ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЗАРКОВ: Дојде тивко, ја засака Битола и стана легенда

Кога ќе се споменат најдобрите денови на екипата на битолскиот ракометен гигант кој своевремено „жареше и палеше“ едно од имињата кои секој битолчанец би ги споменал е Александар Зарков. Познат по својата голема борбеност на теренот и пожртвуваност за секоја топка прерасна во една од легендите на клубот кој останува и понатаму еден од брендовите на македонскиот ракомет.

Во моментов Зарков е дел од Еурофарм Пелистер. Работи во втората екипа како тренер на младинскиот тим и е дел од стручниот штаб на сениорскиот состав кој го предводи Александар Јовиќ. Беше и дел од првиот тим во еден период.

Зарков заедно со Иван Марковски стои запишан како оформувач на клубот Работник, кој подоцна стана Еурофарм Работник, а денес после фузијата со Пелистер е Еурофарм Пелистер. Речиси целата своја кариера ја мина во овој клуб каде што дојде уште во 1989 година. Тогаш како еден од најголемите таленти на југословенскиот ракомет пристигна од силната Металопластика за која играше две сезони, а со Пелистер освои голем број на трофеи.

Роден е во Пирот во 1968 година, а Битола е неговиот втор дом. Дојде на 21 година, тука ја најде љубовта на својот живот односно двете љубови заедно со ракометот и остана засекогаш.

Во денот кога сите битолчани се на Широк сокак, недела, ги вративме сеќавањата низ годините кога ја почнуваше својата кариера, кога го доби македонскиот пасош и го облече дресот на репрезентацијата на Македонија, па сè до моментите кога се пресели во тренерската фела.

– Постоеше ли желба додека бевте играч веднаш после завршувањето на кариерата да се преселите во тренери?

„Не постоеше. Мислев дека никогаш нема да бидам тренер. Дека ќе ја завршам кариерата и нема да работам ништо во ракометот или ќе работам како во секој нормален клуб, кој на играчот што значел нешто во клубот му дава некаква функција во екипата. Сепак, во Пелистер тоа не се случи. Јас се сметам за некој што е заслужен и што оставил некаков белег во екипата на Пелистер. Меѓутоа нас тогашното раководство не ѝ направи ниту натпревар за збогување со играчката кариера. Морав да тргнам по оваа работа. Прво една година бев тренер во Пелистер, но со тоа раководство не бевме на иста релација. Јас бев против некои работи кои тие ги правеа и не ми беше својствено за еден голем клуб каков што е Пелистер. Јас сум играл во голем Пелистер и мене ми беше несвојствено клубот да нема пари за плата или пари за автобус и затоа зборував. Затоа бев отстранет од екипата и морав да отворам приватна школа“, вели Зарков навраќајќи се на деновите кога го имаше својот прв тренерски предизвик.

ТОЈ И МАРКОВСКИ ОСНОВОПОЛОЖНИЦИ НА ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР

– Како дојде до идеја за формирање на втор клуб во Битола?

„Со Иван Марковски во 2011 отворивме приватна школа и сега сум навистина задоволен што таа приватна школа прерасна во клуб. Уште тогаш имавме визија и со пет евра да бидеме европски клуб и кога ќе дојдат милион евра да знаеме како е тоа европски. Имаме играно секаде и имаме искуство како тоа би требало да изгледа така што ние и со школата личевме на европски клуб и со опрема и со топки и со услови кои другите школи ги немаа во Битола. Во еден момент ги затворивме сите други школи бидејќи децата дојдоа кај нас. Имавме визија да растеме, но без пари не може да се расте. Дојде време кога имавме пари само за салите да ги плаќаме. Имавме многу деца, многу термини и сите пари ни одеа за салите. Тогаш се појави Силјан Мицевски кој сакаше да влезе како спонзор во нашата школа. Го направи тоа и влезе со услови за веднаш да се натпреваруваме во Прва лига и така почна одисејата на сегашен Еурофарм Пелистер, а тогашен Работник. Многу ми е мило што стигна до клуб кој има европски манири“.

– Која улога е полесна? Дали е полесно да се биде играч или тренер?

