Селекторот на машката сениорска репрезентација на Израел, Драган Ѓукиќ, кој во својата тренерска кариера беше тренер на Вардар, како и селектор на македонската репрезентација, го одбра тимот за настап на традиционалниот турнир „Кроација Куп“.
Како што е веќе познато, на турнирот во Пореч играат Хрватска, Македонија и Израел.
Ракометарите на Хрватска и Македонија ќе је темпираат формата пред СП, додека Израел настапот на „Кроација Куп“ ќе го искористи за проверување на силите пред настапот во квалификациите за Европското првенство 2024.
Израел дуелот против репрезентацијата на Македонија, која нема да настапи во комплетен состав во Пореч, ќе го одигра денес. Избраниците на Ѓукиќ со „коцкестите“ ќе играат еден ден подоцна, односно на 8 јануари.
Ѓукиќ за двата натпревари ќе ги има на располагање Дан Тепер, Јахав Шамир, Том Шем Тов, Орон Бергил, Јонатан Дајан, Даниел Мусинди, Снир Назија, Ади Коен, Алон Оберман, Лидор Пасо, Томер Боденхајмер, Лиор Горман, Чен Либгот, Рам Турканиц, Даниел Френч, Амит Мотула, Надав Низри и Гај Гра, кој има деби повик за сениорите.
Нема да настапат Јоси Апо и еден од најдобрите израелски ракометари – членот на францускиот Лимож, Јоав Ламбросо. Тој доби препорака од лекарскиот тим да го пропушти овој собир. Ламбросо е среден бек, кој потпиша договор со полскиот првак Келце од лето 2023 година.
Во нашата селекција недостигаат Никола Митревски, Филип Талески и Цветан Кузманоски.
Натпреварот меѓу Израел и Македонија се игра вечерва во Пореч од 20:15 часот.