Гласањето ќе биде отворено до 31 јануари до 12 часот, а секој читател може да го даде гласот за еден избор, при гласањето ќе изберете идеален тим, најдобар одбранбен ракометар, млада надеж и тренер кој дал најголем придонес оваа полусезона. Нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ го подржаа изборот.
По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, го избираме идеалниот тим и МВП на полусезоната. Поради коронавирусот и многу одложени натпревари, а дел од нив не се одиграа во планираните термини, изборот за МВП на колото оваа полусезона беше на пауза.
Но, затоа 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ќе ви овозможиме да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.
Ние одбравме по петмина играчи на секоја позиција од кои вие можете да одберете.
Вие со гласање ќе изберете кои играчи ќе бидат најдобри и ќе влезат во идеалниот тим. Ќе го избереме и МВП играчот на сезоната.
Во категоријата десно крило номинирани се:
РЕВАЗ ЧАНТУРИЈА – За Грузиецот со македонски пасош што 17 игра во нашата Суперлига не треба да се трошат зборови. Дојде да му помогне на младиот тим на Прилеп и на теренот се покажа како лидер во вистинска смисла на зборот.
ЗЛАТКО ХОРВАТ – Хрватот сигурно е еден од најдобрите странци што заиграле во Македонија. Иако не ги одигра сите суперлигашки натпревари во финишот на есенскиот дел, Хорват претходно беше најдобар стрелец на тимот од Автокоманда.
АЛЕН ЌОСЕВСКИ – Ресенчанецот кој има мало искуство со настапите за првиот тим на Вардар на меѓународно ниво, оваа полусезона беше меѓу главните опции во нападот на Работнички, тимот што го предводи Столе Петрушевски.
ПЕЦЕ РАЈАТОВСКИ – Некогашниот младински репрезентативец по епизодата во Косово се врати во татковината и имаше голем дел од заслугите за пласманот на Струга во разигрувањето за титулата. Сигурен пеналџија, кој освен на десно крило знае да одигра и на десната бековска позиција.
БОБАН БЛАЖЕСКИ – Стружанецот што долги години го носи дресот на Охрид, сезони наназад е во врвот на листата на стрелци во елитната конкуренција во Македонија. Оваа полусезона со оглед на лесните средби на Охрид во групата А, минутажата ја делеше со младиот Костов, но и покрај тоа беше меѓу најдобрите во тимот.
Гласањето ќе биде отворено до 31 јануари 2021 година до 12 часот, а за најдобрите по позиции можете да гласате на линкот подолу.