ИНТЕРВЈУ АЊА АЛТХАУС: Се восхитувам на страста, љубовта и талентот кои ги има македонскиот ракомет

Долги години за македонската спортска, особено ракометна публика беше незамисливо една германска ракометарка да дојде и да настапува за наш клуб, но Ања Алтхаус беше првата која имаше храброст да го стори тоа. Германската репрезентативка три сезони го носеше дресот на ЖРК Вардар, но Скопје и го освои срцето засекогаш. Таа стана македонска снаа и по две ипол години откако официјално му кажа збогум на ракометот нашата престолнина за неа е дома и е нејзина крајна дестинација.

Ања потекнува од ракометно семејство, нејзината мајка, двете тетки (близначки), биле ракометарки, татко и исто така бил спортист, кој поради повреда на коленото рано става крај на кариерата. За себе вели дека пораснала во сала (мајка и била активна ракометарка по нејзиното раѓање, а со едната од тетките играла во ист тим на почетокот на кариерата). Имала обиди во кајак, кану и пинг-понг, но ракометот ја освоил од прва поради нејзиниот темперамент и енергијата која ја носи во себе и ден денеска.

Играла и како лев бек, но кога дошло времето да се одлучи која ќе биде нејзина позиција тогаш немало дилеми, кружен напаѓач. Како пикер ќе освои три титули во Лигата на шампионите (две со Виборг – 2009, 2010 и една со Ѓер во 2018 година). Кариерата и почнува во Магдебург (пред да биде одлучено да има само машки тим), има настапувано и за Триер и Турингер во Бундеслигата од каде дојде во ЖРК Вардар во 2014, со кој трипати беше на Ф4 во Будимпешта и одигра едно финале. „Црвено-црниот“ дрес требаше да го даде и нејзиниот среќен крај, но само месец дена откако се одлучи да стави крај на кариерата стигна понуда која не се одбива. Европскиот првак Ѓер ја бараше во неговите редови, таа се предомисли, одигра уште една сезона и од кровот на Европа, на 36 години се одјави од ракометот, барем играчки. Зад себе има настапи на Европски и Светски првенства во сите возрасни селекции на Германија, на Олимпијадата во Пекинг, за конечно во 2016 да се збогува од националниот тим.

Откако заврши со активното играње се врати во Скопје и стана македонска снаа и полека се адаптира на еден поинаков ритам на живот. Поради пандемија има скромен круг и места на движење, а интервјуто го направивме во едно од нејзините омилени места, “Маркт кичен”. Сега работи на следниот чекор, добивање на тренерска диплома. Година дена беше дел од женскиот клуб Спартак, но на почетокот на сезонава ја прекина соработката поради различни ставови со менаџментот на клубот. Додека се обидува да го најде своето место на ракометната сцена во Македонија, паралелно работи за ЕХФ како заштитно лице на женската Лига на шампиони, но и на уште неколку проекти од европската „куќа на ракометот“.

