ИНТЕРВЈУ БОБАН ПЕОВСКИ: Двојната круна стигна во Куманово од каде почна ракометот!

На две кола до крајот на сезоната во најсилната домашна женска лига, шампионот е веќе крунисан – ЖРК Куманово! Клубот испиша историја во оваа корона-сезона и за првпат стигна до двојната круна. За разлика од Купот, кој го задржа во свој посед со оглед на тоа дека премиерниот пехар го крена во 2019 (на свој терен), ЖРК Куманово е првиот екипен колектив кој му донел шампионска титула на градот. Успех со кој влегува меѓу привилегираните – Кометал Ѓорче Петров, Металург и ЖРК Вардар, кои се единствени тимови што можат да се пофалат со епитетот – првак на домашната женска сцена.

ЖРК Куманово е еден од нашите најстари спортски колективи и она на што особено се горди е дека ракометот преку Куманово стигнал во земјата, а лани (за кога било планирано да се освои двојната круна) обележани се 90 години од ракометот во Македонија и во градот. Уште еден интересен факт е дека кумановскиот женски тим може да се пофали дека е еден од ретките кој никогаш не паузирал, ниту една сезона, односно секогаш биле дел некој ранг на натпреварување.

Последнава деценија актуелниот претседател Бобан Пеовски, со една куса пауза, е константата која работеше и работи на издигнување на клубот на она што е денеска – освојувач на двојната круна! Пеовски доаѓа од ракометно семејство и тој е татко на поранешните македонски репрезентативки Викторија и Кристина, кои одлучуваат да се преориентираат кон науката, но тоа не му пречи да продолжи да работи во клубот и да биде како што вели за себе „не спортски работник, туку спортски војник“

„Фактот дека сме четврта екипа која покрај легендарниот Кометал Ѓорче Петров, Вардар и Металург ја освојува шампионската титула во Македонија, да влезеш во едно такво друштво секако дека е чест. Макотрпно работевме за да стигнеме до овој успех и ќе направиме сè, да покажеме дека не е случаен. Благодарен сум на сите ракометарки, тренери, пријатели и спонзори на клубот, сите оние кои со години наназад работеа за да дојдеме до денешниот историски успех – освојувачи на двојната круна! Во Куманово ова е прва шампионска титула во екипен спорт и секако донесовме радост и гордост во градот. Машкиот ракометен клуб во 1993 ја освои првата Куп титула и потоа апстиниравме од такво остварување се до 2019, кога на наш терен во Куманово донесовме Куп-пехар и во женска конкуренција. Пандемијата малку ни ги помати плановите (се смее) но еве успеавме оваа сезона да донесеме и прва шампионска титула, односно двојна круна. Велам коронавирусот ни ги смени плановите, затоа што посакувавме ланското првенство да го завршиме со ваква позиција за да може традицијата која ја имаме и убавиот јубилеј да го заокружиме со шампионска титула. Ракометот во Македонија доаѓа преку Куманово во 1929 година и тогаш е формиран хазенарски клуб, бидејќи хазена се викала играта, се играла на отворено, на фудбалско игралиште теренот, 11 на 11 играчи, со поинакви правила и таа била игра за жени! Лани прославивме јубилејни 90 години ракомет во Куманово и во Македонија и посакувавме да се совпадне се, но се случи она што се случи. Сепак радоста не изостана сега – година дена подоцна“ – задоволно констатира првиот човек на клубот, Бобан Пеовски.

Успехот на клубот треба да го „разбуди“ Куманово како нов центар.

„Се надевам и верувам дека двојната титула ќе значи многу и за афирмација на клубот, но и за женскиот ракомет и ќе се потрудиме да привлечеме што поголем број на девојчиња. Секако коронавирусот ни прави мали проблеми, но имаме четири-пет нови терени со тартан на отворено и се надевам дека ќе можеме таму да тренираме.“

ПОСЛЕДЕН ПОРАЗ ДОМА – МАРТ 2019

ЖРК Куманово во последните сезони особено доаѓа до израз, поточно по распадот на шампионскиот ЖРК Вардар и силниот Металург, на кои се обидува да им парираат. Клубот секоја сезона се труди да направи чекор повеќе. Доминантни се на домашна сцена, а имаа излез и во Европа, беа дел од Женската регионална лига, а лани се обидоа да „влезат“ и во Лигата на шампионите.

