ИЗБРАН ИДЕАЛНИОТ ТИМ – НАЈДОБРИТЕ ВО ЕСЕНСКАТА ПОЛУСЕЗОНА ВО СУПЕР ЛИГАТА (ФОТО)

Во изборот на ол-стар тимот на есенскиот дел од сезоната во Супер машката лига учествуваа и овој пат читателите, новинарите и редакцијата на 24 Ракомет, која и го организира изборот. Вообичаено се бираа играчи кои се најдобри по позиции, но и најдобри дефанзивец, млад ракометар и тренер.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. Како единствен специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од Jamieson начите читателои гласаа за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната. Во гласањето беа вклучни и новинари кои следат ракомет од другите медиуми во Македонија, заедно со редакцијата на 24ракомет.

Над 300.000 гласови собраа финалистите во изборот, а најмногу гласови имаше за голманот Никола Матовиќ од Струга за кого гласаа 8.125 гласови од читателите. Повеќемина добија над 7.000 гласа – Дибиров, Талески, Гаџа, Георгиевски, Јовиќ.

Во идеалниот тим се најдоа пет ракометари од Вардар, како и по еден ракометар од Струга и Металург. Најдобриот дефанзивец е од Еурофарм Пелистер, а најдобар тренер стратегот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ.

Новинарите од другите редакции кои гласаа во овој избор се: Зоран Видевски (МТВ), Зоран Мишевски (gol.mk), Тања Димитриоска (Нова Македонија), Марија Ковачева (sportmedia.mk), Стеван Цаневски (ekipa.mk), Владко Арсов (sport1.mk) и Ристе Влахов (Спортско радио 90,3).

ОЛ-СТАР ТИМ НА ЕСЕНСКАТА ПОЛУСЕЗОНА

ГОЛМАН: НИКОЛА МАТОВИЌ (Струга) – Репрезентативецот на Црна Гора блескаше на голот на стружани во есенскиот дел од сезоната. Тоа му обезбеди место и во составот на Црна Гора за Европското првенство.

ЛЕВО КРИЛО: ТИМУР ДИБИРОВ (Вардар) – На секој од натпреварите на кои настапи беше главно меѓу најефикасните. Ова се однесува и за средбите во Супер машката лига и во Лигата на шампионите.

ЛЕВ БЕК: ФИЛИП ТАЛЕСКИ (Вардар) – Во оваа сезона игра во далеку подобра форма и покажува дека полека се враќа во потребниот ритам. Имаше добри игри во текот на есенскиот дел така што ги водеше левите бекови во оваа полусезона.

СРЕДЕН БЕК: АНТЕ ГАЏА (Вардар) – Овие неколку месеци одигра далеку најдобро откако е во Вардар. Покажа дека може многу повеќе и донесе новитети во нападот на вардарци.

ДЕСЕН БЕК: ЗЛАТКО ХОРВАТ (Металург) – Си замина на крајот од есенскиот дел од сезоната, а до крајот беше еден од најборбените играчи на металурзите во овој шампионат во кој клубот имаше голема криза.

ДЕСНО КРИЛО: ГОЦЕ ГЕОРГИЕВСКИ (Вардар) – Ракометарот кој е меѓу најискусните играчи во Вардар го одржа репрезентативното ниво и на клупски план.

ПИВОТ: ЖЕРЕМИ ТОТО (Вардар) – Французинот беше еден од најкорисните играчи на теренот во дресот на Вардар и играч кој правеше разлика против секого кога беше во составот.

ДЕФАНЗИВЕЦ: МИЛОРАД КУКОСКИ (Еурофарм Пелистер) – Специјалист за игра во одбрана кој во последната деценија е меѓу најдобрите во Македонија. И во Еурофарм Пелистер одбраната е под негова команда.

МЛАД РАКОМЕТАР: МАРКО МИТЕВ (Бутел Скопје) – Прераснува во лидер на составот на Бутел и тоа го покажа многупати. Главно беше на позицијата среден бек, но имаше натпревари каде помагаше и како крило.

СТРАНЕЦ: ЖЕРЕМИ ТОТО (Вардар) – Французинот одигра одлична полусезона. Покажа дека сезонава е еден од најдобрите странци кои настапуваат во првенството на Македонија.

ТРЕНЕР: АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ (Еурофарм Пелистер 2) – Имаше одлична полусезона со младите момци. Победата над Вардар во Битола беше само показател за одличната работа.