Ања Алтхаус во Вардар

„По завршувањето на кариерата добив понуда од ЕХФ да бидам дел од нивниот медија тим како заштитно лице во женската Лига на шампионите и кога ќе се појавам јас на некој меч, тоа значи дека е ’меч на неделата’. (се смее) Ова е убава можност за мене да видам како е од другата страна, надвор од теренот, и да ги видам работите од друга перспектива. Во нормални услови беше навистина возбудливо и интересно да се работи, последниве неколку месеци поради пандемијата е сосема поинаку. Работиме од дома, он лајн и се трудиме преку интернет најдобро што знаеме и умееме да го доближиме ракометот и ’мечот на неделата’ и во женската и во машката ЛШ до навивачите во нивните домови. Не е лесно, седиш сам дома и се обидуваш да бидеш енергичен, возбуден, да пренесеш некоја емоција… Различно е и поинакво и да бидам искрена ми недостасуваат патувањата и интеракцијата со фановите, спонтаноста, средбата со пријателите и поранешните соиграчи. Но од друга страна среќна сум доколку со она што го работи комплетниот тим во ЕХФ успеваме барем малку да внесеме среќа и да ја разбиеме монотонијата во домовите на публиката која не следи на социјалните мрежи“, објаснува Ања Алтхаус и продолжува: Проект кој го работам исто така за ЕХФ и на кој сум особено горда е ’Почитувај го твојот талент’. За жал поради пандемијата во моментов е во мирување, но неговата цел е ракометни ѕвезди и поранешни играчи (на пример јас бев на ЕХФ Шампионати во Литванија и Грузија) да го споделат своето искуство (добро или лошо) со младите играчи и да им помогнеме да ја кренат самодовербата преку нашите лични примери. Исто така имавме и еден тренинг камп со млади ракометар(к)и во Виена, но не трениравме ракомет, туку разговаравме за медиуми и социјални медиуми, едукација и тоа како да се однесуваат кон нив, односно како да се однесуваат надвор од теренот што исто така е особено важно при градењето на еден ракометар како целина.“

ТРЕНЕРСКА ВИЗИЈА ЗА СЕБЕ

Паралелно Алтхаус веќе има и завршен Модул 1 во организација на РФМ и го чека стартот на Модул 2, што е важно за тренерската кариера во која се гледа понатаму.

„Навистина уживам во ова што го работам за ЕХФ, но да бидам искрена себе си се гледам како ракометен тренер. Тоа го сфатив по скоро една сезона во Спартак, со кој ја прекинавме соработката, и навистина ми недостасува тренерската работа. Бидејќи како тренер се гледам себе си во иднина почнав да ги правам првите чекори, во Дојран бев на семинар за Модул 1, кој успешно го завршив и сега чекам да почнат предавањата за Модул 2. Имам доволно знаење и искуство собрано низ кариерата. Германка сум и основите ми се од германската школа, играв во Скандинавија имам попримено и од тој систем, во Вардар игравме по шпански систем, во Ѓер унгарски… сега потребно е сето тоа да го вклопам во некој мој систем, а потоа и да најдам начин како да го пренесам на следните ракометни генерации. Реалноста е дека во сала се чувствувам добро, тоа е некоја моја природна средина и таму можам да го наботам она што најмногу го сакам – ракометот.“

По заминувањето од Спартак не доби понуда од некој друг македонски тим?

„Имав понуда од КЛ7, имавме и два состаноци за да работам со машки и женски тим во нивната Академија, но едноставно не најдовме заеднички јазик околу условите за работа.“

Дали размислуваш за сопствена школа?

„Да, би сакала, но иако јас живеам во Македонија подолго време, се омажив тука и ја сметам Македонија за втор дом, сепак се уште сум во некој процес на пронаоѓање. Претходно бев Ања ракометарката, а сега сум Ања поранешната ракометарка, која се обидува да го најде својот пат и начинот на кој работите се прават и функционираат во оваа средина. Треба да го најдам вистинскиот начин, вистинските контакти и вистинската поддршка за да можам да ги реализирам многуте идеи и визијата што би сакала да правам. За тоа ми требаат добри партнери и некој кој ќе сака да ми даде можност навистина да работам. Ќе бидам искрена, јас знам која сум и што имам постигнато во мојата кариера и не чувствувам потреба дополнително да се експонирам. Сакам да работам со деца затоа што во Македонија има неверојатни деца и многу талент и навистина се надевам дека ќе најдам ангажман кој ќе ми помогне да работам, да го пренесам своето знаење, искуство и енергија кои ги имам и да се изградам и како тренер.“

ПОТРЕБНА Е ПОГОЛЕМА ИНИЦИЈАТИВА ВО МАК-РАКОМЕТОТ

Кога сме на тема талент, потенцијал и гордост што ракометот е спорт број еден, Алтхаус смета дека недостасува уште поголема иницијатива за уште повеќе да се крене нивото на овој спорт.

