Нивото на женскиот ракомет е многу ниско. Има недоволен број на тренинзи во текот на неделата. Ракометарките не се доволно технички изградени, има недоволна техничка размисла, а тоа беа работи кои морав да ги корегирам и уште ги корегирам.
Поранешниот селектор на Македонија во женска конкуренција, Владимир Глигоров, со кого дамите во 2008 година стигнаа до 8. место на Европското првенство, во моментов е далеку од дома. Работи на Блискиот исток во Сирија каде што го пренесува своето ракометно знаење.
Ова не е првпат да биде тренер надвор од Македонија бидејќи и досега има работено во земјите во Азија. Работел во Саудиска Арабија и Либан, а во Македонија бил тренер на повеќе екипи во машка конкуренција како и на Кометал Ѓорче Петров. Последната задача пред заминувањето надвор од Македонија ја имаше во Металург, каде што во еден период беше тренер и на првиот и на вториот тим, како и на кадетите.
Во моментов е селектор на сите женски репрезентации на Сирија каде што има сериозни предизвици. Веќе ги водеше сениорките во квалификации за Светско првенство каде што имаше одлична игра и резултати, но во подготовките имаше многу проблеми. Сега ги подготвува кадетките за Азискиот шампионат, кој ќе биде и квалификациски за Светско првенство.
За предизвиците со кои се соочува далеку од дома, но и за работата во македонскиот ракомет говори во интервјуто за 24 Ракомет. Вели дека не му е проблем околу адаптацијата иако е далеку од дома и дека во Сирија е многу слично како и во Македонија во поглед на животот.
„Животот во Сирија е нормален. Се чувствуваат последици на економски план, но луѓето делуваат многу позитивно. Успеваат да држат ведрина. Нормална е посетата на ресторани, кафетерии, постојано има радвижување. Животот тече во нормала како да не се случувало ништо во минатите 10-11 години. Се надевам дека државата брзо ќе успее да закрепне и да се врати на оној нормален стандард од пред десет години. Во однос на тој дел од животот не чувствувам никаква разлика од кај нас. Се движам сосема слободно, има позитивна енергија. Не ми е никаков проблем животот овде“, вели Глигоров во интервјуто за 24 Ракомет.
НЕ СУМ ПРЕБИРЛИВ, ЛЕСНО СЕ АДАПТИРАМ
На над 2.000 километри далечина од Македонија сосема нормално е да има нешто кое недостига. Сепак, вели дека освен семејството и пријателите, нема многу работи кои недостигаат бидејќи лесно се адаптира на условите и на храната.
„Во однос на храната не сум многу пребирлив. Лесно се адаптирам на домашната кујна. Ориенталната кујна е многу блиска со нашата. Затоа во однос на храната немам никакви проблеми воопшто. Сириските специјалитети ми се навистина вкупсни и често ги употребувам на своето мени. Претстојувам во хотел со комплетен пансион така што имам сè што е потребно. Ми недостига семејството. Недостигаат најблиските, пријателите, дружењето, ми недостига и македонскиот ракомет. Сепак, приликите беа такви што морав повторно да излезам од Македонија. Оваа понуда што ја добив едноставно ме мотивираше. Не се работи само околу финансискиот дел туку работата во перспектива. Ми се допадна планот и програмата, визијата која ја имаа во Ракометната федерацијана Сирија. Претседателот ми даде посебна мотивација и желба да ја прифатам и да работам со сите женски селекции на Сирија“.
Кога замина во Сирија првиот договор беше на три месеци, но веќе ја доби довербата од водечките луѓе на Ракометната федерација на Сирија и истиот му е продолжен, но после февруари може да добие и ново продолжување.