„Секоја сезона си поставуваме цели и се обидуваме да направиме нешто повеќе од претходната. Последен пораз во домашна лига ни беше во март 2019 година и од тогаш имаме одиграно околу 45 натпревари на кои сме без пораз во Македонија. Постојано тежнееме да бидеме поквалитетни и да се обидеме да парираме и во Европа. Свесни сме дека не сме минале прво коло во Челинџ куп, но последниве две сезони навистина немавме среќа. Лани со Славија Прага, несреќно бевме елиминирани со еден гол во реваншот, сезонава две ракометарки пред патување беа позитивни на Ковид-19 и тоа беше хендикеп за нас, патувавме со автобус затоа што немаше конекција, одново поради пандемијата – едноставно такви беа околностите. Но видовме дека може да парираме на екипи со среден квалитет и ќе продолжиме да работиме на тоа. Бевме дел и од Женската регионална лига минатата сезона, тоа беше исто така одлично искуство за нас, изборивме и пласман на Ф4, но за жал, поради коронавирусот сезоната беше прекината и истиот не се одржа.“

ЛАНИ БЕВМЕ „КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА“

Mногумина и лани го гледаа ЖРК Куманово како шампион, со оглед на тоа дека екипата имаше убедлива предност пред конкуренцијата, а и 60 посто од првенствените натпревари беа одиграни, но Ракометната Федерација на Македонија по прекинот на сезоната поради пандемијата не прогласи шампион.

„Лани имавме кристално јасна ситуација, со 60 посто одиграни натпревари, бевме доминантни пред конкуренцијата и имавме комотна разлика и по правилник требаше да бидеме шампиони. Бевме во постојана комуникација со РФМ и тие во вербалната комуникација (никогаш ништо не добивме на писмено) ни велеа дека во женската лига се е јасно и дека не треба да се грижиме затоа што ќе бидеме шампиони, а дека главниот проблем е кај мажите, затоа што двете екипи кои настапуваат во СЕХА воопшто не играа во домашното првенство и тоа беше некомплетно и логично беше да се поништи. Потоа како ’гром од ведро небо’ дојде одлуката на Федерацијата, во која беше јасно дека бевме колатерална штета, како што е и женскиот ракомет воопшто, за жал.“

САКАВМЕ ДА БИДЕМЕ КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, НО НЕ БЕВМЕ РАЗБРАНИ ОД РФМ

„Друга приказна е тоа што останавме без учество во Лигата на шампионите. Како клуб имавме идеја која ја презентиравме до РФМ, односно во пресрет на ЕП 2022 за сениорки во Македонија сакавме да се ставиме на располагање и да создадеме нешто како клуб-репрезентација. Имавме расположени спонзори да помогнат доколку се реализира тоа. Имавме идеја македонските репрезентативки или потенцијални репрезентативки кои ќе останат без ангажман (со оглед на тоа дека шампионскиот тим на Вардар се растури, во Металург имаа нередовни примања) да ги земеме во Куманово каде преку настап во ЛШ ќе имаме квалитетни подготовки за ЕП следната година. На таа тема зборувавме и со РФМ, баравме поддршка, се понудивме да ги собереме играчите на наша сметка и да функционираме на некој начин како клуб-репрезентација, не бевме разбрани со таа идеја, од кои причини не знам, но желба ни беше со една таква екипа да играме во ЛШ. Свесни бевме дека од една страна таму ќе бевме ’топовско месо’ со оглед на конкуренцијата, но од друга можеби и ќе изненадевме и замислете на тие девојки колку ќе им значеше искуството, таквата можност, преку силни натпревари да се расте како тим, а на крајот на денот од тоа бенефит да има и националниот тим. Но без објаснување беше одлуката на Федерацијата што не не пријави во ЛШ. Парадокс е што екипа како Чаир играше во европски купови, а тие претходно немаа настап во сениорска лига. Некои работи останаа нејасни, а сето тоа оди на сметка на македонскиот женски ракомет, кој стагнира.“

НИКОГАШ НЕ СМЕ НАПРАВИЛЕ ПАУЗА

Покрај сите неправди кои му се случуваат ЖРК Куманово макотрпно работи долги години наназад за да стигне до позицијата која ја има денеска.

