ИНТЕРВЈУ ВЛАДИМИР РАДИЌ: Кометал Ѓорче Петров стана шампион на Европа со два комплета дресови!

Синоним за женскиот ракомет во Македонија е името на Владимир Радиќ. Професорот по физичка култура во гимназијата „Кочо Рацин“, кој целата своја безмалку четири децениска кариера ја гради во еден ракометен клуб, ЖРК Ѓорче Петров и како селектор на женскиот национален тим во деведесетите години од минатиот век.

Тој е еден од главните виновници за историскиот успех на Кометал Ѓорче Петров и европската шампионска титула, а преку клубот паралелно работи и на подемот на женската репрезентација, која под негово водство на СП 1997 во Германија го освојува историското седмо место, година дена подоцна на ЕП во Холандија ќе заврши како осма.

Долга е листата на ракометарки кои минале низ неговата „школа“ – Валентина Радуловиќ, Мими Чупиќ, Љубица Георгиевска, Емилија Христовска, Наташа Коцевска, Дана Филиповска … како што и самиот вели „ќе ми требаат три дена да ги набројам“. И на 71. година, тој и натаму работи во истиот клуб и со истиот жар и ентузијазам.

„Така ќе биде сè додека ме служат здравјето и паметот. И покрај годините и натаму имам желба да работам, имам искуство кое треба да биде споделено и пренесено на младите. Најголемо задоволство ми е што младите брзо учат, брзо напредуваат, а имаа и страшен квалитет, кој и мене ме мотивира дополнително. Не можам да ги набројам сите мои ракометарки кои се успешни и кои играат или играле, а сега и работат во странство. Тоа е фит-бекот, тоа е она што ме храни, најголемата сатисфакција од сета работа. Или кога ги гледам ракометарките од Кометал како работат со иднината на македонскиот ракомет. Тие го користат моето искуство и мојата работа и работата на сите тренери со кои работеле“ – потенцира Владимир Радиќ.

За да може доследно да се долови приказната на човекот, кој е енциклопедија за македонски ракомет потребно е да се почне од почетокот…

„Сè почнува во 1983 година кога се формира клубот. Не случајно, јас работев како професор во гимназијата ’Кочо Рацин’, а држев часови и во основно училиште и млади деца, ученици тренирав ракомет. На почетокот беа и машки и женски, но девојчињата побрзо напредуваа и поради тоа се определив за нив. Почнавме од Втора македонска лига, по една сезона влеговме во Прва, по две – три години обезбедивме место во Втора југословенска лига, за врвот да биде влезот во Првата југословенска лига. Ние сме втор клуб по ЖРК Скопје на кој му успеало тоа. Од маалски клуб, кој играше на бетонското игралиште во ’Кочо Рацин‘ стигнавме до Прва југословенска лига, за потоа да продолжиме со настапи во СРЦ ’Кале’. Потоа се појави Трифун Костовски и станавме Кометал“ – накусо го раскажува подемот на Ѓорче Петров, Радиќ.

Клубот сосем случајно ќе се најде на видикот на Костовски, со кој ќе стане најдобриот бренд во македонскиот женски клупски ракомет.

„Во ’93 игравме со Хипо во Европа и во тоа време Хипо во ’Кале‘ дојде како седумкратен европски шампион. Ние во Скопје ги победивме четири гола разлика, што беше голем шок и за нив, но и за нас. Потоа игравме реванш во Виена, кој го загубивме со поголема разлика, а тој натпревар го гледал Трифун. Јас тогаш бев шеф на стручен штаб, а Каменица беше тренер. Трифун воспостави контакти, му се допаднавме како луѓе, како управа, како стручен штаб и одлучи да инвестира во клубот. Ние тогаш имавме спонзори Пивара, Алкалоид, фирми кои нè поддржуваа, но тој беше дециден дека превзема сè и така и беше. Убави години беа тоа. Имавме сè што сакавме! Одлични услови за работа, квалитетни подготовки, турнири, настап во Лига на шампиони, авиони, пари и премии … А, кога ќе се сетам дека европски прваци станавме само со два комплета дресови, зелени со жолто. Ракометарките ги сакаа многу, беа заљубени во нив, и само тие ги носеа, и со тие и ја освоија титулата. (се смее) Сега тоа ми делува нестварно, како некој друг живот. Имаше многу убави моменти, секакви комични ситуации, шеги, песни (сите знаат дека и Трифун и Бојков многу убаво пеат). Инструменти, музика, убави моменти … Сè до шампионската титула!“

По освојувањето на европската круна пораснале апетитите, а и почнало да се чувствува дека тоа е почетокот на крајот на убавата приказна.

