ИНТЕРВЈУ ВЛАДО НЕДАНОВСКИ: Секое дете сонува да заигра за Вардар, а јас имав среќа да минам цела кариера таму!

На последните три натпревари полусезонава на клупата на македонскиот првак Вардар седеше Владо Недановски. Асистентот на Веселин Вујовиќ, ја доби довербата на сопственикот Михајло Михајловски да ја заврши годината по раскинувањето на соработката со главниот стратег. Недановски, кој е еден од двајцата (заедно со Стојанче Стоилов) македонски ракометари кој може да се пофали дека има две шампионски титули со Вардар во Лигата на шампионите, перфектно одговори на задачата. Вардар ги победи Охрид и Бутел, одигра реми со Еурофарм Пелистер во Битола и како лидер во Суперлигата замина на одмор. Михајловски јасно стави до знаење дека Вардар до Божиќ ќе добие нов тренер, а 24ракомет го има викендов за свој соговорник Владо, не само поради последните настани, туку затоа што во неговата ракометна приказна има многу работи кои се непознати за младите генерации.

Недановски потекнува од Ресен и првите контакти со спортот ги има преку неговиот татко. Фудбалот му е прва љубов, затоа што неговиот татко бил фудбалер во општинска лига и сите спомени кои ги има Владо со него се поврзани со топка. На десетгодишна возраст неговиот татко починал, но аманетот останал, како и љубовта кон спортот која тој му ја всадил. Недановски ќе тренира фудбал, а кога на сцена ќе стапи Јафа Промет и сите погледи ќе бидат насочени кон ракометот, се пробува и во тој спорт.

„Имав околу 13 години и ротирав. Тренирав фудбал во школа која за првпат се формираше во Преспа и играв ракомет за училиште. Паметам тренерот ме забележа, ми потенцираше дека отскокнувам во генерацијата и ме зеде да тренирам во ракометна школа. Со оглед на тоа дека немаше некои услови за фудбалот, додека ракометот беше спорт број еден со шампионската екипа на Јафа Промет се одлучив за ракомет. Да бидам попрецизен неколку години паралелно настапував и во Втора фудбалска лига со Преспа и играв во ракометна лига со Јафа, но дефинитивниот пресек го направив кога за првпат се формираше кадетска репрезентација и влегов во поширок список од околу 30-40 ракометари“ – ги раскажува своите почетоци Недановски.

Покрај љубовта кон ракометот и фудбалот Недановски отворено зборува и за една друга љубов, кон овоштарството – со кое има развиен семеен бизнис. Тој има завршено Факултет за физичка култура и е професор по ракомет во Спортската академија, тренер, Магистер по безбедност и Магистер по спортски менаџмент. Истовремено и апсолвент на Земјоделски факултет. Сопруг и татко на две ќерки – Софија и Анастасија, човек кому 24-часа во денот му се малку. Потенцира дека за следната година му останува уште Мастер коуч дипломата.

„Планирам следната година да завршам и Мастер коуч и доволно се дипломи“ (се смее).

Недановски иако нешто повеќе од две години ја гради својата тренерска кариера, првата голема шанса која ја доби ја искористи максимално. Вардар остана непоразен во Битола, во едно од можеби најтешките гостувања сезонава.

„Од нигде – никаде се случи да го водам Вардар и тоа на еден од можеби најтешките натпревари сезонава. Целата моја играчка кариера ја минав во Вардар, 15 години и за мене беше посебна чест и притисок да се води екипата. Да се седи на клупата на најтрофејниот клуб во Македонија, двократен освојувач на Лигата на шампионите, па макар и на еден натпревар тоа е привилегија… Сè што се случуваше во Битола ме врати наназад, кога како играч бев дел од натпреварите на големите ривали Вардар и Пелистер и кога во Битола имаше пет-шест илјади публика и немаше место во сала игла да се фрли. Тоа беше вистинско ривалство! Некако сè беше идентично од доаѓање пред сала, од притисок од публика, ’Чкембари’ пред сала, внатре пцовки, плукање… исто како пред 15 години, како ништо да не е сменето!“, се потсетува Владо Недановски.

Тој не крие дека бил и под голем притисок, а истовремено и пријатно изненаден од начинот на кој играчите го прифатиле неговото именување за тренер.

