатно изненадување, испиша историја и по пауза од повеќе од деценија игра во суперлигашкиот плеј-оф.
„Не бев изненаден кога го добив повикот во октомври, затоа што управата на клубот знаеше како работам и дека не трпам порази (се смее). Навистина имав успешна полусезона лани со Тиквеш. Беше многу тешко, со оглед на тоа дека повеќе од пола екипи во Лигата испаѓаа, но успеавме да го спасиме Тиквеш и клубот да го задржи суперлигашкиот статус. Соработката не продолжи затоа што имав договор на шест месеци, а потоа воопшто не разговаравме за да останам. Сепак убаво се разделив и со управата и со клубот. Имав некои понуди за да заминам во странство, но сепак, останав дома. Тиквеш беше во тешка ситуација по првите пет кола во првенството, со само три бода и кога ми се обрати управата со задоволство прифатив. Идејата беше само да ја консолидирам екипата, но по стартната победа над Прилеп, главниот пресврт во сезоната ни се случи со победата над Еурофарм Пелистер 2 во Битола. По овој гостински триумф како сите да почувствувавме дека може да се направи чудо. Влеговме во серија победи и откако сум јас тренер на Тиквеш покрај Вардар и Еурофарм Пелистер за кои сметам дека се главни фаворити во првенството, единствено пораз имаме од Металург во последна секунда. Како го завршивме првиот дел, така продолживме и во пролетниот и стигнавме до, за нас, изненадувачкото петто место. Пресреќни сме! Секој натпревар беше дерби за нас, бараж, но успеавме да ги надминеме сите предизвици и притисоци и по пауза од 12 години Тиквеш да се врати во плеј-офот“, гордо констатира Горан Андоновски.
ГО ВРАТИВМЕ СЈАЈОТ НА РАКОМЕТОТ ВО ГРАДОТ
Стратегот потенцира дека за успехот не е заслужен само тој. Тоа е збир на заедничка работа заедно со играчите и управата, кои успеаја да го вратат сјајот на ракометот во Кавадарци како во времето на Винарска Визба Тиквеш.
„Сакам да бидеме јасни дека овој успех не е само мој, играчите се во прв план, потоа сме јас и управата. Горд сум затоа што Тиквеш е екипа која има само двајца странци, кои заедно со подмладениот Јанчев се носители на екипата, тие го влечат тимот. Во екипата начекав и играчи кои се заборавени, како Дрогришки, кој имаше претходно статус на младински репрезентативец, имам млади крила, локален голман Велков, кој имаше свои моменти… Им ја дадов довербата, а тие ми вратија со 200 посто од своите можности. Сам не можам ништо, но склопивме убава екипа која е спој на искуство и младост, желни за докажување, борбени и со она што го покажаа досега играчите сами си го кренаа рејтингот“, потенцира тренерот и продолжува: „На почетокот никој не мислеше на плеј-оф, гледајќи ја ситуацијата на табелата и конкуренцијата, но влеговме во победничка серија, бевме истрајни, ниту казната од два натпревари без публика на домашен терен не влијаеше врз нас и среќен сум што сега сме во плеј-оф. Ме радува што го заживеавме ракометот во градот, се случува да ме застанат деца на улица, ме прашуваат кога играме, со кого играме. Се јавува интерес и се враќа традицијата која ја имаше ракометот во Кавадарци со Винарска Визба Тиквеш. Никој не зборуваше за ракомет до сезонава, а сега покрај фудбалот и кошарката и ракометот е на сцена. Управата ни обезбедува одлични услови за работа и се надевам дека како ќе растат резултатите, така клубот ќе расте.“
ТВРД ОРЕВ ЗА СЕКОЈ ПРОТИВНИК
Пласманот во плеј-офот само ги подигна апетитите на Тиквеш и ги загреа амбициите дека сè е можно.