„По 2002 година некако сè се смени. Им пораснаа апетитите на играчите, сакаа да заминат во други клубови, да заработат повеќе пари, мислеа дека ако заминат во друг клуб ќе добијат поголемо внимание. Таму всушност ги гледаа како ’потрошена роба‘, не беа тие домаќини како нас, ние тука ги гледавме како свои деца, како членови на семејството. Почетокот на крајот на Кометал каков што го знаеме е финалето со Шлагелсе. Тоа требаше да биде втора шампионска титула, но Петковиќ не ме послуша кога му велев дека ќе мора да внимаваме на Радуловиќ, која тогаш играше за нив. Таа играше крило, но знаеше да биде многу корисна и на центар, и токму од таа позиција ни даде три клучни гола и ние го загубивме финалето. Потоа почна да се распаѓа клубот. Интересот и на Трифун полека премина кон фудбалот, заедно со син му почнаа да вложуваат во ФК Работнички, а потоа во Вардар и така секнаа финансиите за ракометот.“

ДЕФИЦИТОТ НА КВАЛИТЕТ ЈА ДОНЕСЕ НАТУРАЛИЗАЦИЈАТА

Со развојот на Кометал Ѓ.П. дојде и напливот на странски ракометарки во Македонија, кои од „кометалки“ прераснаа во македонски репрезентативки кои ќе го испишат и најголемиот успех во женскиот репрезентативен ракомет.

„Во тој момент немавме квалитет доволен за да може да се носиме во Европа и моравме да натурализираме ракометарки, ако сакавме нешто да направиме Создавањето на екипата, потрагата по секој дел беше процес од десет години. Дефицитот на квалитет носи клупска натурализација, која потоа минува во репрезентацијата од истите причини. Мала земја со мала популација на жени и многу е и тоа што го направивме. Овие ракометарки кои го прифатија македонскиот пасош, како Велкова, Кастратовиќ, Платон, Кисељева, излегоа не само добри играчи, туку и добри луѓе, со љубов играа и за клубот и за државата.“

Најмалку што некој очекувал е успех на СП во Германија, таму и самиот пласман е големо задоволство.

„На СП ’97 голем успех беше самиот факт дека се квалификувавме, никој не очекуваше дека ќе направиме голем резултат. Интересно беше кога игравме против Данска, европски и светски шампион. Дојдоа пет илјади дански навивачи, сите со знаменца, облечени во црвено, навиваа, а ние ги победивме. Каква тишина беше на трибините не можам да опишам, а Нацева водеше оро на теренот – така ја прославивме победата. Тоа беше еден успех и една еуфорија. Паметам Романецот Маковеј на клупата на Македонија, а ние треба да играме со Романија. И тој ми вели: ’Не знаеш колку имам желба да ги победам своите‘, и така и се случи, по две продолженија ги победивме Романките. Имавме шанса и за полуфинале против Германија во Хановер, спремивме и добра тактика, но преполна беше салата, малку и судиите беа наклонети кон домаќинот. Завршивме седми, но и за тој успех со специјален авион од Владата се вративме од Берлин, тоа беше големо доживување. Година дена подоцна освоивме осмо место на ЕП во Холандија. За мене тоа е уште поголем резултат затоа што ЕП е поквалитетно од Светското, поквалитетни екипи играат на него и конкуренцијата е посилна.“

Женскиот репрезентативен ракомет имаше брз успех во 90-тите токму поради натурализацијата, но по пензионирањето на тие ракометарки почнува да тоне и селекцијата. Дали се погреши во таа насока, затаи ли фокусот од создавање на домашни играчи?

„Еуростандард и Еуролинк беа втора и трета екипа кои функционираа под капата на Кометал и кои се формираа на моја иницијатива. Идејата беше преку нив со квалитетна работа и услови да направиме наши играчи за да не купуваме од страна. Факт е дека дел од нив Боева, Бајрамовска, Меческа … напредуваа и беа дел од националниот тим долго време, но од друга страна постоеше и разлика во квалитет, но тоа е една сосем друга тема. Тие две екипи ги немаа истите подготвителни услови со пријателски натпревари и турнири како првиот тим и не можам да прецизирам дали работите зависеа од тренажниот процес или од нив самите, што не се развија во тој калибар на европски играчи. Низ квалификациите кои ги играа покажуваа некаков квалитет, но не на она ниво како Нацева, Чупиќ, Радуловиќ … Потврда дека постоел квалитет е таа една сезона кога го водев Еуростандард кога во полуфиналето на Купот на Македонија на три минути до крај имавме три гола разлика против Кометал Ѓ.П., но девојките од радост дека може да победат се изгубија и го загубија и натпреварот. Сè што беше најдобро тогаш во Македонија беше во Кометал или во Еуростандард.“

НЕ САКАВ ДА СТАНАМ ПРОФЕСИОНАЛЕН ТРЕНЕР

Радиќ секогаш бил дел од стручниот штаб на Кометал Ѓ.П. но како втор тренер. Причината за тоа е што не сакал да си ја остави професорската работа и да стане професионалец.

