ИНТЕРВЈУ АНДРИЈАНА БУДИМИР: Сакам како селектор на машка репрезентација да освојам медал на големо натпреварување

Од ракометарка која пред две децении влезе меѓу легендите со освојувањето на титулата во Лигата на шампионите со Кометал Ѓ.П., Андријана Будимир сега испишува една поинаква историја - тренерска. Таа е единствената жена која во моментов е главен стратег на една машка екипа во домашни рамки, а пред година дена доби шанса и на клупата на кадетската репрезентацијата на Македонија, иако тоа траеше само една акција.

Девојчето кое на осум години пред себе има три опции – атлетика, ракомет или одбојка, се одлучува за спортот кој најмногу и лежи на карактерот и темпераментот, а тој ќе ја однесе низ вртоглаво “возење” во животот. Ќе и донесе и две титули во ЛШ (Кометал и Шлагелсе) бројни трофеи и индивидуални награди секаде каде што настапувала, но и непроценливо искуство. Искуство, кое и е главната водилка во нејзината тренерска функција, која ја има веќе шест години, но за која вели дека “треба уште фурни леб да јаде” додека да дојде до она вистинското.

Кога зборува за нејзината екипа „Скопје“ не може да ја скрие ниту страста, ниту посветеноста со која таа работи со момците, но ниту гордоста на успехот, кој е резултат на шест години макотрпна работа. Амбициите на Будимир не застануваат тука. Фактот дека како играч не освоила медал на ниту едно големо натпреварување (најголемата болка во кариерата) и дава една нова цел во тренерската кариера – како селектор на еден машки национален тим да освои медал на големо натпреварување…

„Сакам да бидам селектор на машка репрезентација, на која било, и станав, а ако се случи да бидам на А тим, тоа ќе биде револуција, но зошто да не!? Секако треба да бидам реална имам уште многу да учам. Не знам дали се гледам во сениорски ракомет, можеби јас сум тренер кој е најдобро да работи со помлади категории и да ги изнесе на вистински пат. Не знам, ќе видиме. Сега почнувам со сениорски ракомет, но убаво е да се има амбиции иако имам уште многу фурни леб да јадам за да се соочам со таков предизвик. Најверојатно поради тоа што не освоив медал со репрезентацијата како играч најголема желба ми е како селектор на кадетска, младинска, било која репрезентација да стигнам до медал на едно големо натпреварување. Ќе умрам од среќа ако се случи тоа. Ќе ја закачам свирката и толку од мене“, ја открива својата најголема желба и амбиција, Андријана Будимир.

Андријана веќе ја предводеше кадетската репрезентација на една акција, а причините зошто е тоа така, не сака да ги коментира.

„Апсолутно заслужив да се најдам на таа позиција. Со години имав најдобра екипа во таа категорија и најмногу репрезентативци имаше од мојата екипа. На сите им беше шок – прва жена во светот што е поставена за селектор на машка екипа, од сите спортови, а особено на Балканот. Честитки ми стигнаа од Хрватска, Србија… се јавуваа од сите страни. Како една феминистка умрев од среќа, но истовремено бев свесна дека тоа е заслужено затоа што ги знам сите деца од таа категорија. Мојот список беше најширок и имав викнато деца од клубови низ цела Македонија. Не може да се лимитира списокот само на Скопје. Кога сум јас во прашање кај мене нема врски. Тоа е национална селекција и нормално е дека ако твојот играч е подобар од мојот, него ќе го земам, нема протекции. Кај мене врските имаат само спротивен ефект. Јас имав многу неправди како играч и знам како боли кога вредиш, а не те викаат во репрезентација. Тренер не смее да биде пристрасен, а доволен доказ дека имам добар список е тоа што ми се јави Зарков и уште неколку други тренери кои беа шокирани затоа што нивните играчи беа на список, ама тоа е затоа што нема дете од таа генерација што не го знам. Секој селектор треба да ја води онаа селекција во која води екипа. Нема логика да водам екипа во Суперлига, а да бидам селектор на селекција 2004, не знам ниту еден играч од таа генерација. Во тој контекст и не би имало логика Брестовац да води генерација 2004. Треба да се постават тренери кои работат и се успешни во тие категории. И се сложувам со тоа дека треба време и простор за еден селектор. Јас имав еден собир со четири тренинзи, со играчи кои првпат се гледаат пред да одиме на турнирот. Ние немаме магично стапче. А, за тоа зошто не останав повеќе од една акција селектор, не сакам да коментирам за да не им дадам важност на неважни луѓе“, децидна е Будимир.

