ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЦАРЧЕВ: Голманите се најсилната алка во репрезентацијата!

Еден од ретките тренери кој може да се пофали дека работел и/или имал влијание во кариерата на низа македонски голмани и голманки е Александар Царчев. Легендата на Вардар, интернационалец и чувар на мрежата и на националниот тим на Македонија во нејзините почетоци. Човекот кој има (безмалку) 60 години, а четири децении, како играч или како тренер несебично се дава на ракометот. Во последните години можевме да го видиме како работи со голманите во ЖРК и РК Вардар, му беше десна рака на Раул Гонзалез во периодот на адаптација во Скопје, прво беше дел од стручниот штаб на женскиот национален тим, потоа влезе и во машкиот, се до јануари годинава. Сега е верен на ЖРК Вардар и е дел од новиот проект, во кој главната мисија му е креирање на идните чувари на мрежата на Македонија.

Царчев на 10 години влегува во ракометот преку училишна селекција на Ѓорѓи Контраденко и има убава генерација со која бележи резултати. Интересно започнува на позицијата лево крило (игра три години), а потоа кога екипата останува без голман на еден тренинг случајно застанува меѓу диреците и таму останува целата кариера.

„Не сакав да бидам голман. Се каравме со тренерот две недели и на крајот ме услови – или ќе бидеш голман или нема да тренираш повеќе, и морав да прифатам“, се потсетува Царчев.

Имал афинитети и кон фудбал и кошарка, но целата негова генерација преминува во РК Вардар, па и тој прави таков чекор. Ги минува сите младински филтри во клубот, дел е и од младите селекции на Македонија со кој настапува на меѓурепублички турнири во поранешна Југославија, а потоа влегува во првиот тим и игра во екс-Ју Суперлигата каде занатот го „кали“ делејќи го просторот меѓу диреците со Ванчо Јовановски и Љуан Чаволи. Покрај Вардар, кој му е прва љубов, во Македонија уште настапувал и за Пелистер, Металург, Тутунски Комбинат Прилеп, Македонија Марко Поло, Тиквеш…, а интересно е дека гради и интернационална кариера во Будуќност, додека најзабележителни му се настапите во шпанската АСОБАЛ лига, во Баломано Конкенсе (денешен Куенка) и Естудијантес од Аликанте.

Царчев на 45 години се одлучува да се збогува со активното играње ракомет, по кое две-три години воопшто и не влегува во сала и функционира надвор од спортот, за во 2012 година кога Сергеј Самсоненко влегува во македонскиот ракомет, тој прво да започне со работа во ЖРК Вардар, а потоа паралелно дејствува и во Академијата и во РК Вардар.

Како тренер работел со ѕвезди како Ина Суслина и Арпад Штербик, но може да се пофали дека ги создал актуелните македонски репрезентативци Марко Кизиќ и Васил Гогов, како и Драгана Петковска, Јована Мицевска, Андреа Илиќ…

„Сакам да пренесам знаење! Поголем предизвик ми е да создадам голман, отколку да работам со професионален играч. Повеќе работа има, но тоа е убавината, да успееш како што велат од ’дрвче да изделкаш свирче’ – тоа ја грее душата. Имам големо почитување од сите ракометарки или ракометари со кои сум работел, имаме убава комуникација и јас растам заедно со нив, како што тие растат во нивните кариери. Не ми прави разлика дали работам со момчиња или девојчиња, пристапот е важен. Тие сите се деца за мене и јас се поставувам како родител и се трудам да го извлечам најдоброто од нив на голот. Сите сме кратко на овој свет и убаво е да оставиш нешто зад себе и да продолжиш нешто, јас тоа им го велам и на играчите дека тие се мои ќерки и синови. На нивните родители им потенцирам дека тие им дале ген, им дале живот, а јас им давам ракометен живот и тоа ми ја носи главната сатисфакција, друго не ми е потребно“, потенцира уште на стартот Александар Царчев и додава на шега: „Спортот за мене е секогаш првата и најдобра опција, цел живот адреналин, иако сега на постари години на телото ги чувствувам последниците од професионалното спортување.“ (се смее)

Царчев од 2015 година циркулираше како тренер на голманите и во машкиот и во женскиот национален тим (еден период и паралелно работеше), а беше и дел од стручниот штаб на сениорите на четири големи натпреварувања во низа, односно до Светското првенство во Египет.

