Поранешниот репрезентативец на Исланд, Гудјон Валур Сигурдсон и раководството на Гумерсбах решија да ја продолжат својата соработка. Исланѓанецот ќе остане тренер во Гумерсбах уште три сезони односно до јуни, 2025 година.
Екипата на Гумерсбах има големи шанси да се врати во најсилното натпреварување во Германија. Моментално, клубот се наоѓа на првата позиција во втората Бундес лига.
Сигурдсон за официјалната страна на клубот истакна дека е задоволен од соработката со сите во Гумерсбах.
„Јас и моето семејство сме среќни што остануваме овде. Многу сум задоволен од соработката со екипата, стручниот штаб и сите вработени во клубот. Од моја гледна точка, работите одлично се вклопуваат. Имаме добар и здрав тим и се надевам дека заедно ќе славиме многу успеси“, изјави Сигурдсон.
Во својата клупска кариера, Сигурдсон три сезони го носеше дресот на Гумерсбах, а настапуваше и за моќните тимови на Кил, ПСЖ, Барселона, Копенхаген и Рајн Некар.