ГОРДА НА СВОИТЕ ПРВОЛИГАШКИ МОМЦИ

Будимир за да дојде во моментот – селектор, прво расте како тренер заедно со нејзината екипа. Приказната започнува пред пет години кога како дел од Академијата на Вардар таа добива селекција од 11-годишни момчиња, кои денеска се натпреваруваат во Првата лига како клуб „Скопје“. Во дебитантската сезона имаат „седум од седум“ победи и веќе обезбеден плеј-оф за бараж за место во Суперлигата.

„Екипата на Скопје е просек од 17-18-годишни момчиња, кои се со мене веќе шестта година. Многу време и труд, и пот, и жртви се вложени во оваа екипа. За мене не беше изненадување што победивме на сите натпревари досега. Не сакам да звучам надмено, но мислев дека ќе биде малку потешко. Не ги знаев противниците и за некои екипи мислев дека се посилни, но имам толку верба во својот тим. Млади се, можат да трчаат, имаат одлична физичка подготовка, Аце Станковски перфектно работи на тоа поле, а истовремено играат и модерен, брз ракомет. Нашите напади не траат повеќе од 10-20 секунди и играме современа одбрана, која ја играат екипи од ЛШ. Очигледно другите екипи не можеа да се снајдат. Моите играчи од мали се учени да играат врвен ракомет. Тоа ми е и желбата како тренер… Еден ден да седам пред телевизор и да велам ова е мој играч, ова е мој играч. А, мислам дека имам неколку од нив кои имаат реален потенцијал да станат играчи. Ние ќе дадеме се од себе сезоната да ја завршиме на првото место во Прва лига, иако РФМ направи таков систем и нема да можеме директно да влеземе во Суперлигата. И да играме бараж, ние ќе се бориме, но мора да бидеме реални дека не можеме да се носиме со екипа од Суперлига во овој момент. Не сакам прерано да ги фрлам во оган. Добро е за искуство што играат со повозрасни играчи и ’јадат ќотек’, но мислам дека има уште многу за играње, ќе видиме што ќе биде.“

САМСОНЕНКО И ВАРДАР МИ ДАДОА ШАНСА И СЛОБОДА

Андријана не си дозволува да заборави дека Сергеј Самсоненко и Вардар се оние кои и дале шанса и слобода да работи и дека денешната екипа е производ на еден концепт и на една визија за тоа како вистински се создава еден тим.

„Многу сум благодарна и на Сергеј Самсоненко и на Вардар затоа што и дадоа шанса и простор и услови на една жена да работи. И тоа на Балкан! Секако Индира (Кастратовиќ) имаше големо влијание. Но факт е дека сите во Вардар имавме слобода да работиме како што ние мислеме дека треба и услови… Кога бев играч не сум имала ни 20 посто од оние услови што децата ги имаа во Академијата. Кога Сергеј ме постави за тренер ме праша што е она што е потребно за еден тренер да успее да направи играч. Му реков турнири, голем фонд на натпревари и тоа и добивме. Настапувавме само на силни турнири со подмладок на екипи кои се дел од ЛШ. Игравме со Веспрем, Загреб, ПСЖ, игравме секоја година против исти екипи за да се види дали држиме чекор со нив во работата. На 11 години да имате опрема, топла сала, патувања, натпревари… Постојано на моите играчи им правам споредби како било во моето време. Сакам да научат да го ценат и почитуваат она што некој им го дал. После мене може нема сите да станат играчи, но дефинитивно ќе станат подобри луѓе. Исто така мислам дека секој играч има пат по кој треба да оди, да качува скалило по скалило. Затоа и не останав во Вардар, ако останев ќе игравме во млади категории, а јас сакам да им дадам реална шанса да направат нешто. Желбата ми е секој од моите играчи, дај боже, да има десет пати подобра кариера од мојата. Да направам нешто од нив, тоа ми е целта.“