„Прва цел е во плеј-офот да се покажеме во што подобро светло. Нема да се предадеме, ниту да потклекнеме пред никого – тоа е сигурно! Реков Вардар и Еурофарм Пелистер се фаворити, но и за нив ќе се потрудиме да бидеме тврд орев. Според квалитетот и ростерот нашите шанси ги гледаме преку Бутел, Охрид и Еурофарм Пелистер 2. Ќе го дадеме максимумот на секој натпревар, Кавадарци ќе биде жежок терен за секој и ќе се бориме до крај. По карактер сум таков, не сакам да губам. Кога губам не спијам со денови, а важен ми е сонот (се смее). Реално сега Тиквеш гледа поамбициозно и доколку ни се отвори шанса и простор секако дека ќе ја искористиме за да завршиме што може погоре на табелата, па зошто да не избориме и место во Европа, што ќе биде нова историја за клубот.“
ТРЕБА ПОВЕЌЕ ВЕРБА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ТРЕНЕРИ
Актуелниот успех не е гаранција дека Андоновски ќе остане на клупата на Тиквеш и во следната сезона. Засега нема ништо дефинирано околу неговата позиција, но и самиот вели дека главниот фокус е на плеј-офот.
„Во моментов најважно е во што подобро светло екипата да се покаже во плеј-офот. За нас, македонските тренери, никогаш ништо не е сигурно и работите многу брзо се менуваат. Со три порази веќе си на излезна врата. Сакам тоа да го потенцирам, дека е потребно да се има повеќе верба во нашите тренери. И ние нешто знаеме и разбираме, и работници сме! Како пример ќе го посочам Јовиќ или Грчевски, кои имаат одлични успеси, тренери кои создаваат нешто за македонскиот ракомет. Затоа треба поголема доверба и шанса за македонските тренери, која верувам дека ќе ја оправдаат со својата работа и резултатите“, дециден е Андоновски.
ФАМИЛИЈАРНО „ВРЗАН“ ЗА РК ОХРИД, МАТИЧНИОТ КЛУБ ВО СРЦЕТО
Професионалните обврски го носат Горан Андоновски во Кавадарци, но стратегот не крие дека матичниот клуб Охрид го носи во срцето и дека е фамилијарно поврзан со него.
„Охрид ми е матичен клуб и како играч и како тренер. Го носам во срце, а и фамилијарно сум поврзан со него. Нормално јас сум професионалец и мојот фокус е Тиквеш, но како охриѓанец и човек кој ја пишувал историјата на клубот тесно сум поврзан со него. Ми беше тешко во 2018-та година кога ме тргнаа од клубот, токму во период кога со ваучерите Охрид доби на финансиска стабилност, но истовремено сфатив дека ми направија услуга. Од денешна гледна точка среќен сум што бев тргнат во екот на моите најголеми успеси. Тоа никој не го повтори, а сега во Тиквеш покажувам дека со мојата работа можам да постигнам резултати“, констатира тренерот и продолжува: „Јас бев еден од ентузијастите кои го вративме ракометот во Охрид. Прво функциониравме волонтерски, а потоа од 2013 Општината не зема под своја капа и почнавме да правиме успех. Трето место во Суперлигата, пласман во ЕХФ купот. Можеби најубав момент досега во тренерската кариера ми беше кога го елиминиравме Воленден во првото коло. Какви емоции беа тоа, во мојот роден град, со матичниот клуб да го исполнам сонот на татко ми. Навистина сум горд на тоа и на таа екипа! Потоа Порто не запре во второто коло, но остана задоволството дека го однесовме Охрид во врвот на македонскиот ракомет, каде е и се уште.“
СО БРЕСТОВАЦ НЕМАМЕ ИСТИ ПОГЛЕДИ ЗА РАКОМЕТОТ
Горан Андоновски и како тренер и како играч никогаш не го криел своето мислење, а не му беше проблем јавно да го искаже во периодот кога Данило Брестовац беше селектор на машките национални тимови. Од тој период остана запаметено јавното препукување, меѓу Андоновски и Брестовац, кои интересно, беа соиграчи во редовите на Вардар.