„Голманите дефинитивно се најсилната алка која ја имаме во репрезентација. Претходно на големите натпреварувања немавме голем процент на голманите од 20 до 28 посто, но по моето доаѓање и одличната соработка со Борко Ристовски и Никола Митревски, на последните три – четири натпреварувања во серија голманите имаат фантастичен процент. Ние голманите сме посебна банда (се смее). Факт е дека една силна екипа треба да има еден добар голман, а ако има два тогаш тоа е пола тим. Колку значи еден голман, последен најдобар пример е Барселона која ја освои Лигата на шампионите затоа што го имаше Перез де Варгас. И Вардар во 2017 ја освои ЛШ затоа што го имаше Штербик. Да се вратам на репрезентацијата, ме радува што има одлична комуникација, а и сега им е лесно на голманите – има видео анализи, до детаљ се знае играта на противникот. На тренерот е само да го потсети, да даде некој совет од клупата за учинокот на теренот да биде подобар. Имаме и одлична иднина Томовски, Кизиќ, Гогов – голот е позиција која знаеме дека ни е покриена во следната деценија.“

КОМАНДАНТ НА ОДБРАНАТА

Колку одбраната 5-1 со транзиција во 6-0 што ја играме во последниве години им помага на голманите?

„Кога јас бранев се играше одбранбена зона 3-2-1, само Русите играа 6-0, но тие беа високи по два метри и кога ќе ти застане таква дефанзивна линија голот делува како ’зад куќа’ не можеш да го видиш. (се смее) Југословенска школа беше 3-2-1 одбраната и гледам дека се повеќе екипите и се враќаат со трансформација во 5-1. Во таков случај противникот треба да има многу силни бекови за да шутираат од надвор и со тоа е полесно за голманите да бранат. Знаете како – голманот е командант на одбраната и се се прави во договор и според поставената тактика за одреден играч. Но, нема дилеми дека одбраната е таа која го добива натпреварот и дека голманот е 50% од екипата.“

По промената на стручниот штаб во машкиот национален тим и доаѓањето на Кирил Лазаров за селектор, Александар Царчев останува надвор од репрезентацијата.

„Разговарав со Лазаров, но немаше никакво објаснување зошто во моментов нема тренер на голмани. Тоа е негова одлука која треба да ја почитуваме“ – кусо објасни Царчев.

САМСОНЕНКО МЕ ВРАТИ ВО РАКОМЕТОТ

Царчев на ракометната сцена во Македонија се враќа со проектот на Сергеј Самсоненко во ЖРК и РК Вардар, во кои влегува сосем случајно. Неговата сопруга Живка Царчева, која е поранешна одбојкарка во ЖОК Работнички Фершпед и екс-македонска репрезентативка соработува со Русинот. Интересно е дека Царчев во тој период е во одбојкарски води (поради неговата ќерка која исто така е одбојкарка) и е потпретседател на ЖОК Вардар, клуб, кој функционира под капата на УНЕСКО, како проект за развој за одбојката. Кога се создава простор да му се врати на ракометот тој го прави тоа.

„Во периодот кога правев пауза од ракометот се ангажирав во одбојката, затоа што мојата сопруга е поранешна одбојкарка, а и ќерка ми тренираше одбојка до 20 години, а потоа се одлучи да замине од Македонија. Сопругата соработуваше со Самсоненко, кој во 2012 година го направи проектот ЖРК Вардар и ме ангажираше за тренер на голманите. Потоа го зеде и машкиот тим, се формираше и Академијата. А, кога во јануари 2014 дојде и Раул Гонзалез, со оглед на тоа дека одлично го владеам шпанскиот јазик, а и имам играно во Шпанија добив задача да му помогнам на Раул да се адаптира во Македонија. Од таму работите сами си се редат. Паметам, со оглед на тоа дека до 45 години бев активен ракометар се шегувавме со Сергеј да се реактивирам. Немаше голмани во машкиот тим и му велев ’Јас можам да бранам ако ми дозволиш да имам само три тренинзи неделно. Имам многу повреди инаку ќе бранам и во ЛШ без проблем’“ – се потсетува тренерот.