ДАМА СО АВТОРИТЕТ

Искуството како играч и помага на Будимир како тренер да не ги повтори грешките на нејзините тренери, но паралелно со тоа се труди да биде строга и да биде авторитет, иако признава дека е две илјади пати потешко да се биде стратег.

„Кога станав тренер сфатив една работа – 2.000 пати е полесно да си играч од тренер. Кога си играч мислиш на тоа само да одработиш тренинг и да одиграш, носиш одговорност, но тоа не е ни приближно како тренерот. Да се вратам назад сега повеќе ќе ги слушам тренерите (се смее), но дури кога ќе дојдеш што се вели во ’туѓа кожа’ сфаќаш како е. Јас сум строг тренер, кај мене нема провлекување, цело време се работи. Тренерот треба да биде авторитет, но така што ќе ја заслужи почитта на играчите. Играчкото искуство многу ми помага да се ставам во нивна ситуација, се пронаоѓам себе си многу пати, се трудам она што моите тренери го правеле лошо кон мене и моите соиграчи, јас да не им го правам на нив. Се трудам да најдам некој баланс. Ги учам дека ракометот е болка и дека кога ракометар ќе стане наутро ако ништо не го боли тоа значи дека е умор. Нема ништо поубаво од тоа да бидеш врвен спортист, но и цената која ја плаќаш е превисока. Мислам дека поради несоодветна работа мене ми е скратена кариерата во однос на повреди, прерано воведување на вежбалница и тегови… Затоа тоа не им го правам на нив. Но не им ни попуштам. Кога им давам тежок тренинг им велам пцујте во себе (се смее), затоа што така јас сум правела како играч. Селекцијата е како сито, некоj психички не може да издржи притисок, некој физички, едно младо дете кое го земавме од Куманово во првите шест месеци повраќаше секој тренинг, но и тоа помина. Звучи како да немам милост, но така се станува играч. И секако уште од мали им правам страшен притисок, само првото место е опција. Но така се наметнува победнички менталитет. Знаете, каде што тие одат сега, јас по третпат се враќам. Најважно е што гледаат дека напредуваат и враќаат, а кога има фит-бек тоа е најдоброто искуство.“

А, зошто машки ракомет?

„Тоа ме прашуваат сите, може затоа што 20 години бев со жени ми требаше малку одмор (се смее). Имам и женска пионерска екипа во школата, одлична генерација, но некако секогаш сакав со машки да работам, а и искрено полесни се од жените. Дали е поради таа спротивна психологија, не знам. Не беше на почетокот добро прифатено, не му беше јасно на никого. Ми се случи со Веспрем кога игравме првпат дојде тренерот до мене и ми бараше фластер, мислеше дека сум физиотерапевт. Јас полудев, ја собрав екипата и им викам сакам да ги ’одерете’. Потоа кога виде дека јас ја водам екипата, се извинуваше… Но, такви ситуација има се помалку, помина време, луѓето се навикнаа и сега им е најнормално. За мене не е важно дали си маж или жена, за мене има добар и лош тренер, успешен и неуспешен. А, поради тоа што сум жена мислам дека тие подобро играат. Мислам дека ги разбирам, тие сепак беа деца кога ги зедов и тој мајчински инстинкт и разбирање го има во мене. А, и мажи водат женски екипи, зошто да не може жена да води машки тим!?“

ТЕШКА ФЕМИНИСТКА

Будимир е тренер на машка екипа, но за себе вели дека е тешка феминистка и дека никој нема право да прави поделби и класификации или да го намали значењето на женскиот ракомет во однос на машкиот.

