Висла Плоцк на крилата на 19. годишниот голман Јастебски оствари важна победа на домашен терен против германскиот шампион Магдебург од 25-24(14-10) во рамките на 11.коло од Лигата на шампионите. Домаќините имаа предност во текот на целиот натпревар, но во самиот финиш му дозволија на Магдебург да се надева на цел плен. За среќа на полските ракометни фанови одличниот Јастребски не дозволи будеслигашот во последните секудни за прв пат да поведе на овој дуел и да го земе целиот плен. Со 19 одбрани и 44% успешност, Јастребски е човек на натпреварот и сигурно клучниот ракометар за победата на Висла Плоцк на овој дуел.
По три минути игра, ракометарите на Хавиер Сабате имаа предност од 3-1. Гостите од Германија се обидуваа да ја вратат резултатската неизвесност, но сигурните напади за домашниот тим и индиспонираниот голман Портнер кој собра само 4 одбрани во првиот дел, одеа во полза на полските вицепрваци. Сепак квалитетниот бундеслигаш имаше свои шанси, успеа на два пати во средина на првиот дел да го израмни резултатот, недоволно за пресврт. Финишот на првиот дел им припадна на домашните ракометари. Со серија од 4-0 ги завршија првите триесет минути и на пауза заминаа со предност од 14-10.
Расположениот хрватски интернационалец во редовите на Висла, Тин Лучин го постигна шестиот гол, овојпат од линијата за седум метри и ги постави највисоките 15-10 на воведот од вториот дел. Магдебург бргу се освести, за момент возврати со своја серија и ја врати неизвесноста и минималната разлика од два гола. Брзата игра и брканицата по терен која ја практикува германскиот првак не секогаш завршуваше во полза на бундеслигашот. Промашените напади и добрите одбрани на голманот Јастребски ја одржуваа Висла во предност од два до максимални „плус пет“. Последните десет минути германските прваци ги искористија за враќање во игра на овој дуел. Се одржуваа на минимална негатива од еден-два гола и внесоа возбудувања во финишот.
Со голот на Кристијансон, Магдебург го израмнија резултатот на 24-24, а останаа да се одиграат уште три минути до крај. На секунди до последниот судиски свиреж, германскиот првак имаше шанса за преземање на водството за прв пат на овој дуел, но не ја искористија благодарение на тинејџерот на голот на Плоцк.
Житников ја врати предноста кај домашните ракометари, на спротивната страна Јастребски продолжи да блеска и ги одбрани обидите на Муше и Хорке со што заокружи 19 одбранети удари. Во преостанатите неколку секунди Плоцк ја загуби топката, но беше предоцна за реализација на спротивната страна. Висла Плоцк ја прослави третата победа во Лигата на шампионите совладувајќи го Магдебург со 25-24.
Најпрецизен на теренот беше Кристијансон со 7 голови, а го следеше Смитс со 4 погодоци за Магдебург. Кај Висла Плоцк најпрецизен беше Тин Лучин со 6 голови, пивотот Сердио Гунтин постигна 4, а Пирош и Перез беа прецизни по три пати. Голманите на Магдебург имаа 12 интервенции, Портнер 4 во првиот дел и солидниот Јенсен 8 во второто полувреме.
Со овие бодови Висла Плоцк се враќа во игра за осминафиналната фаза, а за последното место кое води таму ќе се бори со ППД Загреб во групата А. Магдебург имаше шанса да се врати на втората позиција на табелата која води директно во четвртфиналето на Лигата на шампионите, но останува на трета позиција со два бода зад второпласираниот Веспрем.