„Искрено бев пријатно изненаден како ја прифатија одлуката буквално сите играчи, но тие се професионалци и ќе имаат почит кон секој. Имавме состанок на кој им кажав дека јас сум преодно решение за овие три натпревари, да се концентрираме, да одработиме до крај како што треба. Ако можеме да извлечеме поволен резултат во Битола и така и се случи. На секој тренинг се консултирав и со Столе како капитен и со Тимур како лидер на екипата. Сакав да слушнам и нивно мислење, бевме во комуникација и заеднички се подготвувавме и за Пелистер, но и за Охрид и за Бутел. Нормално дека имав притисок, сепак Вардар е Вардар, со калибар на играчи кои се квалитет и го познаваат ракометот.  Откако ме назначи Михајло (Михајловски) за тренер и кога стана јасно дека ќе го водам тимот во Битола, три дена воопшто не спиев. Гледав видеа, анализирав, размислував, со играчите се договаравме како ќе играме, тактика, акции, бевме многу фокусирани и затоа и резултатот беше таков. Ќе повторам голема е честа да се биде тренер на Вардар.“

КОЈ И ДА ДОЈДЕ ОСТАНУВАМ ПОМОШНИК ТРЕНЕР

Сопственикот Михајло Михајловски јасно даде до знаење дека до Божиќ ќе го именува новиот стратег на Вардар. Каква е твојата иднина во клубот?

„Разговаравме со Михајло и му кажав дека сакам да се избере најдоброто решение и да се направи најдоброто за Вардар, затоа што клубот е пред сè. Вардар е значаен дел од мојот живот. Што се однесува до мојата позиција мислам дека без разлика кој и да дојде ќе останам помошник тренер, тоа нема да се промени. Не ми пречи да соработувам со други тренери, сакам да учам и се надевам дека ќе имам шанса“, објаснува Недановски и додава: „Вардар и покрај сите турбуленции верувам дека ќе продолжи таму каде што застана во домашното првенство и битката за титулата. Во Европа ќе пробаме да извлечеме максимум од четирите дуели кои ни преостанаа и да обезбедиме осминафинале. Тоа е целта, која според мене е реална и остварлива. Нов тренер во тимот ќе значи и нова енергија која се надевам ќе донесе позитивни промени.“

ЦЕЛА КАРИЕРА „ЦРВЕНО-ЦРН“

Владо Недановски две децении од својот живот има посветено на ракометот, од кои 17 години како професионалец, односно 15 години како играч на Вардар. Во Јафа Промет ја започнува кариерата, а година ипол ќе го носи и дресот на Металург, додека една полусезона игра за Пелистер. Сите други спомени се „црвено-црни“ вклучувајќи ги и оние кои се круна на неговата кариера – двете титули во Лигата на шампионите.

„По повикот во кадетска репрезентација ми се направи филмот околу ракометот. Во средно училиште играв за младинскиот тим на Јафа кој неколку години по ред беше шампион на Македонија, а и училишниот тим беше државен првак. Во трета година средно ми се јави Михајло Михајловски и ме повика да дојдам да играм во Вардар што беше големо изненадување за мене. Претходно бев на проба и во Металург, тогаш тренер беше Љубомир Савевски и бев многу близу до потпис со нив. Не потпишав веднаш бидејќи немав 18 години и потребно беше и родител да потпише и денес-утре… Во меѓувреме се јавија од Вардар и кога дојдов на преговори и сфатив дека ме бараат да играм во првиот тим, како второ крило заедно со Аљуш (Стевче Алушовски), веднаш прифатив. По шест години минати во Вардар, кога Металург го правеше проектот со македонски репрезентативци, тим предводен од Звонко Шундовски одлучив да ја сменам средина. Играв година ипол во Металург, ја освоивме и Куп титулата. Потоа дојде Лино Червар и на полусезона ми кажаа дека не сметаат повеќе на мене, заедно со Филип Лазаров, Стојанче Стоилов и уште двајца странци (кои не се сеќавам точно). Многу чудно, Лино тогаш се откажа од мене на полусезона и јас вториот дел од сезоната го минав во Пелистер. За само шест месеци преговаравме да се вратам во Металург и повторно бевме многу близу до потпис. Во тој период ми се јави Веселин Вујовиќ  и ме побара во Вардар и без размислување се вратив. Да бидам искрен не се снајдов во Металург. Имав операција на крајници кога дојдов на почетокот, потоа здравствени проблеми и слободно можам да кажам дека тоа ми беше најголема грешка – заминувањето од Вардар и што преминав во Металург. Не се каам, сè е искуство во кариерата.“

„БЕГАВ“ ОД РАКОМЕТ ЗА ДА ИГРАМ ФУДБАЛ

Во раните години од кариерата Недановски знаел да „избега“ од ракомет за да игра фудбал, со оглед на тоа дека му било тешко да се откаже од првата љубов.