„Пробните три месеци беа задоволителни и добив договор со дополнителни шест месеци. Во февруари ни претстои голем предизивк на Азиското првенство за кадетки во Казахстан, каде што ќе биде ставен акцент на пласман за Светското првенство. Не можам да кажам дека сме кандидати за пласман, но шансите постојат. Ова првенство требаше да се одржи минатиот месец, но беше одложено бидејќи имаше пријавено само седум репрезентации. За да не биде загубено место на Мундијалот дојде до нов термин во февруари кога ќе играат десет репрезентации. Нема да биде воопшто лесно да се игра на овој шампионат и нема да биде воопшто лесна задача. Нивото на женскиот ракомет е многу ниско. Има недоволен број на тренинзи во текот на неделата. Ракометарките не се доволно технички изградени, има недоволна техничка размисла, а тоа беа работи кои морав да ги корегирам и уште ги корегирам. Во моментов го одржуваме вториот камп, а првиот траеше два месеци. Дури две третини од кампот ги потрошив на индивидуална техника. Има напредок и исчекор напред, а задоволство има и кај претседателот на Ракометната федерација на Сирија и кај комплетното раководство“.
ВО ФЕВРУАРИ ПО ВИЗА ЗА МУНДИЈАЛ
Во февруари претстои Азиски шампионат за кадетки, каде што може да се забележи убав резултат, а тоа би значело место на Мундијал и нов договор за Глигоров.
„Оптимист сум. Девојките добро работат. Максимално се трудат да дојдат до што поголемо знаење. Доколку успееме да освоиме 5. место тогаш ќе се пласираме на Светското првенство и тоа ќе биде голем успех за нас. Задачата е тешка, но не и неостварлива. Многу работи ќе зависат и од ждрепката и составот на групите кои ќе бидат извлечени. На претседателот му кажав дека треба време и константна работа од 2-3 години за да можеме да дојдеме до резултат. Тоа не го кажав за да си обезбедам работа за мене на подолг рок туку тоа го кажуваат фактите. Нивното време и знаење бара макотрпна работа. Од Ракометната федерација се сложија, но ќе видиме како ќе биде после првенството во февруари“.
Пред повеќе од еден месец имаше квалификции за Светско првенство на кои одлично ги предводеше сениорките на Сирија. Сепак, во решавачките натпревари не беше обезбедено едно од местата кои водеа на Мундијалот. Меѓутоа пред почетокот на квалификациите имало „игри“ кои влијаеле и на формата.
„Имаме опструкции во Ракометната федерација. Оваа постава на федерацијата која беше избрана во февруари има опструкции и големи незадоволство од другите зошто се тие на функција. Кога сениорското првенството на Азија се префрли од Кореја во Јордан имавме можност за 45 дена нормални подготовки. Меѓутоа не добивме средства и моравме да се префрлиме на работата со кадетската репрезентација. Потоа ненадејно дојде информација да ја собереме сениорската репрезентација за да играме во Јордан. Времето беше навистина кратко. Моравме да направиме микс од сениорки, јуниорки и кадетки. Проблемот е ист во сите категории со недоволна тактичко-техничка подготовка и играчко искуство. Во последните три години немаат ниту еден камп со меѓународни натпревари. Квалитетот на натпреварите исто така не задоволува за да може да се стекне некое играчко искуство и да се оди на повисок резултат во Азија“.
ГОЛЕМА ПОДДРШКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
Глигоров ужива голема поддршка од првиот човек на ракометот во Сирија, но и од главниот на тренерската организација што му дава дополнителна сигурност во работата.
„Имаше негативни коментари и за мене и за репрезентацијата, но во разговор со претседателот дојдовме до заклучок дека тоа е само потврда каде е ракометот во Сирија, кои се проблемите и што треба понатаму. Од претседателот на тренерската организација кој е поранешен тренер кој работел во Германија и Шведска имам доста голема поддршка. Сите сили се кон оваа генерација на ракомеарки родени од 2004 до 2007 година и во следните три години треба да се надгради и да стекне играчко искуство. Направив програма за работа во следните три години, а истата ја презентирав кај претседателот на Ракометната федерација на Сирија. Му се допадна планот за работа и одобри да продолжам со работа во следните шест месеци. Првенството што ќе се игра во Казахстан ќе даде одговор за тоа како понатаму“.