„Јас сум во клубот од сезоната 2009/2010 кога Куманово играше во Втората лига. Тогаш со неколку пријатели ентузијасти влеговме во клубот, имавме добра генерација ракометарки во која верувавме и со кои сакавме да видиме до каде можеме. Факт е дека тогаш беше посилно женското натпреварување, имаше две лиги со вкупно 24 екипи и имаше квалитет. Две сезони во низа се боревме за влез во Првата лига и кога конечно успеавме имавме најава за поддршка од градот, но тогашниот градоначалник имаше афинитети кон кошарка, машката ракометна екипа беше поактуелна и во една таква ситуација бевме изоставени. Успеавме да опстанеме со нова управа, каде јас бев член, но не ми се допаѓаше како функционираат работите. Во УО имаше политичари, додека јас инсистирав дека спортот мора да биде аполитичен, а да има поддршка од политичарите, не можевме да најдеме заеднички јазик и со такви различни ставови се разидовме. Се повлеков од клубот еден период, но таа сезона по подолго време, од почетокот на 90-тите години, клубот одново обезбеди пласман во Европа. Но, управата направи катастрофална грешка, не ги испочитува домашните играчи и ги загубивме, односно тие заминаа и останавме без основата на екипата. Потоа финансирањето од Општината беше затегнато, па екипата одново падна во Втора лига. Во сезоната 2012/2013 одново се вративме во Прва лига, но веќе силно се почувствува падот на женскиот ракомет и многу екипи се откажаа и остана само една лига. Од тогаш сме константни. Имавме добра генерација млади девојки (Трајковиќ, Кипријановска, Ивановска…) со кои се работеше и кои ги форсиравме па стигнаа и до статус репрезентативки. Тој период можевме да направиме многу подобра екипа, но не успеавме да го задржиме тимот поради финансиите, имавме сретства буквално за да не згасне клубот само. Знаете ЖРК Куманово има традиција и тоа е единствен клуб во градот и меѓу ретките во Македонија, кој нема направено пауза од натпреварување. Од времето кога клубот бил дел во Втората Сојузна лига во Југославија, па до ден денеска.“

„Се радувам затоа што од сезона во сезона ЖРК Куманово растеше како клуб, полека се склопуваа коцките. Ќе направам една најобична компарација, кога влегов во клубот, екипата имаше два термини за тренинзи во неделата, сега имаме секој ден по два тренинзи. Од еден тренер, сега имаме комплетен стручен штаб со главен и помошен тренер, Кралевски и Бојковски се со мастер коуч диплома, и со тренер на голмани Божиновски, кој е со меѓународно искуство. Млади луѓе кои следат модерен ракомет, ретки се екипите во Македонија кои може да се пофалат со тоа. Најголема сатисфакција ми е и што како управа не дозволивме играчите да заминат од клубот. Ние функционираме во мала средина и немаме голем фонд на играчи како Скопје, на пример, со толку ракометни школи. Основата ја црпиме од наши играчи и затоа голем хендикеп е што сезонава не се играат младински лиги. Ние имаме млада екипа, со кадетски и младински репрезентативки, единствено капитенот Боризовска е поискусна.“

ВАУЧЕРОТ ПОМАГА, НО ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ Е ПОТЦЕНЕТ

Главниот проблем особено во женскиот ракомет е како да се привлечат спонзори, со оглед на тоа дека скромен е интересот на фирмите и компаниите да вложуваат во клубовите. Ваучерот и поддршката од Општина Куманово значат многу за клубот, иако особено кога станува збор за распределбата на ваучерите видлива е разликата меѓу машките и женските клубови.

„Во Куманово редовно сме имале поддршка на трибините и секогаш привлекувавме публика. Луѓето сакаат да се радуваат на победи, но ситуацијата е таква што фирмите немаат интерес за вложување во спортот. Ваучер системот малку ја смени работата и со многу ангажман се доаѓа до некои средства, а кај нас како мала средина многу е важна помошта од градот. Ние ја добиваме со тоа што не плаќаме спортска сала и можам да кажам дека во салата ’Перо Наков’ имаме одлични услови, со вежбалница во склоп со неа и изминативе неколку години тоа е нашата база. Општина Куманово учествува околу 20 посто во буџетот на клубот, и вистина е дека имаме голема поддршка и од градоначалникот, се вреднува тоа кој прави резултати и носи титули и се надевам дека во иднина уште поголема ќе биде соработката. Реков, ваучерот е од помош, но факт е дека постои голема разлика меѓу машките и женските клубови. Колку за споредба, ЖРК Металург и ние како втори кај жените, добивме најголеми ваучери, со кои притоа не можеме да ги покриеме ниту платите за играчите и стручниот штаб, а од друга страна сме сведоци дека клубови кај мажите кои играле Суперлига, а испаднале во Прва лига имаат поголем ваучер од нас! Тоа е несфатливо, не смее женскиот ракомет да биде толку потценет.“

 

ПОТРЕБНИ СЕ ПРОМЕНИ КАЈ ЖЕНИТЕ

Како еден од најстарите женски ракометни колективи во Македонија, кој минал низ многу работи и бил сведок на многу состојби во женскиот ракомет, неизбежно беше да се праша која е причината за пресвртот? Односно ако пред десетина години жените беа на цена и го имаа приматот, што се случи и како го загубија?