„Мојата врска со Шпанија е силна, ја чувствувам како втора матична земја. Играчки минав преубави години таму, подоцна кога ставив крај на кариерата соработував со МПДЛ – шпанска хуманитарна организација, која помагаше во сите држави од поранешна Југославија со исклучок на Македонија за време на војните. Бевме чести гости со сопругата на Шпанска амбасада, помогнавме во процесот на збратимување на Скопје и Сарагоса како градови и навистина имам многу пријателства и соработници Шпанци. Паметам Раул кога дојде во Македонија ми велеше: ’Тебе цела Шпанија те знае’ (се смее) Целиот тој период и со Раул и со Давид, па и Парондо потоа, јас соработував со нив. Преголемо искуство и привилегија е да кажеш дека си можел да соработуваш со такви тренери како нив, но и со играчи од калибарот на Штербик, Милиќ (Џамбо), Малумбрес, Ангелов – Диви беше дел од таа екипа. Секако, морам да напоменам дека Симиќ беше тренер на голмани во РК Вардар, но заедно имавме одлична комуникација и соработка. Суслина и Лејно беа кај жените… Потоа работев со Кизиќ и Гогов во вториот тим, Петковска, Мицевска во женската екипа…“

РАУЛ ТРЕБА ДА МЕ ЗЕМЕ ВО ПСЖ ЗА ДА ОСВОИ ЛШ

„Се потсетив дека Раул секогаш се шегуваше дека прво е одбраната, па пет-шест метри, па голман. Дека голманот е во втор план. Јас пак му велев дека без добар голман никогаш нема да победи натпревар. И ден денеска му се враќа тоа по глава, еве и на последниот Ф4 во Келн, во полуфиналето, ПСЖ загуби затоа што голманите не му бранеа. Му велам да ме земе за тренер на голмани во Париз за да освои Лига на шампиони, но чудна екипа е тоа, немаат тренер на голмани. (се смее)

МОРНИЦИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ – ПОЛНА „БЛАУГРАНА“ АПЛАУДИРА НА ПРОТИВНИЧКИ ИГРАЧ

Шпанската „врска“ во случајот на Александар Царчев е пресилна и тој и неговото семејство ја негуваат веќе 26 години, од 1995 кога како играч се појавува во АСОБАЛ па до денеска. Поради тоа и најдрагите спомени кои ги има во играчката кариера се врзани со настапите за тамошните клубови.

„Минав три години во Шпанија, но оставив навистина силен впечаток додека играв таму, можеби затоа и Раул секогаш се шегуваше дека сите ме знаат. Братислав Обучина требаше да биде тренер во Баломано Конкенсе, тој ме донесе, но не сакаше да посетува семинари за тренери (велеше: јас сум доктор за нив), но без семинарите не му дозволија да го води тимот, па донесоа млад тренер, на кој му бев советник. Таму имав две прекрасни сезони, во кои ако ми верувате се случуваше во серија да имам по 20 одбрани по натпревар. Можеби тоа и најмногу од сè паметам од кариерата. Знаете што значи три-четири илјади публика во „Блауграна“ да аплаудира на противнички играч кој бил најдобар на терен. Против Барса сум имал 18 одбрани иако мојот тим загубил со 11 разлика. Паметам имаше еден среден бек, шпански репрезентативец Масип, три пенали во серија му одбранив. На СП 2019 во Германија се видовме со Томас Свенсон, кој во тој период исто така играше во Шпанија. Играв и за селекција на странци против шпанска репрезентација, ги победивме двапати – тоа се работи кои се паметат.“

ПРВ ТРЕНЕР, МОЖЕБИ, НО ВО СТРАНСТВО

Искуството собрано од 32 години играчка и осум години тренерска кариера Александар Царчев, засега, го пренесува само како тренер на голмани. Тој смета дека е подготвен и да биде прв тренер на една екипа, но времето ќе покаже дали тоа ќе го реализира.

„Среќен човек сум затоа што го работам она што го сакам. Целиот живот сум во спортот и таму се пронаоѓам. Можам да бидам и прв тренер на некоја екипа, подготвен сум и имам доволно знаење и искуство, но најдобро се чувствувам во подготовка на голманите. Предизвикот останува. Ние, тренерите сме со спакуван куфер, работите кај нас се случуваат преку ноќ. Ќе видам што ќе донесе времето. Доколку прифатам да бидам прв тренер на една екипа тоа нема да биде во Македонија затоа што тука ме иритира тоа што не знаеме да си го цениме сопствениот квалитет.“