Ракометарите на Голден Арт КЛ7 продолжуваат да редат победи во Првата лига во рамки на групата Б откако во 6. коло славеа лесна и убедлива победа на гостувањето кај Кичево со 42:27.
Уште од самиот старт се навести кој ќе ги освои бодовите од овој дуел, Голден Арт КЛ7 отвори со 6:1, а во сличен ритам продолжи во текот сите 60 минути. Ивица Илиев беше расположен за игра и во првиот дел постигна седум гола. На полувреме гостите имаа предност од 19:15.
На почетокот на второто полувреме Кичево имаше многу проблеми со реализација што Голден Арт КЛ7 го искористи и обезбеди недистижна предност. Кон средината на вторите 30 минути веќе разликата беше двоцифрена и до крај гостите го потврдија триумфот.
Најефикасен и предводник до победата на тимот на Голден Арт КЛ7 беше Ивица Илиев со 13 погодоци, додека седум гола постигна Давид Даев. Во составот на Кичево по пет погодоци имаа Мојсие Тасески и Филип Шиклевски.