Продолжува шпанската серија „Купување на Пелистер од Еурофарм“, а денешната епизода е соопштението од страна на Општина Битола во кое се вели дека сметковдствената евиденција на Пелистер е последната пречка за купување на акциите од страна на Еурофарм Работник.
„Општина Битола со политиките на градоначалничката Наташа Петровска се залага за транспарентност, што е потврдено и со прворангираното место по транспарентност на општината од страна на Центарот за граѓански комуникации. Во таа насока, го доставуваме на увид на јавноста предлог договорот за уредување на капиталната и управувачка структура на двата ракометни клубови, кој што треба да биде усвоен на седница на Совет. Истиот е изработен после низа состаноци кои се одржуваа по донесените одлуки од Советот, кои дефинираа чекори од постапкаата. За да се реализира истиот, согласно договорот и член 4 од него, треба да биде извршено книговодствено усогласување. До овој момент градоначалникот на Општина Битола нема добиено уредна документација од РК „Пелистер“, со која се потврдува книговодственото усогласување. На крајот од минатата недела добиен е мејл од страна на „Еурофарм“ во кој што се бара книговодственото усогласување да се изврши, по што градоначалникот во втор наврат вчера испрати дополнителен допис до Управниот одбор на РК „Пелистер“. Завршницата на процесот зависи исклучително од спроведувањето на книговодственото усогласување“, се вели во соопштението.
До кога ќе трае овој процес, која веќе се влече со месеци, останува да видиме во следниот период.