„Имаше ситуации (се смее) кога се организираа некои натпревари. Тоа беше најчесто крај на мај почеток на јуни, имаше турнири во мал фудбал во Ресен и на нив учествував редовно и додека бев професионалец и неколкупати сум го освојувал турнирот. Вистина е дека еднаш кога бев повикан за репрезентација и мислам дека игравме квалификации со Унгарија, си заминав два-три дена порано, за да заминам во Ресен и да можам да играм на турнирот во фудбал.“ (се смее)

СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ БЕШЕ ВАЖЕН ЗА ДА СЕ СТИГНЕ ДО ТИТУЛИТЕ ВО КЕЛН

Круна во играчката кариера на Владо Недановски е освојувањето на двете титули во Лигата на шампионите во Келн, иако е многу реален и потенцира дека им е благодарен на соиграчите за тоа, со оглед дека и на двата Ф4 турнири беше на трибините.

„Благоден сум им на соиграчите за двете шампионски титули во Лигата на шампионите. И на двата Ф4 бев на трибини, не играв. Кога си дел од таква екипа не се само тие натпревари, туку цел тренажен процес и секој поединец е важен – играчи, лекарски тим, стручен штаб, администрација, па и менаџментот во спортската сала, се треба да се собере во едно и да се вклопи за да се постигне таков резултат каков што постигна Вардар. Вистина е дека ја играв домашно првенство и СЕХА, додека во ЛШ другите го носеа товарот, но јас добро размислив и си ја прифатив таквата улога во тимот. Мене ми беше чест и задоволство што бев соиграч на Тимур и што можам да кажам дека сум делел минутажа со него. Тој е светски играч и според мене најдоброто, комплетно лево крило на светот. Научив многу работи од него“, вели Недановски и продолжува: „Без разлика дали си играч на Вардар во времето на Михајло или Самсоненко, кога го носиш „црвено-црниот“ дрес секогаш постои некоја посебна енергија. Клубот се смени и организационо и играчки, па и енергијата кога дојде Сергеј, но почитта беше еднаква за сите.“

НИКОГАШ НЕ СУМ САКАЛ ДА ЗАМИНАМ ВО СТРАНСТВО

Целата своја кариера левото крило ја минува на домашната сцена, а причината за тоа е што никогаш не почувствувал потреба да замине во странство.

„Никогаш не сум сакал да заминам во странство, а не сум имал ни потреба. На секое дете, на секој играч сон му е да заигра за Вардар, а јас ја имав таа среќа цела кариера да ја минам во Вардар и никогаш немав потреба да заминам. Еднаш размислував, во периодот пред да преминам во Металург. Со Вардар игравме Куп на купови со Иври и тогаш добив понуда да играм за нив, но не се решив да заминам во Франција. Убаво ми беше во Скопје, играв ракомет, учев факултет. Можеби малку чудно, но тоа ме врзуваше да останам тука.“

ОВОШТАРСТВОТО Е ЉУБОВ НАСЛЕДЕНА ОД ДЕДО МИ И ТАТКО МИ

Интересни се изборите кои ги прави Владо, па покрај спортот ги има разгледувано и други опции – безбедност и земјоделство, поточно овоштарство.

„Во Ресен имам фамилијарен бизнис, односно дополнителна дејност – земјоделие, овоштарство. Сега имам и сопствени овошни насади, тоа не e само за профит, туку е нешто што сум го наследил од мојот дедо, мојот татко. Сме имале добар живот од овошните насади и одлучив и јас да ја продолжам традицијата. Така добив желба и да се запишам на Земјоделски факултет. Слободното време сакам да го минувам во овоштарниците затоа што тоа ме опушта, таму наоѓам мир и го работам тоа со љубов. Искрено и вработен сум и заработувам, не ми е тоа само бизнис и прилив на средства, туку навистина е љубов. Можеби некому му звучи чудно, но денот кога се вративме од Келн по првата титула имавме дочек и прослава во Скопје, а следниот ден веќе бев во моите овоштарници.“

Како Магистер по безбедност влегува во целата приказна?

