Традицијата продолжува и екипата на 24Ракомет и годинава ви овозможува во секое коло да гласате за најдобрите ракометари по коло во есенскиот дел од сезоната.
За разлика од лани, годинава има 16 екипи. Сезоната ќе биде долга, ќе има неизвесни битки за пласман во плеј-офот каде ќе играат осум екипи.
Дефинитивно на љубителите на ракометот нема да им недостигаат драматични и неизвесни натпревари во двете групи од суперлигашката конкуренција.
Ние ги одбравме најдобрите седум, а со помош на вашите гласови ќе се одбере ракометарот кој ќе биде МВП на колото.
Ќе можете да го дадете вашиот глас за еден од ракометарите во изборот најдоцна до недела на пладне, кога ќе биде познато кој ќе биде избран за најкорисен играч на колото.
РЕЗУЛТАТИ ОД 10. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА
група А
КУМАНОВО – ВАРДАР НЕГОТИНО 26-27
ОХРИД – АЛКАЛОИД 28-29
СТРУГА – БУТЕЛ СКОПЈЕ 19-27
ВАРДАР – ПРИЛЕП 41-27
група Б
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 36-27
ТИКВЕШ – ЈУНИОР КВ 29-20
ПРОЛЕТ – РАДОВИШ 34-29
СКОПЈЕ – ГОЛДЕН АРТ 20-29
ИДЕАЛЕН ТИМ НА 10. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА
ГОЛМАН: Петар Ангелов (Вардар Неготино) – Некогашниот репрезентативец го одбрани последниот пенал на Куманово за прва победа на неготинци, но треба да се спомене и партијата на другиот голман на Вардар, Даниел Ацев, во текот на мечот.
ЛЕВО КРИЛО: Мирко Мајиќ (Бутел Скопје) – Црногорецот се врати по повредата на терен и покажа дека е важна алка во играта на бутелци, кои ги водеше до триумф на гостувањето кај Струга.
ЛЕВ БЕК: Иван Џонов (Пролет) – Левиот бек на Пролет беше меѓу најдобрите во победата против Радовиш кој пружи силен отпор.
СРЕДЕН БЕК: Страхиња Симиќ (Тиквеш) – Српскиот плејмејкер одново беше лидер на кавадарчани, овојпат во триумфот над Јуниор КВ.
ДЕСЕН БЕК: Мартин Серафимов (Алкалоид) – Со 12 погодоци, македонскиот репрезентативец беше најдобар во победата на тешкото гостување кај Охрид.
ДЕСНО КРИЛО: Мице Шилегов (Голден Арт) – Голден Арт полесно од очекувањата стигна до трите бода кај Скопје, а еден од предводниците на тимот на Матлиески беше Шилегов.
ПИВОТ: Денис Василев (Еурофарм Пелистер) – Покрај крилата Ојлески и Костески, еден од најзабележителните играчи во победата на првиот над вториот тим на битолчани.