Во седиштето на ЕХФ во Виена, беа извршени ждрепките за групната во Лигата на Европа кај дамите, осминафиналето во женскиот ЕХФ Купот, како и за двојките во 3 коло од машкиот ЕХФ Куп.
Во женското издание на ЕХФ Купот, Македонија нема веќе претставници откако беа елиминирани Чаир и Куманово, но ќе има пет македонски репрезентативки во осминафиналето.
Андреа Седлоска и Локомотива Загреб ќе играат против италијанскиот Салерно, Марија Николиќ и Дајана Јовановска со грчкиот ПАОК ќе се соочат со хрватскиот Бјеловар, додека Ивана Гакидова и Симона Стојановска со српската Наиса за влез во четвртфинале ќе се борат против шпанската Малага.
Ќе има шпански двобој меѓу Гуардес и Елче, како и турски меѓу Јаликавак и Муратпаша. Првите дуели од осминафиналето се на програмата на 9 или 10 јануари, додека реваншите се една седмица подоцна.
Во машкиот ЕХФ Куп, Македонија нема претставници. Најинтересни од 3 коло би требало да бидат оние натпревари меѓу словенечкиот Горење и финскиот Кокс, белоруската Машека и рускиот Саратов, како и австрискиот Ферлах и норвешкиот Драмен.
Натпреварите од 3 коло се играат на 12 или 13 декември, додека реваншите се една недела подоцна.
Единствениот македонски претставник во групната фаза од Лигата на Европа ќе биде Јована Саздовска со нејзиниот тим Дунареа Браила. Романскиот претставник се најде во групата Д заедно со унгарскиот Шиофок, рускиот Кубан и францускиот Флери Луар.
Натпреварите од групната фаза во Лигата на Европа започнуваат на 9 или 10 јануари, и ќе се играат за викенд за разлика од мажите, кои играат во вторник.