„Јас сум тешка феминистка и полудувам на некои поделби. Одговорно тврдам дека од 99% од машки играчи во ракомет сум подобра, не треба да има такви класицикации кои ја намалуваат вредноста на женскиот спорт. Да не беше Кометал немаше да има ракомет во Македонија и женска македонска репрезентација. Треба да се почитува тоа! Kометал освои шампионска титула во време во кое немаше Ф4 туку противникот требаше двапати да го победиш за да бидеш првак. Во тоа време женскиот ракомет беше посилен и потежок од денеска машкиот. Треба да се биде благодарен на тие жени, што постоел таков клуб, кој го кренал квантитетот на ракометот воопшто, а со тоа и на квалитетот. Тоа е неоспорно! Жал ми е што женскиот ракомет е таму каде што е денеска и мислам дека сите заедно треба да работиме да го вратиме во живот. Му се восхитувам на Симе Симовски, би му дала орден. Толку години работи со реално слаб квалитет и да губиш цело време, а тој и натаму е ентузијаст и работи и верува… Тоа е навистина тешко!“

КОМЕТАЛ Е ЉУБОВ ЗАСЕКОГАШ

Кога веќе го споменавме Кометал, неверојатен сплет на околности и игра на судбината ја носат Андријана Будимир во Македонија и во редовите клубот за кој вели дека е нејзина љубов засекогаш и во кој таа станала играч.

„Трансферот во Кометал е шанса која на играч еднаш или двапати во кариера може да ти се случи и која треба да знаеш да ја искористиш. Слаѓана Дрониќ, која беше прв играч на мојата позиција во тогашниот мој клуб Напредак Крушевац се повредува на една недела пред дуел со Кометал во ЛШ и јас морам да играм. На двата натпревари имав по десет гола и тоа ми го донесе трансферот. Кометал го елиминираше Напредак, а јас станав негов играч. Но тоа е спортот, на еден ќе му се стемни, на друг ќе му се раздени. Во Кометал ги минав најубавите години во мојата кариера, тоа е љубов засекогаш. Тие играчи со кои играв ме направија и мене играч. Имав и потоа одлични сезони, но ништо не може да се спореди со Кометал. Знаете, не сакав да си одам од Кометал, тука се чувствував како дома, многу ми беше убаво, но со Вања Бојков не можевме да се договориме за смешна цифра. За 5.000 марки беше проблемот и отидов во Подравка за трипати повеќе отколку што барав во Кометал. Јас реално не знаев ни колку вредам, додека не заминав. Парите не ми беа приоритет, сакав да останам, но истовремено сакав и да ме ценат, без оглед што бев млада. Тој ми велеше тоа се многу пари за тебе, ти си мала.“

Во тоа време Кометал Ѓ.П. е и сржта на женскиот национален тим на Македонија. Дали имаше понуда да добиеш македонски пасош и да станеш македонска репрезентативка?

„Да, имаше еден обид додека играв за Кометал, но ги одбив, не сакав. Јас сум дете од мешан брак, но никогаш немав желба да играм за Хрватска и секогаш сум се декларирала како Србинка, а играв за Југославија. Јас сум и дел од последната репрезентација која на едно големо натпреварување слушала како се интонира „Хеј Словени“… Не можам да доловам какво тажно чувство е тоа, крај на една ера.“

ШЛАГЕЛСЕ МИ Е НАЈГОЛЕМА ГРЕШКА ВО КАРИЕРАТА

Будимир, како играч, може да се пофали со две титули во Лигата на шампионите, со Кометал Ѓ.П. и со дански Шлагелсе. И додека за некои ракометарки претставува привилегија да се биде дел од тимот на легендарната Ања Андерсен, за Андријана тоа е најголемата грешка во кариерата.