Поради проблеми со спортската инфраструктура не е лесно да се одработуваат планираните тренинзи така што мора да се наоѓаат решенија како да се имаат поголем број на тренинзи неделно.
„Ракометот овде има реални проблеми. Има недостаток на сали. Проблеми каде да се тренира. Многу повеќе се насочени кон кошарката и фудбалот. Борбата е тешка за стекнување место под сонцето за ракометот. Поради тие проблеми технички повеќето екипи тренираат 2-3 пати неделно што е недоволно. Со оглед на тоа што работам со кадетска селекција и ракометарки од 16-17 години потребно е повеќе да се тренира. Исто е и со сениорките. Следна цел ни е да обезбедиме подобри услови за работа на клубовите. Тие се база за репрезентацијата. Не може да се чека само да дојде собир на репрезентацијата и да се работи квалитетно. Целта ни е оваа возрасна категорија на кадетки и јуниорки да тренира петпати неделно за да може да се крене нивото на игра на ракометот и да се стекне многу поголемо знаење на тактичко-технички план“.
Смета дека Сиријките имаат потенцијал за добри резултати и дека им е потребно само усовршување и многу работа.
„Сирија треба да направи драстична промена во приодот кон овој спорт. На ова треба да се надоврзе и тренерскиот кадар кој мора да го смени целиот процес. Гледајќи ги сениорките и кадетките има доста пропусти во тренажниот процес, како и недоволна обука на ракометарките. Разговаравме со претседателот на тренерската организација после кампот да направиме трибини и состанок дебата меѓу тренерите каде отворано ќе дискутираме за проблемите и за состојбата што е постигнато со овој начин на работа. Дали треба да се промени. Има талент и потенцијал. И во оваа генерација со која работам. Недостатокот на тренинзи и недоволно содржајниот тренажен процес ми прави проблем во нивната изградба и ќе ми треба поголема поддршка“.
ВРАТИТЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛЕКЦИИ СЕКОГАШ ОТВОРЕНИ
Во 2008 година тој беше селектор на Македонија на Европското првенство. Оттогаш не добил можност да работи со некоја репрезентација. Главно има клупски задачи, но вели дека доколку добие понуда подготвен е за разговор за тренирање на некоја репрезентација. Вратите за работа во македонскиот ракомет се отворени.
„Секогаш сум подготвен за работа. Од моја страна нема проблем и пречка. Сè зависи од луѓето во федерацијата дали сметаат дека моето познавање ќе користи за националниот тим, во која која било наша селекција. Од моја страна вратите се отворени и секогаш сум подготвен за македонската репрезентација без разлика на која категорија. Зависи и тука дали ќе сум на подолгорочно или ќе завршам со првенството во Казахстан доколку федерацијата процени дека резултатот и играта биле задоволувачки или не“.
Многу често се случува да не може да ја доврши својата почната задача во некој клуб. Така беше и при последниот ангажман во Металург за кој има и детали околу договорот кој го имал со екипата.
„Веројатно тоа е некоја судбинска врска на мојата работа и секогаш што ќе почнам нешто во Македонија да не можам да го довршам. Се вложувам многу во работата. Не знам дали е во прашање тоа што не наоѓам разбирање за работата или премногу се брза за резултати. Последниот ангажман го имав во Металург каде работев и со втората екипа и со кадетската екипа, а едно време бев тренер и на првиот тим пред да добијам корона. Многу ми е жал што морав да го напуштам Металург бидејќи цела сезона ја одработив без надомест, освен еден кој го добивав од најмалата група на ракометари родени од 2007 до 2009 година бидејќи родителите сами плаќаа за мојата работа со нивните деца. Во однос на другиот ангажман не добив надомест. Имав талентирана генерација на ракометари родени 2004, 2005 и 2006 година која беше страшен потенцијал. Не најдов разбирање и не добив можност да презентирам план и програма на претседателката на клубот, а во него имаше децата да се задржат и во следните три години 30 проценти како играчки кадар да добие и првата екипа. Во меѓувреме дојде повикот од Сирија и бев во расчекор да пресечам да рабоам со ризик дека ќе продолжи таа ситуација без надомест или да прифатам да работам надвор со надеж дека ќе успеам со мојата работа. Досега оди добро“.