„За мене беше полесно како играч. Тогаш размислуваш само за себе, за својата игра, за играчите околу тебе и во одбрана и во напад. Додека играв, жена ми знаеше да ме праша кога е натпреварот, а јас велев во 16:45 треба да сум облечен за натпревар. Не ме интересираше ништо друго. Тренерот ми имаше кажано дека јас треба да сум подготвен во соблекувалната во 16:45 и тоа ми беше врежано во глава. Како тренер сега треба да размислуваш за сè. Треба да размислуваш за секој ракометар дали е добар, да се подготви тактика за секого, па не можеш да направиш тактика, па… Можеби имав среќа што почнав да работам со деца и со нив може да се учи како тренер. Може да се испробаат некои работи со оглед на тоа што не зависи резултатот. Може да се експериментира, дали може ова, дали може она. Ако се нафатиш на работа со екипа која има некоја своја цел тогаш е потешко. Треба да се брка резултат и нема можност да се учи и да се експериментира. Со млади играчи е полесно и секој тренер треба да помине низ овој дел за да почувствува и натпревар и победа и пораз и нерешено“.

ГО БАРАА И ПИК СЕГЕД И ВАРДАР, НО…

– Како се случи толку долго да останете во Пелистер? Сигурно имало понуди на ваша адреса?

„Играв пивот, а кога играте на оваа позиција со 186 сантиметри ќе ти излезат една или две понуди во кариерата за вистински клуб. Мене ми излезе една понуда за во Пик Сегед, но јас не отидов. После ми излезе уште една и не отидов ниту таму и затоа останав толку долго во Пелистер. Заминав во Грција бидејќи сакав да го направам тоа поради атмосферата во клубот, која веќе не беше на потребното ниво и одлучив. Што и да се случи, заминувам. Доколку претходно заминев во Пик Сегед веројатно ќе останев таму како и сите играчи кои играа тогаш во Пик Сегед. Меѓутоа, јас ги пропуштив моите шанси за да заминам во вистински клуб. Затоа останав во Пелистер долго, но тогаш беше и добро да се игра во Пелистер бидејќи игравме во Европа, а го имавме и главниот збор во македонската лига и во репрезентацијата. Кога почнаа работите да одат надолу јас престанав да играм. Поминав убави времиња во Пелистер кога овој клуб беше на врвно ниво. Можеби имаше една или две години во кои не беше како треба, но во сите други бевме вистински клуб“.

– Ве побараа ли некогаш од Вардар?

„Пред да одиграм една полусезона во Металург имав понуда и од Вардар, но никако не можевме да се договориме со претседателот на клубот, Михајло Михајловски. Неколкупати ме бараше за да одам во тоа време во Вардар Ватростална. Тогаш не ми беше ниту предизвик да одам во клубот бидејќи Пелистер беше Пелистер. Кога заминав во Металург направив грешка. Имав понуда од Грција за да одам во Аргос, не отидов поради Пепи Манасков кој ме побара за да дојдам во Металург. Јас дојдов, но после една недела тој си замина и тогаш сè тргна наопаку на полусезона“.

ВО МЕТАЛУРГ ГИ ОБВИНИЈА ДЕКА ПРОДАЛЕ НАТПРЕВАР

– Зошто си заминавте од Металург после само неколку месеци?

„Јас, Марковски, Маљцев, Ангеловски… после натпреварот против Вардар бевме отстранети дека наводно сме го продале. Тоа беше политика. Тогаш престанав да играм и за репрезентација. Не знам дали беше политика на клубот или на некој друг за да ме отстранат од клубот, а со тоа и од репрезентацијата. Шест месеци не играв никаде и го загубив местото во репрезентацијата во период кога почнуваше да се создава тимот за Светското првенство во Хрватска за да влезе некој друг на мое место“.

МУ ИСТЕЧЕ ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ, ДОБИ МАКЕДОНСКИ ПАСОШ

– Како се случи да го облечете дресот на Македонија бидејќи сте роден во Србија?

„Роден сум во Пирот. Кога Македонија се осамостои мојот југословенски пасош ми истече. Тоа време беше опасно за да се вратам во Србија. Војната беше почната, ако се вратев назад тогаш ќе ме собереа и ќе требаше да одам во војна. Јас сум космополит, имам многу пријатели низ цела поранешна Југославија и низ светот така што не ми беше во план да војувам против некои мои другари. Останав тука во Битола за да играм за клубот. Тогаш игравме во Европа и мораше да добијам македонски пасош за да можам да играм. Ми дадоа државјанство, па со тоа почнав да играм и за репрезентација“.