„Македонија е многу горда особено на својот ракомет, но не ми е јасно зошто луѓето не работат на тоа да стане уште поголемо и подобро. За една година имате Европско првенство за жени во Македонија, а од она што го видов додека работев во Спартак има толку многу деца кои имаат страст за ракометот, го сакаат и сакаат да играат ракомет. На пример кога одам во Германија пријателите ми велат дека е многу тешко да се најдат деца за да тренираат ракомет. Тука ги има, многу, но го нема вистинскиот начин на работа и вистинските услови за работа со нив. Почнувам да сфаќам како функционираат работите во Македонија, но од друга страна кога ќе размислам дека со едноставни работи може толку многу да се придонесе за ракометот навистина ми е нејасно зошто нема иницијатива. Има толку многу можности, а никој не ги користи и тоа за мене е тажно. ЕП е одлична шанса и уште од сега треба да се почне со подготовка на децата за следната година тие да ја наполнат салата кога ќе игра репрезентацијата и да гледаат на нив како на идоли, некој кој ќе сакаат да станат во иднина. Моето прво искуство со Македонија е на Европското првенство во 2008 година и знаете што паметам – полната сала. Публиката тука има страст за ракомет и голема љубов, горди сте на екипата и ја почитувате и кога ќе загуби. Секако разочарани сте по пораз и незадоволни од резултатот, но и натаму се почитува тимот и тоа е нешто што многу ми се допаѓа тука. Сум играла на многу места, на ЕП или СП салите најчесто се празни, но не беше така во Македонија. Замислете ако се направи добра пропаганда, стратегија и подготовка и кога ќе почне ЕП ’Борис Трајковски’ на секој меч да биде полн, колку таа слика ќе значи за женскиот национален тим, таа атмосфера, да почувствува што навистина значи да се игра дома. Таа слика ќе се пренесе низ цела Европа, која веќе добро знае каква поддршка знаат и можат на својот тим да дадат македонските навивачи.“

ХРВАТСКА НА ПОСЛЕДНОТО ЕП ТРЕБА ДА БИДЕ ПРИМЕР ЗА МАКЕДОНИЈА

Кога веќе отиде разговорот во оваа насока морав да ја прашам Ања какво е нејзиното размислување за нашата женска репрезентација со оглед на тоа дека минатиот викенд го следеше настапот во квалификациите за баражот за СП.

„Го следев настапот во квалификациите и мислам дека има потенцијал во тимот, но потребни се мали промени за да биде уште подобро. Ќе направам една споредба со Хрватска на последното ЕП, односно мислам дека Македонија треба да го земе нивниот пример. Тие немаа што да загубат, сите ги гледаа како аутсајдери на првенството и затоа играа од задоволство. Одамна немав видено тим како нив, кој навистина само уживаше да игра, со многу енергија и тоа им донесе резултат. Се држеа како тим и играа од задоволство. Замислете ако игра Македонија следната година со такво задоволство како Хрватска и плус на домашен терен, со таква неверојатна поддршка од публиката, не се сомневам дека имате шанси за добар резултат. Можеби не за финале, но за да бидете пријатно изненадување за кое сите ќе зборуваат на првенството.“

ЗА ПРВИОТ ГОЛ ЗА ЖРК ВАРДАР ДОБИВ „СНИКЕРС“

Ања со такво задоволство зборува за македонските навивачи и нивната љубов кон ракометот, што кога ја прашав што е она што го памети кога ќе помисли на годините во дресот на ЖРК Вардар, логичен одговор беше – фановите.

