Репрезентативката на Норвешка и членка на Вајперс Кристијансад, Катрин Лунде, моментално со своите колешки настапува на Светското првенство во Шпанија. Нејзината репрезентација имаше успешен старт на светскиот мундијал и на својот прв натпревар забележа убедлива победа против Казахстан со резултат 46:18.
Искусната голманка која има 41 година не планира да направи крај на својата репрезентативна кариера. Во краток разговор за таблоидниот норвешки весник „VG“, изјави дека ќе настапува на Европското првенство 2022 на кое Македонија е ко-организатор заедно со Црна Гора и Словенија.
„Да, тоа е вистина. Планирам се уште да бидам дел од мојата репрезентација и да настапам на Европското првенство 2022 година“, коментираше Лунде.
Норвежанката има освоено пет златни медали од Европското првенство (2004, 2006, 2008, 2010 и 2020), два златни медали од Олимписките игри (2008 и 2012), како и еден златен медал од Светското првенство во 2011 година. Во својата колекција на медали има и пет шампионски титули во Лигата на шампионите, а последната ја освои минатата сезона со екипата на Вајперс Кристијансад.