Јакша Вјештица донесе огромна радост на трибините во Радовиш постигнувајќи го последниот гол за домашниот тим со кој освоија бод против Пролет, 27-27 (17-15). Откако истече регуларното времето и остана само можноста за удар од девет метри Вјештица најде пукнатина во одбраната на скопскиот тим и топката мина покрај рацете на голманот Петковски.
Домашниот тим имаше и водство на полувреме, во меч во кој двата тима имаа периоди во кои имаа предност.
Домаќините целосно се потпреа на Здравко Постолов и Јакша Вјештица кои заедно постигнаа 19 гола од вкупно 27 на тимот од Радовиш. Домаќините во последната минута го прекинаа постот од девет минути без постигната гол, и со погодоците на Постолов дојдоа на „минус 1“. Прво Постолов дојде до линијата од девет метри за да го изведе последниот шут, но потоа по сугестија од клупата тој му ја даде топката на својот соиграч. Вјештица ја презеде одговорноста за последниот шут што им донесе голема радост.
Во завршницата на средбата Радовиш влезе со предност од 25-22, но Пролет со серија од 5-0 направи пресврт и во 57 минута имаше водство од 27-25. Остана малку време за пресврт, но и тоа го искористија домаќините.
Кај гостите шест голови постигна Иван Џонов, а по пет Мартин Димов и Ласко Андоновски.
Во следното коло Радовиш гостува во Битоал кај Еурофарм Пелистер, а Пролет е домаќин на Јуниор Кисела Вода.