„Сакав да пробам нешто различно од спортот за да ми се отворат повеќе врати. Еден другар се запиша на Мастер по безбедност, па одлучив да му се придружам. Во меѓувреме го продолжив договорот со Вардар, но ја зедов и дипломата. Како играч мора да размислуваш и за иднината. Еден ден ќе заврши и играчката, па и тренерската кариера и мораш да имаш и друга опција.“

СПАСИТЕЛ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Во ракометна приказна на Владо постои детаљ, кој е малку познат на младите генерации, а кој е тесно поврзан со континуираниот успех на националниот тим во изминатава деценија. Иако СП 2015 во Катар е единственото големо натпреварување на кое настапува за Македонија, сепак, Недановски има и тоа каков придонес.

„Во 2004 година Гино Стрезовски првпат ме повика во А репрезентацијата и од тогаш стандардно бев на поширок список. Во 2008 година со Бугарија игравме претквалификации за СП 2009 во Хрватска. Од разни причини голем број на играчи откажаа во тој период. Макаловски играше голем дел од натпреварот додека јас добив шанса во последните 15-тина минути. Имавме негатива од неколку гола, но паметам јас постигнав 4-4 и заедно со моите голови и на Филип Лазаров направивме пресврт и дојдовме до победа и пласман во квалификации. Тој меч беше клучен, ако го загубевме немаше да видиме ниту квалификации, ниту бараж, а уште помалку СП. Тоа беше важен натпревар за нас, а многумина не ги знаат овие детали за него. Интересно е дека тоа се почетоците на континуитетот кој и натаму го имаме. За Македонија единствен настап на големо натпреварување ми е СП 2015 во Катар, каде одиграв добро, но факт е дека на мојата позиција конкуренцијата секогаш беше многу силна. Алушевски, Макалоски, потоа Дејан Манасков. Сепак среќен сум што бев дел од квалификациите кои се клучни за успехот кој го имаме веќе 11 години.“

 ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА ВО ФОКУСОТ

Искуството кое го има собрано како играч, но и како професор по ракомет, Недановски комплетно го фокусира кон тренерската кариера кон која е насочен. Трите натпревари кои самостојно ги водеше на клупата на Вардар дополнително го мотивираа.

„Имам искуство и сум еден од ретките играчи кој работел со сите тренери и странци и Македонци (Раул Гонзалез, Парондо, Вујовиќ, Стевче Алушовски, Звонко Шундовски, Лино Червар) секој си има и добри и лоши страни и само ако си малку посветен и следиш што работат може многу да научиш. Начин на анализа, на размислување, на подготовка на натпревар, како водат тренинг – имав шанса, но и време и желба за да учам. Мислам дека можам да бидам тренер и сакам да се пробам. Најдобар показател ми се последните три натпревари, особено оној во Битола.“

Тренерските почетоци на Недановски се во Академија Алушовски, за потоа да седне на клупата на Вардар.

„Во 2019-та Вардар прво ми понуди продолжување на договорот, но потоа решија да ја подмладат екипата и од Кокшаров добив понуда да бидам помошник тренер. По двете шампионски титули и одличните денови минати во клубот не ни размислував за заминување, секако прифатив. Требаше да му бидам асистент на Зорман, за кој се зборуваше дека ќе биде тренер на Вардар. Потоа се случи Писонеро да седне на клупата, но не добив повик од никој. Во тој период работев како тренер со млади категории во Академија Алушовски и тоа ми е некој почеток како млад тренер по завршување на играчка кариера. Кога Аљуш дојде во Вардар, сакаше веднаш да му бидам помошник тренер, но не знам од кои причини тоа не се реализираше. Дури следната година му станав помошник тренер, а потоа останав и со Вујо на клупата.“

Со оглед на тоа дека си работел и со едните и со другите – млади играчи или професионалци, што те влече повеќе?

„Тоа се две различни работи! Потешко е да се работи со млади, а одговорноста е поголема со професионалците. Кај младите е поважен начинот на работа, основата, треба да им се даде знаењето и да се направи правилен развој на играчот. Не можам да се одлучам. Има своја тежина и убавина секое, но кај професионалците адреналинот е поголем!“, заклучува Недановски.