– Какви се спомените од првите два настапи на големите натпреварувања?

„Играв и на Европското првенство во Италија во 1998 година и на Светското првенство во Египет во 1999 година. Тоа се први шампионати, први учества, но ние не бевме сериозни. Тука зборувам и за пристапот кон репрезентацијата и за пристапот кон сè. Не бевме воопшто сериозни. Се вложуваше и малку во репрезентациите. Не би зборувал сега за тоа. Меѓутоа сите резултати кои таму ги направивме беа очекувани кога ќе се земат и направените подготовки. Од моја страна беше очекувано. Искусен сум и можам да размислувам како ќе одиме да играме таму и затоа можам да си дозволам да кажам така. Сепак, беше убаво Македонија да настапи на едно големо натпреварување, а ние имавме две по ред. Потоа таа несериозност продолжи, па не фативме приклучок, кога не елиминираше Израел кој нѝ беше шанса. На првиот натпревар против Израел не беа повикани сите репрезентативци од претходните квалификации што според мене беше грешка. Јас не отидов во Израел бидејќи не ми беше обезбеден билет од Грција каде играв тогаш. Не беше ниту Кире Лазаров, а недостигаше уште некој. Потоа на реваншот се собравме, но не успеавме да ги стигнеме тие десет гола разлика и ја загубивме шансата да влеземе во континуитет. Потоа ни доаѓаа Унгарија и Исланд, па…“

БЕШЕ ПОДГОТВЕН И ЗА СП ВО ХРВАТСКА, НО…

– Рековте дека сте го загубиле местото и не се најдовте во составот на СП во Хрватска? Бевте ли подготвен тогаш за настап?

„Бев подготвен за да играм и на Мундијалот во Хрватска. Јас бев пивот кој игра во два правци. Играв и одбрана и напад и во тоа време тука играа некои странци во Вардар и во Металург, а играчите на мое место немаа минутажа. Не би ги именувал. Ако играв одбрана напад и бев најдобар во лигата на мое место тогаш зошто да не играм во репрезентација. Според мое сфаќање за репрезентација без разлика кој спорт е играат најдобрите во моментот, а не…“

– Зошто имаше толку голем вакуум поминаа десет години од Мундијалот во Египет до Мундијалот  во Хрватска?

„Тогашната репрезентација имаше многу натурализирани Македонци. Таа генерација на Лазаров, Димовски, Мојсовски не беа уште зрели да го издржат товарот на квалификациите, а ние имавме малер бидејќи постојано ни доаѓаа квалитетни репрезентации како Унгарија или Исланд така што немавме среќа и се направи голем вакуум. Сепак, ќе повторам грешката е во организацијата на натпреварот против Израел бидејќи доколку фатевме континуитет ќе ни паѓаа одново некои репрезентации против кои можевме да играме и ќе можевме да играме на првенствата. Тука се погреши и затоа беше тој вакуум. Меѓутоа и поради тој вакуум овие играчи кои ги споменав добиваа на искуство и станаа играчи. Често не сакам да ги коментирам игрите на репрезентацијата на Македонија бидејќи ако критикувам веднаш ми велат дека не сум патриот. Сепак, на многу натпревари имаше место за овие помладите ракометари, кои каде и да е ќе треба да го преземат товарот. Дали ќе бидат подготвени или ќе се калат низ квалификации ќе видиме. Дај Боже да се калат на Европски и светски првенства да не го прават тоа како претходната генерација само на квалификации. Им посакувам сè најдобро и се надевам дека нема да го доживееме истиот вакуум“.

КОСТЕСКИ МОЖЕ ДА БИДЕ НОВИОТ ЛИДЕР ВО НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ

– Постои ли играч кој би можел да биде лидер на младата генерација?

„Лидерот треба да биде комплетен играч. Тој треба да биде комплетен во смисол да игра добро и во одбрана и во напад. Јас бев лидер во Пелистер, но играв најдобро и бев најдобар и можев да имам авторитет кај играчите и можев и да свикам по нив. Ако не си најдобар не можеш ниту да бидеш лидер. Другите ќе речат: ‘Што ми зборуваш, па погледни се самиот како играш’. Не знам дали Кузмановски е подготвен. Тој е безобразен, но дали е подготвен за да биде лидер. Меѓутоа треба да даде и два гола од игра. За да се наметне како лидер тоа треба да го направи со игра, не со мангуплук или не знам… Јас типувам на десното крило Ненад Костески. Тој е добар играч. Без разлика што е крило, јас типувам на него. Од младите играчи тој ми е најприраснат на око, едноставно одговара на она што јас го сметам како играч кој може да преземе и лидерска улога на теренот. Добар играч е и зошто да не биде тој. Кај нас и Алушовски беше лидер. Исто беше добар играч и беше крило. Не е проблем на која позиција играш, важно е да си добар играч“.