„Секогаш бев дел од стручниот штаб на екипата. Јас си работев како професор во гимназија и ми беше страв дека ако си ја оставам работата, клубот можеби еден ден нема да функционира и јас ќе останам без работа, како и што се случи. Затоа не сакав да станам професионален тренер, иако ми нудеа. Да си професионалец значи да си посветен 24/7, а јас ги имав и учениците од кои не сакав да се откажам. Држев семинари во странство, бев ценет од сите почнувајќи од Каменица, Маковеј, русинот Панов, Милатовиќ … Со сите одлично соработував, но не затоа што јас сакав, туку затоа што и тие сакаа да работат со мене, секогаш кога ги прашуваа кого сакаа да имаат во стручниот штаб јас бев нивни прв избор. Сето тоа е затоа што сум бил работник и стручњак, давав помош и насоки иако и тие беа врвни стручњаци. Не можам да се сетам дека сум имал проблем или несогласување со некој тренер. Напротив, Панов кога дојде првата сезона се случи инцидентот со Прокоп и не суспендираа и тој вели – готово, ќе ме избркаат, ќе останам без работа. А јас му велам не не, сега ќе дојдеш со мене со репрезентација на ЕП, јас селектор, ти тренер и така ќе ја водиме репрезентацијата.“

Од истите причини останувате и цела кариера во Ѓорче Петров? Зарем никогаш не сте имале понуди за работа надвор?

„Немаше потреба, клубот секоја година одеше скалило напред и не чувствував желба да одам на страна и да земам некој клуб со кој ќе треба да почнам да работам од почеток. Затоа што знам дека тоа е тежок процес. На семинарите каде што предавав ми се нудеа разни пари, разни сретства, разни услови во клубови во Норвешка, во Данска, во Кина, на Тајван. Имав многу понуди за работа. Се сеќавам дека во Тајван предавав на еден семинар и ми нудеа 5.000 евра плата и сè друго платено за да останам, но не можев, не бев заинтересиран и едвај чекав да си дојдам дома.“

ВАРДАР БЕШЕ „ЗАТВОРЕН“ ЗА СОРАБОТКА, ПРОЕКТОТ ЦЕМС Е ТРАГЕДИЈА

По распадот на Кометал Ѓ.П. Владимир Радиќ останува во клубот за да работи на создавање на млади играчи. Не успева да задржи една генерација, ниту да креира екипа. Во тој период и низ тој процес минува мал дел во Академијата на Вардар, а потоа и во проектот ЦЕМС.

„По Кометал почнав да работам она што го знам – создавање нови играчи. Не успевам да задржам генерација цела како екипа, затоа што нема финансии и средства. Со мали спонзорства и со самофинансирање опстојуваме сезонава во Суперлигата, во тим во кој играат пионерки. Пред оваа екипа имав две соработки. Едната со Академијата на Вардар, кое делуваше како некои продолжение на Кометал, поради присуството на сите „кометалки“ и сакав да верувам дека ќе се работи на создавање екипа каква што имавме порано. Уште на првиот состанок им објаснив како треба да се работи, но тие имаа некоја своја замисла, водена од Тања Медвед, и тој проект мислам дека не успеа иако собраа многу школи и играчи кои даваат надеж дека за три-четири години може да направат нешто. Проблемот не беше со условите, туку во начинот на работа и можеби затвореноста и ставот дека тие се Вардар, имаат услови, средства, пари и дека никој не треба да им се меша во тоа. Мислам дека згрешија и во тоа што секоја школа која беше дел од проектот ги форсираше своите играчи“, потенцира Радиќ и продолжува: „Што се однесува до ЦЕМС, тоа е трагедија. Бојан Захариев сакаше да направи нешто што нема врска со спортот. Најавуваше голем проект од кој на крајот немаше ништо, а притоа ми ја зеде цела екипа, која пропадна по само една година. Не очекував такво нешто од Бојан, кој е мој ученик, мое дете, но излезе голем лажго.“

Со искуството и успесите кои ги има Радиќ на женската ракометна сцена не можев, а да не го прашам каде погреши ЖРК Вардар што никогаш не го достигна успехот на Кометал кон кој целеше?