„Од Вардар најмногу ја паметам публиката! Не можам да заборавам дека по првиот меч одигран за Вардар на кој го постигнав и првиот гол пазарев во маркет и пред мене на каса имаше еден млад дечко. Откако уредно си плати, се сврте кон мене и ми рече: Добредојде во Македонија, го постигна првиот гол за Вардар и многу сум среќен за тебе и сакав да ти дадам нешто и затоа ти купив ’Сникерс’ (чоколатце) Бев толку изненадена и трогната, делуваше неверојатно за мене, таа љубов и тоа почитување! Тоа момче за мене беше одраз на почитта и љубовта на вардаровите фанови кон клубот и кон играчите – неверојатно! Полните трибини, атмосферата, емоциите со кои не следеа и не поддржуваа на секој меч… Понекогаш кога си на терен и имаш тежок момент и се чувствуваш загубен, ако погледнеш на трибините ќе видиш цели семејства како навиваат. Сите се тука (од баба и дедо до најмалото дете) и се даваат целосно себе си во мечот, аплаудираат, скандираат, викаат, пеат. За разлика од Германија или Данска кога публика ќе дојде во сала во Македонија таа не седи само и гледа натпревар, туку е all in! Слично беше и во Унгарија, во Ѓер, и затоа ако треба да направам листа тогаш фановите во Скопје и оние во Ѓер се далеку на врвот пред сите други, затоа што можеше многу убаво да се почувствува љубовта и страста. Од почеток до крај се тука за тебе во натпреварот.“

ВАРДАР НЕ МЕ САКАШЕ ПОВЕЌЕ, ЃЕР Е МОЈОТ СОВРШЕН КРАЈ

Ања Алтхаус на Ф4 во Будимпешта имаше емоционално збогување и најави крај на својата ракометна кариера во дресот на ЖРК Вардар. Месец дена подоцна се предомисли. Европскиот првак Ѓер беше понудата која не се одбива и која ја задржа уште една сезона на теренот.

„Последната година во Вардар не беше најдобрата за мене, беше чудна, имав проблеми со грбот и во еден период се почувствував дека не сакам повеќе да играм. Некој лош сплет на околности, енергијата и желбата не беа исти, а и факт е дека Вардар не ме сакаше повеќе. Јас многу јасно им дадов до знаење дека можам да одиграм уште една сезона, но тие не ми понудија да останам. Од претходно ги прекинав сите преговори и бев спремна за крај, но тогаш дојде понудата од Ѓер, тоа беше понуда која не можев да ја одбијам и затоа ја сменив одлуката и одиграв уште една сезона, и тоа е најдобрата одлука која сум ја донела во кариерата. Сега кога ќе погледнам наназад јас сум најсреќната личност поради тоа. Не затоа што освоив уште една титула во ЛШ, туку во тој тим приказната беше поинаква, енергијата, и горда сум што таму ја завршив кариерата. Ако беше крајот во Вардар ќе ми требаше повеќе време за да му се вратам на ракометот.“

„Сакав кариерата да ја завршам со титула и навистина сакав тоа да биде со ЖРК Вардар и во Македонија, но едноставно не се случи. Премногу размислував и се двоумев дали да ја прифатам понудата од Ѓер затоа што сум личност која стои зад она што ќе го каже, а и се сомневав во себе си. Имав 35 години и иако бев подготвена физички, не бев доволно сигурна дали моето тело ќе може да го издржи притисокот. Го прифатив предизвикот и имав неверојатна сезона, иако бев и повредена, но успејав да се вратам. Не знам дали затоа што ми беше последна сезона и бев многу свесна за тој факт, но го паметам секој детал. Ја имавме најдраматичната завршница во унгарското првенство. Играме последен натпревар во сезоната на домашен терен, но не знаеме дали сме шампиони на Унгарија или не. Моравме да чекаме неколку минути да заврши и другиот меч на ФТЦ кои ни беа главни ривали. Стоиш на теренот, а цела сала тишина и сите го гледаат мечот на телефон и чекаат краен резултат. Го освоивме шампионатот со еден гол разлика, никогаш не ми се случило тоа да го доживеам и да го почувствувам, тој дилириум во салата. Потоа и освојувањето на (за мене) третата европска титула, Ѓер беше крај од соништата.“

ВО ЖРК СИТЕ САКАВМЕ ТИТУЛА, НО НЕ ИГРАВМЕ ЕДНА ЗА ДРУГА

Како и неколкуте екс-вардарки со кои разговарав во претходните месеци, така и Ања потврди дека во ЖРК Вардар недостасувал тимскиот дух и системот, и дека тоа е главната причина што на ниту еден од петте Ф4 во Будимпешта на кои играа не дојдоа до титулата.

