Поранешната македонска ракометарка и репрезентативка, која во последниве седум години во редовите на ЖРК и РК Вардар можевме да ја видиме во неколку улоги (играч, заменик директор, помошник тренер) Билјана Црвенкоска, првиот дел од полусезоната го мина како дел од КЛ7 Голден Арт, а од денеска влегува во нов предизвик како првата и единствена дама која седнала на клупата на машкиот сениорски национален тим. Поттикнати од тој повод и во пресрет на 8-ми март, Интернационалниот ден на жената, ова викенд интервју го посветивме на неа.
Црвенкоска за многу работи може да се пофали дека испишала историја. Кога стана асистент на Роберто Парондо во 2018 година таа беше првата жена која била дел од стручниот штаб на еден машки тим во Македонија, во европската Лигата на шампионите, како и во СЕХА лигата (водеше сама и еден натпревар против Мешков Брест). Истата сезона таа заедно со екипата се радуваше и на шампионските титули на сите три фронта. Низ смеа потсети и дека е првата жена која го победила Веселин Вујовиќ (на пријателски натпревар со Железничар).
Претходно зад себе има 20-годишна играчка кариера (14 години како професионалец и интернационалец), како подготовка за сево ова. Во ракометот влегува следејќи го примерот на нејзината повозрасна сестра, Јулијана Дамчевска (која е тренер на ЖРК Металург и селектор на женската младинска репрезентација). Со завршен Факултет за физичка култура, со кој добива Модул 3 тренерска лиценца, како и сертификат од ИОК за напреден спортски менаџмент, следно е мастер-коуч дипломата која треба да ја добие до крајот на годинава. Билјана вели дека за неа ништо не е случајност во животот и дека сè се случува со причина и е подготовка за она што следи.
„Не верувам во случајност, туку сметам дека сè се случува со причина. Сè низ што сум минала, 20 години играчка кариера, како и последните седум години, во кои се пробав во сè и сменив многу кариери, и се надевам дека нема да менувам повеќе… (се смее) Сè е подготовка за она што сум денеска. На сите можности кои ми се нудат велам ДА, многу ретко одбивам нешто, затоа што сè во животот треба да се проба и сè е предизвик, за да може тоа да те дефинира и како човек и како личност. Верувам во напорна работа и вложен труд и дека тоа на крајот се исплати и дека сите подеми и падови се патот кој морав да го минам за да стигнам до А тимот“, потенцира Билјана Црвенкоска на почетокот на разговорот.
„По заминувањето од КЛ7 имав еден спонтан разговор со Кире (Лазаров) во кој тој најверојатно се обидувал да види кои и какви ми се плановите понатаму во спортот. Две недели по враќањето на репрезентацијата од Египет, добив повик од РФМ и ме информираа дека Кире одлучил и јас да бидам дел од стручниот штаб на репрезентацијата, како помошник тренер. Секако без размислување, веднаш, ја прифатив понудата. Благодарна сум му и на Кире и на РФМ кои имаат доверба во мене и ми дадоа шанса. Мојата задача како дел од стручниот штаб ќе биде анализа на видеа од противниците. Ќе имам слобода да кажам свое мислење и околу стратегијата, но на крај, секако, ќе си одлучи селекторот како и што ќе си игра. Кире е секогаш расположен да слушне и друго мислење, па и се радувам на соработката.“
Нема да ти биде ниту прв, ниту последен пат да бидеш дама во машко друштво…
„Да, да! (се смее) Со Филип Миркуловски растевме заедно како деца и одевме на летни ракометни кампови во Струга. Бранче и Јоно ги знам преку ракометот и со сите имам одличен однос. Знам дека ќе функционираме добро затоа што имаме одлична комуникација и сите исто размислуваме“, вели Бибе и додава: „Возбудена сум пред стартот и сите сакаме да одиграме добро против светскиот шампион Данска. Огромен предизвик е пред нас, затоа што имаме комплетна промена во стручниот штаб на репрезентацијата, сакаме и ние нешто да смениме, да додадеме и да покажеме дека можеме многу повеќе од она што го направи тимот во Египет. Се надевам дека трудот ќе донесе резултат.“
КЛ7 МИ ПОНУДИ ДА БИДАМ ПРВ ТРЕНЕР, НО ЈАС РЕШИВ ДА ЗАМИНАМ
Првиот дел од сезоната Билјана Црвенкоска беше дел од стручниот штаб на суперлигашот КЛ7 Голден Арт, како асистент на Андон Бошковски, но тие двајцата ја прекинаа соработката со клубот на полусезоната.