Иако од 2008 година не бил со сениорската репрезентација, сепак, интересно е неговото видување за она како се развива женскиот ракомет и околу тоа како се движат работите во однос на националниот тим.
„Ние можеби ќе влеземе во некоја фаза, но ќе биде тешко да се пласираме и понатаму на првенство освен како организатори. Тоа не треба да не обесхрабрува, ни да ги депримира девојките. Потенцијал има. Она што секогаш го кажувам треба да им се даде поквалитетен требажен процес. Неколку клубови се издвојуваат во однос на тренингот. Металург, Куманово, Вардар, сега и Ѓорче Петров, а и Чаир е стабилен клуб неколку години наназад. Треба многу поголемо играчко искуство. Многу силни меѓународни натпревари. Дали клубовите ќе гостуваат на меѓународни турнири или тоа ќе биде на репрезентативно ниво? Повеќето ракометрки од кадетска и јуниорска играат дома и има простор за почести собири во текот на сезоната и барем да се учествува на два меѓународни турнири каде ќе играат посилни натпревари и ќе го изградат своето играчко искуство. Ако останеме затворени со нашето домашно првенство. Нивниот играчки развој ќе биде побавен и ќе чекаме резултат. Не сум песимист. Има доста талентирани девојчиња на кои треба поголемо внимание посодржајна и поиздржана програма во следните 3-4 години и ќе има напредок сигурно“.
МИНИМИЗИРАЊЕТО НА УЛОГАТА СЕЛЕКТОР НА ЕП 2008
Што се однесува до Европското првенство во 2008 година на кое Македонија го освои 8. место нема многу убаво сеќавање од работата односно од позицијата која што ја имаше. Затоа, пак, има позитивни коментари за атмосферата која се создавала за време на натпреварите.
„Тоа првенство колку што ми донесе радост толку ми донесе и разочарување, на моето минимизирање како тренер и некое учество лично како тренерско ангажирање во тој резултат. Без разлика на сè ми остана спонтаната атмосфера во текот на првенството. Громогласното навивање и поддршка на луѓето кои беа на трибини. Тоа беше хемијата во репрезентацијата и хемијата со публика која брзо се наруши и ја снема. Машката репрезентација иако има голема поддршка сметам дека не успеа да ја достигне таа хемија. Очекувам и посакувам овие девојки кои сега се присутни во кадетската и младинската селекција да се потсетат на тоа првенство и да добијат мотив и желба истото тоа да го повторат и на подобар начин и да го добживеат да бидат горди и успешни следниот декември“.
Иако сега е далеку од Македонија, вели дека и понатаму постојано следи сè што се случува во ракометот. Преку интернет може да следи многу натпревари и ужива во нив.
„Имам доволно слободно време. На интернет ми се достапни сите натпревари и можам да ги следам и машкото и женското домашно првенство. Ги следам натпреварите и од Супер лигите и од Првата лига. Во тек сум со настаните во нашето првенство. Машкото првенство е доста интересно, можеби најинтересно во последните 5-6 години. Допрва следува борба за плеј-оф. Ништо помалку нема да биде интересно ниту во плеј-аут групата. Во сенка на овие натпревариостанува плеј-оф во Првата лига кој сигурно ќе донесе возбудливи натпревари. Без разлика сите сметаат дека Алкалоид е прв фаворит за пласман во Супер лига сметам дека нема да биде така лесно. Очекувам во вториот дел кога ќе дојде плеј-оф борбата да биде доста силна и тешка за пласман во Супер лигата“, вели Глигоров за 24 Ракомет.
Тој во моментов е на камп со кадетската репрезентација на Сирија и се обидува да ја крене формата на националниот тим бидејќи во февруари претстои важно натпреварување. Се работи ангажирано, а целта е едно од првите пет места на шампионатот на Азија.