– Дел сте од Еурофарм Пелистер. Што очекувате сезонава од овој тим во Лигата на Европа?

„Јас сум инволвиран во работата на Еурофарм Пелистер 2. За првиот тим на Еурофарм Пелистер засега не можеме многу да коментираме бидејќи немаме уште официјални натпревари и не можеме да знаеме колку екипата е подготвена за врвни резултати. Меѓутоа во изминатиот период по игрите кои ги прикажаа во Струга, пријателските со Вардар даваат сигнал дека годинава можат да играат важна улога во Лигата на Европа со оглед на тоа што двапати го совладаа актуелниот европски првак Вардар. Се надевам дека ќе играат добро и ќе траат за да можеме долго да гледаме европски ракомет во Битола“.

НА ТРЕНЕРИТЕ ИМ Е ПОЛЕСНО ДА ИГРААТ 6-0, ЗА 3-2-1 ТРЕБААТ ШКОЛУВАНИ ИГРАЧИ

– Како играч важевте за голем борец на теренот. Во ваше време 3-2-1 одбраната беше специјалитет. Каде се загуби сега таа одбрана?

„На сите тренери им е позгодно да постават одбрана 6-0. Ќе постави играчи на линија и таму има две правила. Ако тргне кон средина излага тројка, ако тргне широко излага двојка и толку е. На сите тоа им е згодно. Одбраната 3-2-1 ја сакам многу за да ја играм. Моите деца во младински категории играат 3-2-1 и никој не може да најде решение односно да не нападне бидејќи никој не е навикнат. Во 3-2-1 има многу ситуации за објаснување и е многу интересно за да се игра. Одбраната 6-0 мене не ми е интересна воопшто. Ниту јас ја играв, ниту мојата екипа бидејќи ништо не се случува. За 3-2-1 бара школуван играч. Лани не можев да најдам играч кој ќе биде преден. Нема човек во светот што сака повеќе да игра од мене 3-2-1. Не можам да најдам преден и не играв. Играв 6-0 што личеше на тоа, но не е истото. Тоа е основната причина. Сега се форсираат високи играчи, а тој висок играч е бавен и не може да игра. Не сака да се ‘степа’, крилата… За таква одбрана пикерот треба да игра преден, крилата на халф, а бековите позади со голем распон на раце. Меѓутоа сега не може да се најде крило кое може да се ‘степа’ со некој бек. Многу влагав во дискусија со Кастратовиќ и компанија кога ќе се сретневме некаде. Дека крилата не можат да играат халфови, а јас упорно тврдам дека можат. Ако не се силни имаат брзина, а денес и крилата креваат тегови во теретана и воедно се и брзи. Во моментот на прием на топката истрчува и не може никој да го помине, но треба мозокот да се вклучи. Играта 3-2-1 е интелектуална и треба да се биде паметен и шмекер за да се игра. На тренерите им е полесно да постават четворица високи и две крила и да не се замараат премногу. Затоа никој не сака да игра 3-2-1, но за мене тоа е зона број 1, во која се случуваат многу нешта“, вели еден од големите борци на теренот, кој сега се обидува сето тоа да го всади во карактерот на младите генерации ракометари во Битола.

Зарков својата кариера ја градеше низ многу тимови. Почна во Пирот во 1984 година, за две години подоцна да се пресели во Шабац и да игра за Металопластика со која има и титула во првенството на Југославија. Од 1989 година е во Битола и до 2000 година го носеше дресот на Пелистер со кој освои пет титули во првенството на Македонија и четири во Купот. Од 2000 до 2003 година беше играч на Дукас во Грција, а потоа одново три години играше за Пелистер. Од Пелистер се пресели во Металург, а потоа одново во Грција каде што беше дел од тимовите на Термаикос и Арион. Во 2010 година се врати во Битола и ја заврши кариерата во Пелистер, а во 2012 година веднаш по завршувањето на играчката кариера стана тренер.