„Ѓер беше мотор во кој беше многу лесно да се вклопиш. Само влегуваш со својот квалитет во него, имаше основа и имаше систем. Кога дојдов во Вардар многу ми беше тешко да се адаптирам, не го најдов своето место од прва, дури почнав и да се сомневам во себе, затоа што немаше основа, а немаше ниту кој да ја изгради основата поради константната промена на тренери. Во Ѓер играше тимот, не беше важно кој ќе постигне гол, важно беше да се даде голот и тимот да победи. За споредба кога го игравме последното финале со Вардар против Ѓер во ЛШ мечот отиде во продолжение и на тајм-аутот на лицата и во очите на сите се гледаше паника, недоверба и страв. Кога и да погледнев на клупата на Ѓер ја гледав Аморим како се смее, цело време се смееше. Тоа толку ме нервираше, не можев да разберам како може да се смее во толку напнат меч и тоа ме правеше дополнително агресивна. Се чудев како може да се толку самоуверени и среќни… Година дена подоцна финалето ми беше како дежа ви, само што овојпат го носев дресот на Ѓер и се случува истото – финале со Вардар и одиме во продолженија и си велам ова е лудило. На тајм-аут ги гледам соиграчите и одново сите се смееја, сите си даваа поддршка, како ’Ајде го можеме ова, го правиме заедно, продолжете да се смеете, едноставно е и ќе успееме’. И во тој момент сфатив ова е тим кој се бори еден за друг, и тоа беше разликата. Во Вардар сите како стравот и несигурноста да ја изразувавме преку викање, кое мислевме дека е поддршка, но всушност не помагаше.. За мене тоа е разликата зошто Вардар никогаш не ја освои титулата. На тоа последно финале меѓу Вардар и Ѓер, никој не ни знаеше дека Аморим имала дислокација на прстот на шутерската рака на сред натпревар, дури и ние соиграчите дознавме по мечот. Медицинскиот тим интервенирал и таа играше, постигнуваше луди голови, даваше поддршка… Тоа е тој тимски дух и тоа е она што освојува титули. Не беше важно кој игра, ние другите игравме со него од клупата, а тоа е нешто што го немавме во Вардар. Никогаш нема ништо лошо да кажам за ниту една вардарка затоа што како тим сите ние, а и секоја од нас индивидуално сакаше да ја освоиме Лигата на шампионите, но ја немаше таа атмосфера која ја доживеав во Ѓер. Истовремено во Вардар ја немавме ни основата која на пример ја имаа мажите со Раул. Велат полесно е да освоиш ЛШ кај жените, ќе направиш тим од најголемите ѕвезди, но Вардар е доказ дека не е се во парите. Дека треба време и треба систем. Првите две европски титули ги освоив со Виборг каде играв со сестрите Лунде, со Бојана Поповиќ,… дрим-тим, но имаше систем и секој си го знаеше своето место. Во ЖРК Вардар го немаше тоа. Ја немаше базата на која ќе изградиме нешто и која ќе не донесе до титулата. И на крајот тука беше и фактот дека секоја сакаше да даде гол и да биде таа што ќе ја донесе победата.“

ДАНСКА МЕ СМИРИ, НА БАЛКАНОТ НАУЧИВ САМОДОВЕРБА

Ања не се плаши да прифати предизвик и во се гледа шанса за да направи чекор напред во животот и во кариерата. Па така и со нејзиното доаѓање во ЖРК Вардар. Дали е прва Германка која дошла да игра во Македонија или не, тоа не е важно, важен е проектот и целта која ја имаш.

