Рускиот интернационалец Тимур Дибиров веќе деветта година го носи дресот на македонскиот шампион Вардар.
Левото крило дојде во Скопје во 2013 година и стана дел од „црвено-црниот“ тим, а сега може да се каже дека е легенда на клубот.
Дибиров откри интересни детали кои досега не беа многу познати за пошироката јавност.
„Моето име Тимур го добив од мојот татко. Еден од неговите најдобри пријатели кој тогаш починал го носел тоа име, па татко ми во негов спомен ми го даде името Тимур. Јас пораснав во Дагестан, тоа е република во Русија, каде што живеат четири народи и сите зборуваат на различен јазик. Воспитуван сум во духот на муслиманската религија, но и јас како и татко ми, се оженив за православна христијанка. Во нашето семејство се почитуваат и христијанските и муслиманските празници, а тоа е многу важно“, вели Дибиров.
Тој откри дека пред да почне професионално да се занимава со ракомет, тренирал и други спортови.
„Кога бев дете тренирав фудбал и кошарка. Знаев дека еден ден ќе станам професионален спортист“, продолжи Дибиров.
Русинот вели дека адаптацијата во Македонија била лесна.
„Живеам во Македонија веќе осум години, тоа е мојот втор дом. Ја сакам земјата, гледам дека луѓето ме почитуваат. Во Скопје се чувствував убаво уште од првиот момент. Ако заминев во некоја друга европска земја, сигурно ќе ми требаше многу повеќе време да се навикнам. Сепак мислам дека кога ќе ја завршам кариерата ќе се вратам во Русија, можеби и во Дагестан каде што пораснав. Кога Вардар ги освојуваше европските титули во главниот град на Дагестан – Махачкала, имаше прослави, не само со моите роднини и пријателски, туку и со локалните спортски работници, кои ми дадоа интересни подароци“, заврши Дибиров.