Во онлајн гласањето спроведено од страна на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната.
По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.
Во идеалниот тим се најдоа по еден ракометар на Пролет, Тиквеш, Работнички, КЛ7, Струга и Бутел, како и тројца на Металург, а најдобриот тренер доаѓа од КЛ7, иако повеќе не е предводник на оваа екипа.
Гласањето беше спроведено на страницата на 24ракомет во периодот од 13 јануари до 31 јануари и беа забележани над 32.000 гласови. Еден ракометар што се најде во иделаниот тим има над 10.000 гласови – КРИСТИЈАН СИМОНОСКИ, пивотменот на ГА КЛ7.
Погледнете го изборот на најдобрите седум според позиции и бројот на освоени гласови.
ДАВОР ПАЛЕВСКИ (ПРОЛЕТ) – 7.427 гласа
Беше најдобар стрелец на Работнички и во Суперлигата последните две сезони, а од оваа година има нов предизвик во тимот на Пролет. Тој е еден од најквалитетните ракометари во тимот и имаше голема улога во пласманот на Пролет во плеј-офот.
ЈАНЕ ЈАНЧЕВ (ТИКВЕШ) – 8.400 гласа
Искусниот кавадарчанец по интернационалните искуства во Мароко, Тунис и Финска, се врати во Македонија и по настапите во Прилеп и Охрид, му се приклучи на матичниот клуб Тиквеш. Лани беше лидер на тимот кога беше обезбеден пласман во елитното друштво, а и оваа сезона е меѓу најдобрите стрелци.
СТЕФАН КРСТЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ) – 7.150 гласа
Ресенчанецот долги години игра под палката на Стојан Петрушевски, но се чини дека оваа полусезона напредувал најмногу. Заедно со Ончев се главните играчи во нападот на Работнички. Крстевски освен што има одличен шут за централен бек, често соработува и со пикерите, па од него тимот има голема полза.
МАРТИН СЕРАФИМОВ (МЕТАЛУРГ) – 8.055 гласа
Македонскиот репрезентативец се профилира во играч што може да ја повлече екипата и да биде лидер на теренот. Одличен пеналџија и меѓу најдобрите стрелци во екипата од Автокоманда.
ЗЛАТКО ХОРВАТ (МЕТАЛУРГ) – 7.571 глас
Хрватот сигурно е еден од најдобрите странци што заиграле во Македонија. Иако не ги одигра сите суперлигашки натпревари во финишот на есенскиот дел, Хорват претходно беше најдобар стрелец на тимот од Автокоманда.
КРИСТИЈАН СИМОНОСКИ (ГА КЛ7) – 10.569 гласа
Стружанецот се наметна како еден од лидерите и најдобри стрелци на Голден Арт КЛ7, а многумина ракометни стручњаци во него гледаат пивот за иднината на македонската репрезентација.
МАРТИН ЈОВАНОВСКИ (СТРУГА) – 9.462 гласа
Битолчанецот по враќањето од странство реши да се потпише за Струга и не погреши. Бранеше во одлична форма во регуларниот дел и тимот предводен од Наум Танески не може да се замисли без него.
ВЕЛКО МАРКОСКИ (МЕТАЛУРГ) – 9.781 глас
Поранешниот репрезентативец беше бедемот во одбраната на тимот на Металург кога најмногу требаше. Иако не ги одигра сите дуели од регуларниот дел во Суперлигата, сепак и тој заслужено се наоѓа во овој избор.
МАРКО МИТЕВ (БУТЕЛ) – 8.908 гласа
Средниот бек ја игра втората година во суперлигашка конкуренција и покажува дека Бутел Скопје има одличен спој со искусниот Печенковски на средната бековска позиција. Одличен е во играта на еден на еден и нема сомнеж дека го чека убава иднина.
АНДОН БОШКОВСКИ (ГА КЛ7) – 8.705 гласа
Докажаниот стратег повторно не успеа да остане подолг период во еден клуб, ама направи добра работа со младиот тим на КЛ7 и малку недостигаше да го одведе во разигрувањето за титулата уште во првата суперлигашка сезона.
Им честитаме на најдобрите..