Во натпревар од второто коло од шампионатот на Турција, Измир на свој терен го шокираше скапиот проект на Кастамону со 33:29. Кастамону како учесник во Лигата на шампионите, актуелен шампион на Турција и тим кој е составен од ракометарки кои освојувале Лига на шампиони и Европски првенства, не смееше да си дозволи кикс уште при самиот старт во домашното првенство.
Моќна партија во победничката екипа одигра поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Јелиз Озел, која беше миленик на македонската публика. 41-годишната ракометарка покажа дека е во добра форма без разлика на нејзините години. Озел беше незадржлива во нападите и натпреварот го заврши како најефикасна во својата екипа со девет постигнати гола.
Одличен натпревар одигра и поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, која беше најефикасна на натпреварот со десет гола, но нејзините погодоци не беа доволни за поволен резултат на нејзината екипа.
По поразот од Измир, екипата на Кастамону ќе се подготвува за дуелот во Лигата на шампионите против Крим Меркатор, додека Измир ќе се фокусира на домашните натпревари. Моментално, на табелета лидер е екипата на Коњалти во која настапуваат македонските репрезентативки, Моника Јанеска и Ивана Гакидова.