Хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа е најновото засилување за актуелниот европски шампион Вардар. 28-годишниот среден бек (194/94), иако имаше уште една година од договорот со Загреб, сепак реши да се раздели од „плинарите“ и да дојде во Скопје.
Потекнува токму од Загреб, но ракометната кариера ја градеше во тимови како Иваниќ Град, Дуго Село, Медвешчак и Умаг, пред да одигра пет години во дресот на Нексе Нашице и таму доживеа комплетна афирмација.
Со тимот од Нашице играше пет сезони во ЕХФ Купот и во регионалната СЕХА лига и како одминуваа сезонита, така Гаџа имаше се позабележителна улога. Тоа беше причина лани неколку клубови од Франција и Германија, но и Вардар, да му понудат договор, но плејмејкерот реши да се врати во хрватската престолнина и да ја прифати понудата на Загреб.
За шампионот одигра 14 меча во елитното натпреварување и постигна 40 погодоци, што е одлична реализација за среден бек, додека во СЕХА играше на 11 натпревари и даде 34 голови.
Гаџа се најде на поширокиот список на Лино Червар пред Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, а претходно играше на два квалификациски натпревари за место на континенталниот собир. По стилот на игра наликува на Швајцарецот Енди Шмид, а помалку и на поранешниот вардарец Игор Карачиќ. Погледнете дел од неговите потези и погодоци додека беше член на Нексе…