„КЛ7 беше, и се надевам дека сè уште е, добар проект, во кој целта беше да се работи со млади македонски играчи кои ќе играат во Суперлигата и ќе стекнат искуство. Идејата беше да се соберат најголемите млади таленти во Македонија и да се работи според еден шпански систем. Тоа му се допаѓаше и на Кире, тоа ми се допаѓа и на мене, го разбирам, го знам шпанскиот систем и требаше од таа екипа да излезат следните македонски репрезентативци. Благодарна сум му на Кире што по распадот на стариот ЖРК Вардар, во време на пандемија, кога останав без работа, тој беше единствениот кој ме побара и ми понуди да бидам дел од проектот. Сè функционираше добро до последниот натпревар од Суперлигата, мислам со Јуниор, и кој немаше никакво резултатско значење. Целите на тимот беа опстанок во Суперлигата, а не пласман во плеј-оф. Го загубивме натпреварот со голема разлика, а потоа се случи нешто кое не можам да го објаснам – молк од страна на управата. Откако ја завршивме полусезоната во декември немаше никаков контакт и комуникација меѓу управата и стручниот штаб. По Нова година, Доне (Андон Бошковски) ми се јави да ми каже дека добил отказ. Јас добив понуда од клубот да го превземам неговото место, да бидам прв тренер на КЛ7, но не го прифатив тоа. Не можев и не сакав, и одлучив да си заминам од клубот. Знам дека тоа можеби ќе беше добро за мене, но со Доне имавме договор – тој да ја води првата екипа, додека јас да ги водам кадетите и младинците, и затоа решив да го поддржам и да застанам на страната на ракометот.“
ВО ЖРК ВАРДАР НЕ МОЖЕВ ДА РАБОТАМ КАКО ПРВ ТРЕНЕР
Како дел од „црвено-црниот“ тим Црвенкоска последната сезона ја мина во женската екипа, како асистент на Драгана Ристова.
„Во новиот ЖРК Вардар требаше да останам исто како помошник тренер, а јас сакав да пробам нешто повеќе, да бидам прв тренер. КЛ7 тоа ми го овозможи, не во сениорска конкуренција, но во млади категории, и секако доколку се покажев ќе можев да напредувам. Вардар тоа не можеше да ми го понуди, да работам со селекција. Една генерација има Платон, другата е на Ристова, нови не се формираа и затоа заминав.“
ПЕРИЌ МЕ НАВРЕДИ, НЕМАМ ШТО ПОВЕЌЕ ДА МУ КАЖАМ
Билјана Црвенкоска има тренерско деби од соништата – ни помалку, ни повеќе како асистент на Роберто Парондо во Вардар, во нереалната сезона 2018/2019 кога стигнаа до втората европска шампионска титула. А, потоа неочекувано, како што ја доби функцијата, така беше и прекомандувана во женскиот тим. Непотврдено, причината е, недоразбирањето со тогашниот тренер на голманите, Дејан Периќ, во соблекувалната и тоа веднаш по освојувањето на европскиот трон.
„Не знам дали тоа е причината за мојата промена, затоа што не разговарав директно со Сергеј (Самсоненко), туку одлуката ми беше соопштена од директорот Давор Стојановски, дека веќе нема да бидам дел од машкиот тим, туку од следната сезона ќе работам во женската екипа. Можеби Сергеј имал и некоја друга визија, да се пробам и во женскиот ракомет, ако планираше да продолжи, можеби би ми дал да водам и некоја селекција – не знам. Вистина е дека имаше недоразбирање со Периќ и тоа веднаш по освојувањето на шампионската титула во Келн. Кога почнавме да славиме во соблекувалната, додека чекавме сите играчи да дојдат (уште беа во микс-зоната и даваа изјави) Периќ ми кажа нешто што мене лично многу ме навреди и како човек и како тренер. Бев непријатно изненадена и повредена затоа што имавме одлична соработка и комуникација, и пред да станам тренер, кога тој доаѓаше во Скопје. Знаевме и кафе да испиеме и да зборуваме за ракомет, и за голманите или како играчите со одбраната може да им помогнат на голманите… Не знам што се случи, можеби беше и недоразбирање, но ме навреди многу. Потоа се обиде да разговара со мене за тоа, но му посакувам се најдобро и успешна кариера, но ние немаме повеќе што да си кажеме.“
Беше ли тоа удар за тебе? Од екипа која ја освои Лигата на шампионите, да се најдеш во тим, кој се бори само за титула во националното првенство?
