Гласањето ќе биде отворено до 31 јануари до 12 часот, а секој читател може да го даде гласот за еден избор, при гласањето ќе изберете идеален тим, најдобар одбранбен ракометар, млада надеж и тренер кој дал најголем придонес оваа полусезона. Нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ го подржаа изборот.
По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, го избираме идеалниот тим и МВП на полусезоната. Поради коронавирусот и многу одложени натпревари, а дел од нив не се одиграа во планираните термини, изборот за МВП на колото оваа полусезона беше на пауза.
Но, затоа 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ќе ви овозможиме да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.
Ние одбравме по петмина играчи на секоја позиција од кои вие можете да одберете.
Вие со гласање ќе изберете кои играчи ќе бидат најдобри и ќе влезат во идеалниот тим. Ќе го избереме и МВП играчот на сезоната.
Во категоријата лево крило номинирани се:
ЦВЕТАН КУЗМАНОСКИ – Левото крило од Струга што игра во Еурофарм Пелистер 2 се покажа како еден од лидерите на теренот и секогаш е меѓу најдобрите стрелци на теренот. Дебитираше и за сениорската репрезентација на пријателските против Чиле. Сега настапува и на СП во Египет.
МИРКО МАЈИЌ – Црногорецот е еден од најквалитетните странци што играле досега во Македонија. Иако влече повреда, сепак во есенската полусезона беше најдобар стрелец на Бутел Скопје, со кој повторно ќе игра во плеј-офот.
КРСТЕ АНДОНОВСКИ – Капитенот на охриѓани долги години е стандарден на оваа позиција во клубот, а исклучок не беше ниту оваа полусезона. Иако Охрид лесно стигна до 12 од 12, Андоновски уште еднаш покажа дека клубот не може без него, ниту тој без клубот.
ЗОРАНЧО СТОЈАНОВСКИ – Радовишани имаа големи проблеми со ростерот поради коронавирусот и практично ниту еден натпревар не го одиграа комплетни. Во таква ситуација еден од лидерите на теренот беше велешанецот Стојановски.
ДАВОР ПАЛЕВСКИ – Најдобриот стрелец на Работнички и во Суперлигата последните две сезони од оваа година има нов предизвик во тимот на Пролет. Тука можеби не отскокнува толку со реализацијата, но сепак има голема улога во пласманот на Пролет во плеј-офот.
Гласањето ќе биде отворено до 31 јануари 2021 година до 12 часот, а можете да гласате на линкот во подолу.