„Со Брестовац сме соиграчи од Вардар и сме во добри односи, а критиката упатена во тој момент беше одраз на големо незадоволство не само мое, туку на целосната охридска ракометна јавност. Тоа е периодот кога РК Охрид и во сениорска и во младинска конкуренција имаше најголеми успеси. Со пионерите завршивме како трети во првенството, а младинците играа финале и загубија од еден силен Металург во кој тогаш настапуваа Серафимот, Кондев… Во младинска категорија го имавме Мартин Ивановски како најдобар среден бек, Димитриоски – најдобар пикер и Наум Костов, кој беше најдобар стрелец, а ниту еден играч од Охрид не беше земен во тимот, ниту во кадетска, ниту во младинска репрезентација. Мојата реакција се однесуваше на ваквата одлука. Јас сум пријател со Брестовац, но за ракометот немаме имаме исто мислење. Тоа е добро и нормално. Различното мислење не треба да биде проблем, затоа што само така македонскиот ракомет ќе оди напред.“
ГРЕШКА Е ШТО СЕРАФИМОВ ИГРА ВО ПРВА ЛИГА
Што се однесува до актуелниот стручен штаб на А националниот тим, Андоновски вели дека тој е млад и перспективен и дека на Кирил Лазаров му е потребно само време за да се докаже и како селектор. Но, истовремено посочува и на некои работи кои не му се допаѓаат во репрезентацијата.
„Во моментов имаме млад и перспективен стручен штаб, предводен од легенда како Кирил Лазаров кој сметам дека допрва ќе се докаже и како селектор. Но, пак, се враќаме на моето – потребно е време и да им се даде простор од два-три циклуси. Верувам дека имаме иднина, но ракометот е многу отиден напред и затоа мора и ние модерно да размислуваме. Потребно е повеќе внимание да се посвети на играчите кои играат во два правци, затоа што во денешно време со брз центар, една измена може скапо да чини. Факт е дека ние немаме многу играчи кои играат во два правци и тука најмногу доцниме. Исто така мислам дека е грешка што еден Серафимов, кој заедно со Велковски, треба да биде замена за Лазаров игра во Прва лига. Не ги оспорувам перфектните услови за тренинг и работа кои ги има во РК Алкалоид, но потребни му се силни натпревари со Супер лигата. Според мене и тој и Ѓоргиев и Симоновски, требаше да бидат пуштени на позајмица во некој од клубовите кои играат во суперлигашкиот плеј-оф. Тоа е за доброто на македонскиот ракомет. Со играње во Прва лига искрено мислам дека назадува, или во најмала рака стагнира, а играч како него ни е потребен во репрезентацијата.“
МОРА ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА „ПЛУКАМЕ“ ПО НАШИТЕ ДЕЦА
„Се радувам затоа што во репрезентацијата немаме странци, играме со наши играчи и сите играат со срце. Се навикнавме на резултати и сега тешко ни доаѓаат овие падови и промени и ги напаѓаме и ‘плукаме’ по нашите деца, им велиме дека не даваат максимум, дека не знаат да играат. Мора да се свестиме малку, мора да бидеме малку внимателни – па тие се наши деца и се најдоброто што го имаме во моментов! Талески и Велковски трпат такви критики, а тие се најдобриот лев и десен бек со кои располагаме. Мора да им се даде поддршка, да се покаже дека веруваме во нив.“
АКО КРИТИКУВАМ ИЛИ СОВЕТУВАМ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ПРЕТЕНДИРАМ ЗА СЕЛЕКТОР
Уште една забелешка која Горан Андоновски ја имаше за селекторот Лазаров и за неговиот стручен штаб е дека мора да бидат отворени за соработка и консултации со тренерите од Суперлигата, за кои пак потенцира дека треба да помогнат за националниот тим да биде што посилен.
„Реков дека имаме млад и перспективен стручен штаб, кој ја заслужува сета поддршка. Но, исто така мислам дека треба да бидат поотворени за консултации и да побараат помош и од суперлигашките тренери, кои најдобро знаат со каков квалитет располагаме. Вистинската смена на генерација во репрезентацијата допрва следи, кога дефинитивно ќе се повлече Лазаров, Стоилов… Тренерите кои работат во Суперлигата одлично знаат што имаме на располагање. Ќе го земам повторно Јовиќ за пример, кој во Еурофарм Пелистер 2 има одличен тим. Ние тренерите и клубовите затоа сме тука и треба сите заедно да помогнеме да имаме што подобар квалитет и што посилен национален тим. Имаме интересни играчи и надвор на кои треба да им се посвети внимание. Ончев игра во нагорна линија. Мора да се води сметка, ако не го сториме тоа за брзо ќе имаме проблем. И треба да сфатиме дека ако советувам или критикувам, не значи дека имам задни намери и дека сакам да бидам селектор. Не, едноставно сакам да помогнам, затоа што сите ние посакуваме успех, се радуваме и се гордееме со успехот на репрезентацијата!“
СИНОТ И ВНУКОТ ЈА ПРОДОЛЖУВААТ ЛОЗАТА
Ракометната традиција која ја има семејството Андоновски ја продолжуваат синот Даниел, кој игра во Прилеп и внукот Крсте, кој е дел од РК Охрид. И за едниот и за другиот Горан е секогаш тука, кога ќе побараат совет, но во спротивно не се меша во нивните кариери.