„Беше удар, не велам не. Не се почувствував ниту понижена, ниту навредена или деградирана, едноставно бев тажна. Очекував дека ќе добијам поинаква шанса, да водам селекција, но тоа не се случи. Не изгубив волја за работа, работев многу особено со крилата во ЖРК Вардар, но не сакав повеќе да останам таму, немав предизвик и затоа заминав во КЛ7.“
СО ПАРОНДО СМЕ „КОНТРОЛ-ФРИК“ ЗАТОА ТОЛКУ ДОБРО СОРАБОТУВАВМЕ
Црвенкоска заедно со Роберто Парондо испишаа нова историја со Вардар и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата…
„Таа сезона во Вардар е тотално нестварна! Работев како заменик директор на РК и ЖРК Вардар и од нигде – никаде добив повик и понуда од Сергеј Самсоненко, дали сакам да му бидам помошник тренер на Парондо? Без размислување прифатив, мислам кој не би сакал!? Тоа беше огромен предизвик, а јас сакам предизвици и тоа се гледа по чекорите кои ги правам. Првата задача ми беше да му помогнам на Роберто околу видео-анализите. Малку сум добра со компјутери и иако не знаев како и на која програма треба да работам, прифатив и на почетокот сечев видеа и ги работев видео-анализите. Тој си ја подготвуваше стратегијата и тој ги правеше анализите со тимот, но затоа што имаше премногу натпревари и противници, му беше потребна помош. Не размислуваа за класичен помошник тренер и мислам дека поради тоа влегов како опција – Билјана знае ракомет, разбира ракомет, била успешна ракометарка и може да се вклопи… Ја знаев екипата од претходно, играчите, патував со нив и разликата беше што само се најдов во некоја нова улога и почнав да седам на клупата (се смее). Претходно имав седено двапати како официјално лице, кога Раул беше тренер, еднаш со Мешков Брест (Мешков ми е судбина изгледа, се смее), и на гостување во РНЛ. Први две искуства на клупата, но тогаш немав никаква улога, во тактичка смисла.“
„Како помошник тренер имаш сосем поинаква улога и се сеќавам направив една грешка. Меѓу првите мои натпревари како асистент, игравме на гости кај Барселона, губевме десет разлика и имаме исклучен играч. Роберто бара тајм-аут и по него шест играчи влегуваат во поле. Јас си седам, мирна, не реагирам дека имаме исклучен играч и некој од клупа прокоментира – ние сме шест во поле! Паметам дека Роберто само ме пресече со поглед (се смее) но по таа грешка сè гледав, сè си доаѓа со искуството. Потоа си ја учиш работата, броиш играчи, замени, ако имаш на некој нешто да му кажеш добро, ако не – тоа е тоа… Едно искуство, сега смешно, но тогаш се препотував. Работата со Парондо ме научи многу за шпанскиот ракомет, кој е многу едноставен и лесен за игра и мислам дека според нашата физиономија и антропологија на играчи лесно може да го усвоиме тој систем, а и гледаме дека функционира. Ми се отвори нов видик, ново сфаќање и ново разбирање за ракометот. Мислам дека добро се вклопив затоа што сме слични со Парондо. Јас сум контрол фрик, сакам сè да имам под контрола и можеби затоа се снајдов секаде. Како заменик директор немав проблем, многу сум педантна и сакам да си ги завршувам работите. Како тренер исто, немав проблем иако таму немав целосна контрола. При видео-анализите сè е под моја контрола (се смее) и затоа не знам секаде се пронајдов, иако не можам да кажам дека нешто ми лежи најмногу. Парондо исто така е контрол- фрик, педантерија, прецизен и детален и можеби затоа имавме толку добра соработка. Со него не се работеше со голем интензитет, немавме ни шанса поради премногу натпревари, но восхитувачки е колку до најмал детал внимаваше на работите.“
НЕ МЕ ГЛЕДАА КАКО ЖЕНА, ТУКУ КАКО ДЕЛ ОД ТИМОТ
Жена во машка соблекувална, имаше некоја чудна ситуација?