„По петте години во Виборг и двете европски титули, имав многу сериозни понуди, но почувствував дека сакам да се вратам дома и затоа потпишав за Турингер. По две години повторно бев спремна за надвор и тогаш дојде понудата од Вардар. Во тој момент клубот беше еден од четирите најдобри во Европа, а за мене беше јасно дека сакам нова титула во ЛШ. Проектот беше интересен, тимот со топ-играчи, секако нема да лажам дека платата беше одлична, а условите беспрекорни. Затоа немав предрасуди, а и доаѓам од Германија, играв во Скандинавија, па зошто да не се пробам и на Балканот. Интересно е што како млада ракометарка до 18 години бев многу темпераментна и импулсивна, не знаев да ги контролирам емоциите и бев еден од играчите со најмногу црвени картони во Бундеслигата. Во Данска се смирив и станав попаметен играч. Потоа кога дојдов во Македонија научив да имам поголема самодоверба. Сега кога ќе размислам последната сезона во Ѓер ми е најдобрата во кариерата. Можеби затоа што знаев дека е последна и ја гледав од друга перспектива. Жалам што не уживав во претходните сезони од кариерата онака како што уживав последната во Ѓер, со таква смиреност, со самодоверба. Претходно бев фокусирана и напната, на моменти и заборавав да уживам, без разлика дали со клуб или со националниот тим и поради тоа се случува и многу работи да не паметам затоа што бев во таков ’тунел’ и не гледав ни десно ни лево.“

Како играч кој има освоени три титули во ЛШ, постои ли разлика од првата до третата титула?

„Разликата е голема! Прво, системот беше различен, игравме дома-гости и првите две титули во Виборг ги освоивме на гостински терен. Паметам, првата титула во ЛШ ја освоивме против Ѓер, во арената на Веспрем и по натпреварот поради безбедносни причини моравме веднаш да ја напуштиме салата, седнавме во авион и сите спиеја. (се смее) За мене тоа беше остварување на сонот и не можев да ги воздржам емоциите, но немаше ни со кого да споделам затоа што договорот беше дека екипата ќе остане мирна и фокусирана уште неколку дена затоа што ни остануваше да го одиграме последниот меч за титула во данското првенство. Потоа секако прославивме, но јас го паметам тој момент во авионот кога сите спиеја (се смее). Втората титула ја освоивме во Романија и повторно имавме одложено славење. Мислам дека оваа последната со Ѓер во Будимпешта е единствената на која комплетно и се израдував од последниот свиреж на судијата, па се додека траеше прославата. Многу работи во кариерата ме врзуваат со Ѓер, последниот настап со младинска репрезентација на Германија го имав во Ѓер каде освоивме бронза што беше голем успех за нас и од каде потоа тргна мојата професионална кариера. Првата ЛШ титула ми е против Ѓер и завршувањето на кариерата во тој клуб ми делува како комплетно затворање на кругот.“

КРЕАТОР НА СВОЈАТА СУДБИНА

Во Ѓер го имаше совршениот крај на кариерата, но Скопје и го „украде“ срцето.

„Не помислував дека во Скопје ќе најдам човек со кој ќе се омажам. Ако некој ми кажеше ќе им се смеев. Но научив дека не можеш да го планираш животот, ако се обидеш да го направиш тоа ништо нема да се реализира. Работите постојано се менуваат, една врата се затвора, друга се отвора. Никогаш не можев ни да замислам дека ќе завршам тука, но еве ме и сега се обидувам да се најдам себе си одново. Не жалам за ништо, а и ако жалам, не можам да сменам, па затоа мислам дека се би направила исто. Дури и некое лошо искуство на крајот било добро за мене затоа што сум научила нешто од него, сум пораснала, затоа некогаш и велам не се плашете да правите грешки и не се сомневајте во себе, затоа што иако некоја приказна нема да биде успешна ќе научите нешто од неа и на друго место ќе бидете подобри. Секој од нас сам си ја креира својата приказна, а јас сакам да верувам дека онаа што сега ја почнувам – тренерската, своето место ќе го најде тука, во Македонија.“