Една од легендите на српскиот ракомет Љиљана Марковиќ е нова селекторка на женската младинска репрезентација на Србија, која ја очекуваат квалификациски дуели за пласман на Светското младинско првенство 2024, кое ќе се одржи во Македонија.
Марковиќ токму од Скопје, град во кој помина дел од својата играчка, но и тренерска кариера, ќе се обиде да направи забележитен успех со својата репрезентација.
Србинката со репрезентацијата на Југославија во 1990 година го освои второто место на Светското првенство во Јужна Кореја.
Две години претходно, односно на Олимписките игри во 1988, кои исто така се одржаа во Јужна Кореја, Марковиќ со југословенската репрезентација стигна до четвртото место.
Во својата клупска кариера настапуваше и за некогашниот гигант од Македонија, Кометал ЃП. Работеше во академијата на „црвено-црниот“ тим и во младинските школи на женскиот клуб Вардар, а успеа вториот тим на вардарки да го внесе во суперлигашката конкуренција.