„Немаше буквално ниту една чудна ситуација, освен што секогаш тропнував на врата и прашував дали може да влезам, пред да го сторам тоа. Шиш (Шишкарев) секогаш ми велеше ‘Ајде, ајде Билјана влези, влези!’ Немаше ниту една непријатна ситуација, за да се почувствувам неубаво или да ми биде страв. Бевме екипа, така бев прифатена од нив, како дел од тимот, и јас така и се доживував. Без разлика што бев женско во машка екипа, поминавме преубава година со многу подеми и падови, и поради тоа и се случи тоа што се случи. На еден начин бевме и лути и гневни, а тоа беше искажано само на натпреварите. Ниту во соблекувалната, ниту на тренинг, туку на терен и покажаа момците карактер кој треба да го краси секој спортист. Имаше нервоза, не велам не, кога ќе загубиш секогаш си лут и бесен, кога ќе победиш славиш, се радуваш и пееш, но таа сезона немаше за што да жалиме и да плачеме – освоивме сè што може да се освои.“
По ова прашање се надоврза и со еден момент од КЛ7.
„Игравме пријателски меч со домашен тим и по завршувањето потенцирам дека нема поздравување поради пандемијата, а еден противнички играч ми вели ‘Важи срце мое’. На ваквиот негов однос целата екипа ‘скокна’ во моја одбрана, а и јас изреагирав на тоа и тој се повлече. Сè зависи и од пристапот и односот кој го имаш.“
ПРВА ЖЕНА ШТО ГО ПОБЕДИЛА ВУЈО
Таа сезона Бибе ќе добие шанса и самостојно да го води Вардар, на пријателски меч со Железничар и на официјален натпревар со Мешков Брест во Регионалната лига.
„На подготовките на полусезона, јануари, кога Роберто му беше помошник на Раул во националниот тим добив конкретен план, што и како треба да се работи тие две-три недели меѓу кои имаше и пријателски натпревари. Закажав контролен меч со Железничар во Скопје, кога Веселин Вујовиќ беше тренер. Тоа беше голем предизвик за мене, во тимот ги имав Скубе, Чупиќ, Дисингер, Кристопанс, Милосављев, Калифа… и не беше лесно и едноставно да застанам над нив или да се поставам како авторитет. Тоа беше многу чудно, се плашев во секој момент да не кажам нешто погрешно. Тие се играчи со квалитет и искуство, но добив голема поддршка од нив. Дојде Вујо, натпреварот почна одлично, ние победивме и напишав уште една историја – прва жена која го победи Вујо. (се смее) Тоа тој сам го призна по натпреварот. Потоа следи и првиот официјален натпревар, кој го водам како прв тренер, во Брест во СЕХА. Парондо ми го најави тоа две-три недели претходно, ми вели: ‘Бибе можеш сама да одиш во Брест, имаш лиценца за трета категорија тренер и можеш да ја водиш екипата.’ Поголемиот број на ракометари беа од втората екипа на Вардар, па затоа и Стојан Петрушевски беше со мене. Бев збунета, затоа што беше и нерешено до 20-та минута, се чувствуваше дека ми е првпат на клупа, иако имав голема помош од Столе, знаеше да ми рече Бибе тајм-аут, Бибе измена или да ме посоветува… Искрено ми беше многу страв, мислам дека недела дена претходно не спиев, што ќе се случи, како ќе се случи, особено затоа што знаев дека ќе биде ударна вест на сите медиуми како прво женско тренер со мало тренерско искуство која ќе води и ќе игра против сериозен противник како Брест. Требаше да го бранам и реномето на Вардар како најтрофеен клуб во СЕХА лигата, и не ми беше лесно и едноставно. Се ‘утепав’ од гледање натпревари. Но и со Парондо и со поискусните играчи кои играа на тој натпревар имав одлична комуникација, се консултирав многу со нив, што и како да играме и заврши како што заврши, загубивме 10-15 гола разлика. Во Брест тогаш тренер беше Каденас, кој беше воодушевен и по натпреварот еден час зборувавме надвор, ми раскажуваше негови приказни од почетоците, ми даде огромна поддршка и совети. Имав поддршка од сите и бев анксиозна сè до мечот.“
СЕСТРА МИ МЕ ВОВЛЕЧЕ ВО РАКОМЕТОТ
Пред да стане тренер во РК Вардар, Билјана беше ракометарка во ЖРК Вардар, каде и ја завршува својата кариера. Нејзините почетоци се во младинскиот тим на Кометал Ѓ.П. преку Еуростандард и женскиот национален тим, за шест – седум години да има и статус на интернационалка играјќи во Турција и во Италија пред повторно да се врати дома, каде вели крај на 30 години, во 2014-тата.