„На моите играчи не им дозволувам да го понижуваат противникот. Тоа е нешто што најмногу го мразев во Шлагелсе, кај Ања Андерсен. Ања сакаше секого да понижи, затоа и си заминав од клубот. Ние на загревање носевме маици на кои и напред и позади стоеше натпис на англиски јазик ’Навикни се, ќе загубиш’. Таа за тоа велеше дека е психолошки момент, но за мене беше понижување. Од мене и од Бојана (Поповиќ) бараше да дадеме гол со глава. Велеше ’Не ме интересира која на која ќе нафрли, постигнете гол со глава’. Кога ја прашувавме зошто, таа велеше ’Затоа што ми се може!’ Без разлика што со Шлагелсе освоив титула во Лига на шампиони и што имавме сè – од пиле млеко, тоа е најголема грешка во мојата кариера. Во тоа време имавме и наш паркет. Замислете паркет! Тој патуваше два дена пред нас со мајстори каде и да игравме во ЛШ низ Европа. Никому не му пречеше тоа затоа што паркетот имаше амортизација и сите сакаа да играат на таква подлога. Но, не е сè во парите!“

Тогаш зошто потпиша за Шлагелсе?

„Имав договор со Подравка, а потоа требаше да одам во ИКАСТ, но Бојана со која бевме соиграчи од репрезентација ме молеше да одам во Шлагелсе. Кога потпиша и Маја Савиќ, таа уште повеќе настојуваше. Паметам беше септември и ние само што почнавме со Подравка подготовки за нова сезона и ми се јавува Ања (Андерсен) и ми вика сакам да дојдеш да играш за мене. Ние бевме на турнир во Луксембург и три дена по враќањето во Загреб, таа дојде со еден чуден тип со наочари и компјутер. Ми рече дека знае каков квалитет на играч сум и ме праша само колку пари сакам. Јас се обидував да и објаснам дека имам договор со Подравка, дека ова е само старт на сезона, дека има многу време до следната, ама таа не сакаше да слуша. Ми подаде лист хартија за да напишам износ и јас од ’ракав’ истресов цифра со која се надевав дека ќе успејам да пролонгирам. Таа ја погледна цифрата, се консултираше со човекот што беше со неа, ми рече договорено и на лице место го искуцаа и испечатија договорот. Не ми се веруваше затоа што тоа беше износ како што машките ракометари беа платени во тоа време. И сега одново доаѓам до моментот не е сè во парите. Во Данска ништо не се тренираше, трипати неделно имавме тренинг, на почетокот не држеше тоа што сме работеле од порано но потоа дојдоа повреди, ладно, без сонце, долги денови, ужасен живот… Лигата на шампионите ја освоивме само затоа што кремот на европскиот женски ракомет во тоа време беше собран во Шлагелсе. Му се јавив на менаџерот и му реков дека ќе играм и за без пари ако треба само да си одам од таму… И така отидов во Шпанија. Ако не се вратев во Македонија, сигурно таму ќе останев да живеам.“

НЕ ЗНАМ ДАЛИ СУМ ПОДОБАР ИГРАЧ ИЛИ ТРЕНЕР

На почетокот на тренерската кариера Андријана Будимир во едно интервју изјавила ’тоа што била добар играч не значи дека ќе биде и добар тренер’. Ја прашав дали така размислува и сега.

„Пред некое време ме прашаа дали мислам дека сум подобар играч или тренер, не знаев што да одговорам. Долго размислував потоа. Тоа што сум била врвен играч може да помогне само во психолошката подготовка на играчите и на разбирање на ситуации и што можев да им покажам работи. Затоа што децата до 12-13 години учат визуелно. Да бидеш тренер тоа е учење се од нула, подготовка на екипа, на тактика, сум направила милијарда грешки низ годините, но како што тие растеа како екипа, јас растев како тренер. И јас исто како играчите што грешат и јас грешам и многупати сум знаела да им кажам, јас сум крива за денеска. Но она што сакам да знаат е дека во животот сè ќе ти простат, успех никако. А и јас и моите играчи целиме само на високо, кон успехот.“