„Од 2009 наваму жените го губат приматот, а причината според мене и што луѓето кои работат со спорт одат по линија на помал отпор. Ако се случи добра генерација, таму се бара успех од проста причина што се смета дека така полесно ќе се дојде до резултат. Ние имавме одлична генерација кај мажите и се вложуваше во нив, а условите кои ги имаа мажите и жените не беа исти. Ако паметите еден период воопшто и немавме ниту женски младински селекции се до 2013 година кога дојде новата гарнитура и почнаа да се прават некои напори и активности и за девојчињата. Но и натаму разликата е голема… Еден пример – за месец дена ќе има ЕХФ Шампионат за младинки во Македонија, а ние немаме селектор на репрезентација. Во клубот имаме српска младинска репрезентативка која досега беше на три собири, БиХ немаат женска сениорска репрезентација ама затоа младинките двапати беа на собир, додека ние последната активност со младинската репрезентација сме ја имале пред скоро две години на ЕХФ Шампионат во Литванија, каде поминавме катастрофално! Ние немаме селектор, немаме собири… Односно последно Јулијана Дамчевска ја водеше екипата… Според мене во репрезентација мора да играат најдобрите, а искуството ми вели дека селекторите се ставаат во функција на клубовите и земаат деца од своите екипи, а не најквалитетните. Најдобра потврда за тоа се нереалните списоци кои сме ги имале на собири наназад, со играчи кои се форсирале, а кои денеска воошто и не тренираат ракомет. Пионерска конкуренција немаме селектор, немаме ни репрезентација, но некоја Комисија селектира играчи од таа генерација. Малку се најасни овие работи и смета дека треба работите да се сменат од корен. Велат нема подобро, но не е вистина! Не сме се обиделе за да видиме дали има или нема! Мислам дека треба да се направи систем како порано во СФРЈ, тренер – селектор, кој ќе ги надгледува сите репрезентации и ќе селектира, а јас не сум видел некој да дојде на натпревар да ги гледа девојчињата.“

СО СИМОВСКИ СЕ РАЗДЕЛИВМЕ БЕЗ ЛОШ ЗБОР

Кога сме на тема селектори факт е дека поранешниот селектор на женската сениорска репрезентација, Симе Симовски мина една (не цела) сезона во ЖРК Куманово…

„Симе Симовски беше селектор на Македонија кога ја договоривме соработката и тој имаше една епизода во Куманово. Одработи одлично, имавме добри резултати и дома и во Регионалната лига тогаш игравме исто, а разделбата се случи бидејќи ние баравме негов ангажман од минимум осум тренинзи неделно. Тој не можеше да одговори на тоа затоа што работи и како професор во училиште и тоа беше тоа. Се разделивме без лош збор. По заминувањето на Симовски дојдовме со идејата за клуб-репрезентација, која, за жал, не се реализираше.“

ЕВРОПСКАТА ЛИГА Е НОВ ПРЕДИЗВИК

Традицијата, подемите и падовите, искуството собрано низ годините и се низ што минал ЖРК Куманово му донесе историски успех сезонава и поголеми амбиции и европски апетите за следната. Европската лига е предизвикот во кој ќе се пробаат.

„Следната сезона имаме право на настап во Европската лига, каде конкуренцијата е силна, но доколку не налетаме на некој од фаворитите се надевам дека достојно ќе се претставиме. Веќе работиме на тимот за следната сезона. Моментално сме во преговори со играчите на кои им се завршени договорите, работиме на обновување, како и на тоа на кои позиции ќе треба да се засилиме. Костурот останува сигурно, 90 посто од екипата верувам дека ќе задржиме и во следните десет дена треба да се знае сè! Некои ракометарки прават малку калкулации, па доколку не го затвориме ростерот ќе почекаме. Во комуникација сме и со две македонски репрезентативки, знаете дека ние настојуваме да ангажираме пред се домашни ракометарки, и сигурно некое младо девојче за кое сметаме дека е потенцијал ќе му се приклучи на тимот.“