„Со ракомет почнав на 10 години преку училишната секција. Сестра ми, Јуле, како повозрасна, таа прва почна да тренира и ме повлече и мене, се заљубив во спортот. Бев мала и слаба, секогаш бев таква, но бев многу борбена, имав некој натпреварувачки дух. Еден период поради мојот темперамент и пргавост наставникот многу ми викаше и сакав да се откажам, се запишав на тенис, но не одработив ниту еден тренинг (се смее) се вратив на ракомет и влегов во младинска селекција на Кометал Ѓ.П. Зоран Кастратовиќ ми беше тренер. Со него многу учевме за тактика во ракометот и реално основите и базата се од него. Потоа една година направив пауза затоа што се преселивме во Нов Зеланд, но по враќањето во Скопје, продолжив со ракомет во Кометал. Во 2001 година на 17 години веќе играв во кадетска, младинска и се најдов и на потесен список во сениорска репрезентација за СП во Италија. Тука почнува мојата репрезентативна кариера. Потоа се формира Еуростандард каде бевме собрани најталентирани девојки во Mакедонија и бевме базата на младинската селекција, а потоа и на сениорската. Нашата генерација – Бајрамовска, Младеновска, Пецевска, Новеска, Мечевска, Илковска… ние бевме дел од континуитетот и најголемиот успех, осмото место на ЕП 2008, како и последната генерација која во 2012 година играше на едно големо натпреварување.“
САМСОНЕНКО САКАШЕ МАКЕДОНСКИ ИГРАЧИ
„На клупско ниво со Еуростандард игравме квалификации за влез во ЛШ, но неискуството го направи своето и за еден гол не игравме во елитата. Потоа во ЕХФ купот имавме добра сезона, мислам дека стигнавме до четвртфиналето. По распадот на Кометал, почнувам интернационална кариера, прво Ускудар Беледијеспорт во Истанбул, таму останувам сезона ипол, а потоа потпишав за италијански клуб Селерно, каде играв од 2009-2012. Таму како да се преродив, добив на искуство, како да се доусовршив ракометно. Имаше многу позитивни критики кога ќе дојдев да играм за репрезентација, но тоа што бев лидер во екипата ми даде поголема слобода и ми влијаеше на самодовербата, а и ми дозволуваше да пробам некои нови ракометни работи. Многу ми беше жал кога клубот се распадна по падот на Берлускони кога општо спортот во Италија пропадна финансиски. Потоа се вратив во Македонија и Сергеј Самсоненко ме побара да играм во ЖРК Вардар. Сергеј многу сакаше македонски играчи, тој сакаше да направи база со македонски ракометарки. За Вардар играв сезона ипол, бев дел од тимот кој ја освои првата шампионска титула, како и на првиот Ф4 во Будимпешта кога завршивме трети. На 30 години се решив за крај на кариерата. Не сакав повеќе да одам во странство, како доаѓаа засилувањата не добивав толку голема минутажа како претходно, а истовремено стигна и понудата од Самсоненко да влезам во проектот Женска регионална лига и решив да ја завршам со кариерата. Поради административни проблеми Женската регионална лига не се реализираше, па Сергеј одлучи да ме постави за заменик директор на машката и женската екипа, функција која ја вршев четири или пет години пред да му станам асистент на Парондо.“
ЖЕНИТЕ НЕ ГИНЕА ЕДНА ЗА ДРУГА КАКО МАЖИТЕ
И играчки и административно, и тренерски Билјана Црвенкоска беше дел од ЖРК и РК Вардар кои функционираа под „капата“ на Сергеј Самсоненко. Како најсестраниот човек во клубот која е разликата меѓу машката и женската екипа. Што е она што мажите го имаа, а жените не, за да дојдат до шампионска титула во Европа?