„Вистина е дека ракометната лоза ја продолжуваат синот Даниел и внукот Крсте. Од мојот татко научив дека теренот е единствено мерило за квалитет, а не родителот. Доколку на теренот не се докажат, се е залудно. Затоа гледам, особено синот, да не е во моја средина. Такво искуство имам од времето кога играв во Пелистер и кога мојот татко беше тренер. На ниту еден натпревар не бев во состав (се смее). Дури откако се случи тренерска смена и дојде Периќ да го предводи тимот, почнав да играм по 15-20 минути. Затоа и јас не се мешам, само го оставам да го гради ракометниот и животниот пат, а јас сум тука да бидам поддршка или да дадам совет.“
СĖ ЗА ТИМОТ, ПА И СО ПУКНАТО РЕБРО НА ЕП
Во 16 години играчка кариера и 14 години тренерска има многу работи, пред се убави, на кои со задоволство се навраќа Андоновски. Покрај тренерскиот успех со РК Охрид и пласманот во второто коло од ЕХФ купот, има драги спомени и од премиерите на големите натпреварувања со националниот тим.
„Честа и привилегијата беше голема да се биде меѓу 14-те патници на премиерното големо натпреварување за независна Македонија – Европското првенство во Италија. Паметам на последниот тренинг во ‘Кале’ Новокмет со лакт ми го пукна реброто, но не кажав. Не можев да си дозволам да не бидам во тимот, или пак, меѓу 12-те кои ќе играат. Молчев само за да одам. (се смее) На тоа ЕП, кога го одигравме и историското реми со Русија, ми ја скинаа усната и паметам на полувреме ме шиеја и мечот го доиграв со конци на усната. Поинакви времиња беа тоа. Тогаш не беа работите толку материјализирани, игравме со срце и душа за националниот дрес, се друго беше ставено на страна.“
ЗАРКОВ МИ ДАДЕ ПРЕКАР ТЕКС
Во родниот Охрид семеен прекар на Горан е ‘Усташ’, но никогаш не дознал од каде потекнува, додека соиграчите од времето кога е член на Пелистер ќе му дадат прекар Тигар или скратено Текс.
„Во Охрид фамилијарен прекар ни е Усташ, така го викаа татко ми – Крсте Усташот, но зошто и како никогаш ми нема кажано. Кога отидов да играм во Пелистер, како дефанзивец играв силна одбрана и беше тешко некој да ме помине. Зарков и Алушовски ми дадоа прекар Тигар, кој подоцна скратено премина во Текс.“
СО РЕЗУЛТАТ И СО РАБОТА ГЛАСОТ ЌЕ ТЕ СТИГНЕ
Андоновски не се расфрла со тренерски амбиции. Делува задоволен од она што го има и што го работи во моментов и верува дека напорната работа и резултатите се тие кои треба да кажат се што треба.
„Фокусиран сум на ракометот и напорно работам. Се обидувам да ги применам сопствените зборови кои некогаш им ги упатувам на играчите кога ќе побараат поголема минутажа. Кога ќе добиеш шанса, покажи се, искористи ја најдобро што можеш! Од клупа не се добива минутажа! Истото важи и за тренерите, кога ќе добиеш шанса треба напорно да работиш и да направиш резултат, така гласот ќе стигне каде што треба. Што и како ќе биде во иднина, ќе видиме, времето, работата и резултатите ќе покажат.“
Дотогаш Андоновски продолжува да функционира на релација Кавадарци – Охрид (каде живеат неговата сопруга и ќерка) – Прилеп (каде игра синот Даниел) паралелно работејќи на професионалната кариера, но и за да ја задржи хармонијата во семејството, за кое вели дека му е најголемиот приоритет и поддршка во сè.