Составот на Јуниор Кисела вода дојде до победа на гостувањето во Кавадарци кај ГРК Тиквеш и приреди изненадување совладувајќи го лидерот во плеј-аутот од Супер машката лига со 31:29. На тој начин внесе голема неизвесност бидејќи во следните шест кола никој нема да биде сигурен на позициите кои носат опстанок.
Од почетокот на средбата тимот на Јуниор Кисела вода влезе подобро во натпреварот и редовно беше во гол до два позитива. Домашните успеваа да се вратат, но освен што израмнуваа друго не можеа на оваа средба.
Гостите делуваа помотивирано и порасположено така што тоа влијаеше и на резултатот. Откако ГРК Тиквеш израмни на 6:6 беше навистина тешко да се следи и да се продолжи во подобар ритам односно да се направи чекор повеќе и да се сврти резултатот.
Ракометарите на Јуниор КВ успеваа да останат до предност и на одмор да заминат со 16:15.
Во второто полувреме играта продолжи во ист стил. Домашните делуваа недоволно мотивирано за да направат пресврт и тоа влијаеше и понатаму на резултатот. Одеше тешко и не можеше да се неутрализира водството на противникот. Иако одново имаше израмнување, сепак, не беше доволно добро за да може и да се дојде до предност.
Откако во 40. минута на семафорот стоеше 21:22 брзо се изменија работите и дојде до 21:24 така што екипата од Скопје дојде до солидни плус три. Сепак, кога требаше истото да се зачува дојде засилување на играта кај домашните и во 50. минута беше 25:25 така што последните десет минути донесоа максимални возбудувања.
Во завршниот дел од средбата голема работа за Јуниор одработи и голманот Петковски, кој успеа да запре неколку удари така што овозможи да се врати највисокото водство. Кога гостите обезбедија 30:27 полека стана јасно дека ќе има изненадување во Кавадарци и дека ГРК Тиквеш ќе го забележи вториот пораз во плеј-аутот. На крајот гостите си заминаа со големи три бода од Кавадарци и победа од 31:29.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ПЛЕЈ-АУТ
ТАБЕЛА