„Тимски дух, дефинитивно! Тој се гради во соблекувалната меѓутоа не е само тоа ние да излеземе и да пиеме кафе 20 ракометарки, туку да излеземе и да се бориме една за друга на натпревар. Жените го немаа тоа, без разлика колку и да делуваше дека го имаат. Јас бев дел од таа екипа со 90 посто од ракометарките, но ја немаше таа атмосфера, иако од страна можеби делуваше поинаку. За разлика од нив, мажите може не пиеја кафе заедно, но кога ќе излезеа на терен знаеја дека еден за друг гинат и дека сè ќе направат за да му помогнат на другиот на терен, кај жените не. Можеби и ние како жени сме такви, секогаш бараме виновник во другиот, меѓутоа таа беше единствената разлика, условите беа исти и за едните и за другите.“
ЖАЛАМ ШТО СЕ РАСТУРИ „ЦРВЕНО-ЦРНАТА“ ФАМИЛИЈА
„Нешто за што вистински жалам е што се растури таа „црвено-црна“ фамилија, што Вардар не продолжи да биде тоа што беше. Вардар се уште постои и машкиот и женскиот тим, но беше особено тешко да се гледа она што му се случуваше на РК Вардар, особено во последната сезона“, вели Бибе и продолжува: Но од друга страна најгорда и со најмногу емоции се враќам токму на тие титули, европската круна во Келн и шампионскиот пехар во СЕХА. Играчки, еден натпревар ми е длабоко врежан – за репрезентација против Исланд во Куманово, некои квалификации за СП. Добив шанса да играм во реваншот и така ми тргна, постигнав 11 гола. Салата преполна, јас 19-20 години, цела публика ми го скандира презимето, тоа ми буди емоции и е незаборавно.“
ПИСОНЕРО И РАУЛ МИ БЕА ГОЛЕМА ПОДДРШКА
Во почетокот на работата во КЛ7 Црвенкоска најголемата помош за да го примени шпанскиот систем го добива од Писонеро и Гонзалез.
„Писонеро многу ми помогна на почетокот на тренерската кариера во КЛ7. Бев во постојан контакт со него, дури и ми покажуваше вежби и акции во напад и во одбрана кои може да ги применам на тренинг. И од Раул имам голема поддршка, единствено со Роберто не останавме во комуникација, тој е позатворен тип. Сфатив дека најдобар начин да ги придобиеш играчите е ако имаш знаење, и само така ќе создадеш авторитет, ако она што го зборуваш и што ги учиш тоа го тренираш и носи резултат. Така се гради авторитет. Тоа го увидов и во КЛ7 каде многу често знаев да им речам на играчите дека некои работи не се такви затоа што јас така сакам туку затоа што така треба да биде и тие го исполнуваа. Се надевам дека научија многу и дека почнаа да го разбираат ракометот. Во Mакедонија ние го знаеме ракометот, но ретко кој всушност го разбира ракометот, која е поентата. Сите ги играме акциите, но зошто ги играш, каде и кога треба да ги играш и како тоа е многу важно и сето тоа го научив од шпанскиот систем.“
ТРЕНЕРСКАТА РАБОТА НАЈМНОГУ ЈА ЦЕНАМ
По сите овие улоги и функции во ракометната сфера каде се гледаш себе во иднина?
„Не знам, може ќе сменам уште некоја професија! (се смее) За некој период како прв тренер, каде не знам и не ми прави разлика дали тоа ќе биде машка или женска екипа. Работев и со едните и со другите, и ако на почетокот во Вардар се мислев да не направив грешка, дали ќе се вклопам или не, сега немам проблем. Искуството ми вели дека можам да работам и со едните и со другите. Ја сакам тренерската работа, секој тренинг, секој меч, секој ден е предизвик, и поради тоа можеби малку повеќе ја вреднувам од другите функции.