„Вардар собра многу ѕвезди, кои мислам дека не го слушаа тренерот кога требаше, без разлика дали тоа беше Индира или кој и да било друг искусен стратег на клупата. Беа квалитет и по техника и по тактика, но без дисциплина. Не победува секогаш квалитетот, некогаш и мал клуб со големо срце и голема волја. Можеби пресуди и љубовта кон клубот, тоа е пресудно за да се дојде до шампионската титула. Љубовта кон клубот во Кометал ја правеше Трифун, тој играчите и управата и стручниот штаб не сметаше како свои деца и свои луѓе. Можеби погрешија и во начинот на подготовките, можеби надворешната слика и она што велеа „црвено-црно“ семејство, внатре не беше така. Но, не смее да се каже дека е неуспех, двапати играа европско финале, пет пати на Ф4 тоа е голем успех иако најважното изостана.“

КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, РЕШЕНИЕ ЗА ДА НЕ БИДЕМЕ „ТОПОВСКО МЕСО“ НА ЕП 2022

Како поранешен селектор на Македонија, Радиќ внимателно следи што се случува во женскиот национален тим и како течат подготовките на селекцијата за Европското првенство во 2022 на кое Македонија ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора. Според него потребен е прво сериозен филтер и селектирање на најдобрите, а потоа да се формира клуб-репрезентација која ќе се натпреварува во домашното првенство.

„Симе Симовски е добар стручњак, но не ми се јасни некои негови потези околу селекцијата. Зема едни млади играчи, па се откажа од нив, па зеде други, па сега зема и нова генерација. Потребна е точна проценка на играчот, а за тоа има медицински прегледи и техничко-тактички и функционални проверки, и ако тоа се направи тој ќе ги најде вистинските за националниот тим. Потоа, со оглед на кусото време да се формира клуб-репрезентација кој ќе се натпреварува во домашната лига и плус да настапува на меѓународни турнири со други селекции за до може до ЕП 2022 да пораснат како екипа. Имаме перспективни и квалитетни играчи, само треба добра стратегија и многу работа. Ќе бидеме домаќини на ЕП 2022 и мора да се подготвиме, не смееме да бидеме ’топовско месо‘.“

Дали некој, некогаш побарал ваш совет по ова прашање?

„Не, никој. Верувам дека имаат свои идеи и размислувања, некогаш можеби и егото е во прашање. Сите тие тренери и луѓето во стручниот штаб знаат кој сум и колкаво искуство имам кумулирано. Можеби едноставно си ја тераат својата работа и не ги интересира мојот совет, или, може совети не им се потребни. А, може и годините го прават своето, мислат дека сум остарел и дека не можам да помогнам, но јас сум тука и стојам на располагање ако е потребна помош.“

СИТЕ УСПЕСИ МИ СЕ ПОДЕДНАКВО ЗНАЧАЈНИ

По четири децении во ракометот и по сите успеси и на клупски и на репрезентативен план, Владимир вели дека не може да издвои една работа која му е помила од другите.

„Секој момент има своја убавина. Покрај европската титула со Кометал Ѓ.П., би го издвоил и влезот во Првата Југословенска лига. Тоа беше претешко, имаше толку силна конкуренција и во Македонија и во Југославија во тоа време. Имам една интересна анегдота. На клучниот меч во Бор бевме со само еден голман, резервниот голман се повреди. Голманката која дојде со нас заработи некој удар во прстот, но не беше сериозно, но таа не сакаше да игра и велеше дека има болки. Една ракометарка која играше среден бек ми вели ’професоре нека не игра, јас ќе бранам, мора да го добиеме натпреварот.‘ Кога виде колку се решение и без неа да влезат во Прва лига, продолжи да брани. (се смее) Сега кога се присетувам, јас не се радував кога ја освоивме шампионската титула во Европа. Наместо да се радувам скоро една минута бев стаписан, не чувствував ништо, само стоев крај клупата и гледав како сите слават. Така го доживеав тоа, како шок, ми требаше време да сфатам што направивме. Дури потоа откако ми го дадоа тој чекот од милион евра се свестив. (се смее) Тука не смеам да ги изоставам ниту седмото место на СП или осмото на ЕП … Не можеш да потенцираш која радост била поголема.“